Несогласувања во врска со еволуцијата — зошто?
Поглавје 2
Несогласувања во врска со еволуцијата — зошто?
Кога требало да биде објавено специјалното издание на стотата годишнина од Дарвиновото Потекло на видовите, В. Р. Томпсон, тогашен директор на Институтот за биолошка контрола при Комонвелтот во Отава (Канада), бил замолен да го напише неговиот увод. Во него, тој рекол: „Како што знаеме, постои големо разидување во мислењата меѓу биолозите, не само во врска со причините за еволуцијата туку дури и во врска со вистинскиот процес. Ова разидување постои бидејќи доказот е незадоволителен и не дозволува некаков сигурен заклучок. Затоа, исправно е и правилно да се сврти вниманието на ненаучната јавност кон несогласувањата во врска со еволуцијата“а
1, 2. а) Како е дефиниран зборот „факт“? б) Кои се некои примери за факти?
ОНИЕ кои ја поддржуваат теоријата на еволуција мислат дека сега таа е утврден факт. Веруваат дека еволуцијата е „вистинска случка“, „реалност“, „вистина“, како што еден речник го дефинира зборот „факт“. Но, дали е?
2 Да илустрираме: Некогаш се верувало дека Земјата е рамна. Сега со сигурност е утврдено дека таа има сферичен облик. Тоа е факт. Некогаш се верувало дека Земјата е центар на универзумот и дека небото се врти околу Земјата. Сега сигурно знаеме дека Земјата се врти во една орбита околу Сонцето. И тоа е факт. Многу работи, кои некогаш биле само дебатирани теории, со доказот се утврдени како цврст факт, реалност, вистина.
3. а) Што покажува дека еволуцијата како утврден „факт“ сѐ уште е во прашање? б) Кој пристап ќе биде корисен при испитувањето на текуштиот статус на еволуцијата?
3 Дали испитувањето на доказот за еволуцијата остава некого на истата здрава основа? Интересно, уште откако во 1859 била објавена книгата на Чарлс Дарвин, Потекло на видовите, различни аспекти на теоријата биле предмет на прилично несогласување дури и меѓу врвни еволуциони научници. Денес, тој спор е поинтензивен од кога и да било порано. И просветлувачки е да се разгледа што велат на таа тема самите застапници на еволуцијата.
Еволуцијата под напад
4-6. Што се случува меѓу оние кои ја унапредуваат еволуцијата?
4 Научното списание Discover ја изнесува ситуацијата на овој начин: „Еволуцијата . . . не е под напад само од христијаните фундаменталисти туку неа ја доведуваат во прашање и почитувани научници. Меѓу палеонтолозите — научници кои го проучуваат фосилниот запис — постои растечко разидување од распространетото гледиште за дарвинизмот“.1 Френсис Хичинг, еволуционист и автор на книгата The Neck of the Giraffe, навел: „И покрај тоа што во научниот свет е прифатен како големо обединувачко начело во биологијата, дарвинизмот после век и четвртина е во неволја со изненадувачка големина“.2
5 После една важна конференција на околу 150 специјалисти по еволуција, одржана во Чикаго (Илиноис), еден извештај заклучил: „[Еволуцијата] поминува низ својата најопсежна и најдлабока револуција во период од скоро 50 години . . . Како точно се случила еволуцијата, сега е работа на голема контроверзија меѓу биолозите . . . На видик немаше никаква јасна резолуција за контроверзиите“.3
6 Палеонтологот Најлс Елдриџ, угледен еволуционист, рекол: „Сомневањето кое се вовлече во претходната, самозадоволна сигурност во последниве дваесет години од еволуционата биологија, ги распали страстите“. Тој зборувал за „недостиг на тотално согласување дури и во самите завојувани табори“, и додал: „Деновиве работите навистина се во метеж . . . Понекогаш изгледа како на секоја [еволуциона] тема да постојат толку многу варијации колку што има поединечни биолози“.4
7, 8. Како коментирал еден почитуван писател за Дарвиновото Потекло на видовите?
