Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Објавете го ова меѓу народите“

„Објавете го ова меѓу народите“

Тринаесетто поглавје

„Објавете го ова меѓу народите“

1. Зошто начинот на кој Јехова му зборувал на својот пророк може да се спореди со рик на лав?

 ДАЛИ некогаш си чул лав што рика? Се вели дека неговиот рик може да се чуе на оддалеченост до осум километри. Што би направил кога во тишината на ноќта, близу тебе, би чул таков рик? Веројатно веднаш ќе преземеш нешто. Амос, еден од 12-те пророци чии книги ги разгледуваме, ја кажал следнава споредба: „Лавот рика! Кој нема да се плаши? Севишниот Господар Јехова зборува! Кој нема да пророкува?“ (Амос 3:3-8). Кога лично би го чул Јехова како зборува, зарем не би реагирал и ти како Амос? Тој веднаш послушал и почнал да пророкува против десетплеменското царство Израел.

2. а) Како можеме да се угледаме на Амос, кој имал задача да пророкува? б) Што ќе разгледаме во ова поглавје?

2 Може ќе речеш: ‚Ама јас не сум пророк!‘ Можеби сметаш дека не си способен за таа задача затоа што не си обучен за неа. Но, сети се на Амос. Кога се нашол пред свештеникот Амазија, кој обожавал теле, Амос рекол: „Јас не бев ниту пророк ниту син на пророк. Бев овчар и ги засечував плодовите на дивите смокви“ (Амос 7:14). Иако имал скромно потекло, Амос бил спремен да ја изврши својата задача како пророк на Јехова. Како е со тебе? Свесен ли си дека задачата што ти е дадена има многу сличности со задачата што ја имале 12-те пророци? Треба да ја објавуваш Божјата порака за денешново време, како и да ги поучуваш луѓето и да правиш ученици од нив. Како гледаш на оваа сериозна задача? Која порака треба да ја објавуваш меѓу народите? Колку темелно ја извршуваш својата задача? По што се мери дали си успешен во тоа? Да ги разгледаме сега одговорите на овие прашања.

„ПЛОД ОД УСНИТЕ СВОИ“

3. Како можеш да извршуваш задача слична на онаа што ја извршувале пророците чии книги ги проучуваме?

3 Дали твојата задача е навистина слична на задачата на 12-те пророци? Ти веројатно не си чул рик на лав во таа смисла што не си бил вдахновен директно од Јехова. Но, си ја чул важната порака за претстојниот ден на Јехова, која е запишана во неговата Реч, Библијата. Како што беше кажано во 1. поглавје од оваа книга, зборовите „пророк“ и „пророчки“ имаат повеќе значења. Иако не можеш да бидеш пророк каков што бил Амос или другите пророци од минатото, ти сепак можеш да зборуваш за иднината. Како? Па, можеш да ги објавуваш пророчките пораки што си ги дознал проучувајќи го Светото писмо, меѓу кои се и пораките на 12-те пророци. Сега е време за тоа.

4. Во која смисла денес се исполнува пророштвото од Јоил 2:28-32?

4 Да го разгледаме ова од еден друг агол. Јехова Бог му кажал на пророкот Јоил дека ќе дојде време кога најразлични луѓе ќе пророкуваат во поширока смисла на зборот: „Потоа ќе излеам од својот дух на најразлични луѓе, и вашите синови и ќерки ќе пророкуваат, вашите старци ќе сонуваат соништа, а вашите младичи ќе гледаат виденија“ (Јоил 2:28-32). На Педесетница 33 год. од н.е., апостол Петар ги кажал овие стихови кога бил излеан светиот дух врз оние што биле собрани во една горна соба во Ерусалим, кои потоа почнале да проповедаат за „величествените Божји дела“ (Дела 1:12-14; 2:1-4, 11, 14-21). Сега размисли за нашево време. Главното исполнување на пророштвото на Јоил се одвива од почетокот на 20 век. Христијаните кои се помазани со дух — мажи и жени, стари и млади — почнале да „пророкуваат“, односно да ги објавуваат „величествените Божји дела“, меѓу кои е и добрата вест за Царството кое сега е воспоставено на небото.

