Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Инстинкт — мудрост програмирана пред раѓањето

Инстинкт — мудрост програмирана пред раѓањето

Поглавје 13

Инстинкт — мудрост програмирана пред раѓањето

1. Какви биле Дарвиновите коментари за инстинктот?

 „МНОГУ инстинкти се толку чудесни што веројатно нивниот развој ќе му изгледа на читателот како тешкотија која е доволна за да ја сруши целата моја теорија“, напишал Дарвин. Очигледно тој мислел дека инстинктот е тешкотија која не може да се одговори, бидејќи неговата следна реченица била: „Тука можам однапред да спомнам дека немам никаква врска за потеклото на менталните сили, ништо повеќе отколку што имам за потеклото на самиот живот“.1

2. Како некои научници денес гледаат на инстинктот?

2 Денес научниците не се ништо поблизу до објаснувањето на инстинктот отколку што бил Дарвин. Еден еволуционист вели: „Јасен е фактот дека генетскиот механизам не покажува ни најмал знак дека може да пренесе специфични обрасци на однесување . . . Кога се прашуваме како воопшто се појавил кој и да било инстинктивен образец на однесување и како станал наследно фиксиран, не ни е даден одговор“.2

3, 4. Што има да каже една книга за тоа како започнал инстинктот за селење, и како нејзиното објаснување паднало во вода?

3 Сепак, една високо тиражна книга во врска со птиците, за разлика од Дарвин и другите еволуционисти, не гледа некаква тешкотија во објаснувањето на еден од најмистериозните инстинкти — инстинктот кој е вклучен во селењето. Таа вели: „Нема сомнение дека тоа бил еден еволуционен процес: птиците кои потекнуваат од топлите климатски предели веројатно се распространиле во нивната потрага по храна“.3

4 Може ли еден таков поедноставен одговор да ги објасни вчудовидувачките подвизи на многу преселници? Научниците знаат дека ниту едно од тие експериментални скитања и научени однесувања не е вклучено во генетскиот код и, според тоа, потомството не ги наследува. Како што е познато, селењето е инстинктивно и „независно од минатото искуство“.4 Разгледај неколку примери.

Извонредни подвизи на преселници

5. Какви селења прават арктичките вртимушки, шампионите на долги растојанија, и кое прашање го покренал еден научник?

5 Шампиони на долги растојанија се арктичките вртимушки. Се гнездат северно од поларниот круг, а на крајот од летото летаат на југ за да го поминат антарктичкото лето на сантите лед близу Јужниот пол. Тие можеби ќе кружат околу целиот антарктички континент пред да се упатат кон север за да се вратат на Арктикот. На тој начин довршуваат едно годишно селење од околу 35.000 километри. Богатите извори на храна се достапни и на двата поларни региона, па така еден научник го поставува прашањето: „Како воопшто откриле дека на толку оддалечени растојанија постојат такви извори?“5 Еволуцијата нема одговор.

6, 7. Што изгледа чудно во врска со селењето на црноглавата грмушарка, и кои прашања нѐ наведуваат да ја сфатиме големината на нејзиното достигнување?

6 Исто толку необјасниво за еволуцијата е селењето на црноглавата грмушарка. Таа тежи само 21 грам. Сепак, наесен патува од Алјаска до источниот брег на Канада или Нова Англија, се заситува со храна, насобира сало и потоа чека некој студен бран. Кога тој доаѓа, птицата полетува. Нејзина крајна дестинација е Јужна Америка, но првин се упатува кон Африка. Над Атлантскиот Океан, летајќи на висина од околу 6.100 метри, го фаќа ветерот кој преовладува таму и кој ја свртува кон Јужна Америка.

7 Како грмушарката знае дека треба да го чека ладниот бран и дека тоа значи добро време и ветар од зад грб? Како таа знае да се искачува сѐ повисоко каде што воздухот е редок и студен и каде што има 50 проценти помалку кислород? Како знае дека само горе на таа височина дува бочен ветер кој ќе ја однесе до Јужна Америка? Како знае да лета кон Африка за да дозволи овој ветер да ја преземе и да ја носи југозападно? Црноглавката не знае свесно ниту една од овие работи. На тоа патување од околу 3.800 километри, над морињата без патеки, летајќи три или четири дена и ноќи, таа е водена само од инстинктот.

8. Кои додатни подвизи во селење се спомнати овде?

8 Белите штркови летуваат во Европа, но летаат 12.800 километри за да зимуваат во Јужна Африка. Златната крајбрежна птица патува од арктичката тундра до пампите во Аргентина. Извесни речни тринги се селат 1.600 километри зад пампите до врвот на Јужна Америка. Пацифичките свиркачи летаат од Алјаска до Тахити и до други острови до 9.600 километри над отворен океан. Во еден многу пократок, но исто толку значаен лет, земајќи ја предвид неговата големина, колибрито Archilochus colubris, кое тежи околу 3 грама, при своето селење од 960 километри го преминува Мексиканскиот Залив, мавтајќи со тенките крилја до 75 пати во секунда и тоа 25 часа. Преку шест милиони замавнувања без прекин!

