Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Нека зборува фосилниот запис

Нека зборува фосилниот запис

Поглавје 5

Нека зборува фосилниот запис

1. Што се тоа фосили?

 ФОСИЛИ се остатоци од древни животни облици сочувани во Земјината кора. Тие можат да бидат скелети или делови од нив, како што се коски, заби или школки. Фосил може да биде и некоја трага на активност од она што некогаш било живо, како што е отпечаток или траг. Многу фосили повеќе не го содржат својот првобитен материјал, туку се составени од минерални наслаги кои се вовлекле во нив и го попримиле нивниот облик.

2, 3. Зошто фосилите се важни за еволуцијата?

2 Зошто фосилите се важни за еволуцијата? Генетичарот Џ. Л. Стебинс забележал една главна причина: „Всушност, ниту еден биолог не го видел потеклото на некоја главна група организми преку еволуција“.1 Значи, денес не се гледа живите суштества на Земјата да еволуираат во нешто друго. Напротив, сите тие се потполно оформени и се разликуваат од другите видови. Како што забележал генетичарот Теодосиј Добжански, „живиот свет не е некоја единствена низа . . . поврзана со непрекинати серии од меѓукатегории“.2 И Чарлс Дарвин признал дека „различноста на специфичните [живи] облици и тоа што не се меѓусебно помешани со безбројни преодни алки, е многу очигледна тешкотија“.3

3 Така, различните варијации на суштествата кои живеат денес не ѝ даваат поддршка на теоријата на еволуција. Заради тоа фосилниот запис станал толку важен. Се мислело дека барем фосилите ќе ја дадат потврдата која ѝ била потребна на теоријата на еволуција.

Што да се бара

4-6. Доколку еволуцијата е фактична, што би требало да покаже фосилниот доказ?

4 Доколку еволуцијата е факт, фосилниот доказ сигурно би открил постепено менување од еден вид живот во друг. Тоа би морало да биде случај без оглед на тоа која варијанта од еволуционата теорија е прифатена. Дури и научници кои веруваат во побрзите промени поврзани со теоријата на „пунктуиран еквилибриум“ признаваат дека сепак поминале многу илјадници години во кои наводно се случувале овие промени. Затоа, не е разумно да се верува дека воопшто не би имало потреба од фосили кои поврзуваат.

5 Исто така, доколку еволуцијата навистина се заснова на факти, тогаш би се очекувало фосилниот запис да открие почетоци на нови структури кај живите суштества. Требало да има барем некои фосили со раце, нозе, крила, очи и други коски и органи кои се во развој. На пример, би требало да има перки од риби кои се менуваат во нозе од водоземци со стапала и ножни прсти, како и жабри кои се менуваат во бели дробови. Би требало да има влекачи со предни екстремитети кои се менуваат во крила на птици, задни екстремитети кои се менуваат во нозе со канџи, лушпи кои се менуваат во пердуви и усти кои се менуваат во рожени клунови.

6 Во тој поглед, британскиот журнал New Scientist за теоријата вели: „Таа предвидува дека комплетниот фосилен запис би се состоел од лози на организми кои покажуваат постепена промена континуирано низ долги временски периоди“.4 Како што и самиот Дарвин тврдел, „бројот на меѓуваријациите кои постоеле порано [мора] да е навистина огромен“.5

7. Што треба да покаже фосилниот запис доколку извештајот за создавање од 1. Мојсеева е фактичен?

7 Од друга страна, пак, доколку извештајот за создавање од 1. Мојсеева е фактичен, тогаш фосилниот запис не би покажал како еден вид живот се претвора во друг. Тој би ја одразил изјавата од 1. Мојсеева дека секој различен вид живо суштество ќе се размножува само „според родот [видот, NW] нивни“ (1. Мојсеева 1:11, 12, 21, 24, 25). Исто така, доколку живите суштества настанале преку некој чин на создавање, тогаш во фосилниот запис не би имало делумни, недовршени коски или органи. Сите фосили би биле потполни и високо сложени, како што се живите суштества денес.

8. Доколку живите суштества биле создадени, што друго треба да покаже фосилниот запис?

