,Барај го Јехова‘ служејќи му на исправен начин
Петто поглавје
,Барај го Јехова‘ служејќи му на исправен начин
1. Како си благословен со тоа што му припаѓаш на Божјиот народ?
КОЛКАВА чест е да го познаваш Богот кој ги исполнува своите пророштва! Имаш можност да го доживееш она за што пишувал пророкот Осија: „Со свршувачка ќе те врзам за себе во верност, и ќе ме познаваш мене, Јехова“. Осија напишал дека, откако Божјиот народ ќе се врати од ропството во Вавилон, ќе живее безбедно, во рајски услови. Слично, и Божјиот народ денес живее во духовна благосостојба и сигурност, како да е во рај (Осија 2:18-20). Како верен слуга на Јехова — Јеховин сведок — ти сега го носиш Божјето име и сигурно сакаш тоа и да остане така (Исаија 43:10, 12; Дела 15:14).
2, 3. а) Зошто Јехова го замразил начинот на кој му служел неговиот древен народ? б) Зошто треба да ги разгледаме пораките што ги објавувале пророците?
2 Древните Израелци биле народ заветуван на Јехова, кој им дал низа прописи какви што немал ниеден друг народ (5. Мојсеева 4:33-35). Но, кон крајот на 9 век пр.н.е., состојбата во Израел толку се променила што Бог го испратил пророкот Амос кај својот народ за да му каже: „Ги мразам и ги отфрлам вашите празници... Дури и да ми принесете цели жртви паленици, вашите жртвени дарови нема да ми бидат мили“ (Амос 5:21, 22). Иако Бог не му се обраќа со овие зборови на меѓународното христијанско собрание денес, можеш ли да си замислиш како би се чувствувал кога Бог така би ја оценил твојата служба? Можеме ли да научиме нешто од ова?
3 Во тоа време, Божјиот народ тврдел дека му служи на Јехова онака како што сака Тој. Меѓутоа, многумина им служеле на пагански богови како, на пример, на ханаанскиот бог Ваал и на леани телиња или, пак, принесувале жртви на обредни височинки. Ѝ се клањале на целата небесна војска, а во исто време му се заколнувале на Јехова. Затоа, вистинскиот Бог им праќал пророци да ги поттикнат повторно да почнат да му служат на исправен начин (2. Царевите 17:7-17; 21:3; Амос 5:26). Од ова јасно се гледа дека дури и крстените слуги на Бог треба да се преиспитаат на некои подрачја од животот за да видат дали нивните постапки или ставови покажуваат дека му служат на Јехова на исправен начин.
„ЗНАЕЊЕ ЗА БОГ“
4. Какви биле условите за време на владеењето на царот Јеровоам II?
4 Да се потсетиме на времето кога првиот од 12-те пророци пророкувал во името на Бог. Било претскажано дека за десетплеменското царство Израел ќе дојде Јеховиниот ден на гнев. Меѓутоа, изгледало дека во Израел има благосостојба и напредок. Токму како што прорекол Јона, царот Јеровоам II повторно ја поставил израелската граница од Дамаск на север, па сѐ до Мртвото Море (2. Царевите 14:24-27). Иако Јеровоам правел лоши работи, Јехова бил долготрпелив затоа што не сакал потполно да го истреби Израел. Бог им оставил време на Израелците да се покаат, да го ‚бараат Јехова и да живеат‘ (Амос 5:6).
5. Што немале Израелците, поради кое Јехова ги отфрлил?
5 Израелците можеле да го искористат тој период на благосостојба за подобро да го запознаат Јехова и да го прават она што тој го одобрува, и на тој начин да се вратат кај него. Наместо тоа, тие биле самоуверени и мислеле дека ‚неволјата нема да им се приближи и нема да ги стигне‘ (Амос 9:10). Може да се рече дека го заборавиле Јехова затоа што ‚се наситиле, и нивното срце се вообразило‘ (Осија 13:6). Да не мислиме дека ова е само далечно минато кое нема никаква врска со нас. Да видиме зошто Јехова повел парница против Израелците: „Поради тоа што ти го отфрли знаењето, јас ќе те отфрлам тебе за повеќе да не ми служиш како свештеник“. Тие му биле предадени на Јехова и биле опкружени со семејства кои му биле предадени на Јехова. Но, како поединци, немале „знаење за Бог“ (Осија 4:1, 6).
6. Во која смисла Израелците не го познавале Бог?