7 Еден писател за лондонски Times, Кристофер Букер (кој ја прифаќа еволуцијата), во врска со тоа го рекол следново: „Таа била една извонредно едноставна и привлечна теорија. Единствен проблем било тоа што, како што и самиот Дарвин барем делумно бил свесен, таа била полна со огромни дупки“. Во врска со Дарвиновото Потекло на видовите, тој забележал: „Крајно иронично е тоа што една книга која станала прочуена по објаснување на потеклото на видовите, всушност, не прави ништо такво“ (курзивот е од нас).
8 Исто така, Букер навел: „Еден век после Дарвиновата смрт, ние сѐ уште немаме ни најмалку видлива, па дури ни убедлива идеја за тоа како всушност се случила еволуцијата — а во изминативе години тоа довело до необична серија битки околу целото тоа прашање . . . Меѓу самите еволуционисти постои состојба на речиси отворена војна, при што секоја [еволуциона] секта се залага за некоја нова модификација“. Тој заклучил: „Во врска со тоа како и зошто всушност се случила, немаме ни најмала идеја и веројатно никогаш нема ни да имаме“.5
9. Како е опишана ситуацијата меѓу еволуционистите во неодамнешно време?
9 Еволуционистот Хичинг се сложил велејќи: „Во врска со теоријата на еволуција избувнаа караници . . . На високи места беа установени утврдени позиции за и против . . . и беа фрлани навреди како минофрлачки бомби од обете страни“. Тој рекол дека тоа е академски спор од далекусежни пропорции, „потенцијално едно од оние времиња во науката кога, сосема ненадејно, една долгоприфатена идеја е срушена од тежината на спротивниот доказ и нејзиното место го зазема нова“.6 А британскиот New Scientist забележал дека „еден растечки број научници, особено еден растечки број еволуционисти . . . аргументираат дека Дарвиновата еволуциона теорија воопшто не е вистински научна теорија . . . Многумина од критичарите имаат највисоки интелектуални акредитиви“.7
Дилеми околу потеклото
10. Дали еволуционото потекло на животот на Земјата е утврдено како факт?
10 Во врска со прашањето од каде потекнува животот, астрономот Роберт Џастро рекол: „На свое разочарување [научниците] немаат јасен одговор бидејќи хемичарите никогаш не успеале во репродуцирањето на природните експерименти за создавање живот од нежива материја. Научниците не знаат како се случило тоа“. Тој додал: „Научниците немаат доказ дека животот не бил резултат на еден чин на создавање“.8
11. Каква тешкотија за еволуцијата претставуваат сложените органи на телото?
11 Но, тешкотиите не престануваат со потеклото на животот. Разгледај некои органи на телото како што се окото, увото, мозокот. Сите тие зашеметуваат со нивната сложеност, далеку повеќе отколку најзамрсениот изум направен од човек. Проблем за еволуцијата е фактот што сите делови на таквите органи мораат да работат заедно за да се одвива гледањето, слушањето или размислувањето. Таквите органи би биле бескорисни сѐ додека не се комплетираат сите поединечни делови. Затоа, се поставува прашањето: Дали можел неуправуваниот елемент на случајноста, за кој се мисли дека е движечка сила на еволуцијата, во право време да ги собере сите тие делови за да произведе такви комплицирани механизми?
12. а) Што коментирал Дарвин за потеклото на окото? б) Дали денес проблемот е поблизу до решението?
12 Дарвин го признал тоа како проблем. На пример, тој напишал: „Да се претпостави дека окото . . . можело да биде формирано преку [еволуција], отворено признавам, изгледа дека е апсурд од највисок степен“.9 Оттогаш поминало повеќе од еден век. Дали проблемот е решен? Не. Напротив, она што е научено за окото од времето на Дарвин па наваму, покажува дека тоа е дури посложено отколку што тој разбрал. Затоа, Џастро рекол: „Изгледа дека окото е дизајнирано; ниту еден дизајнер на телескопи не би можел да направи подобро“.10
13. Што заклучил еден научник во врска со мозокот?
13 Ако е така со окото, тогаш што е со човечкиот мозок? Со оглед на тоа што дури и една едноставна машина не еволуира случајно, како може да биде факт тоа дека бескрајно посложениот мозок еволуирал? Џастро заклучил: „Тешко е да се прифати еволуцијата на човечкото око како производ на случајноста; уште потешко е да се прифати еволуцијата на човечката интелигенција како производ на случајни нарушувања во мозочните клетки на нашите предци“.11
Дилеми околу фосилите
14. Дали е точно дека фосилниот доказ ја поддржува еволуцијата?