5. а) Каква чест имаме сите? б) Што значи да принесуваш „јунци од своите усни“ и зошто е тоа чест?

5 Иако припадниците на ‚големото мноштво‘, кое го сочинуваат ‚другите овци‘, не се родени со светиот дух како Божји синови, тие им велат на помазаните следбеници на Исус Христос: „Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас“ (Откровение 7:9; Јован 10:16; Захарија 8:23). Без разлика дали имаш надеж за вечен живот на небото или на Земјата, ти имаш чест да принесуваш „плод од усните свои“, или според буквалниот превод на хебрејскиот текст, „јунци од усните свои“ (Осија 14:2, фуснота). Што значи овој хебрејски израз кој е употребен во пророштвото на Осија? К. Ф. Кајл, изучувач на Библијата, вели: „Јунците... биле најдобрите животни што можеле да се принесат како жртва на благодарност“. Апостол Павле се осврнал на Осија 14:2 кога напишал: „Секогаш [да] му принесуваме на Бог жртва на фалба, односно плод на усните кои го објавуваат неговото име“ (Евреите 13:15). Да, хебрејскиот израз „јунци од усните свои“ се однесува на најдоброто што можеме да го дадеме од своите усни — зборови со кои го фалиме Јехова.

6. Зошто треба да го испитаме квалитетот на нашите жртви на фалба?

6 Му принесуваме на Јехова жртви на фалба кога од срце му се молиме, кога со ценење коментираме за него на христијанските состаноци и кога ревносно им проповедаме на луѓето за него. Но, добро е секој од нас да се запраша: ‚Со каков квалитет се жртвите што му ги принесувам на Јехова?‘ Од досегашното проучување дозна дека свештениците во времето на Малахија бесрамно носеле на Божјиот жртвеник животни со маана, и сигурно чувствуваш одбивност кон нив. Но, тие не сметале дека со тоа покажуваат презир кон Јеховината трпеза, па затоа, преку Малахија, Јехова морал јасно да им каже дека нивните жртви се со слаб квалитет (Малахија 1:8). Со оглед на ова, добро е и ние да го испитаме квалитетот на нашите жртви за да бидеме сигурни дека немаат никаква маана и дека го даваме најдоброто од себе.

ПОРАКАТА ШТО ТРЕБА ДА ЈА ОБЈАВУВАМЕ

7. За која страна од пораката што ја пренесуваме ни е потребна храброст?

7 За да принесуваме „плод од усните свои“ во службата, потребна ни е храброст, зар не? Причината за тоа е што пораката што им ја објавуваме на луѓето има две страни, а едната не им е баш омилена на луѓето. Пророкот Јоил му рекол на Божјиот народ: „Објавете го ова меѓу народите: ‚Подгответе се за војна! Подигнете ги јунаците! Нека пристапат! Нека дојдат сите војници!‘“ (Јоил 3:9). Бидејќи ова се однесува на нашето време, народите се наоѓаат во една навистина незавидна ситуација! Со овие зборови Бог им објавува праведна војна на оние што му се противат. И додека на својот народ Јехова му вели да ‚ги прекова своите мечеви во плугови и своите копја во српови‘, на непријателските народи им го вели обратното — да ‚ги прековаат своите плугови во мечеви и своите српови во копја‘ (Михеј 4:3; Јоил 3:10). Да, Божјите непријатели мораат да се подготват за војна со Творецот на вселената. Оваа порака ни малку не им е утешна на луѓето.

8. Зошто „остатокот од Јаков“ е спореден со лав?

8 Во пораката што ја објавувал пророкот Михеј, оние што принесуваат „плод од усните свои“ се споредени со лав. Тој напишал: „Остатокот од Јаков ќе биде меѓу народите... како лав меѓу шумските ѕверови, како млад лав меѓу стадо овци, кој кога проаѓа ги гази и ги раскинува на парчиња, а нема кој да ги избави“ (Михеј 5:8). Зошто оваа споредба е соодветна? Па, денес Божјиот народ, предводен од помазаниот остаток, мора да биде храбар како лав додека ги предупредува народите. a

9. а) Кога треба да бидеш храбар како лав? б) Како можеш да бидеш храбар кога ќе наидеш на противење или на рамнодушност?