9. а) Што покажува дека способностите за селење не се научени, туку мора да бидат програмирани уште пред раѓањето? б) Кои експерименти со обичниот бурогласник и со гулабите поштари покажуваат дека овие птици се сестрани навигатори?

9 Многу селидби извршуваат по првпат млади птици без возрасните. Младите кукавици од Нов Зеланд патуваат 6.400 километри до Пацифичките Острови за да им се придружат на своите родители кои отишле порано. Обичните бурогласници се селат од Велс во Бразил, оставајќи ги зад себе своите пилиња, кои ги следат веднаш штом ќе можат да летаат. Еден од нив патувањето го завршил за 16 дена, летајќи во просек по 740 километри дневно. Еден обичен бурогласник бил земен од Велс во Бостон, далеку од неговата нормална рута на селење. Сепак, се вратил во своето домашно легло во Велс на оддалеченост од 5.100 километри за 12,5 дена. Гулабите поштари, однесени на 1.000 километри во кој и да е правец, се враќаат во своите гулабарници за еден ден.

10. Кој експеримент ја покажал моќта за навигација на аделиските пингвини?

10 Последен пример: птиците кои не летаат, туку одат и пливаат. Разгледај ги аделиските пингвини. Кога биле преместени на 1.900 километри од нивните колонии и потоа пуштени, тие брзо се ориентирале и тргнале по права линија, не кон домашната колонија од каде што биле земени, туку кон отвореното море и храната. Од морето тие конечно се вратиле во колонијата. На море поминуваат скоро тотално мрачни зими. Но, како пингвините остануваат ориентирани во текот на мрачната зима? Никој не знае.

11. Што е потребно за птиците да извршуваат такви зачудувачки подвизи на навигација?

11 Како птиците ги извршуваат овие подвизи на навигација? Експериментите покажуваат дека тие можеби ги користат Сонцето и ѕвездите. Изгледа дека имаат внатрешни часовници кои го компензираат движењето на овие небесни тела. Но, што ако небото е наоблачено? Барем некои птици имаат вградени магнетни компаси кои ги користат токму тогаш. Но, потребно е повеќе отколку само насоката на компасот. Во главите им треба „мапа“ со точките на поаѓање и дестинација. А на мапата, рутата мора да биде означена, бидејќи таа ретко е во права линија. Но, ништо од ова не помага ако тие не знаат каде се наоѓаат на мапата! Обичниот бурогласник мора да знаел каде се наоѓа кога бил пуштен во Бостон за да го одреди правецот кон Велс. Гулабот поштар мора да знаел каде бил однесен пред да можел да го утврди патот кон својот гулабарник.

12. а) Што рекол Јеремија за навигацијата, кога го рекол тоа, и зошто тоа е значајно? б) Зошто можеби никогаш нема да ги знаеме сите детали за селењето?

12 Дури во средниот век многумина расправале во врска со фактот за распространетото селење на птиците, но Библијата зборувала за тоа уште во шестиот век пр. н. е. „Штркот на небото го знае времето за селидба; грлицата и пиштарката и кривовратот ја знаат сезоната за враќање“. Досега многу работи се научиле, но голем дел сѐ уште е мистерија. Сакале или не, она што го вели Библијата е точно: „Тој му дал на човекот чувство за минатото и за иднината, но не и сфаќање за Божјето дело од почетокот до крајот“ (Јеремија 8:7; Проповедник 3:11, обата The New English Bible).

Други навигатори

13. Освен птиците, кои други животни се селат?

13 Ирвасот од Алјаска во зима се сели околу 1.300 километри на југ. Многу китови патуваат преку 9.600 километри од Северниот Леден Океан и назад. Ушестите фоки се селат меѓу островите Прибилоф и јужна Калифорнија, кои се оддалечени околу 4.800 километри. Зелените морски желки пловат од брегот на Бразил па сѐ до малиот Вознесенски остров, на 2.250 километри во Атлантскиот Океан а потоа назад. Некои морски ракови се селат до 240 километри по океанското дно. Лососите ги напуштаат реките каде што се измрестени и неколку години поминуваат на отворен океан, а потоа се враќаат стотици километри до истите реки каде што се родиле. Младите јагули родени во Саргасово Море во Атлантикот, поголемиот дел од својот живот го поминуваат во слатките води во Соединетите Држави и Европа, но се враќаат во Саргасово Море за да се мрестат.