8 Освен тоа, ако живите суштества биле создадени, би се очекувало во фосилниот запис да се појават одеднаш, да не бидат поврзани со ништо пред нив. И ако се откриело дека тоа е точно, што тогаш? Дарвин отворено признал: „Доколку бројните видови . . . навистина започнале да живеат истовремено, тој факт би бил фатален за теоријата на еволуција“.6

Колку е комплетен записот?

9. Што рекол Дарвин за доказот во негово време?

9 Меѓутоа, дали фосилниот запис е доволно комплетен за една чесна проверка на тоа дали оди во прилог на создавањето или на еволуцијата? Пред повеќе од еден век, Дарвин не мислел така. Што било „погрешно“ со фосилниот запис од негово време? Тој не ги содржел преодните алки кои биле потребни за да се поддржи неговата теорија. Таа ситуација го навела да каже: „Тогаш, зошто секоја геолошка формација и секој слој не се полни со такви меѓуалки? Геологијата сигурно не открива ниеден таков фино степенуван органски синџир; а тоа е можеби најочигледниот и најсериозниот приговор кој може да ѝ се изнесе на теоријата“.7

10. Кое друго разочарување го спомнал Дарвин?

10 Фосилниот запис во Дарвиново време се покажал разочарувачки за него и на еден друг начин. Тој објаснил: „Наглиот начин на кој цели групи видови се појавуваат одеднаш во извесни формации бил изнесен од неколку палеонтолози . . . како еден фатален приговор на верувањето во трансмутација на видовите“. Тој додал: „Постои друга и сродна тешкотија која е многу посериозна. Алудирам на начинот на кој видовите кои им припаѓаат на неколку од главните поделби во животинското царство се појавуваат одеднаш во најниските познати карпи кои содржат фосили . . . Во моментов, случајот мора да остане необјаснив; и може да биде навистина изнесуван како валиден аргумент против [еволуционите] гледишта кои тука се негуваат“.8

11. Како Дарвин се обидел да ги објасни тешкотиите?

11 Дарвин се обидел да ги објасни овие огромни проблеми со тоа што го нападнал фосилниот запис. Тој рекол: „На геолошкиот запис гледам како на историја на светот која се води несовршено . . . крајно несовршено“.9 Тој и другите претпоставувале дека, со текот на времето, сигурно ќе бидат најдени фосилните алки кои недостасуваат.

12. Колку е опсежен фосилниот запис сега?

12 Сега, после повеќе од еден век опсежно копање, биле ископани огромен број фосили. Дали записот сѐ уште е толку „несовршен“? Книгата Processes of Organic Evolution коментира: „Записот за минатите животни облици сега е опсежен и постојано се збогатува додека палеонтолозите наоѓаат, опишуваат и споредуваат нови фосили“.10 А научникот Портер Кир од Smithsonian Institution додава: „Постојат сто милиони фосили — сите внесени во каталог и идентификувани — во музеите ширум светот“.11 Затоа, A Guide to Earth History изјавува: „Со помош на фосилите, палеонтолозите сега можат да ни дадат одлична слика за животот во изминатите векови“.12

13, 14. Зошто еволуционистите биле разочарани од зголемениот фосилен доказ?

13 После сето тоа време и собирање милиони фосили, што вели записот сега? Еволуционистот Стивен Стенли наведува дека овие фосили „откриваат нови и изненадувачки работи во врска со нашето биолошко потекло“.13 Книгата A View of Life, напишана од тројца еволуционисти, додава: „Фосилниот запис е полн со тенденции кои палеонтолозите не можеле да ги објаснат“.14 Што е тоа за кое овие еволуциони научници увиделе дека е толку „изненадувачко“ и кое „не можат да го објаснат“?

14 Она што ги збунило тие научници е фактот дека крупниот фосилен доказ кој сега стои на располагање ја открива сосема истата работа која ја открил и во Дарвиново време: Основните видови живи суштества се појавиле одеднаш и не се промениле значително во текот на долги временски периоди. Никогаш не биле најдени никакви преодни алки меѓу еден и друг главен вид живи суштества. Така, она што го вели фосилниот запис е токму спротивното од она што се очекувало.

15. Кој заклучок го извел еден ботаничар од неговата студија на фосилниот запис?

