Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зачудувачкиот дизајн на живите суштества

Зачудувачкиот дизајн на живите суштества

Поглавје 11

Зачудувачкиот дизајн на живите суштества

1, 2. а) Што покажува дека научниците ја признаваат потребата од дизајнер? б) Сепак, како потоа си противречат?

 КОГА антрополозите копаат во Земјата и наоѓаат триаголно парче остар кремен, заклучуваат дека тоа мора некој да го дизајнирал за да биде врв на стрела. Таквите работи кои се дизајнирани за некоја цел, се сложуваат научниците, не би можеле да бидат продукти на случајноста.

2 Меѓутоа, кога се работи за живите суштества, честопати се напушта истата логика. Не се смета дека е неопходен дизајнер. Но, наједноставниот едноклеточен организам, или само ДНК од неговиот генетски код, е далеку посложен отколку едно обликувано парче кремен. Сепак, еволуционистите инсистираат на тоа дека тие немаат дизајнер, туку дека биле обликувани преку една серија случајни настани.

3. Која потреба ја признал Дарвин и како се обидел да ја задоволи?

3 Меѓутоа, Дарвин ја признал потребата од некоја дизајнерска сила и таа работа ѝ ја припишал на природната селекција. „Природната селекција“, рекол тој, „секој ден и секој час, ширум светот, ги испитува најмалите варијации; ги отфрла оние кои се лоши, а ги сочувува и ги собира сите оние кои се добри.“1 Меѓутоа, тоа гледиште сега ја губи популарноста.

4. Како се менуваат гледиштата за природната селекција?

4 Стивен Гулд известува дека многу современи еволуционисти сега велат дека суштинската промена „можеби не е подложна на природна селекција и случајно може да се прошири низ населението“.2 Гордон Тејлор се сложува со тоа: „Природната селекција објаснува еден мал дел од она што се случува: грото останува необјаснето“.3 Геологот Дејвид Рауп вели: „Една моментално важна алтернатива за природната селекција е во врска со ефектите од чистата случајност“.4 Но, дали „чистата случајност“ е дизајнер? Дали таа е способна да ги произведе сложеностите кои ја претставуваат структурата на животот?

5. Кое признание го дава еден еволуционист за дизајнот и за неговиот основач?

5 Еволуционистот Ричард Левонтин признал дека организмите „изгледаат како да биле внимателно и вешто дизајнирани“, така што некои научници на нив гледале како на „главен доказ за Врховен Дизајнер“.5 Ќе биде корисно да разгледаме дел од тој доказ.

Мали работи

6. Дали едноклеточните организми навистина се едноставни?

6 Да започнеме со најмалите живи суштества: едноклеточните организми. Еден биолог рекол дека едноклеточните животни можат да „фаќаат храна, да ја варат, да ги исфрлаат отпадните материи, да се движат наоколу, да градат куќи, да имаат полова активност“ и тоа „без ткива, органи, срца и умови — навистина тие имаат сѐ што имаме и ние“.6

7. Како и со која цел диатомите прават стакло, и колку се важни за животот во морињата?

7 Диатомите, едноклеточни организми, земаат силициум и кислород од морската вода и прават стакло со кое градат ситни „кутивчиња“ во кои го складираат својот зелен хлорофил. Еден научник ги велича како заради нивната важност така и заради нивната убавина: „Тие зелени ливчиња заградени во кутии за скапоцени камења се пасишта за девет десетини од храната на сѐ што живее во морињата“. Еден голем дел од нивната хранлива вредност лежи во маслото кое го прават диатомите, што исто така им помага брзо да се движат горе-долу близу до површината каде што нивниот хлорофил може да се грее на сончевата светлина.

8. Со какви сложени облици се покриваат диатомите?

8 Нивните убави покривки од стаклени кутии, ни вели истиот тој научник, се појавуваат во една „збунувачка разноликост од облици — кругови, квадрати, штитови, триаголници, елипси, правоаголници — секогаш прекрасно украсени со геометриски клишеа. Тие се прецизно изработени во чисто стакло со таква фина вештина што влакното од човечката коса би морало да се пресече по должина на четиристотини резанки за да се смести меѓу тие знаци“.7

9. Колку се сложени некои од куќите кои ги градат радиолариите?

