Како можам да ги контролирам моите навики на гледање ТВ?
Поглавје 36
Како можам да ги контролирам моите навики на гледање ТВ?
ЗА МНОГУМИНА, млади и стари, гледањето ТВ претставува сериозна зависност. Анкетите покажуваат дека до 18-годишна возраст, просечниот млад човек во Америка гледал ТВ околу 15.000 часа! А дека се работи за вистинска зависност станува очигледно кога тврдокорните гледачи се обидуваат да прекинат со таа навика.
„За мене, телевизијата е речиси неодолива. Кога телевизорот е вклучен, не можам а да не му обрнувам внимание. Не можам да го исклучам . . . Кога посегнувам да го исклучам телевизорот, силата од рацете ме напушта. Пред него седам со часови.“ Некој незрел младич? Не, тоа бил еден инструктор по англиски на колеџ! Но и младите можат да бидат ТВ наркомани. Забележи ги реакциите на некои кои се сложиле на „Седмица без ТВ“:
„Бев во состојба на депресија . . . Ќе се мрднев од памет“ (дванаесетгодишната Сузан).
„Мислам дека не ќе можам да прекинам со таа навика. Премногу го сакам ТВ-то“ (тринаесетгодишната Линда).
„Притисокот беше ужасен. Постојано имав силна желба за тоа. Најтешко време беше помеѓу осум и десет часот навечер“ (единаесетгодишниот Луис).
Тогаш, не е за изненадување што повеќето од младите кои биле вклучени, го прославиле крајот на ‚Седмицата без ТВ‘ со избезумено трчање до телевизорот. Но, далеку од тоа дека ова
е нешто за смеење, зависноста од ТВ-то донесува мноштво потенцијални проблеми. Разгледај само неколку од нив:Намалување на оценките: Националниот институт за ментално здравје (САД) известил дека претераното гледање ТВ може да доведе до „пониски достигнувања во училиштето, особено во поглед на читањето“. Понатаму, книгата The Literacy Hoax оптужува: „Учинокот на ТВ-то врз децата е да создаде очекување дека учењето треба да биде лесно, пасивно и забавно“. Можеби затоа за ТВ зависникот учењето претставува тешко искушение.
Сиромашни навики за читање: Кога последен пат си зел некоја книга и си ја прочитал од корица до корица? Еден претставник на западногерманското Здружение на трговци со книги се жалел: „Ние сме станале нација од луѓе кои после работа си одат дома и заспиваат пред телевизорот. Читаме сѐ помалку и помалку“. Слично гласел и еден извештај од Австралија: „За секој час поминат во читање, просечното австралиско дете гледало телевизија седум часа“.
Ослабување на семејниот живот: Една христијанка напишала: „Поради претераното гледање ТВ . . . бев многу осамена и се чувствував изолирано. Тоа беше како во [моето] семејство сите да ми беа странци“. Дали и ти на сличен начин увидуваш дека поради ТВ-то сѐ помалку време поминуваш со своето семејство?
Мрзливост: Некои мислат дека самата пасивност при гледањето ТВ „може да води до тоа [младиот човек] да очекува [неговите] потреби да бидат задоволени без напор и може да води до еден пасивен пристап кон животот“.
Изложеност на нездрави влијанија: Некои кабловски телевизиски мрежи внесуваат порнографија во домот. И редовните програми честопати прикажуваат судари на автомобили, експлозии, бодење со нож, пукање и карате удари. Според една проценка, во Соединетите Држави едно младо лице до 14-годишна возраст на ТВ ќе види убивање на 18.000 луѓе, а да не ги спомнуваме тепачките и вандализмот.
Британскиот истражувач Вилијам Белсон увидел дека кај момчињата кои уживаат во гледање насилнички ТВ емисии, има поголема веројатност да се „впуштат во насилство од сериозен вид“. Исто така, тој тврдел дека насилството на ТВ-то би можело да поттикне „пцуење и употреба на лош јазик, агресивност во спортот или играта, закана со употреба на насилство над друго момче, пишување слогани по ѕидовите, [и] кршење прозорци“. Иако можеби за себе мислиш дека си имун на таквите влијанија, студијата на Белсон открила дека изложеноста на ТВ насилството не ги „променила свесните ставови на момчињата кон“ насилството. Очигледно дека постојаното хранење со насилство постепено го уништувало потсвесното воздржување од насилство.
