Префрли се на текстот

Упатства за состанокот Нашиот живот и служба како христијани

Упатства за состанокот Нашиот живот и служба како христијани

Содржина

1. Упатствата во овој документ ќе им бидат од помош на сите што имаат учество на состанокот Нашиот живот и служба како христијани. Пред да ја подготват својата точка, тие треба да ги разгледаат упатствата поврзани со нивната точка кои се наведени во Нашиот живот и служба како христијани — работни листови и упатствата наведени во овој документ. Сите објавители треба да бидат охрабрени да учествуваат во изнесувањето на ученичките задачи. Може да учествуваат и други лица кои се активно поврзани со собранието, доколку се согласуваат со учењата од Библијата и живеат во склад со христијанските начела. Надгледникот на состанокот Нашиот живот и служба треба да разговара за барањата за учество со секој што изразува желба да учествува, и потоа да го извести лицето дали ги исполнува условите. Ова треба да се направи во присуство на оној што го води библискиот курс со тоа лице (или во присуство на родител кој е во вистината). Овие барања се исти како барањата за некрстен објавител (od погл. 8, пас. 8).

 ВОВЕДНИ ЗБОРОВИ

2. Една минута. Секоја седмица, по воведната песна и молитва, претседавачот на состанокот Нашиот живот и служба треба да поттикне интерес за програмата што следи. Претседавачот треба да се концентрира на поуките од кои собранието би извлекло најголема корист.

  ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ

 3. Говор: Десет минути. Темата и нацртот со две до три главни мисли се дадени во Нашиот живот и служба — работни листови. Овој говор треба да му се додели на старешина или на слуга-помошник кој е добар говорник. Кога, според распоредот, треба да се чита нова книга од Библијата, како вовед ќе се прикаже видеоклип. Говорникот може да ги поврзе видеоклипот и темата. Сепак, треба да ги изнесе и мислите од нацртот во работните листови. Исто така, колку што дозволува времето, треба да ги обработи и сликите кои се наоѓаат во работните листови и кои се наменети да го дообјаснат материјалот. Може да вклучи и други референци доколку тоа помага да се разработат точките од нацртот.

 4. Духовни бисери: Десет минути. Ова е точка со прашања и одговори, без вовед и заклучок. Треба да му се додели на старешина, или пак на слуга-помошник кој може на еден добар начин да ја води оваа точка. Говорникот треба да ги постави и двете прашања. Освен тоа, може да одлучи дали да се читаат наведените стихови. Коментарите на присутните треба да траат 30 секунди или помалку.

 5. Читање на Библијата: Четири минути. Оваа ученичка задача треба да му се додели на машко лице. Ученикот треба да го прочита предвидениот дел од Библијата без да изнесува вовед или заклучок. Претседавачот на состанокот особено треба да им помага на учениците да читаат точно, разбирливо, течно, природно, со правилно смисловно нагласување, модулација и соодветно паузирање. Бидејќи материјалот за читање понекогаш е краток, а понекогаш подолг, надгледникот на состанокот Нашиот живот и служба треба да ги земе предвид способностите на учесниците кога ја доделува оваа точка.

 ДАЈ СЀ ОД СЕБЕ ВО СЛУЖБАТА

6. Петнаесет минути. Целта на овој дел од состанокот е да им даде прилика на сите да вежбаат за службата на проповедање и да им помогне да станат повешти во водењето разговори, проповедањето и поучувањето. Според потребата, ученички задачи може да добијат и старешини. Секој учесник треба да работи на доделената лекција од брошурата Читање и поучување или од брошурата Сакај ги луѓето која е наведена во загради веднаш по задачата во Нашиот живот и служба — работни листови. Понекогаш ќе има точка кога ќе биде во облик на дискусија. Ваквата точка треба да ја води старешина или оспособен слуга-помошник (види во  пасус 15 во врска со тоа како треба да се водат точки со дискусија).