14. Што е зачудувачко во врска со селењето на монарх пеперутките, и која мистерија сѐ уште не е решена?

14 Монарх пеперутките наесен ја напуштаат Канада и многу од нив зимуваат во Калифорнија или Мексико. Некои летаат над 3.200 километри; една пеперутка за еден ден поминала 128 километри. Тие се населуваат во засолнети дрвја — во истите шумички, па дури и на истите дрвја, од година во година. Но, не истите пеперутки! На повторното патување напролет тие положуваат јајца на растенијата млечки. Новите пеперутки кои се раѓаат на тој начин, продолжуваат со селење кон север и следната есен го преземаат истото патување од 3.200 километри на југ како што правеле нивните родители, прекривајќи ги дрвјата во истите шумички. Книгата The Story of Pollination коментира: „Пеперутките кои наесен доаѓаат на југ се мали единки, кои никогаш пред тоа не ги виделе местата на презимување. Она што им овозможува да ги пронајдат сѐ уште е една од оние несфатливи мистерии на природата“.6

15. Кој единствен збор е одговор на неколкуте прашања за мудроста на животните?

15 Инстинктивната мудрост не е ограничена на селењето. Еден брз преглед го покажува тоа.

 Како можат милиони слепи термити да ја синхронизираат својата работа за да ги изградат и да ги климатизираат своите сложени структури? Инстинкт.

 Како јукиниот молец ги знае неколкуте чекори кои треба да ги преземе за вкрстено да го опраши јукиниот цвет, со што ќе можат да се формираат и нови јука растенија и нови молци? Инстинкт.

 Како може пајакот кој живее во своето „нуркачко ѕвоно“ под водата да знае кога кислородот е потрошен за да мора да исече дупка во своето подводно ѕвоно, да го ослободи застојаниот воздух, да ја поправи дупката и да донесе нова залиха свеж воздух? Инстинкт.

 Како бубачката мимозин појасар знае дека мора да ги положи своите јајца под кора од гранката на дрвото мимоза, да дојде на отприлика 30 сантиметри до стеблото и да ја исече кората наоколу за да ја уништи гранката, бидејќи нејзините јајца нема да се изведат во живо дрво? Инстинкт.

 Како малото на кенгурот со големина на грашок, родено слепо и неразвиено, знае дека за да преживее мора без помош да се пробива низ крзното од мајка му кон нејзиниот стомак и во нејзината торба, и да се прилепи кон една од нејзините брадавици на дојките? Инстинкт.

 Како една разиграна пчела им кажува на другите пчели каде е нектарот, колку има, колку е далеку, во кој правец е и на кој вид цвеќе се наоѓа? Инстинкт.

16. Што бара сета мудрост која стои зад однесувањето на животните?

16 Таквите прашања би можеле да продолжат и да исполнат една цела книга. Сепак, сите тие прашања би го имале истиот одговор: „Тие се инстинктивно мудри“ (Изреки 30:24NW). „Како било можно“, се чуди еден истражувач, „да се развие такво комплицирано инстинктивно спознание и да се пренесува на наредните генерации?“7 Луѓето не можат да објаснат. Еволуцијата не може да образложи. Но, таквата интелигенција сепак изискува интелигентен извор. Таквата мудрост сепак бара еден мудар извор. Таа бара интелигентен, мудар Творец.

17. Кое резонирање на многу еволуционисти е мудро да се избегнува?

17 Сепак, многумина кои веруваат во еволуција автоматски го отфрлаат како ирелевантен сиот таков доказ за создавањето, велејќи дека тоа не е работа за научно разгледување. Меѓутоа, не дозволувај овој тесноград пристап да те спречи да ги одмериш доказите. За нив има повеќе во следното поглавје.

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 160]

Дарвин: „Немам никаква врска за потеклото на менталните сили“

[Истакната мисла на страница 160]

Што се однесува до тоа како се појавил инстинктот и како станал наследен, „не ни е даден одговор“

[Истакната мисла на страница 167]

„Тие се инстинктивно мудри“

[Рамка/слики на страници 164 и 165]

Градењето гнездо и инстинктот

„Не постојат ни најмали индикации“, вели научниот писател Г. Р. Тејлор во врска со генетскиот механизам, „дека тој може да пренесе една програма на однесување од некој специфичен вид, како што се низата постапки кои се вклучени во градењето на гнездото.“а И покрај тоа, инстинктивната мудрост за градење на гнездото е наследена, а не научена. Разгледај неколку примери.

