Јеховиниот ден — многу важна тема
Трето поглавје
Јеховиниот ден — многу важна тема
1, 2. а) За која важна тема зборуваат сите 12 пророци? б) Како некои од нив директно го спомнале Јеховиниот ден?
„БЛИЗУ е големиот ден на Јехова. Близу е и доаѓа многу брзо“ (Софонија 1:14). Божјите пророци постојано предупредувале дека наближува Јеховиниот ден. Обично зборувале како треба да влијае доаѓањето на тој ден врз секојдневниот живот на луѓето, врз нивниот морал и врз нивното однесување. Од пораките на пророците било јасно дека итно мора да се направи нешто. Кога би ги чул овие пораки со свои уши, како би реагирал?
2 Додека ги читаш книгите на 12-те пророци, ќе видиш дека сите тие, директно или индиректно, зборувале за Јеховиниот ден. a Затоа, пред да ги разгледаш следните поглавја во кои се зборува за нивните важни пораки, размисли за темата што постојано се провлекува низ овие книги: Јеховиниот ден. Шестмина од 12-те пророци директно го користат овој или слични изрази. Јоил сликовито го опишал „големиот и страшен Јеховин ден“ (Јоил 1:15; 2:1, 2, 30-32). Амос им рекол на Израелците да се подготват да се сретнат со својот Бог, зашто денот на Јехова ќе биде ден на темнина (Амос 4:12; 5:18). Подоцна, Софонија ги кажал зборовите што се цитирани во 1. пасус. А пред да биде уништен Ерусалим, Авдија предупредил: „Близу е денот на Јехова против сите народи“ (Авдија 15).
3. Зошто може да се каже дека и пророците што служеле по враќањето од изгнанство зборувале за Јеховиниот ден?
3 Ќе забележиш и дека двајца пророци што биле испратени кај Евреите по нивното враќање од изгнанство користеле слични изрази. Захарија зборувал за денот кога ќе бидат уништени сите народи што се креваат против Ерусалим. Тој сликовито опишал што ќе се случи во еден „ден познат како Јеховин ден“ (Захарија 12:9; 14:7, 12-15). А Малахија го предупредил Божјиот народ за доаѓањето на „големиот и застрашувачки Јеховин ден“ (Малахија 4:1-5).
4. Како некои од 12-те пророци укажале на Јеховиниот ден?
4 Иако другите шестмина пророци не го користат изразот „Јеховиниот ден“, сепак индиректно укажуваат на него. Осија зборувал за тоа дека Јехова ќе го казни Израел, а подоцна и Јуда (Осија 8:13, 14; 9:9; 12:2). Овие пораки честопати се однесувале на она што Јехова го правел во тоа време. На пример, Јона ја објавил Божјата осуда над Ниневија, а Михеј опишал што ќе се случи кога Бог ќе почне да ги казнува бунтовните народи (Јона 3:4; Михеј 1:2-5). Наум ветил дека Јехова ќе им се одмазди на своите противници (Наум 1:2, 3). Авакум копнеел по правда и го опишал „денот на неволјата“ (Авакум 1:1-4, 7; 3:16). Некои пораки од овие книги сосем сигурно се однесуваат на она што требало да им се случи на вистинските христијани. На пример, Агеј, кој пророкувал откако Евреите се вратиле од изгнанство, претскажал дека Јехова ќе ги затресе народите (Агеј 2:6, 7). Апостол Павле ги цитирал зборовите од Агеј 2:6 за да ги поттикне христијаните да бидат во добра духовна состојба кога Бог ќе го отстрани симболичното злобно небо (Евреите 12:25-29; Откровение 21:1).
ШТО Е ЈЕХОВИНИОТ ДЕН?
5, 6. Како пророците го опишуваат Јеховиниот ден?
5 Сосема е нормално да сакаш да знаеш каков ќе биде Јеховиниот ден. Добро е да се прашаш: ‚Дали Јеховиниот ден влијае врз тоа како живеам сега и врз мојата иднина?‘ Како што навестиле пророците, Јеховиниот ден ќе биде период кога Јехова ќе ја изврши својата осуда над непријателите, ден на битка. Во тој страшен ден веројатно ќе има необични појави на небото. „Сонцето и месечината ќе потемнат, а ѕвездите ќе го повлечат својот сјај“ (Јоил 2:2, 11, 30, 31; 3:15; Амос 5:18; 8:9). А што ќе се случува на Земјата, каде што живееме ние? Михеј рекол: „Планините ќе се растопат под [Јехова], а рамниците ќе се разделат како восок на оган и како води излеани по стрмнина“ (Михеј 1:4). Можеби овој опис е симболичен, но од него можеме да заклучиме дека она што ќе го направи Бог ќе има страшни последици за Земјата и за нејзините жители. Но, не за сите луѓе. Истите овие пророци зборувале и за бројните благослови што ќе ги добијат оние што го ‚бараат доброто‘ и што ќе останат живи (Амос 5:14; Јоил 3:17, 18; Михеј 4:3, 4).