Но, уште поголема загриженост предизвикува ефектот што зависноста од ТВ насилството може да го има врз нечиј однос со Бог кој го ,мрази секого кој го љуби насилството‘ (Псалм 11:5, НС).
Како можам да го контролирам моето гледање?
Ова не мора да значи дека на ТВ-то мора да се гледа како на вродено зло. Писателот Венц Пекард истакнува: „Голем дел од она што се прикажува на телевизијата во САД може да биде корисно . . . Честопати, во раните вечерни часови има програми кои претставуваат прекрасни достигнувања во областа на фотографијата, прикажувајќи како функционира
природата — од активностите на лилјаците, дабарите, бизоните па сѐ до рибите кои се дујат. Државната телевизија дава импресивен балет, опера и камерна музика. Телевизијата е многу добра за известување важни настани . . . Повремено ТВ-то настапува со поучни драмски продукции“.Сепак, она што е премногу дури и од некоја добра работа може да биде штетно. (Спореди Изреки 25:27.) И ако увидиш дека ти недостасува самоконтрола за да ги исклучиш штетните емисии, добро е да ги запомниш зборовите на апостол Павле: „Нема да дозволам ништо да ме направи негов роб“ (1. Коринтјаните 6:12, Today’s English Version). Тогаш, како можеш да се ослободиш од ропството на ТВ-то и да го контролираш твоето гледање?
Писателката Линда Нилсен забележува: „Самоконтролата почнува со тоа што ќе научиш да си поставуваш цели“. Прво, анализирај ги своите сегашни навики. Во текот на една седмица, води евиденција какви емисии гледаш и колку време поминуваш пред телевизорот секој ден. Дали го вклучуваш истата
минута кога стигнуваш дома? Кога го исклучуваш? Колку емисии од типот „мора да се види“ има секоја седмица? Можеби ќе се шокираш од резултатите.Потоа, детално испитај какви емисии си гледал. „Нели увото ги разбира зборовите, и нели јазикот го распознава вкусот на храната?“ прашува Библијата (Јов 12:11). Затоа, употреби проникливост (заедно со советот од твоите родители) и провери кои емисии навистина вреди да се гледаат. Некои однапред одредуваат кои емисии ќе ги гледаат и го вклучуваат ТВ-то само за тие емисии! Други преземаат построги мерки и си поставуваат правила дека нема да гледаат телевизија во текот на школската седмица или, пак, гледањето го ограничуваат на еден час дневно.
Но, што ако се докаже дека немиот телевизор е преголемо искушение? Едно семејство го решило проблемот вака: „Ние го чуваме нашиот телевизор во подрумот за да не ни пречи . . . Во подрумот помало е искушението да го штракнеш кога ќе влезеш дома. За да гледаш нешто, треба специјално да се симнеш долу“. Подеднаков ефект можеби ќе има ако го чуваш телевизорот во некоја остава или ако едноставно го оставиш исклучен од штекерот.
Интересно е тоа што и покрај нивните ‚болки на одвикнување‘, младите кои учествувале во ‚Седмицата без ТВ‘ пронашле некои позитивни замени за ТВ-то. Една девојка се сеќава:
„Разговарав со мајка ми. Во моите очи таа стана многу поинтересна личност, поради тоа што моето внимание не беше поделено помеѓу неа и телевизорот“. Една друга девојка го поминувала времето обидувајќи се да готви. Едно младо момче по име Џејсон открило дека би можело да биде забавно дури и ако оди „во парк наместо да биде пред ТВ-то“, или ако оди на риболов, ако чита или ако оди на плажа.Искуството на Вајент (види го додатокот со наслов: „Јас бев зависник од ТВ“) илустрира дека друг клуч за да се контролира гледањето ТВ е да се биде ‚изобилно вработен во делото Господово‘ (1. Коринтјаните 15:58, НС). Исто така, ќе увидиш дека ако се зближиш со Бог, ако ја проучуваш Библијата со помош на многуте добри публикации кои се сега на располагање и ако си зафатен во Божјето дело, ќе ти помогне да ја совладаш зависноста од ТВ (Јаков 4:8). Се разбира, ако го ограничиш твоето гледање ТВ, тоа ќе значи дека ќе пропушташ некои омилени програми. Но, зошто мораш во потполност да го користиш ТВ-то, ропски следејќи ја секоја една програма? (Види 1. Коринтјаните 7:29, 31.) Подобро е да ‚си строг‘ кон себеси како апостол Павле кој еднаш рекол: „Го тепам своето тело и го водам како роб“ (1. Коринтјаните 9:27, НС). Зарем тоа не е подобро отколку да си роб на телевизорот?
