Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мутации — дали се основа за еволуција?

Мутации — дали се основа за еволуција?

Поглавје 8

Мутации — дали се основа за еволуција?

1, 2. За кој механизам се вели дека е темел за еволуцијата?

 ПОСТОИ и една друга тешкотија со која се соочува теоријата на еволуција. Како точно се случила според претпоставките? Кој е основниот механизам за кој се претпоставува дека му овозможил на еден вид живо суштество да еволуира во друг вид? Еволуционистите велат дека своја улога во тоа одиграле различните промени во јадрото на клетката. А најистакнатите меѓу нив се „случајните“ промени познати како мутации. Се верува дека посебните делови кои се вклучени во овие мутациони промени се гените и хромозомите во половите клетки, бидејќи мутациите во нив можат да се пренесат на потомците.

2 „Мутациите . . . се основа за еволуцијата“, наведува The World Book Encyclopedia.1 Слично на тоа, палеонтологот Стивен Стенли мутациите ги нарекол „суровини“ за еволуцијата.2 А генетичарот Пео Колер изјавил дека мутациите „се неопходни за еволуциониот прогрес“.3

3. Кој вид мутации би биле потребни за еволуцијата?

3 Меѓутоа, за еволуцијата не е потребен едноставно кој и да е вид мутација. Роберт Џастро ја истакнал потребата од „бавна акумулација на поволни мутации“.4 А Карл Саган додал: „Мутациите — ненадејни промени во наследноста — се негуваат во границите на сопствениот вид. Тие ја обезбедуваат суровината за еволуцијата. Околината ги избира оние неколку мутации кои ја зголемуваат веројатноста за преживување, што резултира во серија бавни трансформации од еден животен облик во друг, во потекло на нови видови“.5

4. Која тешкотија настанува со тврдењето дека во рапидните еволуциони промени можат да бидат вклучени мутации?

4 Исто така, се вели дека можеби мутациите се клучот за рапидната промена која е потребна за теоријата на „пунктуиран еквилибриум“. Пишувајќи во Science Digest, Џон Глидман навел: „Еволуционите ревизионисти веруваат дека мутациите во клучните регулативни гени можат да бидат токму оние генетски пневматски чекани кои се потребни за нивната теорија на квантни скокови“. Меѓутоа, британскиот зоолог Колин Патерсон забележал: „Може да се шпекулира. Не знаеме ништо за тие регулативни главни гени“.6 Но, освен таквите шпекулации, општоприфатено е дека мутациите кои наводно биле вклучени во еволуцијата се мали случајни промени кои се акумулираат во текот на еден долг временски период.

5. Како настануваат мутациите?

5 Како настануваат мутациите? Се мисли дека повеќето од нив се појавуваат во нормалниот процес на размножување на клетката. Но, експериментите покажале дека тие можат да бидат предизвикани и од надворешни причинители, како што се радијација и хемикалии. А колку често се случуваат тие? Размножувањето на генетскиот материјал во клетката е извонредно доследно. Релативно говорејќи, ако го земеме предвид бројот на клетките кои се делат во едно живо суштество, мутациите не се појавуваат многу често. Како што коментирала Encyclopedia Americana, размножувањето „на синџирите на ДНК кои го сочинуваат генот е извонредно прецизно. Погрешното отпечатување или погрешното копирање се ретки незгоди“.7

Дали тие се корисни или штетни?

6, 7. Колкав процент од мутациите се штетни, наместо корисни?

6 Доколку корисните мутации се основа за еволуцијата, колкав процент од нив всушност се корисни? Меѓу еволуционистите постои голема согласност во тој поглед. На пример, Карл Саган изјавува: „Голем дел од нив се штетни или смртоносни“.8 Пео Колер наведува: „Најголем процент од мутациите се погубни за поединецот кој го носи мутантниот ген. Преку експерименти се открило дека, на секоја успешна или корисна мутација, постојат многу илјадници кои се штетни“.9

7 Тогаш, исклучувајќи ги сите „неутрални“ мутации, штетните бројно ги надминуваат оние кои наводно се корисни и тоа со однос илјада спрема еден. „Такви резултати треба да се очекуваат од случајните промени кои се појавуваат во која и да било комплицирана организација“, наведува Encyclopædia Britannica.10 Поради тоа, за мутациите се вели дека се одговорни за стотици болести кои се генетски одредени.11

8. Како вистинските резултати го потврдуваат забележувањето на една енциклопедија?