9 Дали си храбар како лав додека го објавуваш предупредувањето што е содржано во нашата порака? Таква храброст можеби ќе ти биде потребна не само кога стоиш пред луѓе што се на власт, туку и кога разговараш со другите на училиште или на работа или со своите роднини кои немаат исти верувања како твоите (Михеј 7:5-7; Матеј 10:17-21). Како можеш да собереш храброст да проповедаш кога наидуваш на противење или на рамнодушност? Види што му помогнало на Михеј да ја заврши својата тешка задача да ги предупреди Самарија и Ерусалим дека наскоро ќе бидат уништени: „Јас сум полн со сила од Јеховиниот дух, полн сум со правда и моќ за да му го кажам на Јаков неговиот престап и на Израел неговиот грев“ (Михеј 1:1, 6; 3:8). И ти можеш да бидеш „полн со сила“ затоа што и ти можеш во голема мера да го добиеш Божјиот дух, кој ќе ти помогне да ја извршиш својата задача (Захарија 4:6). Ако го молиш Бог да те води, ќе можеш да ги објавуваш зборовите од кои „ќе се вчудовиди“ секој што ќе ги чуе (2. Царевите 21:10-15).

10. Како можеме да го следиме примерот на Софонија кога го објавуваме доаѓањето на „Јеховиниот ден“?

10 Треба да бидеш храбар кога им ги пренесуваш на луѓето библиските предупредувања, но треба да бидеш и тактичен. Мораме да бидеме ‚благи [односно ‚тактични‘] кон сите‘, дури и кога им кажуваме дека „Јеховиниот ден“ е близу (2. Тимотеј 2:24, фуснота; Јоил 2:1, 11; Софонија 1:14). И во врска со ова можеме да научиме нешто од 12-те пророци. Тие смело ги објавувале осудите од Јехова, но биле и обѕирни кон оние што биле спремни да послушаат. На пример, пророкот Софонија отворено ги осудил бесчувствителните кнезови (или благородници) во негово време, но не и верниот цар Јосија (Софонија 1:8). Кога го разгласуваме предупредувањето, можеме ли да им помогнеме на луѓето со тоа што ќе гледаме на нив како на потенцијални овци наместо однапред да ги осудиме? (Матеј 25:32-34).

11. а) Која е втората страна на пораката што ја пренесуваме? б) Како можеме да го следиме примерот на 12-те пророци кога го најавуваме доаѓањето на Јеховиниот ден?

11 Која е другата страна на пораката што ја објавуваме? Таа е нагласена во 5. поглавје од книгата на Михеј. „Остатокот од Јаков ќе биде среде многуте народи како роса од Јехова, како обилен дожд врз растенијата, кој не зависи од човекот и не ги чека синовите човечки“ (Михеј 4:1; 5:7). Поради добрата вест што им ја пренесуваат на „многуте народи“, „остатокот“ од духовниот Јаков, или Израел, и неговите придружници денес се како освежителна „роса од Јехова“ и како „обилен дожд врз растенијата“. Бидејќи пророците што ги запишале тие книги не најавувале само уништување туку и обнова, од последните 12 книги во Хебрејските списи можеме да научиме многу за оваа втора страна на нашата порака. Дали и ти, додека проповедаш, ставаш акцент на позитивната страна на пораката за Јеховиниот ден?

КАКО ЈА ОБЈАВУВАШ ПОРАКАТА?

12, 13. а) Што значи тоа што Божјиот народ е спореден со роеви инсекти? б) Како влијаат врз тебе зборовите од Јоил 2:7, 8?

12 Значи, како ја објавуваш оваа порака со две различни страни? Пророкот Јоил ја споредил службата на Божјиот народ со низа неволји предизвикани од инсекти, меѓу кои и скакулци (Јоил 1:4). Но, зошто Јеховиниот народ е спореден баш со роеви инсекти? Затоа што, како што стои во Јоил 2:11, Бог ги нарекува овие инсекти ‚своја војска‘. (И во книгата Откровение Божјиот народ е претставен со скакулци. Види Откровение 9:3, 4.) Јоил ја споредува наездата на инсектите со оган што голта сѐ пред себе, па земјата, која изгледала како „градината Еден“, по нивната наезда останала како „гола пустелија“ (Јоил 2:2, 3). Како ќе покажеш дека го разбираш значењето на ова пророштво на Јоил?

