Зошто се разделија тато и мама?
Поглавје 4
Зошто се разделија тато и мама?
„Се сеќавам кога нѐ напушти татко ми. Навистина не знаевме што се случува. Мама мораше да оди на работа и цело време нѐ оставаше сами. Понекогаш само ќе седевме покрај прозорецот, грижејќи се да не нѐ оставила и таа . . .“ (девојка од разведено семејство).
РАЗВОДОТ на нечии родители може да изгледа како крај на светот, катастрофа која создава толкава беда што може да трае засекогаш. Тој честопати предизвикува налет на чувства на срам, лутина, вознемиреност, страв од напуштање, вина, депресија и длабока загуба — па дури и желба за освета.
Ако твоите родители неодамна се разделиле, би можел и ти да доживуваш вакви чувства. Најпосле, нашиот Творец имал намера да те подигаат и мајка и татко (Ефесјаните 6:1—3). Сепак, сега си лишен од секојдневната присутност на еден родител кого го љубиш. „Јас навистина сакав да бидам како татко ми и сакав да бидам со него“, се жали Пол, чии родители се разделиле кога имал седум години. „Но старателството за нас го доби мајка ми.“
Зошто родителите се разидуваат
Честопати родителите добро ги кријат своите проблеми. „Не се сеќавам моите родители да се расправале“, вели Лин, чии родители се развеле кога таа била дете. „Мислев дека се сложуваат.“ Па дури и кога родителите се расправаат, пак може да биде шок кога тие всушност ќе се разделат!
Во многу случаи, разделувањето се појавува поради тоа што едниот родител е виновен за неисправно сексуално однесување. Бог му дозволува на недолжниот партнер да добие развод (Матеј ). Во други случаи, ‚гневот, викањето и хулењето (навредливиот говор, НС)‘ избиле во насилство, предизвикувајќи едниот родител да се плаши за својата физичка благосостојба, како и за благосостојбата на децата ( 19:9Ефесјаните 4:31).
Некои разводи, како што е познато, се добиени на површни основи. Наместо да ги решат своите проблеми, некои себично се разведуваат поради тоа што тврдат дека се ‚несреќни‘ или ‚повеќе не се љубат‘. Тоа не му е угодно на Бог, кој ‚го мрази разводот‘ (Малахија 2:16, НС). Исто така, Исус укажал дека некои ќе ги прекинуваат своите бракови поради тоа што нивните сопружници станале христијани (Матеј 10:34—36).
Каков и да е случајот, фактот што твоите родители одлучиле да молчат или да ти дадат само нејасни одговори на твоите прашања во врска со разводот, не значи дека тие не те љубат. * Завиткани во сопствената болка, на твоите родители можеби едноставно им е тешко да зборуваат за разводот (Изреки 24:10). Ним, исто така, може да им е непријатно и срам да ги признаат своите взаемни пропусти.
Што можеш да направиш
Обиди се да го препознаеш вистинското време за да разговараш смирено со родителите за твоите грижи (Изреки 25:11). Дај им до знаење колку си тажен и збунет поради разводот. Можеби ќе ти дадат задоволувачко објаснување. Ако не, немој да очајуваш. Зарем Исус не ги задржал информациите за кои чувствувал дека учениците не се спремни да ги носат? (Јован 16:12). И зарем твоите родители немаат право на приватност?
Конечно, разбери дека разводот, без разлика каква е причината за него, е спор меѓу нив — а не со тебе! При испитувањето на 60 разведени семејства, Волерстин и Кели увиделе дека за разводот двојките се обвинувале еден со друг, ги обвинувале нивните работодавачи, членовите на семејството и пријателите. Но, велат истражувачите, „што е доста интересно, ниту еден не ги обвини децата“. Чувствата на твоите родители кон тебе се непроменети.
Исцелителни ефекти на времето
Има „време кога се лекува“ (Проповедник 3:3). И токму како што за дословна рана, на пример скршена коска, може да бидат потребни седмици или дури и месеци за потполно да заздрави, исто така потребно е време за да се излечат емоционалните рани.
Истражувачите за развод Волерстин и Кели утврдиле дека само за неколку години после разводот, „широко распространетите стравови, тагата, шокирачкото неверување . . . избледеле или потполно исчезнале“. Некои експерти мислат дека најлошото од разводот поминува за само три години. Ова може да изгледа долго време, но мора да се случат многу работи пред да се стабилизира твојот живот.
Како прво, рутината на домаќинството — нарушена поради разводот — мора да се реорганизира. Ќе помине време и додека твоите родители застанат на нозе во емоционален поглед. Само тогаш конечно ќе бидат во состојба да ти ја дадат потребната поддршка. Како што твојот живот повторно ќе добива некаков ред, така ти повторно ќе почнеш да се чувствуваш нормално.