8 Поради штетната природа на мутациите, Encyclopedia Americana признала: „Фактот што повеќето мутации се штетни за организмот изгледа тешко се помирува со гледиштето дека мутацијата е извор на суровините за еволуција. Навистина, мутантите илустрирани во учебниците по биологија се колекција од накази и монструозности и изгледа дека мутацијата е повеќе деструктивен отколку конструктивен процес“.12 Кога мутирани инсекти биле ставени во конкуренција со нормални, резултатот секогаш бил истиот. Како што забележал Г. Ледјард Стебинс, „после поголем или помал број генерации, мутантите се елиминирани“.13 Тие не можеле да конкурираат бидејќи не биле подобрени, туку биле дегенерирани и во неповолна положба.

9, 10. Зошто е неоснована претпоставката дека мутациите се одговорни за еволуцијата?

9 Во својата книга The Wellsprings of Life, научниот писател Исак Асимов признал: „Повеќето мутации одат на полошо“. Меѓутоа, потоа изјавил: „На крајот на краиштата, факт е дека мутациите прават правецот на еволуцијата да се движи нанапред и нагоре“.14 Но, дали е така? Дали некој процес, кој од 1.000 пати над 999 пати резултирал во штета, би се сметал за корисен? Ако сакаш да изградиш куќа, дали би најмил градител кој, на една исправна изработка, произведе илјадници дефектни? Ако некој возач на автомобил додека вози донесе илјадници лоши одлуки на една добра, дали би сакал да се возиш со него? Ако некој хирург додека оперира направи илјадници погрешни потези на еден исправен, дали би сакал тој да те оперира?

10 Генетичарот Добжански еднаш рекол: „Тешко може да се очекува дека една незгода, случајна промена во некој деликатен механизам, би го подобрила истиот. Во механизмот на нечиј часовник или радио-приемник прободувањето со стап тешко да предизвика тој да работи подобро“.15 Затоа, прашај се: Дали изгледа разумно дека сите зачудувачко сложени клетки, органи, екстремитети и процеси кои постојат во живите суштества биле изградени преку процедура која разградува?

Дали мутациите произведуваат нешто ново?

11-13. Дали мутациите некогаш произведуваат нешто ново?

11 Дури и ако сите мутации би биле корисни, дали би можеле да произведат нешто ново? Не, не би можеле. Една мутација би можела да резултира само во варијација на една веќе постоечка карактеристика. Таа обезбедува разноликост, но никогаш нешто ново.

12 The World Book Encyclopedia дава пример за тоа што би можело да се случи со некоја корисна мутација: „Едно растение во суво подрачје би можело да има мутантен ген кој предизвикува да му пораснат поголеми и појаки корења. Растението би имало поголеми шанси за преживување од другите од неговиот вид бидејќи неговите корења би можеле да апсорбираат повеќе вода“.16 Но, дали се појавило нешто ново? Не, тоа сѐ уште е истото растение. Не еволуира во нешто друго.

13 Мутациите можат да ја променат бојата или структурата на косата на некое лице. Но, косата секогаш ќе биде коса. Таа никогаш нема да се претвори во пердуви. Раката на некое лице може да се измени со мутации. Таа може да има прсти кои се абнормални. Понекогаш, дури може да има рака и со шест прсти или со некоја друга деформација. Но, таа секогаш е рака. Никогаш не се менува во нешто друго. Не настанува ништо ново ниту, пак, некогаш може да настане.

Експерименти со овошните мушички

14, 15. Што откриле експериментите кои со децении се вршени врз овошните мушички?

14 Малку експерименти со мутации можат да се изедначат со опсежните експерименти извршени на обичната овошна мушичка Drosophila melanogaster. Од раните 1900-ти, научниците изложиле милиони вакви мушички на X-зраците. Тоа ја зголемило фреквенцијата на мутациите за повеќе од сто пати од она што било нормално.