6 Проблемот не бил во тоа дека тие никогаш ги немале чуено Божјите заповеди, зашто родителите во Израел требало да ги поучуваат своите деца за нив. Повеќето Израелци најверојатно имале слушнато за некои библиски настани од своите родители, во разговорите со другите или на јавните собири (2. Мојсеева 20:4, 5; 5. Мојсеева 6:6-9; 31:11-13). На пример, имале чуено што се случило кога Арон направил златно теле додека Мојсеј бил на планината Синај на која му биле дадени Десетте заповеди (2. Мојсеева 31:18 — 32:9). Според тоа, Израелците што живееле во времето на пророците знаеле нешто за Законот и им биле познати некои историски настани. Сепак, нивното знаење било мртво, затоа што не дозволиле да ги поттикне да му служат на Бог онака како што тој сакал.
7. а) Зошто Израелците толку лесно станале непослушни? б) Како може еден христијанин да ‚почне да го заборава својот Творец‘?
7 Можеби ќе прашаш: ‚Како можеле Израелците толку лесно да станат непослушни?‘ Осија кажал како дошло до тоа: „Израел го заборави својот Творец“ (Осија 8:14). Обликот на глаголот „заборави“ во изворниот хебрејски текст укажува на почетокот на некое дејство и може да се преведе со „почна да го заборава“. Израелците не го заборавиле Јехова поради некој ненадеен напад на амнезија. Не, тие подолго време, постепено, губеле од вид колку е важно да му служат на начин што тој го одобрува. Што мислиш, може ли и на еден христијанин да му се случи вакво нешто? Размисли за следниов пример: Еден христијанин сериозно си ја сфаќа одговорноста да се грижи за своето семејство (1. Тимотеј 5:8). Затоа, нормално е својата работа да ја смета за важна. Но, можеби во животот ќе му се случи нешто непланирано и затоа ќе мисли дека мора да пропушти по некој состанок за да работи прекувремено. Со текот на времето, почнува сѐ полесно и почесто да пропушта состаноци. Малку по малку, ослабува неговото пријателство со Бог — ‚почнал да го заборава својот Творец‘. Нешто слично може да му се случи и на еден христијанин чии родители или роднини не се Сведоци. Мора да одлучи: Колку време ќе поминувам со нив, и кога? (2. Мојсеева 20:12; Матеј 10:37). Исто така, сите ние мораме да одлучиме колку време ќе посветиме на патувања, хоби или забава.
8. Во времето на Амос, што значело да имаш ‚чисти заби‘?
8 Ние ја проучуваме Божјата реч и го применуваме она што го учиме. Сепак, секој од нас треба да размисли за еден израз што е употребен во книгата на Амос: ‚чисти заби‘. Преку Амос, Бог го предупредил својот народ: „Јас ви дадов да ви останат забите чисти во сите ваши градови и да нема леб по сите ваши места“ (Амос 4:6). Забите им биле чисти не затоа што редовно ги миеле, туку затоа што немале што да јадат, затоа што гладувале. Освен тоа, овие зборови биле предупредување дека ќе има глад, „но не глад за леб, ниту жед за вода, туку за слушање на зборовите Јеховини“ (Амос 8:11).
9, 10. а) Како може да се случи еден христијанин духовно да гладува? б) Зошто мораме да бидеме свесни за опасноста од духовен глад?
9 Она што го опишал Амос се исполнува на христијанскиот свет, кој духовно гладува. За разлика од него, за Божјиот народ по целиот свет се отворени „небесните брани“. Тој е благословен со изобилство духовна храна (Малахија 3:10; Исаија 65:13, 14). Но, секој христијанин треба да се запраша: ‚До кој степен јас лично земам од оваа духовна храна?‘ Интересно, некои истражувачи кои вршеле испитувања врз животни, дошле до сознание дека животните кои имаат оштетен центар за глад го губат апетитот до тој степен што може да умрат од глад иако околу нив има многу храна! Може ли да се случи центарот за духовен глад на еден христијанин да биде толку оштетен што ќе почне да гладува иако околу него има изобилство духовна храна?
10 Имајќи ги на ум своите околности, размисли за следново: Јехова им дал изобилство духовна храна на Израелците. Го имале Законот, кој можел да им помогне да бидат поблиски со Бог; имале заповед да ги поучуваат своите деца за да всадат во нив знаење за Бог; и ги имале пророците, кои им помагале да ја разберат Божјата волја. Но, и покрај тоа, почнале да го забораваат Јехова. Библијата вели дека во времето на Осија, тие ‚се наситиле [во материјален поглед], и нивното срце се вообразило‘ (Осија 13:6; 5. Мојсеева 8:11; ). Ако не сакаме материјалните работи да ни станат поважни од пријателството со Бог, мораме секојдневно да бидеме свесни за таа опасност ( 31:20Софонија 2:3).