 7. Започнување разговори: Оваа задача може да се додели на машко или на женско лице. Соговорникот треба да биде од истиот пол или да биде член на семејството. Учесниците може да седат или да стојат (за повеќе информации за содржината и видот на сведочење за оваа задача, види во  пасуси 12 и  13).

 8. Правење повторни посети: Оваа задача може да се додели на машко или на женско лице. Соговорникот треба да биде од истиот пол (km 5/97 7). Учесниците може да седат или да стојат. Ученикот треба да прикаже како може да се продолжи разговорот кога се прави повторна посета кај некое лице (за повеќе информации за содржината и видот на сведочење за оваа задача, види во  пасуси 12 и  13).

 9. Водење библиски курсеви: Оваа задача може да се додели на машко или на женско лице. Соговорникот треба да биде од истиот пол (km 5/97 7). Учесниците може да седат или да стојат. Треба да се прикаже дел од библиски курс кој веќе е во тек. Нема потреба од вовед или заклучок, освен ако ученикот работи на некоја од тие лекции. Не е неопходно да се прочита наглас целиот материјал од задачата, но не е ни погрешно да се направи тоа.

 10. Објасни ги своите верувања: Кога е во облик на говор, оваа ученичка задача треба да му се додели на машко лице. Кога е во облик на приказ, оваа задача може да му се додели на машко или на женско лице. Соговорникот треба да биде од истиот пол или да биде член на семејството. Ученикот треба да даде јасен и тактичен одговор на прашањето од темата, користејќи ги информациите од референцата. Ученикот може да одлучи дали да ја спомне референцата додека ја изнесува точката, или не.

 11. Говор: Оваа ученичка задача треба да му се додели на машко лице и треба да биде изнесена како говор пред собранието. Кога говорот се темели на некоја точка од додаток А од брошурата Сакај ги луѓето, ученикот треба да истакне како стихот (или стиховите) може да се користи во службата. На пример, може да објасни кога може да се употреби некој стих, што е значењето на стихот или како да се разговара со некое лице на темел на стихот. Кога говорот се темели на некоја точка од некоја од лекциите од брошурата Сакај ги луѓето, ученикот треба да се концентрира на тоа како да се примени таа точка во службата. Тој може да го истакне примерот што се наоѓа во точка 1 од лекцијата или да истакне некој од додатните стихови во лекцијата, ако тоа е од корист.

   12. Содржина: Она што стои во овој и во следниот пасус се однесува на задачите „Започнување разговори“ и „Правење повторни посети“. Доколку не е наведено поинаку, целта на ученикот е да сподели едноставна библиска вистина која е соодветна за лицето со кое разговара и да постави темел за следен разговор. Ученикот треба да избере тема која е навремена и делотворна на неговото подрачје. Тој може да одлучи дали во разговорот ќе вклучи публикација или видеоклип од главните публикации за служба. Наместо да прикажат напамет научена презентација, учениците треба да вежбаат различни вештини на водење разговор, како што се покажување искрен интерес и природност.

   13. Вид на сведочење: Ученикот треба да го прикаже видот на сведочење што му е доделен, во склад со локалните околности. На пример:

  1. 1) Од куќа до куќа: Овој вид на сведочење вклучува проповедање од врата до врата — сеедно дали лице в лице, преку телефон или преку писма — и правење повторни посети кај лица со кои претходно сме разговарале во службата од куќа до куќа.

  2. 2) Неформално сведочење: Овој вид на сведочење значи да се искористат приликите кога еден разговор може да премине во сведочење. Може да вклучува да споделиме библиска мисла со оние што ги среќаваме на работа, на училиште, во нашето соседство, во јавен превоз или каде и да било додека ги извршуваме секојдневните активности.

  3. 3) Сведочење на јавни места: Овој вид на сведочење може да вклучува сведочење со колички, на деловно подрачје, на улица, во парк, на паркинзи и на кое и да било друго место каде што има луѓе.