13 Размисли колку се темелни овие мали суштества. Јоил вака ги опишува: „Трчаат како јунаци. Се качуваат на ѕид како војници, и секој оди по својот пат и не скршнува од својата патека. Не се туркаат еден со друг. Како силен човек на својата патека, тие продолжуваат напред. Па дури и некои да паднат меѓу стрелите, другите не се откажуваат“ (Јоил 2:7, 8). Никаков „ѕид“ не може да ги запре ниту да ја спречи неволјата што ја предизвикуваат. „Дури и некои да паднат меѓу стрелите“, како што се случило со верните христијани кои биле погубени од непријателите, други продолжуваат со својата служба за да ја завршат задачата што им ја дал Јехова. Дали си спремен истрајно да го објавуваш доаѓањето на Јеховиниот ден сѐ додека Јехова не одлучи дека задачата е завршена? Можеби дури и го продолжуваш делото на некој верен христијанин кој умрел.

14. Што можеш да направиш за да проповедаш темелно?

14 Од ова пророштво учиме дека е многу важно да бидеме темелни. Што можеш ти да направиш за да проповедаш темелно, како што е опишано во пророштвото на Јоил? Па, проповедај од куќа до куќа и потоа повторно наврати за да ги поучуваш оние што покажале интерес. Освен тоа, повторно побарај ги оние што не си ги нашол дома. Така ќе покажеш дека ја разбираш смислата на ова пророштво. А кога сведочиш на улица, можеби ќе наидеш на луѓе кои инаку не би ги нашол. Можеш да искористиш и уште една можност: Да им помогнеш на луѓето во твоето место кои се доселиле од други земји. b Ги користиш ли сите овие можности за да бидеш темелен во проповедањето?

ПО ШТО СЕ МЕРИ ТВОЈОТ УСПЕХ?

15. Како реагирале луѓето на пораките на 12-те пророци?

15 Како реагираат луѓето на пораката за страшниот Јеховин ден? Не треба да те чуди ако наидеш на противење или на рамнодушност. На слична реакција наишле и многу Божји пророци, од кои повеќето пренесувале сериозни предупредувања (Еремија 1:17-19; 7:27; 29:19). Но, и покрај тоа, многу од нив имале одлични резултати! Барем петмина од нив — Јона, Михеј, Софонија, Агеј и Захарија — успеале да поттикнат некои луѓе да се покаат за грешките што ги направиле и да се променат.

16. Какви биле резултатите од трудот на пророкот Михеј?

16 Пророкувањето на Софонија очигледно го поттикнало царот Јосија да почне да ја обновува светата служба за вистинскиот Бог. Михеј смело ја објавувал осудата против главатарите на Јуда, а царот Езекија ги послушал зборовите на Михеј (Михеј 3:1-3). Интересно, некои старешини во времето на Еремија го навеле Езекија како добар пример кога рекле дека царот ‚се плашел од Јехова и настојувал да му го смилостиви лицето на Јехова‘ (Еремија 26:18, 19; 2. Царевите 18:1-4). Предводени од Езекија, Јудејците и некои од северното царство биле спремни да ги прослават Пасхата и Празникот на бесквасните лебови. Дури и го продолжиле славењето уште една седмица. Каков бил резултатот од тоа што повторно почнале да му служат на Бог на исправен начин? „Во Ерусалим владееше голема веселба“ (2. Летописи 30:23-26). Михеј почнал да му ја објавува Божјата осуда на отпадничкиот народ во времето на царот Ахаз. Но, пророкот сепак видел добри резултати од својот труд кога Езекија, синот на Ахаз, обрнал внимание на неговите предупредувања.

17. Што постигнале Агеј и Захарија?