ОБРНИ ВНИМАНИЕ НА ОНА ШТО Е ПОВАЖНО
11, 12. а) Зошто, за време на владеењето на цар Озија, пророците морале да го поттикнат народот да му се врати на Јехова? б) Што нагласил Јоил?
11 Кога Јеровоам II владеел во Израел, во Јуда владеел Озија (наречен и Азарија). Озија ја зголемил својата територија и го проширил градот Ерусалим. Тој ‚станал многу моќен‘ затоа што ‚вистинскиот Бог му помагал‘. Озија ‚го правел она што е исправно во Јеховини очи‘ и ‚го барал Бог‘. Сепак, многу луѓе во Јуда продолжиле да горат приноси на обредните височинки (2. Летописи 26:4-9).
12 Од ова можеш да видиш дека, иако народот во Јуда и во Израел го носел Божјето име, честопати му служел на начин што тој не го одобрувал. Пророците се обидувале да им помогнат на луѓето да направат разлика помеѓу вистинската и лажната религија. „Вратете се кај мене со сето свое срце, со пост, со плачење и со тажење“, ги молел Бог преку Јоил (Јоил 2:12). Забележи дека Бог сакал неговиот народ да му се врати „со сето свое срце“. Да, проблемот бил во срцето (5. Мојсеева 6:5). Може да се каже дека тие го обожавале Јехова само формално, а не со сето срце. Преку пророците, Јехова постојано им нагласувал колку се важни добротата, правдата и кроткоста — особини што извираат од срцето (Матеј 23:23).
13. За што морале да размислат Евреите што се вратиле од изгнанството во Вавилон?
13 Сега, да разгледаме што се случило откако Евреите се вратиле во својата татковина. Светата служба за Бог била обновена во склад со Законот, но сепак не било сѐ како што треба. Евреите почнале да постат на годишнината на некои настани поврзани со уништувањето на Ерусалим. „Дали постевте за мене?“, прашал Јехова. Ерусалим бил уништен затоа што Јехова праведно го казнил, и тоа не требало да се оплакува. Наместо да размислуваат за минатото и да постат жалејќи по него, Евреите требало да се радуваат и да се веселат на празниците, бидејќи биле благословени затоа што му служеле на Бог на исправен начин (Захарија 7:3-7; 8:16, 19). Освен тоа, требало да обрнат внимание и на некои други работи. На кои? „Судете според вистинската правда и покажувајте си еден на друг добрина и милосрдие... не смислувајте зло во своето срце еден против друг“ (Захарија 7:9, 10). Сите ние можеме да научиме нешто од она што пророците му го кажувале на Божјиот народ во врска со службата за Бог со сето срце.
14. а) Што барал Бог од оние што се вратиле од изгнанство? б) Како пророците нагласиле што е поважно во службата за Бог?
14 Што значи да му се служи на Бог со сето срце? Па, што се барало од Божјиот народ и пред и по изгнанството? Знаеш дека морале да се држат за Божјите мерила во врска со моралот. Исто така, Законот налагал и да прават одредени работи, меѓу кои и да присуствуваат на собири на кои народот би слушал и би научил која е Божјата волја. Но, освен тоа, преку своите пророци Бог нагласувал колку е важно да се развиваат и да се покажуваат добрината, правдата, кроткоста, милосрдноста и скромноста. Забележи како Јехова го нагласил ова: „Мене ми е мила добрината, а не жртвата, и познавањето на Бог, а не целите паленици“. „Сејте си семе во праведност и жнејте милост“ (Осија 6:6; 10:12; 12:6). Михеј рекол: „Бара ли Јехова, твојот Бог, од тебе нешто друго, освен да постапуваш праведно, да ја сакаш добротата и скромно да одиш со него?“ (Михеј 6:6-8). А пророкот Софонија го поттикнал Божјиот народ: „Барајте го Јехова, сите кротки на земјата... Барајте ја праведноста, барајте ја кроткоста“ (Софонија ). Овие особини се многу важни ако сакаме да му служиме на Бог на исправен начин. 2:3
15. Во склад со она што го кажале пророците, какви особини треба да покажуваат христијаните во својата служба?
