Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Климатски самити — само зборови?

Климатски самити — само зборови?

Климатски самити — само зборови?

„Светот мора да се обедини во борбата против климатските промени. Повеќето научници се сложуваат дека, ако не преземеме нешто, ќе има уште повеќе суши, глад, раселени лица, а тоа ќе предизвика уште повеќе конфликти во наредните децении“ (Барак Обама, претседател на САД).

НЕКОИ научници сметаат дека нашата планета е болна, дека има треска. Според нив, глобалната температура на Земјината површина веројатно се приближува до таканаречената критична точка — тенка линија над која и само мало покачување на температурата може „да предизвика драстична промена во животната средина, а тоа ќе доведе до уште поголем пораст на глобалните температури“, пишува британскиот весник The Guardian.

Како се најдовме во ваква ситуација? Може ли да се направи нешто? Всушност, дали човекот воопшто може да го реши проблемот со глобалното затоплување — а да не ги спомнуваме посериозните проблеми со кои се соочува човечкиот род?

Многу научници сметаат дека главен фактор за ваквата состојба се активностите на човекот, почнувајќи со индустриската револуција и сѐ поголемата употреба на фосилни горива, како што се јагленот и нафтата. Друг фактор е неконтролираното сечење на шумите. Шумите се како бели дробови на нашата планета. Дрвјата апсорбираат некои од стакленичките гасови (гасовите што создаваат ефект на стаклена градина) кои се причина за глобалното затоплување. Но, поради сечењето на големи шумски површини има сѐ поголеми количини вакви гасови во нашата атмосфера. За да видат што можат да направат во врска со овие проблеми, светските лидери одржуваат самити за климатски промени.

Протоколот од Кјото

Земјите потписнички на Протоколот од Кјото од 1997 год. ги прифатија новите цели во врска со емисијата на јаглероден диоксид. Со потпишувањето на оваа спогодба, државите-членки на Европската Унија и 37 други развиени земји се обврзаа да ја намалат емисијата на штетни гасови во својата земја во просек за 5 отсто во однос на 1990 год., и тоа во периодот од 2008 до 2012 год.

Меѓутоа, Протоколот од Кјото имаше сериозни пропусти. На пример, владата на САД никогаш не го прогласи за важечки овој договор. Исто така, поголемите земји во развој, како што се Кина и Индија, не се обврзаа да се држат за конкретните ограничувања во врска со емисијата на гасови одредени за нив. А само САД и Кина учествуваат со 40 отсто во вкупната емисија на јаглероден диоксид.

Самитот во Копенхаген

Целта на Самитот во Копенхаген, наречен КДС 15, беше да се замени Протоколот од Кјото и да се постават нови цели за периодот од 2012 год. натаму. * За да најдат решение за климатските промени, претставници од 192 земји, вклучувајќи и 119 шефови на држави, се состанаа во декември 2009 год. во Копенхаген (Данска). КДС 15 се соочи со следниве три основни предизвици:

1. Да се постигнат спогодби што законски ги обврзуваат земјите потписнички. Дали развиените земји ќе ги прифатат неопходните ограничувања за емисијата на штетни гасови и дали и поголемите земји во развој ќе бидат спремни да постават такви ограничувања?

2. Да се обезбеди долгорочно финансирање. Земјите во развој ќе треба долги години да одвојуваат милијарди долари за да излезат на крај со сѐ поголемиот број последици од глобалното затоплување и за да обезбедат технологија што нема да ја загадува околината.

3. Да се изготви стратегија за контрола на емисијата на штетни гасови. Ваквата стратегија ќе ѝ помогне на секоја од земјите да се држи за своите ограничувања во врска со штетните гасови. Освен тоа, со неа ќе се овозможи земјите во развој исправно да ги користат добиените средства.

Дали овие предизвици беа надминати? Преговорите наидоа на толку сериозни проблеми што дури изгледаше невозможно да се постигне каков било договор. Во последните неколку часа од конференцијата, лидерите на 28 земји финализираа еден документ наречен Копенхашки запис. Овој документ беше чисто формално усвоен со следниве зборови: „Конференцијата... ја увидува важноста на Копенхашкиот запис“, известува новинската агенција Ројтерс. Со други зборови, беше оставено секоја земја сама да реши дали ќе ги спроведе одлуките.

Што понатаму?

Се имаат одржано и други вакви конференции, а се планираат и за во иднина, но мали се надежите дека тие ќе решат нешто. „Нашата планета ќе продолжи да се вари“, напишал Пол Кругман, колумнист во весникот New York Times и добитник на Нобелова награда за економија. Многу често, краткорочните политички и економски добивки ги потиснуваат во втор план долгорочните еколошки придобивки, поради што се тапка во место. Кругман вели: „Ако сакате да разберете зошто мерките против климатските промени наидуваат на отпор, одговорот е во парите“. Тој исто така напишал дека главни осомничени за смртта на ваквите мерки во неговата земја се „алчноста и [политичкиот] кукавичлук“.

Глобалното затоплување може да се спореди со ураган. Метеоролозите можат да ја измерат јачината на ураганот и прилично точно да предвидат каде ќе се движи, што им е од голема корист на оние што живеат во подрачјата што ќе бидат погодени. Но, сите научници, политичари и бизнисмени на светот не можат да запрат еден ураган. Истото би можело да се каже и за глобалното затоплување. Овој факт нѐ потсетува на зборовите од Библијата запишани во Еремија 10:23: „Патот на земниот човек не е во негова власт. Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“.

Бог го има решението

Библијата ни кажува дека „оној што ја обликува и ја направи земјата... не ја создаде залудно“ (Исаија 45:18). Исто така вели: „Земјата останува засекогаш“ (Проповедник 1:4).

Бог нема да дозволи Земјата да стане неподобна за живот. Тој ќе ги преземе работите во свои раце и ќе му стави крај на неуспешното човечко владеење и на оние што ја уништуваат Земјата. Но, ќе ги спаси оние што живеат морално и чесно и што навистина сакаат да постапуваат како што бара тој. Во Изреки 2:21, 22 стои: „Праведниците ќе живеат на земјата и непорочните ќе останат на неа. А злите ќе бидат истребени од земјата и оние што постапуваат неверно ќе бидат искоренети од неа“.

[Фуснота]

^ пас. 10 Конференција на договорните страни (КДС) редовно се организира од Рамковната конвенција на Обединетите Нации за климатски промени.

[Рамка на страница 13]

Стакленички гас е состојка во атмосферата што го апсорбира зрачењето кое доаѓа од Земјината површина. Многу од гасовите што преку современите индустриски процеси се ослободуваат во атмосферата се стакленички гасови. Во нив спаѓаат јаглеродниот диоксид, хлорофлуорокарбоните, метанот и азотниот оксид. Само количината на јаглероден диоксид што секоја година се испушта во нашата атмосфера изнесува повеќе од 25 милијарди тони. Извештаите покажуваат дека од почетокот на индустриската ера па наваму, нивото на јаглероден диоксид во атмосферата е покачено за 40 отсто.

[Извори на слики на страница 12]

Земја: NASA/The Visible Earth (http://visibleearth.nasa.gov/); Барак Обама: ATTILA KISBENEDEK/AFP/Getty Images