15 После сите тие децении, што покажале експериментите? Добжански обелоденил еден резултат: „Очигледните мутанти од Drosophila, со кои било направено толку многу од класичното истражување во генетиката, речиси без исклучок се инфериорни по способноста на преживување, плодноста и долговечноста во однос на дивите мушички“.17 Друг резултат било тоа што мутациите никогаш не произвеле нешто ново. Овошните мушички имале деформирани крилја, нозе и тела и други изопачувања, но тие секогаш останувале овошни мушички. А кога мутираните мушички се пареле меѓу себе, било откриено дека после извесен број генерации почнале да се ведат некои нормални овошни мушички. Да биле оставени во нивната нормална состојба, овие нормални мушички на крај би ги надживеале послабите мутанти, сочувувајќи ја овошната мушичка во обликот во кој првобитно постоела.

16. Како наследниот код помага да се сочуваат организмите?

16 Наследниот код, ДНК, има извонредна способност да ја поправи генетската штета во себеси. Тоа помага да се сочува видот на организам за кој е кодиран. Scientific American раскажува како „животот на секој организам и неговиот континуитет од генерација во генерација“ се сочувани „преку ензими кои континуирано ја поправаат“ генетската штета. Журналот наведува: „Особено, значајното оштетување на ДНК молекулите може да предизвика итна реакција во која се синтетизираат зголемени количини ензими за поправка“.18

17. Зошто Голдшмит се разочарал од експериментите со мутациите?

17 Затоа, во книгата Darwin Retried, во врска со почитуваниот генетичар, покојниот Ричард Голдшмит, авторот го раскажува следново: „Откако многу години ги набљудувал мутациите кај овошните мушички, Голдшмит паднал во очај. Промените, се жалел тој, биле толку безнадежно мали [ситни] што ако и илјада мутации се комбинираат во една мостра, пак не би имало нови видови“.19

Брезова грба

18, 19. Што се тврди за брезовата грба, и зошто?

18 Честопати, во еволуционата литература се укажува на англиската брезова грба како на современ пример за еволуција во прогрес. The International Wildlife Encyclopedia навела: „Тоа е највпечатливата еволуциона промена која некогаш ја видел човекот“.20 Откако забележал дека Дарвин се измачувал од неспособноста да ја демонстрира еволуцијата дури и кај еден вид, во својата книга Red Giants and White Dwarfs Џастро додал: „Да го знаел тоа, на дофат му бил еден пример кој би му го дал доказот што му бил потребен. Случајот бил извонредно редок“.21 Се разбира, случајот бил брезовата грба.

19 Што всушност се случило со брезовата грба? Отпрвин, посветлиот облик од овој молец бил повообичаен отколку потемниот. Овој посветол тип добро се вклопувал со посветло обоените стебла дрвја и така бил позаштитен од птиците. Но потоа, бидејќи со години имало загадување од индустриските зони, стеблата на дрвјата потемнеле. Сега, посветлата боја на молците работела против нив, бидејќи птиците можеле побрзо да ги видат и да ги изедат. Како последица на тоа, потемната варијација од брезовата грба, за која се вели дека е мутант, подобро опстанала бидејќи птиците тешко можеле да ги видат наспроти дрвјата потемнети од саѓа. Потемната варијација брзо станала доминантен вид.

20. Како еден англиски медицински журнал објаснил дека брезовата грба не еволуирала?

20 Но, дали брезовата грба еволуирала во некој друг вид инсект? Не, таа сѐ уште била токму истата брезова грба, само имала поинаква боја. Според тоа, англискиот медицински журнал On Call укажал на користењето на овој пример, во обид да се докаже еволуцијата, како на „ноторен“. Тој изјавил: „Тој е одлична демонстрација за тоа како дејствува камуфлажата, но бидејќи започнува и завршува со молци, а не се формираа нови видови, сосема е ирелевантен како доказ за еволуцијата“.22

21. Што може да се рече за наводната способност на микробите да станат отпорни на антибиотици?

21 Неточното тврдење дека брезовата грба еволуира е слично на неколку други примери. На пример, бидејќи некои микроби се докажале отпорни на антибиотици, се тврди дека се случува еволуција. Но, појаките микроби сѐ уште се од истиот вид, не еволуирале во нешто друго. Дури е признато дека промената можеби не се должела на мутации, туку на фактот што некои микроби уште од почетокот биле имуни. Кога другите биле убиени со лекови, имуните се размножиле и станале доминантни. Evolution From Space вели: „Меѓутоа, ние се сомневаме дека во овие случаи е вклучено нешто повеќе отколку само селекција на веќе постоечките гени“.23

22. Дали фактот што некои инсекти се покажуваат имуни на отровите значи дека тие еволуираат?