6 И другите од 12-те пророци многу сликовито го опишуваат Јеховиниот ден. Авакум дава живописна слика за тоа како Јехова ќе ги разбие „вечните планини“ и како ќе ги срамни „вековните ридови“, кои се соодветен симбол за човечките организации што можеби изгледаат неуништливи (Авакум 3:6-12). Да, Јеховиниот ден е „ден на гнев, ден на неволја и мака, ден на бура и пустошење, ден на темнина и мрак, ден на облаци и густа темнина“ (Софонија 1:14-17).
7. Каква неволја е проречена, и како можеби ќе се исполни?
7 Замисли само каква неволја ќе ги снајде оние што му се противат на Бог! „Месото ќе им изгние уште додека се на нозе, очите ќе им изгнијат во очните дупки, јазикот ќе им изгние во устата“ (Захарија 14:12). Сеедно дали ова видение ќе се исполни дословно или не, очигледно е дека навестува несреќа за мнозина. Во најмала рака, јазикот на Божјите непријатели ќе изгние во таа смисла што повеќе не ќе можат да зборуваат навредливо за Бог. А „очите ќе им изгнијат“ во таа смисла што ќе пропаднат сите нивни планови за заеднички напад врз Божјиот народ.
ЗОШТО БОГОТ НА ЉУБОВТА КАЗНУВА
8, 9. а) Што треба да разгледаш за да разбереш зошто Јехова ќе ги казни злобните? б) Како ќе постапи Јехова со оние што му се верни во сѐ што прават?
8 Можеби си чул како некои луѓе велат: ‚Како може еден Бог на љубовта да ги казни своите непријатели со таква неволја? Мора ли Бог да ја пустоши Земјата? Зарем Исус не нѐ поттикнал да ги сакаме дури и своите непријатели, со што би покажале дека сме синови на нашиот Татко кој е на небесата?‘ (Матеј 5:44, 45). За да ги дознаеме одговорите на овие прашања, ќе треба да разгледаме како воопшто започнале проблемите на луѓето. Бог ги создал првите луѓе според својот лик — тие биле совршени. Сепак им донеле грев и смрт на сите луѓе, што значи и нам. Тие застанале на страната на Сатана Ѓаволот, кој го оспорил правото на Бог да владее со луѓето (1. Мојсеева 1:26; 3:1-19). Со векови, Сатана се обидува да докаже дека, доколку некој ги поттикне да постапат поинаку, луѓето нема да му служат на Јехова. Но, ти знаеш дека Сатана не успеал во тоа. Исус Христос и многу други му останале верни на Јехова и покажале дека му служат од љубов (Евреите 12:1-3). Сигурно и ти можеш по име да наведеш мнозина кои денес верно му служат на Бог.
9 Освен тоа, и ти си вклучен во ова спорно прашање кое ќе биде решено кога Јехова ќе ѝ стави крај на злобата. На пример, додека ги читаш книгите на 12-те пророци, ќе забележиш дека некои од нив пишувале за раскошниот живот на луѓето кои ја запоставувале службата за Јехова. Пророците го опоменувале Божјиот народ да ‚размисли за своите патишта‘ и да смени нешто во својот живот (Агеј 1:2-5; 2:15, 18; Амос 3:14, 15; 5:4-6). Да, пророците им покажувале на луѓето како треба да живеат. Оние што го прифатиле нивниот совет покажале дека го сметаат Јехова за свој врховен владетел, а со тоа докажале дека Сатана е лажливец. Јехова ќе покаже дека им е верен кога ќе ги уништи своите непријатели (2. Самоилова 22:26).
10. Зошто она што го видел Михеј е уште една причина Јехова да ги казни злите?
