1. Самоилова 29:1-11

29  Филистејците+ ја собраа сета своја војска кај Афек, а Израелците се улогорија кај изворот што е во Језраел.+  Филистејските кнезови-сојузници+ тргнаа со своите стотици и илјадници, а Давид и неговите луѓе одеа одзади со Ахис.+  И филистејските кнезови прашаа: „Што прават тука тие Евреи?“+ Тогаш Ахис им одговори на филистејските кнезови: „Па ова е Давид, слугата на израелскиот цар Саул, кој е со мене веќе година-две!+ Не најдов+ ништо лошо во него од оној ден кога пребега кај мене до денес“.  Но филистејските кнезови се разлутија на него и му рекоа: „Испрати го тој човек назад,+ нека се врати во местото што си му го одредил! Нека не оди со нас во бој, за да не се сврти против нас+ во бојот! Со што би можел тој повторно да ја стекне наклоноста на својот господар ако не со главите на овие наши луѓе?  Не е ли тоа оној Давид за кого играјќи пееја: ‚Саул погуби илјади, а Давид десетици илјади свои непријатели‘?“+  Тогаш Ахис+ го викна Давид и му рече: „Како што е жив Јехова,+ ти си чесен човек и јас би сакал да одиш со мене во бој,+ зашто не најдов ништо лошо во тебе од оној ден кога дојде кај мене до денес!+ Но не си им по волја на кнезовите-сојузници.+  Затоа сега врати се и оди во мир за да не направиш некакво зло во очите на филистејските кнезови-сојузници!“  А Давид му одговори на Ахис: „Зошто? Што сум направил+ и што лошо си нашол во својот слуга од оној ден кога дојдов да ти служам до денешен ден,+ па да не можам да одам и да се борам против непријателот на својот господар, царот?“  А Ахис му одговори на Давид и му рече: „Знам дека ми беше добар, како ангел Божји.+ Но филистејските кнезови рекоа: ‚Нека не оди во бој со нас!‘ 10  Затоа стани рано наутро, ти и слугите на твојот господар што дојдоа со тебе. Станете рано наутро, штом ќе се раздени, па одете си!“+ 11  И така Давид подрани со своите луѓе и утрото отиде+ и се врати во филистејската земја. А Филистејците тргнаа кон Језраел.+

Фусноти