9 Една група животни кои живеат во океаните, наречени радиоларии, прават стакло и со него градат „стаклени сонца, со долги тенки проѕирни класови кои зрачат од една централна кристална топка“. Или „се вградуваат стаклени потпорници во шестоаголници и се употребуваат за правење едноставни геодетски куполи“. За извесен микроскопски градител е речено: „Овој суперархитект нема да биде задоволен само со една геодетска купола; тоа мора да бидат три како тантели украсени стаклени куполи, една во друга“.8 Зборовите не успеваат да ги опишат овие чуда на дизајнот — тоа треба да се наслика.

10, 11. а) Што се сунѓери, и што се случува со поединечните клетки кога еден сунѓер е целосно раздвоен? б) Кое прашање за скелетите од сунѓери, како што увидуваат научниците, не може да се одговори, но сепак што знаеме ние?

10 Сунѓерите се составени од милиони клетки, но само неколку различни видови. Еден универзитетски учебник објаснува: „Клетките не се организирани во ткива или органи, но сепак постои еден облик на препознавање меѓу клетките што ги држи заедно и ги организира“.9 Доколку еден сунѓер се згмечи низ една ткаенина и се одвои на неговите милиони клетки, тие клетки ќе се здружат заедно и повторно ќе го изградат тој сунѓер. Сунѓерите конструираат скелети од стакло кои се многу убави. Еден од најпрекрасните е Венерината цветна кошничка.

11 За неа, еден научник вели: „Кога ќе погледнете во еден сложен скелет на сунѓер како што е оној направен од силициумови иглички, познат како [Венерина цветна кошничка], имагинацијата се збунува. Како можеле наводно независните микроскопски клетки да соработуваат за да излачуваат еден милион стаклени парченца и да конструираат една таква комплицирана и убава решетка? Не знаеме“.10 Но, една работа знаеме: Случајноста не е веројатниот дизајнер.

Партнерства

12. Што е симбиоза, и кои се некои примери за неа?

12 Постојат многу случаи каде што се чини дека два организма се дизајнирани да живеат заедно. Таквите партнерства се примери за симбиоза (заедничко живеење). Извесни смокви и оси си се потребни едни на други за да се размножуваат. Термитите јадат дрво, но за да го сварат, потребни им се протозоите кои се во нивното тело. На сличен начин, крупната стока, козите и камилите не би можеле да ја сварат целулозата од тревата без помошта на бактериите и протозоите кои живеат во нив. Еден извештај вели: „Делот од стомакот на кравата каде што се одвива дигестијата има волумен од околу 95 литри — и содржи 10 милијарди микроорганизми во секоја капка“.11 Алгите и габите се здружуваат и стануваат лишаи. Само тогаш тие можат да растат на голата карпа и да започнат да ја претвораат карпата во почва.

13. Кои прашања ги покренува партнерството меѓу бодликавите мравки и дрвјата акација?

13 Бодликавите мравки живеат во шупликавите трња на дрвјата акација. Тие не дозволуваат инсектите што јадат лисја да се доближат до дрвјата, а исто така ги сечат и уништуваат лозите кои се обидуваат да се искачат по дрвјата. За возврат, дрвото излачува една слатка течност во која мравките уживаат, а исто така произведува мали лажни плодови кои им служат на мравките како храна. Дали мравката била таа која прва го заштитила дрвото за потоа дрвото да ја награди со плодот? Или, пак, дрвото го направило плодот за мравката, па таа потоа му се заблагодарила со тоа што го заштитувала? Или сето тоа случајно настанало одеднаш?

14. Кои посебни подготовки и механизми ги користат цветовите за да ги привлечат инсектите заради опрашување?