22 Истиот процес можеби бил случај и кај некои инсекти кои се имуни на отровите што се користеле против нив. Отровите или ги убиле оние инсекти за кои биле користени или биле неделотворни. Оние кои биле убиени не можеле да развијат отпорност, зашто биле мртви. Преживувањето на другите може да значи дека тие биле имуни уште од почетокот. Таквиот имунитет е генетски фактор кој се појавува кај некои инсекти а кај други не. Во секој случај, инсектите останале од истиот вид. Тие не еволуирале во нешто друго.

„Според своите видови“

23. Кој стандард од 1. Мојсеева бил исто така потврден со мутациите?

23 Пораката која уште еднаш се потврдува преку мутациите е формулата од 1. Мојсеева, поглавје 1: Живите суштества се размножуваат само ‚според своите видови‘. Причината е тоа што генетскиот код спречува некое растение или животно да отиде предалеку од просекот. Може да има голема разноликост (како што може да се види, на пример, кај луѓето, мачките или кучињата), но не до тој степен што некое живо суштество би можело да се претвори во друго. Секој експеримент кој некогаш е извршен со мутациите го докажува тоа. Исто така, докажан е законот за биогенеза, дека животот доаѓа само од претходно постоечки живот и дека родителскиот организам и неговото потомство се од истиот „вид“.

24. Како експериментите со одгледување покажале дека живите суштества се размножуваат само ‚според своите видови‘?

24 Експериментите со одгледување исто така го потврдуваат тоа. Научниците и понатаму се обидуваат неограничено да менуваат различни животни и растенија преку вкрстување. Тие сакаат да видат дали со текот на времето би можеле да развијат нови облици на живот. Со каков резултат? On Call известува: „Одгледувачите обично увидуваат дека после неколку генерации се постигнува оптимумот зад кој е невозможно некакво понатамошно подобрување, и не се формираат нови видови . . . Затоа, постапките на одгледување изгледа ја побиваат наместо да ја поддржуваат еволуцијата“.24

25, 26. Што велат некои научни публикации за границите на размножување кај живите суштества?

25 Скоро иста забелешка е дадена во списанието Science: „Иако видовите навистина имаат способност да претрпат помали модификации во нивните физички и други карактеристики, сепак тоа е ограничено и, долгорочно гледано, се одразува во осцилација околу средишниот [просек]“.25 Тогаш, она што живите суштества го наследуваат не е можноста за континуирана промена туку, наместо тоа, 1) стабилноста и 2) ограничениот опсег на варијации.

26 Затоа, книгата Molecules to Living Cells наведува: „Клетките од морков или од црн дроб на глушец доследно ги задржуваат своите соодветни идентитети на ткивото и организмот после безбројни циклуси на размножување“.26 А Symbiosis in Cell Evolution вели: „Сите облици на живот . . . се размножуваат со неверојатна точност“.27 Исто така, Scientific American забележува: „Живите суштества енормно се различни по облик, но обликот е извонредно константен во секоја дадена лоза на потекло: свињите си остануваат свињи и дабовите си остануваат дабови, од генерација во генерација“.28 А еден научен писател коментирал: „Од грмушките со трендафили секогаш цветаат трендафили, никогаш камелии. Козите раѓаат јариња, никогаш јагниња“. Тој заклучил дека мутациите „не можат да бидат одговорни за севкупната еволуција — зошто постојат риби, влекачи, птици и цицачи“.29

27. Што погрешно протолкувал Дарвин во врска со зебите на островите Галапагос?

27 Варијациите во рамките на еден вид објаснуваат нешто што влијаело врз Дарвиновото првобитно размислување за еволуцијата. Кога тој бил на островите Галапагос, набљудувал еден вид птица наречена зеба. Тие птици биле од истиот вид како нивниот родителски вид на јужноамериканскиот континент од каде што изгледа мигрирале. Но, имало необични разлики како, на пример, во обликот на нивните клунови. Дарвин го интерпретирал тоа како еволуција во прогрес. Но, всушност не било ништо повеќе освен друг пример за варијација во рамките на еден вид, што е дозволено од генетскиот состав на едно суштество. Зебите сѐ уште биле зеби. Тие не се претворале во нешто друго, и никогаш нема ни да се претворат.