 14. Користење на видеоклипови и публикации: Во зависност од околностите, ученикот може да одлучи да вклучи видеоклип или некоја публикација. Ако доделената задача вклучува видеоклип или ако ученикот одлучи да прикаже видеоклип, тој треба да го воведе и да дискутира за него, но не треба да го пушти на бината.

  ДА ЖИВЕЕМЕ КАКО ХРИСТИЈАНИ

15. По песната, во наредните 15 минути од овој дел ќе има една или две точки кои имаат за цел да им помогнат на присутните да ги применуваат библиските начела. Доколку не е наведено поинаку, овие точки треба да му се доделат на старешина, или пак на слуга-помошник кој може добро да ги обработи. Точката Потреби на собранието треба да ја обработи старешина. Кога некоја точка е во облик на дискусија, освен прашањата што се наведени, говорникот може да поставува и дополнителни прашања во текот на целата точка. Неговиот вовед треба да биде краток за да има доволно време да се обработат главните мисли и да учествува публиката. Ако има интервју, препорачливо е оној што е интервјуиран да ги дава своите одговори од бината наместо од своето место, доколку тоа е можно.

  16. Собраниско проучување на Библијата: Триесет минути. Оваа точка треба да му се додели на старешина кој добро поучува. (Онаму каде што има ограничен број на старешини, по потреба може да се користат и слуга-помошници кои добро поучуваат.) Старешинството треба да одреди кој ги исполнува условите да го води Собраниското проучување на Библијата. Оние кои се одобрени треба да знаат да го водат проучувањето на смисловен начин за тоа да заврши навреме, да ги нагласат клучните стихови и да им помогнат на сите да ја увидат практичната вредност на материјалот. На оние кои се одобрени ќе им користи ако ги разгледаат упатствата за тоа како треба да се водат точки со прашања и одговори (w23.04 24, рамка). Откако материјалот предвиден за таа седмица темелно ќе се обработи, нема потреба да се проширува дискусијата. Ако е можно, секоја седмица треба друг брат да го води проучувањето и да има друг читач. Доколку претседавачот на состанокот Нашиот живот и служба замоли проучувањето да се скрати, тогаш братот кој го води делот ќе одлучи како да го направи тоа. Тој можеби ќе одлучи да не се читаат некои пасуси.

  ЗАКЛУЧНИ ЗБОРОВИ

17. Три минути. Претседавачот на состанокот Нашиот живот и служба ќе повтори некои особено важни мисли од состанокот. Исто така, треба да најави што ќе биде обработено следната седмица. Освен тоа, ако има време, може да извести кои ученици ќе имаат задача следната седмица. Претседавачот треба да ги прочита сите потребни известувања и писма за време на заклучните зборови, освен ако не се дадени поинакви упатства. За вообичаените информации, како што се редовните состаноци за проповедање и распоредот за чистење, не треба да се дава известување од бината, туку тие треба да се стават на огласната табла. Ако известувањата и писмата не можат да се прочитаат во времето предвидено за заклучните зборови, претседавачот треба да ги замоли браќата кои имаат точки во делот Да живееме како христијани да ја скратат својата точка онолку колку што е потребно (види во  пасуси 16 и  19). Состанокот ќе заврши со песна и молитва.

  ПОФАЛБА И СОВЕТ

18. По секоја од ученичките задачи, претседавачот на состанокот Нашиот живот и служба треба за околу една минута да даде пофалба и совет на темел на лекцијата која е доделена за таа задача. Кога ја најавува задачата, тој нема да ја спомне лекцијата на која работи ученикот. Но, откако задачата ќе биде изнесена и откако соодветно ќе го пофали ученикот, претседавачот може да каже на која лекција работел ученикот и на кои начини успешно ја применил, или пак љубезно да објасни зошто треба повеќе да работи на таа лекција и како да го направи тоа. Исто така, претседавачот може да спомне и некои други аспекти поврзани со задачата ако смета дека тоа би било корисно за ученикот или за присутните. По состанокот или во некое друго време, може насамо да му даде уште некој конкретен и корисен совет на темел на брошурата Сакај ги луѓето, на темел на брошурата Читање и поучување или на темел на книгата Школа за служба — во врска со лекцијата на која работел или во врска со некоја друга лекција. (Повеќе информации во врска со улогата на надгледникот на состанокот Нашиот живот и служба и улогата на помошниот советник има во  пасуси 19,  24 и  25.)