Прашања за дискусија
□ Зошто гледањето ТВ за некои млади може да се нарече зависност?
□ Кои се некои можни штетни последици од претераното гледање ТВ?
□ Кои се некои начини да се контролира гледањето ТВ?
□ Што можеш да правиш наместо да гледаш ТВ?
[Истакната мисла на страница 295]
„Бев во состојба на депресија . . . Ќе се мрднев од памет“ (дванаесетгодишната Сузан, учесник во „Седмица без ТВ“).
[Рамка на страници 292 и 293]
,Јас бев зависник од ТВ‘ — интервју
Интервјуист: Колку години имаше кога стана зависен од ТВ?
Вајент: Околу десет години. Веднаш штом ќе дојдев дома од училиште, ќе го вклучев ТВ-то. Првин, ги гледав цртаните филмови и програмите за деца. Потоа, следуваа вестите . . . и ќе одев во кујната да побарам нешто за јадење. После тоа, ќе се вратев кај ТВ-то и ќе гледав сѐ додека не посакав да си легнам.
Интервјуист: Но, кога имаше време за твоите пријатели?
Вајент: Пријател ми беше ТВ-то.
Интервјуист: Тогаш, ти никогаш не си имал време за играње или спорт?
Вајент: [смеејќи се] Немам атлетски способности. Поради тоа што цело време гледав ТВ, никогаш не ги развив. Ужасно играм кошарка. А на часот по фискултура секогаш бев последниот кого го избираа. Но, би сакал да ги имав развиено малку повеќе моите атлетски способности — не за да можев да одам наоколу и да се фалам, туку барем за самиот да уживав.
Интервјуист: А како беше со твоите оценки?
Вајент: Во основното училиште се снаоѓав. Не си легнував до доцна и во последна минута ја пишував мојата домашна задача. Но, во средното училиште беше потешко затоа што развив толку лоши навики за учење.
Интервјуист: Дали сето тоа гледање ТВ влијаеше на тебе?
Вајент: Да. Понекогаш кога сум меѓу луѓето, се наоѓам себеси како само ги гледам — како да гледам некој ток шоу на ТВ — наместо да учествувам во разговорот. Би сакал да можам подобро да воспоставувам врски со луѓето.
Интервјуист: Па, добро се снаоѓаш во овој разговор. Очигледно си ја совладал својата зависност.
Вајент: Почнав да прекинувам со ТВ-то откако отидов во средно училиште . . . Го барав друштвото на младите Сведоци и почнав духовно да напредувам.
Интервјуист: Но каква врска имало тоа со твоето гледање ТВ?
Вајент: Како што моето ценење за духовните работи растеше, сфатив дека многу од емисиите кои обично ги гледав всушност не се за христијаните. Исто така, почувствував потреба повеќе да ја проучувам Библијата и да се подготвувам за христијанските состаноци. Тоа значеше дека треба да го изоставам поголемиот дел од она што го гледав на ТВ. Сепак, не беше лесно. Обично ги сакав цртаните филмови во сабота наутро. Но тогаш, еден христијански брат ме покани саботите наутро да одам со него во делото на проповедање од врата до врата. Тоа ја прекина мојата навика за гледање ТВ во сабота наутро. Конечно, на тој начин навистина научив да го намалам гледањето ТВ.
Интервјуист: А како е денес?
Вајент: Па, сѐ уште ми е проблем тоа, ако ТВ-то е вклучено не можам да сторам ништо. Затоа, поголемиот дел од времето не го вклучувам. Всушност, пред неколку месеци ТВ-то ми се расипа и не се мачам да го поправам.
[Слика на страница 291]
За некои, гледањето ТВ е сериозна зависност
[Слика на страница 294]
Кога телевизорот е ставен на некое незгодно место, постои помало искушение да биде вклучен