Меѓутоа, Соломон го дал ова предупредување: „Не вели: ‚Зошто поранешните дни биле подобри од сегашните?‘, оти не е мудро да прашуваш за тоа“ (Проповедник 7:10). Ако живееш во минатото, тоа може да те ослепи за сегашноста. Каква била ситуацијата во твоето семејство пред разводот? „Секогаш имаше многу расправии — викање и навредување“, признава Анет. Дали е можно сега да се радуваш на домашен мир?
,Можам повторно да ги спојам‘
Некои млади луѓе потхрануваат соништа за повторно обединување на нивните родители, можеби стојат цврсто при ваквите фантазии дури и откако нивните родители склопиле нов брак!
Но, порекнувањето на разводот не менува ништо. И сите солзи, молби и кроење планови на светот веројатно нема повторно да ги спојат твоите родители. Тогаш, зошто да се измачуваш со тоа што ќе размислуваш нешто неверојатно? (Изреки 13:12). Соломон рекол дека има „време да се откажеш од нешто како да е загубено“ (Проповедник 3:6, НС). Затоа, прифати ја реалноста и трајноста на разводот. Тоа е голем чекор за да го преболиш.
Помирување со твоите родители
Можеби со право си лут на родителите бидејќи ти го пореметиле животот. Еден млад човек горко се изразил: „Моите родители беа себични. Тие не мислеа вистински за нас и како би влијаело на нас тоа што го направија. Тие само си отидоа и си направија свои планови“. Ова можеби е точно. Но, можеш ли да минуваш низ животот и да носиш товар на лутина и горчина, а да не си наштетиш себеси?
Библијата советува: ‚Секое огорчение и јарост, гнев . . . да бидат подалеку од вас . . . а еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг‘ (Ефесјаните 4:31, 32). Како можеш да му простиш некому кој толку длабоко те повредил? Обиди се објективно да ги гледаш твоите родители — како грешни, несовршени луѓе. Да, дури и родителите ‚грешат и се лишени од славата Божја‘ (Римјаните 3:23). Ако го сфатиш ова, може да ти биде од помош да се помириш со твоите родители.
Отворено зборувај за своите чувства
„Никогаш вистински не сум зборувал за тоа како се чувствував поради разводот на моите родители“, рече еден млад човек кога го интервјуиравме. Иако на почетокот беше рамнодушен, младичот стануваше сѐ поемотивен — дури и се насолзи — додека зборуваше за разводот на неговите родители. Чувствата кои долго време биле потиснувани излегоа на површина. Изненаден од тоа, тој призна: „Отвореното зборување за тоа вистински ми помогна“.
На сличен начин, ти можеби ќе утврдиш дека од помош е да се довериш на некого наместо да се изолираш. Дај им до знаење на родителите како точно се чувствуваш, какви се твоите стравови и грижи. (Спореди Изреки 23:26.) Можат да помогнат и зрелите христијани. Кит, на пример, добил мала или никаква поддршка од своето семејство, кое било растргнато со развод. Сепак, тој нашол поддршка на друго место. Кит вели: „Семејство ми стана христијанското собрание“.
Над сѐ, ти можеш да најдеш уво што слуша кај твојот небесен Татко, ‚Слушачот на молитвата‘ (Псалм 65:2, НС). Еден млад човек по име Пол, се сеќава што му помогнало да го преболи разводот на неговите родители: „Цело време се молев и секогаш чувствував дека Јехова е вистинска личност“.
Продолжи со својот живот
После разводот, работите можеби веќе никогаш нема да бидат исти. Меѓутоа, тоа не значи дека твојот живот не може да биде плоден и среќен. Библијата советува: „Не безделничете во своите работи“ (Римјаните 12:11, НС). Да, наместо да дозволиш тагата, болката или лутината да те спречат во твоите активности, продолжи со својот живот! Вклучи се во училишните задачи. Најди некое хоби. Биди ‚изобилно вработен во делото Господово‘ (1. Коринтјаните 15:58, НС).
Тоа ќе бара работа, одлучност и извесно време. Но, на крајот, прекинувањето на бракот на твоите родители повеќе нема да биде главна работа во твојот живот.
[Фуснота]
^ пас. 10 Истражувачите Волерстин и Кели откриле дека „на четири петини од најмалите деца [на разведени родители] кои биле испитани, не им било дадено ни соодветно објаснување ниту уверување за понатамошната грижа. Всушност, кога едно утро се разбудиле, едниот родител си бил заминат“.
Прашања за дискусија
□ Кои се некои од причините поради кои се разделуваат родителите?
□ Зошто на родителите би можело да им биде тешко да зборуваат за тоа? Што можеш да направиш ако покажуваат такво колебање да зборуваат?