     ВРЕМЕТРАЕЊЕ

19. Ниту една точка не треба да трае подолго од предвиденото, а истото важи и за коментарите на претседавачот. Иако во Нашиот живот и служба — работни листови е наведено времетраењето на секоја точка, ако материјалот бил добро разработен, нема потреба да се додаваат информации само за да се пополни предвиденото време. Ако некоја точка или задача трае подолго од предвиденото, надгледникот на состанокот Нашиот живот и служба или помошниот советник треба насамо да му дадат совет на оној што ја одржал (види во  пасуси 24 и  25). Целиот состанок, вклучувајќи ги песните и молитвите, треба да трае 1 час и 45 минути.

 ПОСЕТА ОД ПОКРАИНСКИОТ НАДГЛЕДНИК

20. Кога покраинскиот надгледник е во посета на собранието, состанокот треба да се одржи според упатствата во Нашиот живот и служба — работни листови, со следниве измени: Точката Собраниско проучување на Библијата во делот Да живееме како христијани ќе биде заменета со 30-минутен говор од покраинскиот надгледник. Пред овој говор, претседавачот на состанокот Нашиот живот и служба ќе повтори некои мисли од состанокот, ќе го најави материјалот за следната седмица, ќе ги прочита сите потребни известувања и писма, а потоа ќе го најави покраинскиот надгледник. По говорот, покраинскиот надгледник ќе го заврши состанокот со песна која тој ќе ја избере. Тој може да замоли друг брат да ја каже молитвата. За време на посетата, не треба да има дополнителни класови на истиот јазик. Ако има група, таа може да ги има своите состаноци дури и за време на посетата на покраинскиот надгледник на матичното собрание, но треба да му се придружи на собранието за време на говорот на покраинскиот надгледник.

 СЕДМИЦА КОГА ИМА ПОКРАИНСКИ СОБИР ИЛИ КОНГРЕС

21. Во седмицата кога има покраински собир или конгрес, нема собраниски состаноци. Собранието треба да биде потсетено дека материјалот предвиден за состанокот за таа седмица треба секој да си го разгледа лично или како семејство.

 СЕДМИЦА КОГА ИМА СПОМЕН-СВЕЧЕНОСТ

22. Кога Спомен-свеченоста се паѓа во работен ден, таа седмица не се одржува состанокот Нашиот живот и служба.

 НАДГЛЕДНИК НА СОСТАНОКОТ НАШИОТ ЖИВОТ И СЛУЖБА

23. Старешинството ќе одреди еден старешина да служи како надгледник на состанокот Нашиот живот и служба. Негова одговорност е овој состанок да биде добро организиран и во склад со овие упатства. Тој треба добро да соработува со помошниот советник. Веднаш штом ќе излезе најновиот број на Нашиот живот и служба — работни листови, надгледникот на состанокот Нашиот живот и служба треба да ги додели сите точки и задачи за тие два месеца. Ова ги вклучува и точките кои не се ученички задачи. Исто така, ова значи дека надгледникот треба да одреди кои браќа од оние што се одобрени од старешинството ќе служат како претседавачи на состанокот Нашиот живот и служба во текот на тие два месеца (види во  пасуси 3-16 и  24). Кога одлучува на кого да ги додели ученичките задачи, надгледникот треба да ги земе предвид возраста, искуството и слободата на говор на ученикот за таа тема. Слична проценка му е потребна и кога одлучува на кого да ги додели останатите точки на состанокот. Секоја од задачите треба да им се даде на учесниците најмалку три седмици пред датумот кога треба да се одржи. За ученичките задачи треба да се користи формуларот Задача на состанокот Нашиот живот и служба (S-89). Надгледникот на состанокот Нашиот живот и служба треба да се погрижи да биде ставен примерок од распоредот со задачите на огласната табла. Старешинството може да назначи еден старешина или слуга-помошник да му помага. Сепак, за разлика од ученичките задачи, само старешините треба да ги доделуваат останатите задачи.