15 Шведскиот ботаничар Хериберт Нилсон, после 40-годишно сопствено истражување, ја опишал ситуацијата на овој начин: „Од палеобиолошките факти не е можно да се направи дури ни карикатура на еволуција. Фосилниот материјал сега е толку комплетен што . . . не може да се каже дека недостатокот на преодните серии се должи на скудност на материјал. Недостатоците се вистински, тие никогаш нема да бидат пополнети“.15

Животот се појавува одеднаш

16. а) На какво очекување наведува еден научник во врска со раниот фосилен запис? б) Дали фосилниот запис го исполнува тоа очекување?

16 Ајде од поблизу да го разгледаме доказот. Во својата книга Red Giants and White Dwarfs, Роберт Џастро наведува: „Некаде во првите милијарда години се појавил животот на Земјината површина. Фосилниот запис покажува дека полека живите организми се искачиле на скалата од едноставни до понапредни облици“. Од овој опис, некој би очекувал фосилниот запис да ја потврди бавната еволуција од првите „едноставни“ животни облици до сложените. Сепак, истата книга вели: „Критичните први милијарда години, во текот на кои започнал животот, се празни страници во историјата на Земјата“.16

17. Дали би можело првите облици на живот да бидат наречени „едноставни“?

17 Исто така, можат ли овие први видови живот навистина да бидат опишани како „едноставни“? „Враќајќи се во ерата на најстарите карпи“, вели Evolution From Space, „фосилните остатоци од древните животни облици пронајдени во карпите не откриваат едноставен почеток. Иако можеби сакаме да мислиме дека фосилните бактерии и фосилните алги и микрофунгите се едноставни во споредба со едно куче или коњ, стандардот на информации останува енормно висок. Поголемиот дел од биохемиската сложеност на живот веќе бил присутен во времето кога биле формирани најстарите површински карпи на Земјата.“17

18. Дали постои некој фосилен доказ дека едноклеточните суштества еволуирале во повеќеклеточни?

18 Од еден ваков почеток, може ли воопшто да се најде некаков доказ за да се потврди дека едноклеточните организми еволуирале во повеќеклеточни? „Фосилниот запис не содржи ни трага од овие прелиминарни стадиуми во развојот на повеќеклеточните организми“, вели Џастро.18 Наместо тоа, тој наведува: „Записот од карпите содржи многу малку — освен бактерии и едноклеточни растенија — сѐ додека, пред околу милијарда години, а после околу три милијарди години невидлив прогрес, се случил еден голем пробив. На Земјата се појавиле првите повеќеклеточни суштества“.19

19. Што се случило во почетокот на она што е наречено камбриски период?

19 Така, во почетокот на она што е наречено камбриски период, фосилниот запис доживува еден необјаснив драматичен пресврт. Една голема разновидност од целосно развиени, сложени морски суштества, од кои многу се со тврди надворешни школки, се појавува толку ненадејно што овој период честопати се нарекува „експлозија“ на живите суштества. Тоа го опишува A View of Life: „Започнувајќи со настапувањето на камбрискиот период и продолжувајќи околу 10 милиони години, за првпат се појавиле сите главни групи на скелетизирани без’рбетници со најспектакуларниот пораст во разновидност за кој некогаш се известило на нашава планета“. Се појавиле полжави, сунѓери, морски ѕвезди, животни слични на јастог наречени трилобити и многу други сложени морски суштества. Интересно е тоа што истата книга забележува: „Некои изумрени трилобити, всушност, развиле посложени и поефикасни очи отколку оние што ги поседува кој и да било жив артропод“.20

20. Дали постојат некакви фосилни алки меѓу камбриската експлозија на живот и она што било пред тоа?