28. Тогаш, како може да се рече дека научниот факт е во целосна хармонија со правилото од 1. Мојсеева ‚според своите видови‘?

28 Затоа, она што го вели 1. Мојсеева е во целосна хармонија со научниот факт. Кога садиш семиња, тие раѓаат само ‚според своите видови‘. Затоа, можеш да засадиш една градина со доверба во провереноста на тој закон. Кога мачките се омачуваат, нивните потомци секогаш се мачки. Кога луѓето стануваат родители, нивните деца се секогаш луѓе. Постои варијација во бојата, големината и обликот, но секогаш во границите на видот. Дали некогаш ти лично си видел случај да било поинаку? Ниту, пак, некој друг видел.

Не е темел за еволуција

29. Што рекол за мутациите еден француски биолог?

29 Заклучокот е јасен. Никаков степен на случајна генетска промена не може да предизвика некој вид живот да се претвори во друг вид. Како што еднаш рекол францускиот биолог Жан Ростан, „не, децидно, не можам да се наведам да мислам дека овие ‚пропусти‘ во наследноста можеле, дури во соработка со природната селекција и со помош на огромни временски периоди во кои еволуцијата работи на животот, да го изградат целиот свет со неговото структурално изобилие и префинетост, со неговите зачудувачки ‚адаптации‘“.30

30. Каков коментар за мутациите дал еден генетичар?

30 Слично, генетичарот К. Х. Вадингтон во поглед на верувањето во мутации навел: „Ова е всушност теоријата дека, ако почнеш со кои и да било четиринаесет реда поврзан англиски и менуваш по една буква, задржувајќи ги притоа само оние работи кои сѐ уште имаат смисла, на крај ќе завршиш со еден од сонетите на Шекспир . . . Тоа мене ми звучи како еден лудачки вид логика и мислам дека би можеле и подобро“.31

31. Како еден научник го нарекол верувањето дека мутациите се суровини за еволуцијата?

31 Вистината е, како што изјавил професор Џон Мур: „После ригорозно испитување и анализа, секое догматично тврдење . . . дека генетските мутации се суровини за кој и да е еволуционен процес кој вклучува природна селекција, е една митска изјава“.32

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 99]

„Мутациите . . . се основа за еволуцијата“

[Истакната мисла на страница 100]

Мутациите се споредени со „незгоди“ во генетскиот механизам. Но, незгодите предизвикуваат штета, а не нешто добро

[Истакната мисла на страница 101]

„Изгледа дека мутацијата е повеќе деструктивен отколку конструктивен процес“

[Истакната мисла на страница 105]

„Ако и илјада мутации се комбинираат во една мостра, пак не би имало нови видови“

[Истакната мисла на страница 107]

„Тој е сосема ирелевантен како доказ за еволуција“

[Истакната мисла на страница 107]

Пораката која ја потврдуваат мутациите е следнава: Живите суштества се размножуваат само ‚според своите видови‘

[Истакната мисла на страница 108]

„Постапките на одгледување изгледа ја побиваат наместо да ја поддржуваат еволуцијата“

[Истакната мисла на страница 109]

„Свињите си остануваат свињи и дабовите си остануваат дабови, од генерација во генерација“

[Истакната мисла на страница 110]

Мутациите „не можат да бидат одговорни за севкупната еволуција“

[Истакната мисла на страница 110]

„Тоа мене ми звучи како еден лудачки вид логика и мислам дека би можеле и подобро“

[Рамка/слика на страници 112 и 113]

Што одговара на фактите?

После читањето на претходните поглавја, прикладно е прашањето: Што одговара на фактите: еволуцијата или создавањето? Долниве колони го покажуваат моделот на еволуцијата, моделот на создавањето и фактите што се наоѓаат во реалниот свет.