14 Научниците ископале милиони коски и друг доказ од минатиот живот, и тие се наречени фосили. Доколку еволуцијата е факт, сигурно дека во сето тоа би требало да има обилен доказ дека еден вид живо суштество еволуира во друг вид. Но, Bulletin од Field Museum of Natural History од Чикаго коментирал: „Дарвиновата теорија на [еволуција] секогаш била тесно поврзана со доказот од фосилите и, веројатно, повеќето луѓе претпоставуваат дека фосилите обезбедуваат еден многу важен дел од општиот аргумент кој е составен во прилог на дарвинистичките интерпретации за историјата на животот. За жал, тоа не е најточно“.
15. а) Како Дарвин гледал на фосилниот доказ во негово време? б) После повеќе од еден век собирање фосили, што открива доказот?
15 Зошто не? Bulletin понатаму рекол дека Дарвин „бил засрамен поради фосилниот запис, бидејќи тој не изгледал онака како што предвидувал . . . геолошкиот запис тогаш, а и сѐ уште, не донел еден фино степенуван синџир за бавна и прогресивна еволуција“. Всушност сега, после повеќе од еден век собирање фосили, „имаме дури помалку примери за еволуционен премин отколку што имавме во времето на Дарвин“, објаснил Bulletin.12 Зошто е тоа случај? Бидејќи поизобилниот фосилен доказ кој денес е на располагање покажува дека на некои од примерите, кои некогаш биле користени за да ја поддржат еволуцијата, сега се гледа како воопшто да не ја поддржуваат.
16. Што признаваат сега многу еволуциони научници?
16 Овој пропуст на фосилниот доказ да ја поддржи постепената еволуција, вознемирил многу еволуционисти. Во New Evolutionary Timetable, Стивен Стенли зборувал за „општиот пропуст на записот да ги прикаже постепените премини од една главна група во друга“. Тој рекол: „Познатиот фосилен запис не е — и никогаш не бил — во склад со [бавната еволуција]“.13 Исто така, Најлс Елдриџ признал: „Образецот за кој ни беше кажано да го најдеме во последниве 120 години, не постои“.14
Понови теории
17. Како коментира Science Digest за поновите теории?
17 Сево ова водело до тоа многу научници да застапуваат нови теории на еволуцијата. Science Digest го изнесува тоа на овој начин: „Некои научници предлагаат дури и побрзи еволуциони промени, и тие сега прилично сериозно се справуваат со идеи кои некогаш биле популаризирани само во приказните“.15
18. Која тешкотија постои со понеодамнешната теорија дека животот започнал во вселенскиот простор?
18 На пример, некои научници заклучиле дека животот на Земјата не можел да настане спонтано. Наместо тоа, тие шпекулираат дека тој мора да води потекло од вселенскиот простор и дека потоа се спуштил долу на Земјата. Но, тоа само го истуркува проблемот за потеклото на животот уште поназад и во уште понепријатни рамки. Добро се познати опасностите пред кои стои животот во непријателската околина на вселенскиот простор. Тогаш, дали е веројатно дека животот започнал спонтано на друго место во универзумот и дека преживеал под такви груби околности за да стигне на Земјата и подоцна да се развие во живот каков што ние го знаеме?
19, 20. Која нова теорија ја унапредуваат некои еволуционисти?
19 Бидејќи фосилниот запис не покажува постепен развој на животот од еден вид во друг, некои еволуционисти теоретизираат дека процесот мора да се случувал испрекинато и со почетоци, не со рамномерно темпо. Како што објаснува The World Book Encyclopedia, „многу биолози мислат дека новите видови можеби се произведени со ненадејни, драстични промени во гените“.16
20 Некои приврзаници на оваа теорија го нарекле процесот „пунктуиран еквилибриум“. Тоа значи видовите го задржуваат својот „еквилибриум“ (остануваат скоро исти), но одвреме навреме постои „пунктуација“ (голем скок на еволуирање во нешто друго). Тоа е токму спротивното на теоријата која многу децении била прифатена скоро од сите еволуционисти. Провалијата меѓу обете теории била илустрирана со еден наслов во The New York Times: „Нападната е теоријата на брза еволуција“. Статијата забележала дека поновата идеја за „пунктуиран еквилибриум покренала ново противење“ меѓу оние кои се држеле за традиционалното гледиште.17
21. а) Без оглед на тоа која теорија за еволуција е прифатена, кој доказ треба да постои? б) Сепак, што покажуваат фактите?