15 Каква улога имаат овие особини во нашата служба за Бог? Знаеш дека проповедањето на добрата вест за Царството е многу важно (Матеј 24:14; Дела 1:8). Но, добро е да се прашаш: ‚Дали на проповедањето гледам како на заморна задача, како на товар? Или, пак, како на можност да им помогнам на луѓето кои треба да ја чујат библиската порака која спасува животи? Дали сум милостив со нив?‘ Да, милоста и добротата треба да нѐ поттикнат да ги предупредуваме другите за Јеховиниот ден. И правдата и праведноста се многу важни за да им ја пренесеме таа порака на најразлични луѓе (1. Тимотеј 2:4).
16, 17. Зошто кроткоста и скромноста се многу важни за нашата служба за Бог?
16 Како друг пример, да ја разгледаме нашата обврска да присуствуваме на христијанските состаноци кои, како што знаеш, се многу важни (Евреите 10:24, 25). Си размислувал ли некогаш каква врска имаат состаноците со кроткоста и скромноста? Кротките луѓе се доволно понизни да прифатат поука и потоа да го применат она што го учат, извршувајќи го со тоа Јеховиниот закон. Скромниот човек ги признава своите ограничувања и затоа сфаќа дека му требаат охрабрувањето и знаењето што може да ги добие на состаноците.
17 Од овие примери можеме да видиме дека и ние имаме корист од она за што зборувале пророците. Но, што ако увидиш дека треба да смениш некои работи на едно или повеќе подрачја? Или, што ако си направил сериозни грешки, кои понекогаш те измачуваат? Во книгите на 12-те пророци можеш да најдеш утеха и помош.
ВРАТИ СЕ КАЈ ЈЕХОВА
18. а) За кого посебно е утешна пораката на 12-те пророци? б) Што чувствуваш за Јехова, кој го моли својот народ да му се врати?
18 Како што видовме, задачата на пророците, чии книги ги разгледуваме, не била само да го осудуваат и да го укоруваат народот. Тие го опишале Јехова како Бог кој го повикува да му се врати. Размисли за чувствата што стојат зад зборовите на Осија: „Дојдете, да му се вратиме на Јехова, зашто тој нѐ растргна, тој и ќе нѐ излекува. Тој нѐ удираше, тој и ќе ни ги преврзе раните... Тогаш ќе го запознаеме Јехова и ќе се трудиме да го запознаеме уште подобро“ (Осија 6:1-3). Точно е дека Јехова Бог ја извршил својата праведна осуда над Израел, а потоа и над Јуда. Меѓутоа, неговиот народ требало да сфати дека тие неволји ќе му помогнат духовно да закрепне (Евреите 12:7-13). Доколку тој тврдоглав народ му се врател на Јехова, Тој ќе ‚ги излекувал‘ и ‚ќе им ги преврзел раните‘. Замисли си како еден човек клечи и му ги преврзува раните на својот пријател. Сега, замисли си го Јехова во таа улога. Колку милосрден Бог е Јехова, кој им ги преврзува раните на оние што сакаат да му се вратат! Зарем тоа не нѐ поттикнува да му се вратиме ако сме згрешиле? (Јоил 2:13).
19. Што значи да го познаваш Јехова?
19 Што значи некој да му се врати на Бог? Осија нѐ потсетува дека не е доволно само да го „запознаеме“ Бог, туку и да „се трудиме да го запознаеме уште подобро“. Една современа енциклопедија вака ги коментира зборовите од Осија 6:3: „Има голема разлика помеѓу тоа да знаеш нешто за Бог и да го познаваш. Таа разлика е исто толку голема како и разликата помеѓу тоа да прочиташ нешто за љубовта и да си вљубен“. Не е доволно само површно да го познаваме Јехова. Тој мора да ни биде реален, да ни биде доверлив Пријател кому можеме слободно да му се обратиме во секое време (Еремија 3:4). Ако имаме таков однос со Бог, ќе знаеме како се чувствува кога ќе направиме нешто, а тоа многу ќе ни помогне да му служиме на начин што нему му се допаѓа.
20, 21. Како царот Јосија живеел во склад со знаењето за Бог?