Предвидувања на моделот на еволуцијата

Животот еволуирал од нежива материја преку случајна хемиска еволуција (спонтано настанување)

Фосилите би требало да покажат: 1) едноставни животни облици кои настануваат постепено; 2) преодни облици кои ги поврзуваат претходните

Нови видови кои се појавуваат постепено; почетоци на непотполни коски и органи во различни преодни стадиуми

Мутации: крајниот резултат корисен; создаваат нови обележја

Потеклото на цивилизацијата постепено, таа се издига од примитивни, ѕверски почетоци

Јазикот еволуирал од едноставни животински гласови во комплексни современи јазици

Појавата на човекот пред милиони години

Предвидувања на моделот на создавање

Животот доаѓа само од претходен живот; првобитно создаден од интелигентен Творец

Фосилите би требало да покажат: 1) сложени облици кои се појавуваат одеднаш во голема разноликост; 2) јазови кои ги одвојуваат главните видови; нема облици кои ги поврзуваат

Нема нови видови кои се појавуваат постепено; нема непотполни коски или органи, туку сите делови се комплетно формирани

Мутациите се штетни за сложениот живот; не резултираат во нешто ново

Цивилизацијата истовремена со човекот; сложена од почетокот

Јазикот истовремен со човекот; древните јазици сложени и потполни

Појава на човекот пред околу 6.000 години

Фактите што се наоѓаат во реалниот свет

1) Животот доаѓа само од претходен живот; 2) не постои начин случајно да се формира сложен генетски код

Фосилите покажуваат: 1) ненадејна појава на сложен живот во голема разноликост; 2) секој нов вид е одвоен од претходните видови; нема облици кои ги поврзуваат

Новите видови не се појавуваат постепено, иако има многу варијации; нема непотполно формирани коски или органи

Малите мутации штетни, големите смртоносни; никогаш не резултираат во нешто ново

Цивилизацијата се појавува со човекот; сите пештерски жители биле современици на цивилизацијата

Јазикот истовремен со човекот; древните јазици честопати посложени од современите

Најстарите пишани записи датираат само околу 5.000 години наназад

. . . Логичен заклучок

Кога ќе го споредиме она што било најдено во реалниот свет со она што го предвидувала еволуцијата, како и со она што го предвидело создавањето, зарем не е очигледно кој модел одговара на фактите и кој е во судир со нив? Доказот од светот на живите суштества кои се околу нас и од фосилниот запис за суштествата кои живееле многу одамна, сведочат за истиот заклучок: животот бил создаден; не еволуирал.

Не, животот не започнал во некоја непозната прастара „супа“. Луѓето не дошле тука преку мајмунолики предци. Напротив, живите суштества биле создадени во изобилство како одделни типови фамилии. Секое можело да се размножува во голема разновидност во рамките на сопствениот „вид“, но не можело да ја премине границата која ги одвојува различните видови. Таа граница, како што може јасно да се забележи кај живите суштества, е наложена со стерилитет. А разликата меѓу видовите е заштитена со уникатниот генетски механизам на секој вид.

Меѓутоа, нешто многу повеќе сведочи за Творец отколку само фактите кои одговараат на предвидувањата на моделот на создавање. Разгледај го зачудувачкиот дизајн и сложеност кои се наоѓаат на Земјата, всушност, во универзумот. И тие сведочат за постоењето на една Врховна Интелигенција. Сега, во следниве неколку поглавја, во фокусот на нашето внимание ќе бидат само неколку од овие чуда — од универзумот кој влева стравопочитување па сѐ до сложените дизајни во микроскопскиот свет.

[Слики на страница 102]

Ако некој градител произведува илјадници лоши изработки на една добра, дали би го најмил?

Ако некој возач донесува илјадници лоши одлуки на една добра, дали би се возел со него?

Ако некој хирург прави илјадници погрешни потези на еден исправен, дали би му дозволил да те оперира?

[Слика на страница 103]

Добжански: „На . . . нечиј радио-приемник прободувањето со стап тешко да предизвика тој да работи подобро“

[Слики на страница 104]

Експериментите со овошни мушички произвеле многу деформирани мутанти, но тие секогаш останувале овошни мушички

Нормална овошна мушичка

Мутантни мушички

[Слики на страница 106]

Промената во бојата на брезовата грба не е еволуција, туку само варијација во рамките на основниот вид

[Слики на страница 108]

Фамилијата кучиња има многу варијации, но кучињата секогаш си остануваат кучиња

[Слики на страница 109]

Постои голема разноликост во човечката фамилија, но луѓето се размножуваат само „според својот вид“

[Слики на страница 111]

Зебите кои ги набљудувал Дарвин на Галапагос секогаш остануваат зеби; па така, она што тој го набљудувал било разноликост, а не еволуција