20 Дали постојат фосилни алки меѓу оваа експлозија на живот и она што било пред тоа? Во Дарвиново време, такви алки не постоеле. Тој признал: „На прашањето зошто не наоѓаме богати наслаги кои содржат фосили што им припаѓаат на овие наводни најрани периоди пред камбрискиот систем, не можам да дадам задоволителен одговор“.21 Дали денес ситуацијата се променила? Палеонтологот Алфред С. Ромер ја забележал Дарвиновата изјава во врска со „наглиот начин на кој одеднаш се појавуваат цели групи видови“, и напишал: „Под тој [камбриски] период постојат огромни слоеви од седименти во кои би се очекувале предците на камбриските облици. Но, не ги наоѓаме; овие постари слоеви се речиси празни во поглед на доказот за живот. За општата слика, пак, би можело разумно да се рече дека е во склад со идејата за специјално создавање во почетокот на камбриските времиња. ‚На прашањето зошто не наоѓаме богати наслаги кои содржат фосили што им припаѓаат на овие наводно најрани периоди пред камбрискиот систем‘, рекол Дарвин, ‚не можам да дадам задоволителен одговор.‘ Не можеме ни ние денес“, рекол Ромер.22

21. Кои аргументи не се одржале, и зошто?

21 Некои тврдат дека предкамбриските карпи биле премногу изменети од топлина и притисок за да ги задржат фосилните алки или дека никакви карпи не биле наталожени во плитките мориња за да можат да бидат сочувани фосилите. „Ниту еден од овие аргументи не се одржал“, велат еволуционистите Салвадор Е. Лурија, Стивен Џеј Гулд и Сем Сингер. Тие додаваат: „Геолозите откриле многу неизменети предкамбриски седименти и тие не содржат фосили од сложени организми“.23

22. Со оглед на овие факти, кои коментари ги дал еден биохемичар?

22 Овие факти го навеле биохемичарот Д. Б. Говер да коментира, како што стои во кентскиот Times од Англија: „Извештајот за создавање од 1. Мојсеева и теоријата на еволуција не би можеле да се помират. Едната мора да биде точна, а другата погрешна. Приказната за фосилите се сложува со извештајот од 1. Мојсеева. Во најстарите карпи не најдовме серии фосили кои ги опфаќаат постепените промени од најпримитивните суштества до развиените форми. Наместо тоа, во најстарите карпи, развиените видови се појавуваат одеднаш. Меѓу сите видови постоело комплетно отсуство на меѓуфосили“.24

23. Што заклучил еден зоолог?

23 Зоологот Харолд Кофин заклучил: „Доколку прогресивната еволуција од едноставно до сложено е точна, тогаш би требало да се најдат предците на овие потполно развиени живи суштества од камбриумот; но тие не биле најдени и научниците признаваат дека постои мал изглед некогаш да се најдат. Само на темел на фактите, на темел на она што всушност е најдено во Земјата, најдобро одговара теоријата за ненадеен чин на создавање при кој биле основани главните животни облици“.25

Постојани ненадејни појави, мала промена

24. Дали сведоштвото од фосилниот запис е исто во слоевите над камбрискиот период?

24 Во слоевите над камбриската експлозија на живот, сведоштвото на фосилниот запис секогаш одново е истото: Нови видови животни и нови видови растенија се појавуваат одеднаш, без да имаат врска со нешто што било пред нив. И штом дојдат на сцената, тие продолжуваат со мала промена. The New Evolutionary Timetable наведува: „Записот сега открива дека видовите типично преживуваат сто илјади генерации, или дури и милион или повеќе, без многу да еволуираат . . . После нивното настанување, повеќето видови претрпуваат мала еволуција пред да изумрат“.26

25. Која извонредна стабилност ја покажуваат инсектите?

25 На пример, инсектите се појавиле во фосилниот запис одеднаш и во изобилство, без некои еволуциони предци. Ниту, пак, многу се промениле до ден-денес. Во поглед на наоѓањето на една фосилна мува која била опишана дека е „стара 40 милиони години“, д-р Џорџ Поинар, помладиот, рекол: „Внатрешната анатомија на овие суштества е извонредно слична на она што го наоѓате кај мувите денес. Крилата, нозете и главата, па дури и внатрешните клетки се со многу современ изглед“.27 А еден извештај од The Globe and Mail од Торонто, коментирал: „За 40 милиони години напрегање на еволуционата скала, тие не постигнале речиси никаков видлив прогрес“.28

26. Како растенијата и животните ја покажуваат истата стабилност?