10 Има уште една причина зошто Бог ќе ги казни злите. Да се вратиме во осмиот век пр.н.е., кога Михеј служел како пророк во Јуда. Зборувајќи за себе како да го претставува целиот народ, Михеј ја споредил состојбата во Јуда со едно лозје или овоштарник во кои по бербата не останало ништо. И во Јуда било исто, затоа што речиси и не можело да се најде чесен човек. Израелците ги прогонувале своите сонародници, демнејќи ги за да пролеат крв. Нивните водачи и судии барале мито (Михеј 7:1-4). Како ќе си се чувствувал ти да си живеел во такви услови? Веројатно ќе ти било жал за невините жртви. Тогаш, колку повеќе мора да му е жал на Јехова за угнетените! Денес Јехова внимателно ги испитува луѓето. Што мислиш, што гледа? Бездушните луѓе злобно ги искористуваат другите и сурово постапуваат со своите ближни. А кога ќе се земе предвид колку луѓе има во светот, оние што верно му служат на Бог се релативно малку. Но, нема зошто да очајуваме. Од љубов кон угнетените, Јехова ќе ја спроведе правдата (Езекиел 9:4-7).
11. а) Што значи Јеховиниот ден за оние што се бојат од него? б) Како предупредувањето на Јона влијаело врз жителите на Ниневија?
11 Очигледно, Јеховиниот ден ќе значи уништување за неговите непријатели и избавување за оние што се бојат од него и што му служат. b Михеј прорекол дека народите ќе се слеваат кон гората на Јеховиниот дом, поради што во светот ќе завладее мир и единство (Михеј 4:1-4). Но, дали тоа што пророците го најавувале доаѓањето на Јеховиниот ден ги поттикнало луѓето во тоа време да променат нешто во својот живот? Да, некои направиле промени. Сети се дека, кога Јона ја објавил осудата врз Ниневија, нејзините насилни, злобни жители ‚му поверувале на Бог‘ и ‚се вратиле од својот лош пат‘. Како резултат на тоа, Јехова не ги уништил во таа прилика (Јона 3:5, 10). Пораката за доаѓањето на Јеховиниот ден на осуда навистина влијаела врз животот на жителите на Ниневија!
КАКВА ВРСКА ИМА ТОЈ ДЕН СО ТЕБЕ?
12, 13. а) За што пророкувале 12-те пророци? б) Зошто може да се рече дека нивните пророштва се однесувале и на подалечната иднина?
12 ,Но, тие пророци живееле пред многу векови‘, можеби ќе рече некој. ‚Каква врска имаат нивните пораки за Јеховиниот ден со мене?‘ Точно, тие пророци живееле дури и стотици години пред да се роди Исус, но сепак треба да видиме како нивните зборови во врска со Јеховиниот ден се однесуваат на 21 век. Кои практични поуки можеме да ги извлечеме од она што го рекле тие за големиот Јеховин ден? Има еден многу битен фактор кој ќе ни помогне да разбереме колку се важни и корисни нивните пораки. Знаеме дека пророците предупредувале дека Јеховиниот ден ќе дојде врз Израел, Јуда, околните народи и врз некои светски сили од тоа време. c Многу е важно да задржиме на ум дека тие пророштва се исполниле! Асирците навистина ја нападнале Самарија, Јуда навистина била разрушена во 607 год. пр.н.е., а околните непријателски народи навистина биле опустошени кратко потоа. На крајот исчезнале и асирската и вавилонската светска сила, со што се исполниле пророштвата кои го претскажале тоа.
13 Сега да размислиме што се случило на Педесетница 33 год. од н.е., кога многу од тие пророштва веќе одамна биле исполнети за првпат. Тој ден, апостол Петар укажал дека пророштвото на Јоил се однесува на излевањето на Божјиот свет дух. Потоа, цитирал од книгата на Јоил: „Сонцето ќе се претвори во темнина и месечината во крв пред да дојде големиот и славен Јеховин ден“ (Дела 2:20). Ова покажува дека пророштвата во врска со Јеховиниот ден ќе имаат и други исполнувања. Пророштвото на Јоил се исполнило по вторпат во 70 год. од н.е., кога римската војска го уништила Ерусалим. Тоа навистина било мрачно време на крвопролевање.
14, 15. а) Зошто може да се рече дека пророштвата за Јеховиниот ден се однесуваат на нас денес? б) Кога можеме да очекуваме да почне Јеховиниот ден?
14 Меѓутоа, пророштвото на Јоил, како и другите пророштва за Јеховиниот ден, допрва треба да го имаат своето последно исполнување, кое има значење за нас, кои живееме во 21 век. Зошто го велиме ова? Петар ги поттикнал христијаните ,да го имаат на ум Јеховиниот ден‘. Понатаму рекол: „Според неговото ветување очекуваме нови небеса и нова земја во кои ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:12, 13). Сепак, веднаш по уништувањето на Ерусалим во 70 год. од н.е. не биле воспоставени ниту нови небеса (нова теократска влада) ниту нова земја (општество составено од праведни луѓе што живеат под таа влада). Тоа значи дека пророштвата за Јеховиниот ден мора да имаат уште едно исполнување. Да, тие пророштва се однесуваат на нас денес, кои живееме во „тешки времиња“! (2. Тимотеј 3:1).
