Исаија 32:1-20

32  Еве, царот+ ќе царува праведно+ и кнезовите+ ќе владеат по правдата.  Секој ќе биде како засолниште од ветар и како прибежиште од бура,+ како водни потоци во безводна земја,+ како сенка од голема карпа во исушена земја.+  Очите на оние што гледаат нема да бидат затворени, ушите на оние што слушаат ќе слушаат внимателно.+  Срцето на оние што се избувливи ќе се сврти кон знаењето,+ јазикот на оној што тепка ќе зборува течно и разбирливо.+  Безумникот нема повеќе да го нарекуваат великодушен, човекот што не ги почитува начелата нема да го сметаат за благороден,+  зашто безумникот ќе зборува безумно+ и неговото срце ќе смислува зло+ за да шири отпадништво+ и да кажува лаги за Јехова, да го остави гладниот со празен желудник*+ и да го остави жедниот без пијалак.  Човекот што не ги почитува начелата се служи со злото+ како со орудие и ги поттикнува другите на расипани дела+ за да ги упропасти страдалниците со лажливи зборови,+ дури и кога сиромавиот зборува право.  А оној што е великодушен поттикнува на великодушни дела и станува за да прави великодушни дела.+  „Станете, немарни жени, слушајте го мојот глас!+ Небрежни ќерки, приклонете го увото кон мојата реч! 10  По малку повеќе од една година, ќе затреперите, вие безгрижници,+ зашто ќе помине бербата на грозјето, но ќе нема род.+ 11  Треперете, небрежни жени! Треперете од страв, немарници! Соблечете ја облеката* и опашајте козина околу бедрата!+ 12  Удирајте се в гради лелекајќи+ поради убавите ниви+ и поради родните лози! 13  На земјата на мојот народ никнуваат само трње и бодликави грмушки,+ и ги има по сите радосни куќи, по целиот весел град.+ 14  Зашто, напуштен е утврдениот дворец,+ исчезна градската врева, Офел+ и стражарската кула станаа пусто поле, вечна веселба за зебрите и пасиште за стадата, 15  додека не се излее врз нас духот од висините.+ Тогаш пустината ќе се претвори во овоштарник, а овоштарникот ќе биде како шума.+ 16  Во пустината ќе престојува правдата, во овоштарникот ќе живее праведноста.+ 17  Мирот ќе биде дело на правдата;+ спокојството и безбедноста ќе бидат плод на правдата довека.+ 18  Мојот народ ќе живее во мирни престојувалишта, во безбедни живеалишта, во почивалишта каде што никој нема да ги вознемирува.+ 19  Град ќе паѓа кога ќе се кутнува шумата+ и кога ќе биде понижен градот.+ 20  Среќни сте вие што сеете семе покрај сите води+ и им ги разврзувате нозете на бикот и на магарето+ за да одат по полето.“

Фусноти

Буквално: „душа“.
Буквално: „Соблечете се до гола кожа“.