Езекиел 16:1-63
16 И повторно ми дојде Јеховината реч:
2 „Сине човечки, укажи му+ на Ерусалим на неговите гадости!+
3 Речи им: ‚Вака ѝ вели Севишниот Господар Јехова на престолнината Ерусалим: „По потекло и раѓање си од ханаанската земја.+ Татко ти беше Амореец,+ а мајка ти Хетејка.+
4 Кога беше родена ти, на денот на твоето раѓање,+ не ти ја пресекоа папочната врвца, не те измија со вода за да те исчистат, не те истрија со сол, ниту те повија.
5 Ниту едно око не се сожали на тебе за да ти направи од сомилост+ барем некоја од овие работи, туку те фрлија во полето затоа што им се гадеше од твојата душа во оној ден кога се роди ти.
6 А јас поминував покрај тебе и те видов како преташ во својата крв, па ти реков додека лежеше во својата крв: ‚Живеј!‘+ Да, уште додека лежеше во својата крв, ти реков: ‚Живеј!‘
7 Од тебе направив големо мноштво, како мноштво подници во полето, и нарасна+ и стана голема и дојде со најубав накит.+ Ти пораснаа градите и косата ти порасна, но уште беше гола и разголена“ ‘.
8 ‚А јас поминував покрај тебе и те видов, и гледај, твоето време беше време за љубов.+ И ги раширив своите скутови на тебе+ и ја покрив твојата голотија и ти се заколнав и склучив сојуз со тебе‘,+ вели Севишниот Господар Јехова, ‚и ти стана моја.+
9 И те измив со вода,+ ја измив од тебе твојата крв и те намачкав со масло.+
10 Те облеков во везен фустан,+ ти дадов обувки од фокина кожа,+ околу главата ти замотав фин лен+ и те покрив со скапоцена ткаенина.
11 Те украсив со накит, ти ставив гривни+ на рацете и ѓердан+ околу вратот.
12 И ти ставив прстен во носницата,+ обетки на ушите+ и прекрасна круна на главата.+
13 Така се накити со злато и со сребро, а облеката ти беше фин лен, скапоцени ткаенини и везени фустани.+ Јадеше фино брашно, мед и масло,+ и стана убава, многу убава, подобна за царување‘ “.+
14 „ ,Гласот за твојата убавина кружеше меѓу народите, зашто твојата убавина беше совршена поради мојата слава со која те обдарив‘,+ вели Севишниот Господар Јехова.“
15 „ ,Но ти се надеваше на својата убавина+ и стана блудница поради гласот што го уживаше,+ блудствуваше со секој минувач,+ подавајќи му ја својата убавина.
16 Ги земаше своите фустани и си правеше разнобојни обредни височинки+ и блудствуваше на нив+ — тоа не смееше да се прави, не смееше да се случува.
17 Го земаше својот прекрасен накит од златото и од среброто што јас ти ги дадов+ и од него си правеше машки ликови+ и блудствуваше со нив.+
18 Ги земаше своите везени фустани и ги покриваше нив, ги ставаше пред нив моето масло и мојот темјан.+
19 И мојот леб што ти го дадов — финото брашно, маслото и медот со кои те хранев+ — ги ставаше пред нив за успокојувачки мирис.+ Токму така правеше‘, вели Севишниот Господар Јехова.“
20 „ ,Ги земаше своите синови и своите ќерки што ми ги роди+ и им ги принесуваше на идолите за жртва за да ги проголта оган.+ Зарем не е доста од твоето блудствување?
21 Ги колеше моите деца+ и им ги принесуваше ним фрлајќи ги во оган.+
22 А во сите свои гадости и во своето блудствување не се сети на денот на својата младост кога беше гола и разголена, кога преташе во својата крв.+
23 И по сето твое зло — „Тешко, тешко тебе!“+ — вели Севишниот Господар Јехова —
24 ти си направи ридови и си подигна обредни височинки на секој плоштад.+
25 Си изгради обредни височинки+ на секоја раскрсница и ја претвори својата убавина во грдотија,+ му ги ширеше своите нозе на секој минувач+ и во голема мера вршеше блуд.+
26 Блудствуваше со египетските синови,+ со своите соседи чиј полов орган е голем,+ и правеше блуд за да ме навредиш.
27 Еве, ќе ја подигнам раката против тебе+ и ќе ти го намалам оброкот храна,+ па ќе те предадам на филистејските ќерки,+ кои те мразат,+ за да прават со тебе што им душа сака,+ зашто се вчудовидени од твоите бесрамни дела.+
28 Ти блудствуваше и со асирските синови затоа што не можеше да ја задоволиш својата сладострасност.+ Блудствуваше со нив, но ниту со нив не можеше да ја задоволиш својата сладострасност.
29 Затоа во голема мера блудствуваше и со ханаанската земја,+ со Халдејците,+ но ни тогаш не ја задоволи својата сладострасност.
30 О, колку сум гневен на тебе‘,+ вели Севишниот Господар Јехова, ‚бидејќи го правиш сето она што го прави најлошата блудница!+
31 Ти си направи ридови на секоја раскрсница и си подигна обредни височинки на секој плоштад, но не беше како јавна блудница, зашто со презир ја одбиваше платата.