15 Описот на Јеховиниот ден што е даден во овие 12 библиски книги нѐ потсетува на зборовите на Исус Христос: „Ќе има голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“. Тој рекол дека „веднаш по“ таа голема неволја „сонцето ќе потемни, месечината повеќе нема да свети, ѕвездите ќе паднат од небото и небесните сили ќе се затресат“ (Матеј 24:21, 29). Ова ни помага да сфатиме кога ќе дојде Јеховиниот ден. Тој е на прагот. Библијата покажува дека во големата неволја ќе биде уништен „Големиот Вавилон“, светското царство на лажната религија. Потоа, на крајот од големата неволја, кога ќе настапи Јеховиниот ден, Бог ќе ги збрише своите непријатели од лицето на Земјата (Откровение 17:5, 12-18; 19:11-21).
16. Како ќе се исполнат пророштвата во врска со Јеховиниот ден?
16 Јеховините сведоци ја сфаќаат суштината на исполнувањето на пророштвата за Јеховиниот ден. Отпадничкиот Ерусалим, неверната Самарија, агресивните Едомци, насилните Асирци и Вавилонците честопати на сликовит начин претставувале различни обележја на лажната религија. Целокупната лажна религија ќе биде уништена во првиот дел од големата неволја. Потоа, во „големиот и страшен Јеховин ден“, ќе бидат уништени политичките и трговските сојузници на религијата со кои таа вршела блуд (Јоил 2:31; Откровение 17:2).
БИДИ ПОДГОТВЕН
17, 18. а) Зошто Амос рекол дека ќе биде „тешко“ за оние што „копнеат по денот на Јехова“? б) Што ќе се случи со оние што нема да бидат подготвени за Јеховиниот ден?
17 Бидејќи пораките на осуда главно се однесуваат на лажната религија, некои христијани можеби си мислат дека исполнувањето на овие пророштва нема да влијае врз нив. Меѓутоа, она што Амос им го рекол на Израелците важи за сите: „Тешко на оние што копнеат по денот на Јехова!“ Некои Израелци во времето на Амос си мислеле дека Јеховиниот ден ќе им донесе само благослови и дека тоа ќе биде ден кога Бог ќе го избави својот народ. Дури и копнееле по тој ден! Но, Амос рекол и дека за себичните луѓе, Јеховиниот ден ќе значи „темнина, а не светлина“. Да, тие Израелци го почувствувале Јеховиниот гнев! (Амос 5:18).
18 Потоа Амос опишал што ќе се случи со оние што копнееле по Јеховиниот ден. Замисли си еден човек што бега од лав, но наидува на мечка. Успева да ѝ избега и на мечката и се сокрива во една куќа. Целиот забревтан, ја затвора вратата и се навалува на ѕидот, но тогаш го каснува змија. Слично ќе завршат и оние што не се вистински подготвени за Јеховиниот ден (Амос 5:19).
19. Како можеме да се подготвиме за Јеховиниот ден?
19 Сфаќаш ли колку многу може да ти помогне овој библиски запис? Не заборавај дека Амос им го кажал тоа на луѓе што му биле заветувани на Бог. Но, тие морале да променат некои свои постапки и ставови. Зарем не би било добро да си го преиспиташ животот за да видиш дали си подготвен за тој значаен ден или дали, можеби, треба да смениш некои работи? Како можеш вистински да се подготвиш? Очигледно не така што ќе си изградиш засолниште, ќе собереш резерви од основни прехранбени производи, ќе научиш како да добиеш чиста вода или ќе насобереш злато, како што прават некои луѓе што се подготвуваат за разни катастрофи. „Ни нивното сребро ни нивното злато не ќе може да ги избави во денот на Јеховиниот гнев“, вели Софонија. Значи, не можеме да се подготвиме со тоа што ќе трупаме материјални работи (Софонија 1:18; Изреки 11:4; Езекиел 7:19). Напротив, мораме да бидеме духовно будни и со начинот на живот да покажеме дека сме подготвени за тој ден. Мораме да имаме исправен став и да постапуваме во склад со него. Михеј рекол: „Јас ќе гледам кон Јехова. Готов сум да го чекам Богот на моето спасение“ (Михеј 7:7).
20. Кои фактори не треба да влијаат врз нашата спремност да чекаме?