26 Слична слика постои и кај растенијата. Во карпите се најдени фосилни листови од многу дрвја и грмушки кои покажуваат многу мала разлика од листовите на таквите растенија денес: даб, орев, американски орев, грозје, магнолија, палма и многу други. Животинските видови го следат истиот образец. Предците на оние кои денес се живи, во фосилниот запис се појавуваат одеднаш и многу се слични на своите живи двојници. Постојат многу варијации, но сите лесно се идентификуваат како ист „вид“. Списанието Discover забележува еден таков пример: „Морскиот рак потковичар . . . постоел на Земјата скоро непроменет 200 милиони години“.29 И оние кои изумреле го следеле истиот образец. На пример, диносаурусите во фосилниот запис се појавуваат одеднаш, без никакви врски со некои предци пред нив. Многу се намножиле, а потоа изумреле.

27. Што вели една научна публикација за еволуционото „подобрување“?

27 Во врска со тоа, Bulletin од Field Museum of Natural History од Чикаго наведува: „Видовите се појавуваат во низата многу ненадејно, покажуваат мала или никаква промена во текот на своето постоење во записот, а потоа нагло исчезнуваат од него. И не е секогаш јасно — всушност, ретко е јасно — тоа што потомците биле навистина подобро адаптирани од своите претходници. Со други зборови, тешко е да се најде биолошко подобрување“.30

Нема преодни обележја

28. Дали некогаш биле најдени преодни облици на коски и органи?

28 Друг проблем за еволуцијата е фактот што никаде во фосилниот запис не се најдени делумно формирани коски или органи кои би можеле да бидат земени како почеток на едно ново обележје. На пример, постојат фосили од различни видови летечки суштества — птици, лилјаци, изумрени птеродактили. Според еволуционата теорија, тие мора да еволуирале од преодни предци. Но, не е најден ниту еден од овие преодни облици. Не постои ни трага од нив. Дали постојат некои фосили од жирафи со вратови кои се две третини или три четвртини од сегашната должина? Дали постојат фосили од птици кај кои клунот еволуирал од вилица на влекач? Дали постои некаков фосилен доказ за риба која развива карлица на водоземец, или за рибни перки кои се претвораат во нозе, стапала и ножни прсти на водоземец? Факт е дека барањето на такви развојни обележја во фосилниот запис се докажало како бесплодна потрага.

29. Што сега признаваат еволуционистите во врска со наводните преодни облици?

29 New Scientist забележал дека еволуцијата „предвидува дека еден комплетен фосилен запис би се состоел од лози организми кои постојано покажуваат постепена промена низ долги временски периоди“. Но, тој признал: „За жал, фосилниот запис не го задоволува ова очекување, зашто поединечни видови фосили ретко се поврзани еден со друг со познати меѓуоблици . . . Се чини дека познатите фосилни видови навистина не еволуираат дури ни во текот на милиони години“.31 А, пак, генетичарот Стебинс пишува: „Не се познати никакви преодни облици меѓу кои и да било главни класи на животни или растенија“. Тој зборува за „големи јазови кои постојат меѓу многу главни категории организми“.32 „Всушност“, признава The New Evolutionary Timetable, „фосилниот запис убедливо не документира ниту еден единствен преод од еден вид во друг. Освен тоа, видовите траеле вчудовидувачки долги временски периоди“.33 (Курзивот е од нас.)

30. Што потврдува една опсежна студија?

30 Ова се сложува со опширната студија која ја направиле Геолошкото друштво од Лондон и Палеонтолошкото здружение од Англија. Професорот по природни науки Џон Н. Мур за резултатите известил: „Околу 120 научници, сите специјалисти, подготвија 30 поглавја во едно монументално дело со над 800 страници за да го презентираат фосилниот запис за растенијата и животните поделени во околу 2.500 групи . . . Покажано е дека секој главен облик или вид растение и животно има одделна и различна историја од сите други облици или видови! Групи, како од растенија така и од животни, се појавуваат одеднаш во фосилниот запис . . . Китови, лилјаци, коњи, примати, слонови, зајци, верверици итн. — сите тие се толку различни при нивната прва појава, колку што се и сега. Не постои ни трага од заеднички предок, а уште помалку врска со некој влекач, наводен прататко“. Мур додал: „Во фосилниот запис не се најдени преодни облици најверојатно бидејќи во фосилната етапа воопшто и не постојат преодни облици. Најверојатно, преодите меѓу животинските видови и/или преодите меѓу растителните видови никогаш и не се случиле“.34

31. Дали фосилниот запис сега вели нешто поинаку од она што го рекол во Дарвиново време?