    ПРЕТСЕДАВАЧ НА СОСТАНОКОТ НАШИОТ ЖИВОТ И СЛУЖБА

24. Секоја седмица, еден старешина ќе служи како претседавач за време на целиот состанок Нашиот живот и служба. (Во собранијата со ограничен број старешини, по потреба може да се користат и слуга-помошници кои можат добро да ја извршат таа задача.) Тој треба да ги подготви воведните и заклучните зборови. Исто така, тој треба да ги најавува сите точки, а во зависност од бројот на старешини во собранието, може и да одржи некои од точките на состанокот, особено точките во кои треба да се прикаже видеоклип без додатна дискусија. Коментарите помеѓу точките треба да бидат многу кратки. Старешинството треба да одлучи кои старешини ги исполнуваат условите да служат како претседавачи. На оние што се одобрени за оваа улога, ќе им биде доделено кога да служат како претседавачи. Во зависност од околностите на собранието, надгледникот на состанокот Нашиот живот и служба може да служи како претседавач почесто од другите одобрени старешини. Ако еден старешина е одобрен да го води Собраниското проучување на Библијата, би требало да може да служи и како претседавач. Но, ве молиме имајте на ум дека од старешината кој служи како претседавач се очекува на љубезен начин да им даде пофалба и, доколку е потребно, да им даде корисен совет на оние кои ги имаат ученичките задачи. Исто така, тој е одговорен состанокот да заврши навреме (види во  пасуси 17 и  19). Ако претседавачот сака, и ако има доволно место, на бината може да се постави стоечки микрофон од кој претседавачот ќе ја најавува секоја следна точка, додека братот кој ја има точката веќе може да го заземе своето место на пултот. Исто така, претседавачот може да остане на бината и да седи покрај една маса за време на задачата Читање на Библијата и за време на делот Дај сѐ од себе во службата. Тоа може да заштеди време.

   ПОМОШЕН СОВЕТНИК

25. Секогаш кога е можно, оваа улога треба да му се додели на некој старешина кој е искусен говорник. Тој има одговорност, кога ќе биде потребно, насамо да им даде совет на старешините и слуга-помошниците, за кое и да било учество во програмата, вклучувајќи точки на состанокот Нашиот живот и служба, јавни предавања, како и водење или читање на Проучувањето на Стражарска кула или на Собраниското проучување на Библијата (види во  пасус 19). Ако во собранието има повеќе искусни говорници и учители, тогаш различен старешина може да служи како помошен советник секоја година. Помошниот советник не мора да дава совет после секоја точка.

 ДОПОЛНИТЕЛНИ КЛАСОВИ

26. Во зависност од бројот на учесници, во собранијата може да има и дополнителни класови за ученичките задачи. Секој дополнителен клас треба да има советник, по можност старешина, кој ќе може добро да ја врши таа задача. Ако е потребно, тоа може да му се додели и на некој слуга-помошник кој ќе може добро да ја врши задачата. Старешинството одлучува кој ќе служи во ова својство и дали неколкумина треба да се менуваат за оваа задача. Советникот треба да се држи за упатствата дадени во  пасус 18. Ако има дополнителен клас, откако ќе заврши точката Духовни бисери во делот Од ризницата на Божјата Реч, учесниците треба да бидат замолени да одат во помошната просторија. Тие треба да се вратат во главната сала откако ќе заврши последната ученичка задача на состанокот.

 ВИДЕОКЛИПОВИ

27. На овој состанок е предвидено да се гледаат одредени видеоклипови. Тие ќе бидат достапни на апликацијата JW Library® и ќе можат да се пуштат на различни уреди.

© 2023 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania

S-38-MC 11/23