14 Постојат многу случаи на таква соработка меѓу инсектите и цвеќињата. Инсектите ги опрашуваат цветовите, а за возврат, цветовите ги хранат инсектите со полен и со нектар. Некои цветови произведуваат два вида полен. Едниот ги оплодува семињата, а другиот е стерилен, но ги храни инсектите посетители. Многу цветови имаат посебни ознаки и мириси кои ги водат инсектите до нектарот. По патот инсектите го опрашуваат цветот. Некои цветови имаат механизми за активирање. Кога инсектите ќе го допрат чкрапалото, нив ги удираат прашниците кои содржат полен.

15. Како волчјото јаболко обезбедува вкрстено опрашување, и кои прашања ги покренува тоа?

15 На пример, волчјото јаболко не може да се опраши само, па затоа му требаат инсекти за да му донесат полен од друг цвет. Растението има цевчест лист кој го завиткува својот цвет, а тој лист е обложен со восок. Инсектите, привлечени од мирисот на цветот, слетуваат на листот и се спуштаат по лизгавиот тобоган кон една преграда на дното. Таму, зрелите чашки го примаат поленот кој го внеле инсектите. Така се одвива опрашувањето. Но, влакната и восочните површини не ги пуштаат инсектите да излезат оттаму уште три дена. После тоа, поленот на самиот цвет зрее и ги запрашува инсектите. Дури тогаш влакната овенуваат, а восочниот тобоган се свиткува сѐ додека не дојде во хоризонтална положба. Инсектите излегуваат надвор и со нивната нова залиха од полен летаат до друго волчјо јаболко за да го опрашат. На инсектите не им смета нивната тридневна посета, бидејќи тие се гостат од нектарот кој таму е складиран за нив. Дали сето тоа настанало случајно? Или, пак, се случило преку некој интелигентен дизајн?

16. Како се опрашуваат некои Ophrys орхидеи и бокалестата орхидеја?

16 Некои типови Ophrys орхидеи на своите венечни ливчиња имаат слика од женска оса — комплетна со очи, антени и крилја. Дури и испушта мирис на женка во состојба на парење! Мажјакот доаѓа за да се пари, но само го опрашува цветот. Една друга орхидеја, бокалеста орхидеја, содржи ферментиран нектар кој прави пчелата да се клати на сопствените нозе; се лизнува во едно ведро со течност и единствениот излез е да прета под едно стапче кое ја запрашува пчелата со полен.

Природни „фабрики“

17. Како листовите и корењата работат заедно на тоа да ги хранат растенијата?

17 Зелените листови на растенијата го хранат светот, директно или индиректно. Но, тие не можат да функционираат без помошта на ситните корења. Милиони коренчиња — чии врвови се снабдени со заштитна капа, секоја капа подмачкана со масло — се пробиваат низ почвата. Влакната на коренот зад маслената капа впиваат вода и минерали, кои низ ситните канали во мекото дрво на кората патуваат до листовите. Во листовите се создаваат шеќери и аминокиселини, хранливи состојки кои се испраќаат низ целото дрво и до корењата.

18. а) Како водата од корењата доаѓа до листовите и што покажува дека овој систем е повеќе од адекватен? б) Што е транспирација, и како таа придонесува кон водениот циклус?

18 Извесни обележја на кружниот систем во дрвјата и растенијата се толку зачудувачки што многу научници ги сметаат речиси за чудесни. Прво, како водата се пумпа 60 до 90 метра над тлото? Притисокот на коренот ја покренува на нејзиниот пат, но во трупот работата ја презема друг механизам. Молекулите на водата се држат заедно преку кохезија. Поради оваа кохезија, додека водата испарува од листовите, тенките столбови вода се издигаат како јажиња — јажиња кои се протегаат од корењата до листовите и патуваат нагоре со брзина од 60 метри на час. Се вели дека овој систем би можел да искачи вода во дрво високо над три километри! Како што вишокот вода испарува од лисјата (наречено транспирација), милијарди тони вода се рециклираат во воздухот за повторно да паднат како дожд — еден совршено дизајниран систем!

19. Која витална услуга се извршува преку партнерството на некои корења и извесни бактерии?