31 Така, она што било вистиното во Дарвиново време е исто толку вистинито и денес. Доказот од фосилниот запис сѐ уште е онаков како што рекол зоологот Д’Арси Томсон пред неколку години во неговата книга On Growth and Form: „Дарвиновата еволуција не нѐ научила како птиците потекнале од влекачите, цицачите од пораните четвороношци, четвороношците од рибите, ниту ’рбетниците од родот на без’рбетници . . . Барањето камења за пречекорување на јазовите кои се меѓу нив е барање напразно, засекогаш“.35

Што е со коњот?

32. Што честопати се презентира како класичен пример за еволуција?

32 Меѓутоа, честопати се вели дека барем коњот е класичен пример за еволуција кој е најден во фосилниот запис. Како што наведува The World Book Encyclopedia, „коњите спаѓаат меѓу примерите за еволуционен развој кои се најдобро документирани“.36 Илустрациите за ова почнуваат со едно многу мало животно и завршуваат со големиот денешен коњ. Но, дали фосилниот доказ навистина го поддржува тоа?

33. Дали фосилниот доказ навистина ја поддржува еволуцијата на коњот?

33 Encyclopædia Britannica коментира: „Еволуцијата на коњот никогаш не се одвивала праволиниски“.37 Со други зборови, никаде фосилниот доказ не покажува постепен развој од малото животно до големиот коњ. За овој најистакнат еволуционен модел еволуционистот Хичинг вели: „Некогаш претставуван како едноставен и директен, сега е толку комплициран што дали ќе се прифати една верзија наместо друга, повеќе е работа на вера отколку на разумен избор. Еохипусот, наводно најраниот коњ за кој експертите рекле дека одамна изумрел и дека ни е познат само преку фосилите, можеби всушност уште е жив, и тоа како, и воопшто да не е коњ туку плашливо животно со големина на лисица, наречено даман, кое јури низ африканските грмушки“.38

34, 35. а) Зошто сега некои го доведуваат во прашање местото на еохипусот? б) Дали се најдени некои еволуциони предци за варијациите на фосилните коњи?

34 Рангирањето на малиот еохипус како предок на коњот ја напрегнува имагинацијата, особено со оглед на она што го вели The New Evolutionary Timetable: „Нашироко се претпоставуваше дека [еохипусот] постепено но упорно се претворал во поцелосно животно слично на коњ“. Но, дали фактите ја поддржуваат оваа претпоставка? „Фосилните видови на [еохипусот] покажуваат мал доказ за еволуциона модификација“, одговара книгата. Така, во поглед на фосилниот запис, таа признава: „Тој пропушта да ја документира целосната историја на фамилијата коњи“.39

35 Така, сега некои научници велат дека малиот еохипус никогаш не бил вид коњ ниту негов предок. А секој вид фосил кој е ставен во линијата коњи покажал извонредна стабилност, без преодни облици меѓу него и другите за кои се мислело дека се еволуциони предци. Ниту, пак, треба да нѐ изненади тоа што постојат фосили од коњи со различна големина и облик. Дури и денес коњите варираат од многу мали пони до големи коњи за орање. Сите тие се варијации во рамките на фамилијата коњи.

Што всушност вели фосилниот запис

36. Што навистина покажува фосилниот запис?

36 Кога зборува фосилниот запис, неговото сведоштво не е ориентирано кон еволуција. Напротив, сведоштвото на фосилниот запис е ориентирано кон создавањето. Тој покажува дека многуте различни видови живи суштества се појавиле одеднаш. Иако постоела голема разновидност во рамките на секој вид, тие немале врски со никакви еволуциони предци пред нив. Ниту, пак, имале некакви еволуциони врски со различните видови живи суштества кои дошле после нив. Различните видови живи суштества опстојувале со мала промена во текот на долги временски периоди пред некои од нив да изумрат, додека други преживеале сѐ до ден-денес.

37. Како еден еволуционист го признава тоа?