21 Без оглед на тоа која теорија се држи, разумно е дека треба да постои барем некаков доказ за да се покаже дека еден вид живот се претвора во друг вид. Но, јазовите меѓу различните видови живот најдени во фосилниот запис, како и јазовите меѓу различните видови живи суштества на Земјата денес, сѐ уште постојат.
22, 23. Како Дарвиновата идеја за „преживување на најспособните“ била предизвикувана во неодамнешни времиња?
22 Исто така, може да се добие увид ако се види што се случило со Дарвиновата долго прифатена идеја во врска со „преживувањето на најспособните“. Тој го нарекол тоа „природна селекција“. Со други зборови, тој верувал дека природата ги „избрала“ да преживеат најспособните живи суштества. Додека овие „способни“ наводно стекнувале нови обележја кои дејствувале во нивна полза, тие постепено еволуирале. Но, доказот од изминатите 125 години покажува дека, иако најспособните можеби навистина преживуваат, тоа не објаснува како тие се појавиле. Еден лав може да биде поспособен од друг лав, но тоа не објаснува како дошло до тоа тој да биде лав. И сите негови потомци и понатаму ќе бидат лавови, а не нешто друго.
23 Затоа, во списанието Harper’s, писателот Том Бетел коментирал: „Дарвин направил грешка, доволно сериозна за да ја поткопа својата теорија. А таа грешка дури неодамна била препозната како таква . . . Еден организам може навистина да биде ‚поспособен‘ од друг . . . Се разбира, ова не е нешто што помага да се создаде организмот . . . Мислам, јасно е дека имало нешто многу, многу погрешно во една таква идеја“. Бетел додал: „Како што гледам, заклучокот е зачудувачки: Верувам дека Дарвиновата теорија е на работ на колапс“.18
Факт или теорија?
24, 25. а) Кои се некои подрачја на кои еволуцијата не го исполнила мерилото да биде утврден факт? б) Во склад со она што го рекол еден еволуционист за современата теорија, како можело да биде сметана таа?
24 Резимирајќи некои од нерешените проблеми на кои наидува еволуцијата, Френсис Хичинг забележал: „На три пресудни подрачја каде што [современата теорија на еволуција] може да биде испитана, таа изневерила: Фосилниот запис открива образец на еволуциони скокови наместо на постепена промена. Гените се моќен стабилизирачки механизам чија главна функција е да спречи да еволуираат нови облици. Случајните чекор по чекор мутации на молекуларно ниво не можат да ја објаснат организираната и сѐ поголема сложеност на животот“ (курзивот е од нас).
25 Потоа, Хичинг заклучил наведувајќи го ова забележување: „Најблаго речено, некој може да ја доведе во прашање теоријата на еволуција — толку опкружен од сомненија кои ги има дури и меѓу оние кои поучуваат за неа. Доколку дарвинизмот навистина е голем обединувачки принцип на биологијата, тој содржи необично големи подрачја на незнаење. Тој пропушта да објасни некои од најосновните прашања: Како оживеале безживотните хемиски материи, кои граматички правила лежат зад генетскиот код, како гените ја обликуваат формата на живите суштества“. Всушност, Хичинг навел дека тој ја смета современата теорија на еволуција „толку неадекватна што таа заслужува да биде третирана како работа на верата“.19
26. Зошто не е разумно и понатаму да се инсистира на тоа дека еволуцијата е факт?