19 Но, ова не е сѐ. На листовите им требаат нитрати или нитрити од земјата за да ги создадат виталните аминокиселини. Извесна количина се внесува во почвата преку молњи и преку некои слободни бактерии. Азотни компоненти во адекватни количини формираат и мешунките — растенија како што се грашокот, детелината, гравот и луцерката. Извесни бактерии влегуваат во нивните корења, корењата им обезбедуваат на бактериите јаглеродни хидрати, а бактериите го претвораат или фиксираат азотот од почвата во употребливи нитрати и нитрити, произведувајќи околу 200 килограми на хектар годишно.

20. а) Што прави фотосинтезата, каде се случува и кој го разбира процесот? б) Како гледа на неа еден биолог? в) Како може да се наречат зелените растенија, како се истакнуваат и кои прашања се соодветни во врска со тоа?

20 Но, ни ова не е сѐ. Зелените листови земаат енергија од Сонцето, јаглероден диоксид од воздухот и вода од корењата на растенијата за да прават шеќер и да ослободуваат кислород. Тој процес е наречен фотосинтеза, а се случува во клеточните тела наречени хлоропласти — толку мали што 400.000 од нив можат да се сместат во точката на крајот од оваа реченица. Научниците не го разбираат во потполност тој процес. „Во фотосинтезата се вклучени околу седумдесет различни хемиски реакции“, рекол еден биолог. „Тоа е навистина чудесен настан.“12 Зелените растенија се наречени природни „фабрики“ — прекрасни, тивки, кои не загадуваат, а произведуваат кислород, ја рециклираат водата и го хранат светот. Дали тие едноставно настанале случајно? Дали во тоа навистина може да се верува?

21, 22. а) Што рекле двајца прочуени научници посведочувајќи за интелигенцијата во светот на природата? б) Како резонира Библијата во врска со таа работа?

21 Некои од најпрочуените светски научници увиделе дека тешко е да се верува тоа. Во природниот свет тие гледаат интелигенција. Физичарот Роберт А. Миликан — добитник на Нобеловата награда — иако верник на еволуцијата, сепак на еден состанок на Американското друштво на физичари рекол: „Постои Божество кое ги обликува нашите цели . . . Чисто материјалистичката филозофија за мене е врв на неинтелигенцијата. Мудрите луѓе во сите векови секогаш виделе доволно за тоа барем да ги направи полни со почитување“. Во својот говор, тој ги цитирал значајните зборови на Алберт Ајнштајн со кои Ајнштајн рекол дека тој „понизно се обидувал да го сфати дури и бесконечно најмалиот дел од интелигенцијата која се манифестира во природата“.13

22 Доказот од дизајнот што нѐ опкружува, во бесконечна разноликост и зачудувачка комплицираност, укажува на една супериорна интелигенција. До овој заклучок доаѓа и Библијата, која дизајнот му го припишува на еден Творец чии „невидливи особини јасно се гледаат од создавањето на светот па наваму, бидејќи се согледуваат по она што е создадено, дури и неговата вечна моќ и божественост, така што тие немаат изговор“ (Римјаните 1:20NW).

23. Кој разумен заклучок го изразува псалмистот?

23 Со толку голем доказ за дизајн во животот околу нас, нема „изговор“ да се каже дека зад сето тоа стои неуправувана случајност. Според тоа, за псалмистот сигурно не е неразумно заслугата да му ја припише на интелигентен Творец: „Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; земјата е полна со Твои созданија. А тоа море е големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и големи животни“ (Псалм 103:24, 25).

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 151]

„Во фотосинтезата [се] вклучени седумдесет различни хемиски реакции. Тоа е навистина чудесен настан“

[Рамка/слики на страници 148 и 149]

Зачудувачки дизајни на семиња

Семето созреано и спремно да појде!

Различни генијални дизајни го испраќаат семето на неговиот пат! Семето на орхидеите е толку лесно што лебди како прашина. Семето на глуварчето е опремено со падобрани. Семето на јаворот има крилја и лета како пеперуга. Некои водени растенија го опремуваат своето семе со пливки исполнети со воздух и тоа лебди.

