Дали е важно она што го читам?
Поглавје 35
Дали е важно она што го читам?
ЦАР Соломон предупредил: „Да пишуваш многу книги — тоа нема крај, а да читаш многу — и тоа е заморно за телото“ (Проповедник 12:12). Соломон не се обидувал да те обесхрабри во поглед на читањето; тој само те советувал да бидеш избирлив.
Рене Декарт, француски филозоф од XVII век, рекол: „Кога некој чита добри книги, тоа е исто како да разговара со воспитаните луѓе кои живееле во минатото. Тоа би можеле дури да го наречеме селективен разговор во кој авторот ги изразува само своите најблагородни мисли“. Но, не се вредни за ‚разговор‘ сите писатели ниту, пак, се навистина „благородни“ сите нивни мисли.
Затоа, повторно влегува во игра често цитираното библиско начело: „Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“ (1. Коринтјаните 15:33, НС). Да, луѓето со кои се дружиш можат да ја обликуваат твојата личност. Дали некогаш си поминал со некој пријател толку многу време што увидуваш дека и самиот почнуваш да постапуваш, да зборуваш, па дури и да размислуваш како твојот пријател? Па, да читаш некоја книга е исто како да поминуваш часови разговарајќи со оној кој ја напишал.
Затоа, на место е начелото кое го навел Исус во Матеј 24:15: „Читателот нека примени проникливост“ (Матеј 24:15, НС). Научи да го анализираш и да го одмеруваш она што го читаш. Сите луѓе патат од извесна мера предрасуди и не се секогаш потполно чесни кога ги прикажуваат фактите. Затоа, немој слепо да прифаќаш сѐ што читаш или слушаш: „Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори“ (Изреки 14:15).
Треба да бидеш особено претпазлив во врска со читањето нешто што изложува некоја животна филозофија. На пример, списанијата за тинејџери се полни со совети за сѐ и сешто, од состанување па до предбрачен секс — но, не секогаш со совети што треба да ги применува еден христијанин. А што е со книгите кои навлегуваат во тешки филозофски прашања?
Библијата предупредува: „Браќа, пазете некој да не ве заведе со философија и со празна измама според човечкото предание, а не по Христа“ (Колосјаните 2:8). Библијата и библиски темелените публикации како што е оваа, нудат далеку подобар совет (2. Тимотеј 3:16).
Љубовни романи — безопасно четиво?
Читањето љубовни романи станало навика која само во Соединетите Држави создала зависност кај околу 20 милиони луѓе. Се разбира, самиот Бог им всадил на мажот и на жената желба да се вљубат и да стапат во брак (1. Мојсеева 1:27, 28; 2:23, 24). Тогаш, не е за изненадување тоа што во поголемиот дел од белетристиката на истакнат начин е прикажана романтичната љубов, и тоа не е нешто безусловно непожелно. Некои љубовни романи дури достигнале статус на добра литература. Но, со оглед на тоа што според современите стандарди постарите романи се сметаат за досадни, писателите во последно време увидуваат дека изработувањето нов вид љубовни романи донесува заработувачка. Некои сѐ уште користат историски или средновековни рамки за да ѝ додадат драма и амбиент на приказната. Други, пак, имаат модерен стил и рамка. Сепак, со неколку ситни варијации, овие модерни љубовни романи следат една прилично предвидлива формула: Хероите и хероињите прескокнуваат големи пречки што ѝ се закануваат на нивната романтична љубов, која се развива.
Обично, херојот е силен, дури и дрзок маж од кого избива самодоверба. Но, хероињата е веројатно нежна и ранлива, честопати е помлада од херојот за 10 или 15 години. И иако тој честопати се однесува кон неа со презир, таа сепак е незапирливо привлечена кон него.
Честопати постои и некој сопернички кандидат за женачката. Иако тој е љубезен и обѕирен, не успева да ја возбуди или да ја заинтересира хероињата. Така, таа го користи својот заводнички шарм за да го обликува нејзиниот стоички херој во една нежна душа која сега отворено ја објавува својата верна
љубов. Сите претходни стравувања се разјаснети и простени, тие радосно се венчаваат и среќно си живеат засекогаш . . .Дали љубовта е како во љубовните приказни?
Би можело ли читањето вакви измислени приказни да ја замагли твојата визија за реалноста? Бони, која почнала да чита љубовни романи на 16-годишна возраст, се сеќава: „Барав младич кој е висок, црн и убав; некој кој возбудува, со доминантна личност“. Таа признала: „Кога ќе се состанував со некој млад човек кој не сакаше да се бакнуваме и да се допираме, ми беше здодевен дури иако беше обѕирен и љубезен. Го сакав возбудувањето за кое читав во романите“.