37 „Концептот на еволуцијата не може да се смета како цврсто научно објаснување за присуството на различните облици на живот“, заклучува еволуционистот Едмунд Семјуел во својата книга Order: In Life. Зошто не? Тој додава: „Ниту една добра анализа на биогеографската дистрибуција или на фосилниот запис не може директно да ја поддржи еволуцијата“.40

38. Што би заклучил оној кој непристрасно испитува?

38 Јасно, оној кој непристрасно испитува би бил наведен да заклучи дека фосилите не ја поддржуваат теоријата на еволуција. Од друга страна, пак, фосилниот доказ им придава голема тежина на аргументите за создавањето. Како што навел зоологот Кофин, „за световните научници фосилите, доказите за животот во минатото, претставуваат краен и финален апелационен суд, бидејќи фосилниот запис е единствената автентична историја за животот која ѝ е достапна на науката. Доколку оваа фосилна историја не се сложува со еволуционата теорија — а ние увидовме дека не се сложува — тогаш што таа учи? Тоа ни кажува дека растенијата и животните биле создадени во нивните основни облици. Основните факти од фосилниот запис го поддржуваат создавањето, а не еволуцијата“.41 Астрономот Карл Саган, во својата книга Космос, отворено признал: „Фосилниот доказ би можел да биде во склад со идејата за Голем Дизајнер“.42

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 54]

„Всушност, ниту еден биолог не го видел потеклото на некоја главна група организми преку еволуција“

[Истакната мисла на страница 57]

Дарвин: „Доколку бројните видови . . . навистина започнале да живеат истовремено, тој факт би бил фатален за теоријата на еволуција“

[Истакната мисла на страница 59]

Фосилниот запис го вели спротивното од она што го предвидела еволуционата теорија

[Истакната мисла на страница 60]

„Фосилните остатоци од древните животни облици пронајдени во карпите не откриваат едноставен почеток“

[Истакната мисла на страница 61]

Дарвин: „Цели групи видови се појавуваат одеднаш“

[Истакната мисла на страница 62]

„За општата слика би можело разумно да се рече дека е во склад со идејата за специјално создавање“

[Истакната мисла на страница 62]

„Постоело комплетно отсуство на меѓуфосили“

[Истакната мисла на страница 66]

„Еволуцијата на коњот никогаш не се одвивала праволиниски“

[Истакната мисла на страница 67]

„Групата Equus која ги вклучува сите живи коњи . . . се појавува одеднаш во фосилниот запис . . . нивното потекло не е документирано со познатиот фосилен доказ“б

[Истакната мисла на страница 70]

„Концептот на еволуцијата не може да се смета како цврсто научно објаснување за присуството на различните облици на живот“

[Рамка на страница 55]

Ортодоксната еволуциона теорија очекувала фосилен запис кој содржи:

1. Многу едноставни животни облици кои се појавуваат постепено

2. Едноставни облици кои постепено се менуваат во сложени

3. Многу преодни „алки“ меѓу различните видови

4. Почетоци на нови телесни обележја, како што се екстремитети, коски, органи

Образецот на создавање очекувал фосилен запис кој содржи:

1. Сложени животни облици кои се појавуваат одеднаш

2. Сложени животни облици кои се размножуваат ‚по своите видови‘ (биолошки фамилии), иако се дозволени варијации

3. Никакви преодни „алки“ меѓу различните биолошки фамилии

4. Никакви делумни телесни обележја; сите делови комплетни

[Рамка/слика на страница 56]

Една книга за еволуцијата содржи цртеж како овој, со текст: „ОД РИБА ДО ЧОВЕК“. Таа вели дека илустрацијата „покажува како коските од перките на рибата еволуирале во коски на човечка рака и дланка“. Исто така, таа наведува: „Фосилниот запис документира многу меѓустадиуми од овој премин“. Но, дали всушност го прави тоа?а

[Графикон]

(Види во публикацијата)

Рачен зглоб

Подлактица

Лакт

Надлактица

Рамо

[Рамка/слики на страници 68 и 69]

Што вели фосилниот доказ . . . За потеклото на живите суштества

За потеклото на животот:

„Во најмалку три четвртини од книгата на вековите изгравирана во Земјината кора, страниците се празни“ (The World We Live In)в