Некои растенија имаат мешунки кои се отвораат со пукање и семето се исфрла надвор. Лизгавото семе од еден вид северноамериканска леска првин се стиснува, а потоа се исфрла од плодот, како кога децата истиснуваат семки од лубеницата меѓу палецот и показалецот. Дивата краставица користи хидраулика. Додека расте, кората се здебелува однатре, центарот на течноста доаѓа под сѐ поголем притисок и, додека семето созрее, притисокот е толку голем што ја издувува дршката надвор како тапа од шише, и семето се исфрла надвор.

[Слики]

Глуварче

Јавор

Дива краставица

Семиња кои ги мерат врнежите од дожд

Некои пустински едногодишни растенија имаат семе кое не сака да никне додека не паднат 13 или повеќе милиметри дожд. Исто така, изгледа дека тие знаат од кој правец доаѓа водата — ако паѓа одозгора ќе изникнат, но ако ги натопува одоздола, нема. Во почвата постојат соли кои ги спречуваат семињата да изникнат. Потребен е дожд одозгора за да се исперат овие соли. Водата која ги натопува одоздола не може да го стори тоа.

Доколку овие пустински едногодишни растенија почнат да растат после само еден слаб дождец, тие би умреле. Потребен е силен дожд кој ќе внесе доволно влага во почвата за да ги сочува растенијата од подоцнежните сушни временски периоди. Затоа, тие го чекаат него. Случајност — или дизајн?

Џин во ситна амбалажа

Едно од најмалите семиња го има спакувано во себе најголемото живо нешто на Земјата — џиновското дрво секвоја. Тоа расте во висина од над 90 метри. На околу еден метар од тлото, неговиот пречник може да биде над 10 метри. Едно стебло може да содржи доволно дрва за да се изградат 50 куќи со по шест соби. Кората на дрвото која е дебела околу 60 сантиметри е ароматизирана со танин кој ги одбива инсектите, а неговата порозна, фиброзна структура го прави огноотпорен речиси како азбест. Неговите корења покриваат површина од околу еден и пол хектар. Тоа живее преку 3.000 години.

Сепак, семето кое секвојата го исфрла на милиони не е многу поголемо од глава на игла опкружена со ситни крилца. Еден слабичок човек кој стои кај подножјето на секвојата може само вкочането да гледа нагоре со немо стравопочитување кон неговата огромна величина. Дали има смисла да се верува дека обликувањето на овој величествен џин и на ситното семе каде што е сместен не било преку дизајн?

[Рамка/слики на страница 150]

Музички виртуози

Дроздот е прочуен како имитатор. Еден од нив имитирал 55 други птици за еден час. Но, оригиналните композиции со мелодични изливи на дроздот ги маѓепсуваат слушателите. Тие сигурно ги надминуваат неколкуте едноставни ноти кои се потребни за да се објават територијалните права. Дали тоа е за нивно задоволство — или за наше?

Царчињата музичари од Јужна Америка не се помалку зачудувачки. Спарените двојки пеат во дуети, како што прават и двојките на други тропски птици. Нивните изведби се уникатни, како што забележува еден прирачник: „Женката и мажјакот пеат или иста песна заедно или различни песни или, пак, различни делови од истата песна наизменично; тие можат да бидат толку точно временски усогласени што целокупната песна звучи како да ја извела една птица“.а Колку само се убави овие нежни музички дијалози додека спарените царчиња меѓусебно комуницираат! Чисто случајна појава?

[Слики на страница 142]

Потребен е дизајнер

Не е потребен дизајнер?

[Слики на страница 143]

Дизајни во стаклените скелети на микроскопски растенија

Диатоми

[Слики на страница 144]

Радиоларии: дизајни во стаклените скелети на микроскопски животни

Венерина цветна кошничка

[Слика на страница 145]

Многу цвеќиња имаат патокази кои ги водат инсектите до скриениот нектар

[Слики на страница 146]

Некои цвеќиња имаат восочни тобогани за да ги фатат инсектите во стапица со цел да се изврши опрашувањето

Зошто оваа орхидеја е слична на женската оса?

[Слика на страница 147]

Се вели дека кохезијата меѓу молекулите на водата би можела да ја искачи водата во дрво високо над 3 километри!