Клунорозите од Африка и Азија. Женката донесува глина и го соѕидува отворот на една празнина од едно шупликаво дрво до моментот кога едвај може да се провре внатре. Мажјакот ѝ носи уште кал и таа ја затвора дупката сѐ додека не остане отворен само еден мал процеп. Преку него, мажјакот ја храни неа и малечките кои на крајот се испилуваат. Кога мажјакот повеќе не може да донесува доволно храна, женката се пробива надвор. Овојпат отворот го поправаат малечките, а обата родитела им донесуваат храна. После неколку седмици, малечките го рушат ѕидот и го напуштаат гнездото. Патем речено, зарем не е доказ за намерен дизајн самото тоа што женката, додека е затворена и не лета, комплетно се митари и ѝ расне нова облека од пердуви?

Пиштарки. Еден вид пиштарки ги гради своите гнезда од плунка. Пред да започне сезоната на парење, плунковите жлезди отекуваат и произведуваат леплив, слузав секрет. Со неговото лачење доаѓа и инстинктивната мудрост — да се знае што да се прави со него. Тие го размачкуваат на површината од една карпа; додека тој се стврднува, се додаваат повеќе слоеви и на крај гнездото со облик на филџан е завршено. Други видови пиштарки прават гнезда кои не се поголеми од една мала лажичка, ги лепат на палмини листови и потоа јајцата ги лепат во гнездото.

Царските пингвини носат вградени гнезда. Во антарктичката зима женката лежи едно јајце и оди на рибарење на два или три месеци. Мажјакот го положува јајцето на своите нозе кои се богати со крвни садови, и го прекрива со торбата за излежување која виси од неговиот стомак. Мајката не ги заборава таткото и малечкото. Набрзо откако јајцето се испилува, мајката се враќа со желудникот полн со храна што ја повраќа за нив. Потоа, мажјакот заминува за да фаќа риби додека мајката го става малечкото на своите нозе и го прекрива со својата торба за излежување.

Птиците плетачки од Африка користат тревки и други влакна за да ги направат своите висечки гнезда. Тие инстинктивно користат различни обрасци на плетење и различни видови јазли. Дружељубивите плетачки градат нешто што би можело да се спореди со станбени згради, правејќи сламен покрив со пречник од околу 4,5 метри на јаки гранки од дрво, на чија долна страна многу двојки ги прицврстуваат своите гнезда. Се додаваат нови гнезда сѐ додека на крај преку сто гнезда можат да се засолнат под тој еден покрив.

Птицата кројачка од јужна Азија прави конец од памук или од влакна од кора на дрво и од пајажина, надоврзувајќи кратки парчиња за да направи подолги ленти. Со својот клун прави дупки на двата раба од еден голем лист. Потоа, користејќи го својот клун како игла, со конецот ги влече двата раба од листот, како што ги провираме врвките на нашите чевли. Кога доаѓа до крајот на конецот, таа или го врзува во јазол за да го зацврсти или надоврзува ново парче и продолжува со шиењето. На тој начин, птицата кројачка го претвора големиот лист во филџан во кој си го прави гнездото.

Сипка. Нејзиното висечко гнездо станува речиси како филц бидејќи користи парчиња од пердувест растителен материјал, како и тревки. Основната структура на гнездото е направена со ткаење на подолги растителни влакна напред—назад. Птицата ги провлекува со својот клун краевите од влакната низ мрежата. Потоа, ги зема пократките влакна од пердувестиот материјал и ги провлекува во ткаењето. Процесот е некако сличен на техниката на ткајачите на килими на Ориентот. Овие гнезда се толку силни и меки што се користат како портмонеа или дури и како папучи за деца.

Рогатата црна лиска обично го гради своето гнездо на еден мал, рамен остров. Меѓутоа, онаму каде што живее, овој тип остров е многу редок. Затоа, рогатата лиска си прави сопствен остров! Таа избира соодветно место на водата и потоа со клунот почнува да носи камења таму. Камењата се натрупуваат во водата која е длабока околу половина до еден метар, сѐ додека не се формира остров. Темелот може да има пречник до 4 метри, а купот од камења може да тежи и повеќе од еден тон. Потоа, на тој каменит остров рогатата лиска донесува растенија за да го изгради своето големо гнездо.

[Слики на страница 161]

Арктичката вртимушка се сели 35.000 километри секоја година

Како оваа птица песнопојка, која има мозок со големина на зрно грашок, знае толку многу за атмосферското време и за навигацијата?

[Слики на страница 162]

Кога се сели, овој колибри мавта со своите крилја 75 пати во секунда и тоа 25 часа

Родени со „мапа“ во својата глава, птиците преселници знаат каде се наоѓаат и каде одат

[Слика на страница 163]

Пингвините можат да поминат месеци на море во речиси тотална темнина и потоа непогрешливо да се вратат назад во своите колонии

[Слики на страница 166]

После своето 3.200-километарско патување кон југ, монарх пеперутките се одмораат на своите зимски терени