20 Ако и ти стрпливо го чекаш Јехова, ќе покажеш дека си подготвен за Јеховиниот ден и дека будно го очекуваш. Нема да правиш пресметки околу датумот кога ќе дојде тој ден ниту колку долго веќе чекаш. Сите пророштва во врска со него ќе се исполнат во времето што Јехова го одредил за тоа и тој ден нема да задоцни. Јехова му рекол на Авакум: „Тоа видение ќе се исполни во времето што е одредено за него. Видението брза кон крајот и нема да излаже. Дури и да се забави [од човечка гледна точка], чекај го, зашто бездруго ќе се исполни. Нема да задоцни [од Јеховина гледна точка]“ (Авакум 2:3).
21. Како ќе ти користи она што ќе го проучуваш во оваа книга?
21 Од оваа книга ќе дознаеш како стрпливо да го чекаш Богот на спасението. Како ќе ти користи тоа што ќе го научиш од неа? Па, во неа ќе биде обработен еден дел од Библијата што можеби не ти е добро познат — таканаречените 12 Мали пророци. Сигурно ќе научиш некои интересни работи. На пример, во вториот дел, ќе разгледаме како да го ‚бараме Јехова‘ и како да живееме (Амос 5:4, 6). Можеби од овие 12 книги подобро ќе го запознаеш Јехова и ќе ти стане појасно колку е важно да му служиш, па дури и во поголема мера. Нема сомнение дека, со помош на овие пророци, подобро ќе разбереш каква личност е Бог. Од третиот дел, ќе ти стане појасно како очекува Јехова да постапуваш со членовите на твоето семејство и со другите луѓе. Тоа ќе ти помогне да бидеш подготвен за неговиот голем ден. И на крајот, во четвртиот дел, ќе бидат разгледани советите што ги дале пророците за тоа каков став треба да имаш додека се приближува Јеховиниот ден, а ќе научиш и како тие совети можат да влијаат врз твојата христијанска служба. Без сомнение, ќе бидеш воодушевен додека ги разгледуваш пораките на пророците во врска со тоа каква иднина можеш да имаш.
22. Како треба да реагираш на советите што се запишани во книгите на 12-те пророци?
22 Се сеќаваш ли на важните зборови на Софонија што беа цитирани во почетокот на ова поглавје? (Софонија 1:14). Неговата порака влијаела врз животот на младиот цар Јосија. Кога имал само 16 години, Јосија почнал да го бара Јехова. Кога наполнил 20, поттикнат од охрабрувањето што Софонија им го дал на жителите на Јуда и Ерусалим, почнал да ја чисти земјата од обожавањето на идоли (2. Летописи 34:1-8; Софонија 1:3-6). Дали предупредувањата во врска со Јеховиниот ден влијаат врз твојот живот како што влијаеле врз животот на Јосија? Сега, да разгледаме како можат 12-те пророци да му помогнат на секого од нас.
[Фусноти]
a И Исаија, кој живеел во времето на првата група од овие 12 пророци, и Езекиел, современик на втората група, објавувале предупредувања во врска со Јеховиниот ден (Исаија 13:6, 9; Езекиел 7:19; 13:5; види го 2. поглавје од оваа книга, пасуси 4-6).
b Потврда дека верните ќе бидат избавени можеш да најдеш и во Осија 6:1; Јоил 2:32; Авдија 17; Наум 1:15; Авакум 3:18, 19; Софонија 2:2, 3; Агеј 2:7; Захарија 12:8, 9 и Малахија 4:2.
c Некои од 12-те пророци не пророкувале само против еден народ, туку против повеќе народи.
ШТО НАУЧИ?
• За која важна тема зборуваат сите 12 пророци? (Јоил 1:15; Софонија 1:7, 14).
• Каков ќе биде Јеховиниот ден? (Јоил 2:30, 31; Захарија 14:12).
• Зошто Богот на љубовта ќе ги казни злобните кога ќе дојде неговиот ден? (Михеј 7:2-4; Евреите 12:1-3).
КОРИСНИ ПОУКИ
• Како може Јеховиниот ден да влијае врз тебе? (Дела 2:19, 20; 2. Петрово 3:13).
• Кога може да очекуваш да дојде Јеховиниот ден? (Матеј 24:21, 29).
• Како можеш да се подготвиш за Јеховиниот ден? (Амос 5:4, 6; Авакум 2:3).
[Прашања]
[Слика на страница 30]
„Близу е големиот ден на Јехова“ и доаѓа како некоја страшна бура
[Слика на страница 34]
Зошто можеме да бидеме охрабрени од начинот на кој реагирале жителите на Ниневија на пораката на Јона?
[Слика на страница 39]
На Педесетница 33 год. од н.е., Петар се осврнал на пророштвото на Јоил. Тоа се исполнува и во наше време
[Слика на страница 40]
Како Михеј, стрпливо чекај го Богот на спасението