17 Да видиме што постигнале и пророците Агеј и Захарија. Тие служеле како пророци меѓу Евреите што се вратиле во својата татковина, но кои подоцна станале рамнодушни и почнале да си гледаат само за себе (Агеј 1:1, 2; Захарија 1:1-3). Кога двајцата пророци ја започнале својата служба, веќе имало поминато 16 години откако биле поставени темелите на храмот. Меѓутоа, луѓето си ‚трчале само за својата куќа‘ додека Јеховиниот дом бил „пуст“. Агеј им рекол на Евреите: „,Биди силен, народе‘, вели Јехова, ‚и фати се за работа!‘“ Што се случило потоа? Јехова им ‚го побудил срцето‘ на управителот Зоровавел, на првосвештеникот Исус и „на сите останати од народот“, па така успеале да го довршат храмот (Агеј 1:9, 12, 14; 2:4).

18, 19. а) Како луѓето во некои земји реагираат на пораката за доаѓањето на Јеховиниот ден? б) Што би можел да направиш ти за да им се објавува таа порака на сите народи?

18 Повеќето од 12-те пророци му објавувале пораки на народ што веќе му бил заветуван на Јехова. Иако ние им проповедаме на луѓе кои можеби никогаш не го запознале вистинскиот Бог, сепак можеме многу да научиме од она што го постигнале пророците. И денес, на многу места, луѓето реагираат на важната порака дека доаѓа Јеховиниот ден. Резултатите од тоа се слични на оние што ги прорекол Захарија: „Многу народи во тој ден ќе појдат по мене и ќе бидат мој народ, а јас, Јехова, ќе живеам среде тебе“ (Захарија 2:11). Денес, Божјиот народ наоѓа заинтересирани луѓе буквално од „многу народи“ (Откровение 7:9). Захарија прорекол: „Ќе доаѓаат во Ерусалим многу племиња и моќни народи за да го бараат Јехова над војските и за да го смилостиват лицето Јеховино“. Ги опишал како „десет луѓе од сите јазици што ги зборуваат народите“ кои ќе фатат за скут еден духовен Израелец велејќи: „Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас“ (Захарија 8:20-23).

19 Обрни внимание на изразот „сите јазици што ги зборуваат народите“. Библијата и библиската литература се преведуваат на многу јазици, а Јеховините сведоци обучуваат проповедници за да ги поучуваат луѓето од „сите јазици што ги зборуваат народите“ (Матеј 28:19, 20; Дела 1:8). Можеби си научил некој друг јазик за да им помогнеш на луѓето во твоето место кои зборуваат на тој јазик. Многу наши браќа биле спремни да научат еден или повеќе нови јазици и да се преселат во земји каде што многу луѓе ја прифаќаат добрата вест. Би можел ли и ти да се преселиш на такво подрачје и ‚да ја објавуваш таа порака меѓу народите‘? Размисли за ова во молитва. Ако имаш семејство, редовно разговарај за таа можност со членовите на семејството и поттикнувај ги своите деца да си постават таква цел.

20. Каков став имал Јехова кон ниневијците?

20 Еден друг пророк кој им пророкувал на луѓе за кои човек не би ни помислил дека ќе го послушаат, бил Јона. Сепак, жителите на Ниневија, па дури и самиот цар, ја послушале пораката на Јона и поверувале во Јехова. Бог рекол: „[Зарем] мене да не ми биде жал за Ниневија, голем град, во кој има повеќе од сто и дваесет илјади луѓе, кои не знаат што е десно, а што лево?“ (Јона 4:11). Имај ги на ум овие зборови додека се преиспитуваш што те мотивира тебе да им објавуваш на луѓето дека доаѓа страшниот Јеховин ден. Дали си му благодарен на Јехова за тоа што те спасил со помош на откупнината? Како заветуван слуга на Јехова, чувствуваш ли должност да проповедаш? (1. Коринќаните 9:16, 17). Ова се добри причини за да го објавуваме доаѓањето на Јеховиниот ден. Освен тоа, дали ‚ти е жал‘ за луѓето на кои им го објавуваш Јеховиниот ден? Ќе бидеш вистински среќен ако милоста, слична на Божјата, те поттикнува да им зборуваш на луѓето за тој ден!

