Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Џон Фокс и неговото бурно време

Џон Фокс и неговото бурно време

Џон Фокс и неговото бурно време

ИСТОРИЈАТА нѐ учи вредни лекции, но дали луѓето им обрнуваат внимание? Имај го на ум ова прашање додека го разгледуваме животот на Џон Фокс, Англичанец кој се надевал дека со помош на перото ќе ги поттикне читателите да го изразат своето незадоволство од крајната нечовечност во негово време.

Делата што Џон Фокс ги напишал за време на реформацијата навистина веќе со векови имаат силно влијание врз англискиот народ. Му биле потребни повеќе од 25 години за да ја доврши својата книга Дела и споменици (Acts and Monuments of the Church). Според некои, после Библијата на англиски, оваа книга одиграла најголемо влијание врз јазикот и културата во Англија.

Бурни времиња

Џон Фокс е роден во Бостон (Англија) во 1516 или 1517 год., отприлика во исто време кога, според преданијата, Мартин Лутер ги заковал своите 95 тези на вратата на црквата во Витенберг (Германија). Така Фокс, кој по раѓање бил католик, се затекнал во времето кога реформаторите ги оспорувале авторитетот и учењата на Католичката црква.

Фокс се запишал на Универзитетот во Оксфорд, а меѓу предметите што ги изучувал биле грчкиот и хебрејскиот јазик, па затоа можел да ја чита Библијата на изворните јазици. Изгледа дека токму тоа ја разнишало неговата вера во Католичката црква. Всушност, неговите колеги почнале да се сомневаат дека тој би можел да го прифати протестантизмот, а своите сомнежи им ги изнеле и на одговорните на универзитетот. Оттогаш Фокс постојано бил набљудуван.

Откако магистрирал во 1543 год., Фокс можел да добие свештеничка служба. Но, не сакал да биде свештеник затоа што не се согласувал со задолжителниот целибат. Со тоа уште повеќе си ја влошил ситуацијата. Осомничен за ерес — злосторство кое, доколку се докажело, повлекувало смртна казна — го напуштил универзитетот во 1545 год. Откажувајќи се од успешна академска кариера, Фокс станал приватен учител во едно семејство близу Стратфорд на Авон во грофовијата Ворик, каде што се оженил со Агнес Рандал.

Агнес, која била од блискиот град Ковентри, му раскажала на Фокс за г-ѓа Смит, вдовица која ги поучувала своите деца за Десетте заповеди и за молитвата што ја кажал Исус, позната како Оченаш. Но, наместо да ги поучува на латински, ги поучувала на англиски. За ова „злодело“ била спалена на клада со уште шест мажи осудени за сличен престап. Бидејќи оваа голема неправда го предизвикала гневот на народот, локалниот свештеник пуштил гласови дека жртвите биле спалени заради „посериозно злодело“ — јаделе месо во петок и во други посни денови.

Од каде мачениците знаеле делови од Библијата на англиски? Околу 150 години пред тоа, и покрај противењето на Црквата, Џон Виклиф ја превел Библијата од латински на англиски. Освен тоа, Виклиф обучил и патувачки проповедници познати како Лоларди. * Тие носеле со себе рачно препишани делови од Светото писмо и им ги читале на луѓето. Затоа, парламентот се обидел да ја спречи нивната активност. Во 1401 год., донел законска одредба со која на бискупите им била дадена власт да ги затвораат и да ги мачат еретиците и да ги спалуваат на клада.

Од страв да не биде уапсен, Фокс се преселил со семејството во Лондон, каде што подоцна се борел за целите на протестантизмот. Таму правел преводи на англиски, на пример, превел трактати од германските реформатори и трактати пишувани на латински. Но и самиот напишал неколку трактати.

Освен тоа, Фокс почнал да пишува книга за Лолардите во Англија, која ја завршил во 1554 год. Неговото дело било отпечатено на латински во Стразбур (денес град во Франција) како книга со мал формат од 212 листови. Всушност, ова била првата од неговите книги насловени како Дела и споменици. Пет години подоцна, го проширил првото издание и издал книга од 750 страници во фолио-формат.

Нетрпеливоста сее смрт

За време на реформацијата, во Европа свирепо биле убиени илјадници мажи, жени и деца. Во 1553 год., на англискиот престол седнала една закоравена католичка која станала позната како Крвавата Мери. Бидејќи претходно, во 1534 год., англискиот парламент ги раскинал сите врски со Рим, Мери била решена да ја врати Англија под папска власт. Во текот на нејзиното петгодишно владеење, како еретици биле спалени околу 300 мажи и жени, меѓу кои имало и протестантски верски водачи. Голем број други умреле по затворите.