□ Зошто е бесмислено да живееш во минатото или да фантазираш дека повторно ќе ги составиш твоите родители?
□ Кои се некои позитивни работи што можеш да ги направиш за да си помогнеш да го преболиш разводот?
□ Како можеш да излезеш накрај со лутината што можеби ја чувствуваш кон родителите?
[Рамка на страници 36 и 37]
,Дали разводот ќе го упропасти мојот живот?‘
Како последица на разводот на родителите, некои млади скоро си го упропастуваат својот живот. Некои донесуваат брзоплети одлуки, како што е напуштање на училиштето. Други ја отпуштаат својата фрустрација и лутина преку лошо однесување — како да ги казнуваат своите родители поради разводот. Дени се сеќава: „После разводот на моите родители бев несреќен и депримиран. Почнав да доживувам проблеми на училиште и изгубив една година. После тоа . . . станав кловн на класот и запаѓав во многу тепачки“.
Нечие шокантно однесување веројатно ќе го привлече вниманието на родителите. Но, што навистина се постигнува со тоа, освен додатен стрес на веќе стресната ситуација? Точно, единствениот што се казнува за престапувањето е престапникот (Галатјаните 6:7). Обиди се да разбереш дека и твоите родители патат и дека тоа што наизглед те запоставуваат не е злонамерно. Мајката на Дени признала: „Јас навистина ги запоставив моите деца. После разводот самата бев толку збркана што едноставно не можев да им помогнам“.
Во Евреите 12:13, Библијата советува: „Со нозете свои ‚направете си прави патеки‘ та, она што е хромо, да не се отклони“. Дури и ако родителската дисциплина е отсутна, нема оправдување за лошо однесување (Јаков 4:17). Преземи ја одговорноста за твоите постапки и вежбај самодисциплина (1. Коринтјаните 9:27).
Исто така, избегнувај да донесуваш брзоплети одлуки, на пример, да го напуштиш домот. „Благоразумниот е внимателен на своите чекори“ (Изреки 14:15). Ако твоите родители изгледаат дека во овој момент се премногу расеани за да те сослушаат, зошто не разговараш за твоите одлуки со некој постар пријател?
Сепак, можеби имаш извесен број грижи во врска со иднината. Со оглед на тоа што бракот на твоите родители пропаднал, разбирливо е дека ти би можел да бидеш загрижен во врска со твојот изглед да се радуваш на успешен брак. За среќа, брачната несреќа не е нешто што наследуваш од своите родители — како бемките.
Ти си засебен поединец и, како ќе испадне твојот иден брак, нема да зависи од пропустите на твоите родители, туку од тоа во колкава мера ти и твојот брачен партнер ќе ја применувате Божјата Реч.Можеби ќе увидиш дека си загрижен за работи кои порано си ги земал здраво за готово — храна, облека, кров над глава, пари. Меѓутоа, родителите обично средуваат на некои начини да ги издржуваат своите деца после разводот, дури и ако мајката мора да најде световно вработување. И покрај тоа, книгата Surviving the Breakup реалистично предупредува: „Она што некогаш издржувало една семејна единица, сега мора да издржува две семејства, принудувајќи опаѓање на животниот стандард за секој член на семејството“.
Затоа, лесно може да се случи да мораш да се навикнуваш без работите на кои си се радувал, како што е нова облека. Но, Библијата нѐ потсетува: „Ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме. Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:7, 8). Можеби ќе можеш дури и да помогнеш во изготвувањето на новиот семеен буџет. Исто така, запомни дека Јехова е „Татко на момчиња без татко“ (Псалм 68:5, НС). Можеш да бидеш сигурен дека тој е длабоко загрижен за твоите потреби.
Јеремија забележал: „Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја“ (Плач Јеремиин 3:27). Точно, малку „добро“ има кога се гледа како се разделуваат родителите. Но, можно е дури и ова негативно искуство да го свртиш во твоја корист.
Истражувачот Џудит Волерстин забележува: „Беше впечатлив и понекогаш трогателен емоционалниот и интелектуалниот раст [помеѓу децата на разведени родители] што бил предизвикан со семејната криза. Младите . . . трезвено размислуваа за искуствата на своите родители и извлекуваа промислени заклучоци за својата иднина. Беа загрижени да изнајдат начини како да ги избегнат грешките што ги направиле нивните родители“.
Без сомнение, раскинувањето на твоите родители сигурно ќе остави печат врз твојот живот. Но, дали тој печат ќе биде флека што бледнее или рана која гнои, во голема мерка зависи од тебе.
[Слика на страница 35]
Да гледаш како се прекинува бракот на твоите родители може да биде едно од најболните искуства што можат да се замислат
[Слика на страница 38]
Ако живееш во спомени за тоа каков ти бил животот порано, тоа може само да те депримира