26 Меѓутоа, многу застапници на еволуцијата мислат дека имаат доволно причини да инсистираат на тоа дека еволуцијата е факт. Објаснуваат дека тие се расправаат само околу деталите. Но, ако некоја друга теорија имала такви огромни тешкотии кои преостануваат и такви големи контрадикции меѓу оние кои ја застапуваат, дали таа толку лесно би била прогласена за факт? Самото повторување дека нешто е факт не го прави тоа факт. Како што напишал биологот Џон Р. Дјурант во лондонски The Guardian, „многу научници подлегнуваат на искушението да бидат догматични . . . Секогаш одново прашањето за потеклото на видовите се презентира како конечно решено. Ништо не би можело да биде подалеку од вистината . . . Но, тенденцијата да се биде догматичен продолжува, и таа не ѝ служи на каузата на науката“.20
27. Каква друга рамка постои за доказот, која нуди основа за разбирање на тоа како настанал животот?
27 Од друга страна, пак, што е со создавањето како објаснување за тоа како животот дошол тука? Дали тоа нуди некаква рамка за доказот кој е некако поцврст од тврдењата кои честопати ја поткрепуваат еволуцијата? И како најдобро познат извештај за создавањето, дали 1. Мојсеева фрла некаква веродостојна светлина за тоа како настанале Земјата и живите суштества?
[Прашања]
[Истакната мисла на страница 14]
„Дарвинизмот, после век и четвртина е во неволја со изненадувачка големина“
[Истакната мисла на страница 15]
„Како точно се случила еволуцијата, сега е работа на голема контроверзија меѓу биолозите“
[Истакната мисла на страница 18]
„Изгледа дека окото е дизајнирано; ниту еден дизајнер на телескопи не би можел да направи подобро“
[Истакната мисла на страница 21]
„Образецот за кој ни беше кажано да го најдеме во изминативе 120 години, не постои“
[Истакната мисла на страница 21]
„Некои научници предлагаат . . . [еволуциони] идеи кои некогаш биле популаризирани само во приказните“
[Истакната мисла на страница 22]
Новите теории противречат на она што било прифатено веќе многу децении
[Истакната мисла на страница 23]
„Верувам дека Дарвиновата теорија е на работ на колапс“
[Истакната мисла на страница 24]
„Секогаш одново прашањето за потеклото на видовите се презентира како конечно решено. Ништо не би можело да биде подалеку од вистината“
[Рамка на страница 18]
„Научниците за компјутери попречени во нивната потрага да се мерат со човечкиот вид“
Под горниот наслов, The New York Times известил: „Експертите кои се стремеле кон еден од најсмелите човечки сништа — да создадат машини кои размислуваат — се спрепнале додека го преземале она што изгледало како прв основен чекор. Пропуштиле да го совладаат видот.
После две децении истражување, тие сѐ уште мораат да ги учат машините на навидум едноставниот чин — да можат да ги препознаваат секојдневните предмети и да ги разликуваат еден од друг.
Наместо тоа, тие развиле еден нов продлабочен респект кон сложеноста на човечкиот вид . . . Научниците за компјутери ѝ завидуваат на човечката ретина. Нејзините 100 милиони стапчиња и чепчиња, како и нејзините слоеви од неурони извршуваат најмалку 10 милијарди пресметувања во секунда“.б
[Слика на страница 16]
За Дарвиновата книга Потекло на видовите, еден писател за лондонски Times кој ја прифаќа еволуцијата, напишал: „Крајно иронично е тоа што една книга која станала прочуена по објаснување на потеклото на видовите, всушност, не прави ништо такво“
[Слика на страница 17]
Еден еволуционист навел: „Беа установени утврдени позиции за и против . . . и беа фрлани навреди како минофрлачки бомби од обете страни“
[Слики на страница 19]
Астрономот Роберт Џастро рекол: „Тешко е да се прифати еволуцијата на човечкото око како производ на случајноста; уште потешко е да се прифати еволуцијата на човечката интелигенција како производ на случајни нарушувања во мозочните клетки на нашите предци“
[Слики на страница 20]
„Некои од класичните случаи на дарвинистички промени во фосилниот запис . . . морало да бидат отфрлени или модифицирани како резултат на подетални информации“в (Дејвид Рауп — Field Museum of Natural History од Чикаго)
Еохипус
Археоптерикс
Дводишачка
[Слика на страница 22]
Иако најспособните можеби преживуваат, тоа не објаснува како тие се појавуваат