32 Кога жената врши прељуба, таа прима туѓинци наместо својот маж.+
33 На сите јавни блудници им даваат подарок,+ но ти самата им даваш подароци на сите свои љубовници+ и им нудиш мито за да дојдат кај тебе отсекаде и да блудствуваат со тебе.+
34 Твоето блудствување е поинакво од блудствувањето на другите жени, никој не блудствува така како тебе, зашто ти даваш плата наместо тебе да ти даваат плата — кај тебе е обратно.‘
35 Затоа, блуднице,+ чуј ја Јеховината реч!+
36 Вака вели Севишниот Господар Јехова: ‚Затоа што се разлева твојата сладострасност+ и затоа што се открива твојата голотија+ додека блудствуваш со своите љубовници+ и со сите свои гадни и одвратни идоли,*+ и затоа што тече крвта на твоите деца, кои им ги принесе на одвратните идоли,+
37 еве, ќе ги соберам сите твои љубовници на кои ти им даваше наслада и сите што ги љубеше и сите што ги мразеше, ќе ги соберам отсекаде против тебе и ќе ја откријам твојата голотија, нека ти ја видат сета голотија.+
38 Ќе ти судам онака како што им се суди на прељубници+ и на оние што пролеваат крв.+ Во гнев и во љубомора ќе ја пролеам твојата крв.+
39 Ќе те предадам во нивните раце и тие ќе ги разурнат твоите ридови+ и ќе ги урнат твоите обредни височинки,+ и ќе ти ги соблечат фустаните,+ ќе ти го земат прекрасниот накит+ и ќе те остават гола и разголена.
40 И ќе доведат мноштво луѓе против тебе,+ па ќе те засипат со камења+ и ќе те исечат со своите мечеви.+
41 Со оган ќе ти ги изгорат куќите+ и ќе извршат пресуда над тебе пред очите на многу жени.+ Ќе му ставам крај на твоето блудствување,+ и повеќе нема да даваш плата.
42 И дури тогаш ќе престанам да се гневам на тебе+ и ќе стивне мојата љубомора,+ ќе се смирам и твоите дела повеќе нема да ме навредуваат‘.
43 ‚Поради тоа што не се сети на денот на својата младост,+ туку ме предизвикуваше со сите тие дела,+ еве, јас ќе ти ги фрлам врз глава твоите дела,‘+ вели Севишниот Господар Јехова, ‚па нема повеќе да ги правиш бесрамните дела и сите свои гадости.
44 Гледај, сите што се служат со поговорки ќе ти се исмејуваат со оваа поговорка:+ „Каква мајка, таква ќерка!“+
45 Ти си ќерка на својата мајка,+ на која ѝ се омразени нејзиниот маж+ и нејзините деца. Ти си сестра на своите сестри, на кои им се омразени нивните мажи и нивните деца. Вашата мајка беше Хетејка,+ а татко ви Амореец.‘ “+
46 „ ,Самарија+ со околните градови ти е постара сестра,+ која живее лево од тебе, а Содом+ со околните градови+ ти е помлада сестра, која живее десно од тебе.
47 А ти не само што одеше по нивните патишта и ги правеше нивните гадости+ туку набргу почна да правиш уште полошо на сите свои патишта.+
48 Како што сум жив јас,‘ вели Севишниот Господар Јехова, ‚Содом, твојата сестра, со своите околни градови, не правеше така како што правевте ти и твоите околни градови.+
49 Еве, ова беше престапот на Содом, твојата сестра: во неа и во нејзините околни градови+ имаше горделивост,+ презаситеност од изобилство на леб+ и немарна безгрижност,+ и не им помагаше на страдалниците+ и на сиромасите.+
50 Се возгордеаја+ таа и нејзините градови и правеа гадости пред мене,+ сѐ додека не ги уништив, кога видов дека треба да го сторам тоа.+
51 А Самарија+ не направи ни половина од твоите гревови, туку ти направи повеќе гадости отколку твоите сестри, така што тие изгледаат праведно во споредба со сите гадости што ги направи ти.+
52 Затоа го носиш својот срам, бидејќи твоето поведение им оди во прилог на твоите сестри. Поради твоите гревови со кои направи поголеми гнасотии од нив, тие излегоа поправедни од тебе.+ Затоа, засрами се и носи го својот грев, зашто поради тебе твоите сестри изгледаат праведно.‘
53 ‚Ќе го соберам нивниот заробен народ,+ заробениот народ од Содом и од околните градови и заробениот народ од Самарија и од околните градови, и ќе ги соберам твоите заробеници што се меѓу нив,+
54 за да го носиш својот срам+ и да се засрамиш за сѐ што направи, и тоа да им биде ним за утеха.+
55 Сестра ти Содом и нејзините околни градови ќе бидат како порано, и сестра ти Самарија и нејзините околни градови ќе бидат како порано, а и ти и твоите околни градови ќе бидете како порано.+
56 Во времето кога беше горделива,+ ти сметаше дека твојата сестра Содом не заслужува да ја спомнеш,
57 во времето пред да се разоткрие твојата злоба,+ кога ти се исмејуваа сириските ќерки+ и сите што се околу неа, филистејските ќерки,+ кои ти се исмејуваат од сите страни.+
58 Трпи ја сега вината за своите бесрамни дела+ и за своите гадости!‘+ — вели Јехова.“
59 „Зашто, вака вели Севишниот Господар Јехова: ‚Ќе ти направам така како што направи ти,+ зашто ја презре заклетвата, раскинувајќи го сојузот со мене.+
60 А јас ќе се сетам на својот сојуз што го склучив со тебе во деновите на твојата младост+ и ќе склучам со тебе траен сојуз.+
61 А ти ќе се сетиш на своите патишта+ и ќе се засрамиш кога ќе ги примиш своите сестри, постарите и помладите, кои ќе ти ги дадам како ќерки,+ но не поради сојузот со тебе‘.+
62 ‚А јас ќе склучам сојуз со тебе.+ И тогаш ќе знаеш дека јас сум Јехова,
63 па ќе се сетиш и ќе се засрамиш+ и поради својот срам повеќе нема да ја отвораш устата,+ кога ќе те исчистам+ од сѐ што си направила‘, вели Севишниот Господар Јехова.“
Фусноти
^ Или: „со своите гнасни и лепешкави идоли“.