Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Го наоѓале патот во еден огромен океан

Го наоѓале патот во еден огромен океан

Го наоѓале патот во еден огромен океан

МАРШАЛСКИТЕ ОСТРОВИ се состојат од преку 1.200 острови и островчиња, од кои повеќето се издигаат само неколку метри над нивото на морето. Доволно е малку да отпловиш од нив, и веќе се губат од видикот. Сепак, древните морепловци од тие острови можеле со кануа да пловат на повеќе од половина милион квадратни километри од Тихиот Океан и да го најдат патот од едно до друго островче. Како им успевало тоа? Тие се ориентирале со помош на едноставни, но многу корисни алатки наречени „карти од стапчиња“.

Од искуство, маршалските морепловци откриле дека брановите, кога ќе наидат на некакво копно, почнуваат да се движат на карактеристичен начин и така, на оддалеченост дури и од 30 километри, покажуваат каде се наоѓа некој остров. Постојат многу видови бранови што треба да се научат, а картите од стапчиња служеле за да може полесно да се запомнат. Како изгледале картите од стапчиња? Како што можеш да видиш на сликата, стапчиња направени од корења на едно тропско растение, наречено панданус, или од жили од палмови лисја биле поврзувани меѓусебно на таков начин што покажувале како се движат брановите. На таа мрежа биле закачени мали школки за да се означи каде приближно лежат островите.

Ориентирањето со помош на карта од стапчиња со години го чувале како тајна, и им го откривале само на избрани поединци. Како учеле младите морепловци да користат карта од стапчиња? Само со вежбање и пракса. Некој искусен морепловец приватно го учел младиот морнар, можеби така што го земал со себе кога пловел до блиските острови. Колку повеќе знаел да ги препознава разните видови бранови толку полесно ја користел својата карта од стапчиња. На крајот, бил во состојба самиот да плови и да се ориентира на океанот.

На сличен начин, Божјата реч, Библијата, може да ни служи како водич на нашиот животен пат. На почетокот може некој да ни помогне да ги разбереме основните работи од Светото Писмо. А потоа, како што ја проучуваме Божјата Реч и ги применуваме во животот нејзините начела така стануваме сѐ посигурни во она што го вели таа. На Исус Навин, водачот на Израелците, му било речено да ја чита Божјата Реч за да може ‚да го прави совесно сето она што е запишано во неа‘. „Тогаш“, му рекол Бог на Исус Навин, „ќе бидеш успешен на својот пат и ќе постапуваш мудро“ (Исус Навин 1:8). Да, Библијата може да биде нашата карта што ќе ни помогне да имаме сигурен и успешен пат во животот.

[Извор на слика на страница 32]

© Greg Vaughn