Фокс го избегнал овој погром затоа што кратко откако Мери дошла на престолот, се преселил заедно со семејството во Базел (Швајцарија). Во 1559 год., една година откако на престолот дошла сестрата на Мери, Елизабета, која била протестантка, Фокс се вратил во Англија заедно со други изгнаници. Истата година, Елизабета го вратила на сила законот за врховна власт, * според кој таа станала врховен управник на црквата. Папата Пие V возвратил со тоа што ја екскомуницирал Елизабета во 1570 год. Набрзо потоа биле разоткриени меѓународни завери против Англија и планови за убиство на протестантската кралица. Како резултат на тоа, стотици католици биле обвинети за предавство и погубени по налог на Елизабета.

Колку само застраниле црквите на христијанскиот свет — и католичките и протестантските — од учењата на Исус Христос! Тој поучувал: „Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат“ (Матеј 5:44). Бидејќи ни католиците ни протестантите не ја почитувале оваа јасна заповед, му нанеле голем срам на христијанството, токму како што било проречено во Библијата. Апостол Петар напишал дека поради оние што само ќе се изјаснуваат како христијани „ќе се зборува срамно за патот на вистината“ (2. Петрово 2:1, 2).

Фокс го довршува своето дело

Кога се вратил во Англија, Фокс почнал да работи на проширено издание на своето дело, а некои од неговите читатели веројатно биле очевидци на настаните што ги запишал. Првото издание на англиски, кое имало околу 1.800 страници и голем број слики направени со дрворез, излегло во 1563 год. и веднаш станало бестселер.

Второто издание било објавено седум години подоцна, во два тома. Имало преку 2.300 страници и 153 слики. Следната година, Англиканската црква издала налог во сите катедрали во Англија, освен Библијата, да има и примерок од книгата на Фокс, а по еден примерок требало да има и во домовите на црковните достоинственици за да можат да го читаат слугите и посетителите. Наскоро, тоа било направено и во парохиските цркви. Благодарение на сликите кои оставале длабок и траен впечаток, оваа книга им била од корист дури и на неписмените.

Во тоа време, Фокс веќе им се имал приклучено на пуританците, протестанти кои сметале дека не е доволно само одвојување од Рим. Тие поучувале дека треба да се избрише секоја трага од католицизмот. Иронично е тоа што токму овој нивни став ги довел во судир со Протестантската црква во Англија, која задржала многу католички обичаи и учења.

Бидејќи неговото дело разоткрило многу од ѕверствата што во тие бурни времиња се правеле во име на религијата, Џон Фокс имал влијание врз ставот на луѓето кон религијата и политиката во Англија и во наредните векови.

[Фусноти]

^ пас. 9 Види ја статијата „Лоларди — храбри проповедници на Библијата“ во англиското издание на Стражарска кула од 1 август 1980.

^ пас. 14 Во книгата Главни факти за англиската историја (The Leading Facts of English History) од Д. Х. Монтгомери стои дека во 1534 год., парламентот го изгласал законот за врховна власт, „според кој Хенри едногласно бил прогласен за единствен поглавар на Црквата, а секој што не се согласувал со тоа бил осудуван за велепредавство. Ставајќи го својот потпис на овој закон, кралот со еден потег на перото ги отфрлил илјадагодишните традиции, а Англија смело истапила формирајќи своја Државна црква независна од папата“.

[Рамка/слика на страница 28]

КНИГА ЗА МАЧЕНИЦИТЕ ОД ФОКС

Додека Католичката црква се борела против реформацијата, некои писатели во Европа, како Жан Креспен, запишале детали за прогонството и мачениците во нивните земји. Таквите дела најчесто носеле наслов „Книга за мачениците“. * Така, книгата на Фокс Дела и споменици била наречена Книга за мачениците од Фокс. Подоцна, со ревидираните и скратени изданија, неофицијалниот наслов го истиснал насловот на Фокс.

[Фуснота]

^ пас. 26 Види ја статијата „Жан Креспен и неговата Книга за мачениците“ во Разбудете се! од март 2011.

[Извор на слика]

© Classic Vision/age fotostock

[Слика на страница 27]

Џон Виклиф испраќал патувачки проповедници познати како Лоларди

[Извор на слика]

Од книгата The Church of England: A History for the People, 1905, Vol. II

[Извор на слика на страница 26]

Од Книга за мачениците од Фокс