20 Царот Јосија е добар пример за тоа како треба да му служиме на вистинскиот Бог. Да разгледаме нешто од неговиот живот. Кога Јосија станал цар, нацијата веќе била пропадната поради идолопоклонството, насилството и измамата кои зеле замав за време на владеењето на Манасија и Амон (2. Царевите 21:1-6, 19-21). Опомената на Софонија ,да го бара Јехова‘ сигурно позитивно влијаела врз Јосија, зашто ‚почнал да го бара Богот на Давид‘. Јосија почнал да го чисти идолопоклонството од Јуда, па дури и од подрачјата што порано му припаѓале на северното царство (Софонија 1:1, 14-18; 2:1-3; 3:1-4; 2. Летописи 34:3-7).
21 Откако завршил со чистењето, Јосија продолжил да го бара Јехова. Наредил да се поправи храмот. За време на поправките, ‚ја пронашле книгата на Јеховиниот закон, добиена преку Мојсеј‘. Веројатно се работело за оригиналните списи. Како реагирал Јосија кога му ја прочитале таа книга? „Кога ги чу зборовите на законот, царот си ја раскина облеката.“ Јосија ‚си го раскинал и срцето‘, и веднаш почнал да го применува она што го чул. Не се оправдувал, велејќи дека веќе направил многу. И каков бил резултатот од реформите што ги спровел? „За сето време додека тој беше жив, [Израеловите синови] не отстапија од Јехова, Богот на своите прататковци“ (2. Летописи 34:8, 14, 19, 21, 30-33; Јоил 2:13).
22. Како ни помага примерот на Јосија?
22 Добро е да се прашаш: ‚Како ќе постапев јас?‘ Дали и ти, како Јосија, ќе ги послушаше зборовите на пророците и ќе сменеше нешто во постапките и размислувањето? Ние не живееме во времето на Софонија и Јосија, но јасно е дека и за нас денес важат Божјите пораки и совети. Затоа, ако еден христијанин длабоко во себе чувствува дека мора да смени нешто во својот начин на живот или во својата служба за Бог, книгите на 12-те пророци ќе го поттикнат да го направи тоа (Евреите 2:1).
23. Што можеш да направиш ако си свесен дека мораш да подобриш нешто кај себе?
23 Можеби понекогаш се чувствуваш како Јона кој, кога бил во стомакот на големата риба, рекол: „Протеран сум од пред твоите очи! Како ќе го гледам повторно твојот свет храм?“ (Јона 2:4). Сепак, за нас, несовршени луѓе склони да грешиме, големо охрабрување се зборовите на Јехова: „Вратете се кај мене, и јас ќе се вратам кај вас“ (Малахија 3:7). Ако си свесен дека треба да си го зајакнеш односот со Јехова, на старешините во твоето собрание ќе им биде мило да ти помогнат. Тоа е како да возиш автомобил — прво тргнуваш со помала брзина, но штом еднаш ќе тргнеш, сѐ полесно се движиш. Биди уверен дека Јехова срдечно ќе те дочека и ќе ти помогне, зашто тој е „милостив и милосрден, бавен на гнев и полн со милост“ (Јоил 2:12-14). Советите на пророците се големо охрабрување за сите што сакаат да му служат на Бог на исправен начин.
ЗА ПОВТОРУВАЊЕ
• Во склад со она што го кажале 12-те пророци, што требало да направи Божјиот народ? (Софонија 2:3).
• Како древниот Израел го заборавил Бог? (Осија 8:14).
• Зошто христијаните треба да внимаваат дури и кога имаат изобилство духовна храна? (Амос 4:6; 8:11).
ШТО МИСЛИШ?
• Што значи со сето срце да му служиш на Јехова на исправен начин? (Осија 6:6; Михеј 6:8).
• Ако понекогаш си свесен дека си се оддалечил од Јехова, како можеш да му се вратиш? (Осија 6:1-3).
• Како да го следиме примерот на царот Јосија додека го бараме Јехова? (2. Летописи 34:19-21; Јоил 2:13).
[Прашања]
[Слика на страница 57]
Амос
[Слика на страница 58]
Како може некој да почне да го заборава Јехова?
[Слика на страница 60]
Може ли да се случи еден христијанин да гладува кога околу него има изобилство духовна храна?
[Слика на страница 64]
Се трудиш ли да им ја пренесеш добрата вест на најразлични луѓе?
[Слики на страница 66]
Јосија не си барал изговори кога требало да ја исчисти земјата од идоли
[Слика на страница 67]
Ќе ги направиш ли сите потребни промени за да живееш во склад со библиските мерила?
[Слика на страница 68]
Некои треба ,да го бараат Јехова‘ така што ќе му се вратат