Бони продолжила да чита романи после нејзината венчавка, и вели: „Имав убав дом и семејство, но некако тоа не ми беше доволно . . . Сакав авантура, возбудување и восхитување што толку соблазнително е напишано во романите. Мислев дека со мојот брак нешто не е во ред“. Но, Библијата ѝ помогнала на Бони да сфати дека еден сопруг мора да ѝ пружи на својата сопруга повеќе отколку само шарм или „возбудување“. Таа вели: ‚Мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува‘ (Ефесјаните 5:28, 29).
А што е со темите кои се толку вообичаени во љубовните романи, утописките завршетоци и лесното решавање на разликите? Па, тие се далеку од реалистични. Бони се сеќава: „Кога не се сложував со мојот сопруг, наместо да разговарам со него, јас ги имитирав триковите што ги користеше хероињата. Кога мојот сопруг немаше да реагира на ист начин како херојот, јас ќе се намуртев“. Зарем библискиот совет за сопругите не е далеку пореалистичен и попрактичен кога вели: „Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои“? (Колосјаните 3:18).
Сексуална содржина
Интересно е тоа што романите кои отворено зборуваат за сексот — кои се достапни во јавните библиотеки во некои градови
— се најбарани од тинејџерите. Можат ли тие да ти наштетат? Карен, која има 18 години, објаснува: „Книгите навистина поттикнуваа во мене силни сексуални чувства и љубопитност. Занесот и еуфоричните чувства кои ги чувствувала хероињата во страсните средби со херојот, предизвикуваа и јас да ги посакам тие чувства. Затоа, кога се состанував“, продолжува таа, „се обидував повторно да ги создадам тие чувства. Тоа ме доведе да извршам неморал“. Но, дали нејзиното искуство било исто како кај хероињите за кои читала и фантазирала? Карен открила: „Тие чувства се измислени во главите на писателите. Тие не се вистински“.Навистина, намерата на некои автори е да создадат сексуални фантазии. Разгледај ги упатствата што ги дава еден издавач до авторите на љубовни романи: „Сексуалните средби треба да се сосредоточат на страста и на еротските чувства кои се будат од бакнежите и милувањата од страна на херојот“. Понатаму, писателите препорачувале дека љубовните приказни „треба да предизвикаат возбудување, тензија и длабок емоционален и сензуален одѕив кај читателот“. Јасно е дека читањето таков материјал нема да му помогне никому да ја следи библиската опомена да ги ,умртви своите телесни органи кои се на Земјата, во врска со блуд, нечистотија, сексуален апетит, штетна желба‘ (Колосјаните 3:5, НС).
Биди избирлив
Затоа, најдобро е да избегнуваш романи кои будат неморални чувства или кои создаваат нереалистични очекувања. Зошто не се прошириш и се обидеш да читаш други видови книги,
како на пример историја или научни книги? Тоа не значи дека имаш забранет пристап кон белетристиката, со оглед на тоа што има некои белетристички дела кои не само што се забавни туку и воспитни. Но, ако некој роман прикажува секс, бесмислено насилство, окултни практики или „херои“ кои се промискуитетни, безмилосни или алчни, дали треба да трошиш време за да го читаш?Затоа, биди внимателен. Пред да читаш некоја книга, разгледај ја нејзината корица и обвивката; види дали има нешто непожелно во книгата. И доколку и покрај мерките на претпазливост испадне дека некоја книга не е добра, имај цврста личност да ја оставиш.
Во споредба со тоа, читањето на Библијата и на публикациите кои се поврзани со Библијата ќе ти помогне, нема да ти наштети. На пример, една девојка од Јапонија вели дека читањето на Библијата ѝ помогнало да не размислува за сексот — чест проблем за младите. „Секогаш ја ставам Библијата до мојот кревет и си поставувам задача да ја читам пред да си легнам“, вели таа. „Кога сум сама и кога немам што да правам (како тогаш кога е време за легнување), моите мисли понекогаш се свртуваат кон сексот. Затоа, читањето на Библијата навистина ми помага!“ Да, „разговарањето“ со луѓето од вера, за кои е запишано во Библијата, може да ти даде вистински морално цврст карактер и многу да придонесе кон твојата среќа (Римјаните 15:4).
Прашања за дискусија
□ Зошто мораш да бидеш избирлив во врска со тоа што го читаш?
□ Зошто љубовните романи им се толку привлечни на многу млади? Но, кои се опасностите од нив?
□ Како можеш да избереш прикладен материјал за читање?
□ Кои се некои користи од читањето на Библијата и библиски темелените публикации?
[Истакната мисла на страница 287]
„Имав убав дом и семејство, но некако тоа не ми беше доволно . . . Сакав авантура, возбудување и восхитување што толку соблазнително е напишано во романите. Мислев дека со мојот брак нешто не е во ред“
[Слика на страница 283]
Со толку илјадници книги кои се достапни, мораш да бидеш избирлив
[Слики на страница 285]
Љубовните романи можеби се интересни за читање, но дали поучуваат за здраво гледиште кон љубовта и бракот?