21. Што можеме да научиме од тоа како постапил Амос и покрај заканите на Амазија?

21 Не знаеме многу за тоа на каква реакција наишле Јоил, Авдија, Наум, Авакум и Малахија. Сепак, знаеме барем за една реакција на која наишол Амос. Амазија остро му се противел на Амос, го обвинил дека спрема заговор против царот и се обидел да му забрани да проповеда во Ветил (Амос 7:10-13). Но, Амос храбро се соочил со противењето. И денес припадниците на некои религии се обидуваат да влијаат врз политичките водачи и да ги подбуцнат да го прогонуваат Јеховиниот народ, па дури и да го забранат проповедањето кое им носи само добро на луѓето. Ќе го следиш ли примерот на Амос со тоа што храбро ќе ја објавуваш добрата вест и покрај противењето?

22. Зошто може да се каже дека проповедањето на твоето подрачје е успешно?

22 Иако 12-те пророци наишле на различни реакции кај луѓето, сепак сите тие си ја завршиле својата задача. Да имаме на ум дека не е најважно дали луѓето ќе ја прифатат пораката што ја носиме, туку дали му принесуваме на Јехова „плод од усните свои“, односно нашата најдобра „жртва на фалба“ (Осија 14:2; Евреите 13:15). А резултатите да му ги оставиме на Бог. Тој ќе ги привлече кон себе луѓето што имаат особини како овци (Јован 6:44). Освен тоа, реакцијата на луѓето не е мерило за тоа дали успешно ја објавуваш Божјата порака или не. Биди сигурен дека, во очите на оние што со благодарност ја прифаќаат добрата вест, „нозете на оној што носи добра вест, на оној што објавува мир“ се навистина убави. Но, што е најважно од сѐ, тие се убави и во очите на Јехова (Наум 1:15; Исаија 52:7). Сега, кога Јеховиниот ден е толку близу, биди решен да продолжиш да го правиш она што го прорекол Јоил за нашево време: „Објавете го ова меѓу народите: ‚Подгответе се за војна! Подигнете ги јунаците!‘“ Ова се однесува на Божјата војна против народите (Јоил 3:9).

[Фусноти]

a Ова пророштво можеби првпат се исполнило во макавејскиот период, кога Евреите, предводени од Макавејците, ги истерале своите непријатели од Јуда и повторно го посветиле храмот. Тоа му овозможило на остатокот од Евреите да го дочека Месијата кога тој се појавил (Даниел 9:25; Лука 3:15-22).

b За да им проповедаш на луѓето во твоето место кои зборуваат некој друг јазик, од голема помош ќе ти биде брошурката Добра вест за луѓето од сите народи, издадена од Јеховините сведоци.

ЈА РАЗБРА ЛИ СМИСЛАТА?

• Како можеш денес да принесуваш „плод од усните свои“? (2. Царевите 20:3; Малахија 1:11).

• Кои две страни на Божјата порака ги објавуваме? (Исаија 61:2; Михеј 5:7, 8).

• Зошто треба да бидеш храбар како лав додека го објавуваш доаѓањето на Јеховиниот ден? (Еремија 1:19; Јоил 3:9-12).

КАКО ЌЕ ОДГОВОРИШ?

• Што учиме од тоа што Божјиот народ е спореден со рој инсекти? (Јоил 1:4; 2:3; Дела 20:24).

• Како ќе покажеш дека си свесен колку е важно темелно да проповедаш? (Амос 7:14, 15; Михеј 1:1-4; Дела 10:42).

• Зошто можеш да бидеш сигурен дека, во Божји очи, успешно го објавуваш доаѓањето на Јеховиниот ден? (Малахија 3:10).

[Прашања]

[Слика на страница 165]

Што ќе направиш ако чуеш лав што рика?

[Слика на страници 166 и 167]

Божјиот народ „пророкува“ од почетокот на 20 век, па сѐ до денес

[Слика на страница 169]

Дали смело го објавуваш доаѓањето на Јеховиниот ден?

[Слики на страници 172 и 173]

Можеш успешно да проповедаш, без разлика како реагираат луѓето