„Почетните чекори . . . не се познати . . . не останала ни трага од нив“ (Red Giants and White Dwarfs)г

За повеќеклеточниот живот:

„Како настанале повеќеклеточните животни и дали тој чекор се случил еднаш или повеќепати и на еден или на повеќе начини — тие остануваат тешки и секогаш дебатирани прашања кои . . . ‚при последната анализа, не е можно сосема да се одговорат‘“ (Science)д

„Фосилниот запис не содржи ни трага од тие прелиминарни стадиуми во развојот на повеќеклеточните организми“ (Red Giants and White Dwarfs)ѓ

За растителниот живот:

„Повеќето ботаничари се потпираат на фосилниот запис како на извор на просветлување. Но . . . не била откриена таква помош . . . Не постои доказ за предци“ (The Natural History of Palms)е

За инсектите:

„Фосилниот запис не дава никакви информации за потеклото на инсектите“ (Encyclopædia Britannica)ж

„Не постојат познати фосили кои покажуваат како изгледале првобитните предци на инсектите“ (The Insects)з

За животните со ’рбет:

„Меѓутоа, фосилните остатоци не даваат информации за потеклото на ’рбетниците“ (Encyclopædia Britannica)ѕ

За рибите:

„Според нашето спознание, ниту една ‚алка‘ не го поврзувала ова ново животно со некој претходен облик на живот. Рибата, едноставно, се појавила“ (Marvels Mysteries of Our Animal World)и

За рибите кои стануваат водоземци:

„Како или зошто го сториле тоа, веројатно нема никогаш да дознаеме“ (The Fishes)ј

За водоземците кои стануваат влекачи:

„Едно од фрустрирачките обележја на фосилниот запис за историјата на ’рбетниците е тоа што покажува толку малку за еволуцијата на влекачите во текот на нивните најрани денови, кога се развивало јајцето со лушпа“ (The Reptiles)к

За влекачите кои стануваат цицачи:

„Ја нема алката која недостасува [што ги поврзува] цицачите и влекачите“ (The Reptiles)л

„Фосилите, за жал, откриваат многу малку за суштествата за кои ние сметаме дека се првите вистински цицачи“ (The Mammals)љ

За влекачите кои стануваат птици:

„Преминот од влекачи во птици е посиромашно документиран“ (Processes of Organic Evolution)м

„Сѐ уште не е најден ниту еден фосил на некој влекач сличен на птица“ (The World Book Encyclopedia)н

За мајмуните:

„За жал, фосилниот запис кој би ни овозможил да го следиме појавувањето на мајмуните, сѐ уште е безнадежно некомплетен“ (The Primates)њ

„На пример, се чини дека современите мајмуни никнале од никаде. Тие немаат вчера, немаат фосилен запис“ (Science Digest)о

Од мајмун до човек:

„Ниту еден фосилен ниту, пак, некој друг физички доказ директно не го поврзува човекот со мајмун“ (Science Digest)п

„Човечката фамилија не се состои од една единствена лоза потомци која води од мајмунолик облик до нашиот вид“ (The New Evolutionary Timetable)р

[Слика на страница 58]

Најдени се милиони фосили кои се наоѓаат во музеите и лабораториите ширум светот

[Слики на страница 61]

Во почетокот на она што се нарекува камбриски период, се појавуваат фосили од главните групи без’рбетници во една спектакуларна „експлозија“ на живи суштества, неповрзани со ниеден од еволуционите предци

Сунѓер

Трилобит

Медуза

Коњ

[Слики на страница 63]

Различните и многу сложени животни облици се појавиле одеднаш и целосно развиени

Американска пругаста верверица

Пеперуга

Папрат

Трендафил

Риба

[Слики на страница 64]

Теоријата на еволуција не отстапува од тоа дека летечките суштества еволуирале од преодни предци; но не е најден ниту еден од нив

Вртимушка

Колибри

Орел

[Слика на страница 65]

Не се најдени фосили од жирафи со вратови кои се две третини или три четвртини од сегашната должина

[Слики на страница 67]

Се вели дека ова животно кое наликува на глодар е слично на еохипус, наводниот предок на коњот. Но, не постои доказ дека еохипусот еволуирал во нешто што е послично на коњ