Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да знам дали е тоа вистинска љубов?

Како да знам дали е тоа вистинска љубов?

Поглавје 31

Како да знам дали е тоа вистинска љубов?

ЉУБОВ — за романтичарите кои летаат в облаци, тоа е таинствена обиколка која те пленува, чувство на вистински занес кое се јавува еднаш во животот. Тие веруваат дека љубовта строго е работа на срцето, нешто што не може да се разбере, туку само да се доживее. Љубовта победува сѐ и трае засекогаш . . .

Такви се стереотипните фрази на романтичарите. И без сомнение, кога човек се заљубува, тоа може да биде едно необично убаво доживување. Но, што всушност е вистинска љубов?

Љубов на прв поглед?

Давид првпат ја запознал Џенет на една забава. Веднаш бил привлечен од нејзината складна фигура и од начинот на кој косата ѝ паѓала над очите додека се смеела. Џенет била маѓепсана од неговите темно кафеави очи и од неговиот духовит разговор. Изгледало како взаемна љубов на прв поглед!

Во текот на следните три седмици, Давид и Џенет биле неразделни. Потоа, една вечер, Џенет примила страшен телефонски повик од некој поранешен дечко. Таа го повикала Давид за да ја утеши. Но, Давид, чувствувајќи се загрозен и збунет, реагирал ладно. Љубовта за која тие мислеле дека ќе трае засекогаш, умрела таа ноќ.

Филмовите, книгите и телевизиските емисии сакаат да веруваш дека љубовта на прв поглед трае засекогаш. Се разбира, пред сѐ физичката привлечност обично прави двајца луѓе да се забележат еден со друг. Како што навел еден млад човек, „тешко е да се ‚види‘ личноста на лицето“. Но, што е тоа што некој „сака“ кога врската е стара само неколку часа или дена? Зарем тоа не е имиџот кој го создава самото лице? Всушност, ти не знаеш многу за мислите, надежите, стравовите, плановите, навиките, вештините или способностите на лицето. Ти си ја сретнал само надворешната школка, а не „тајната личност на срцето“ (1. Петрово 3:4НС). Колку може да биде трајна една таква љубов?

Изгледот е измамнички

Понатаму, надворешната појава може да биде измамничка. Библијата вели: „Миловидноста е примамлива и убавината — суетна“. Сјајниот омот на некој подарок не ти кажува ништо за тоа што има внатре. Всушност, најелегантните омоти можеби покриваат бескорисен подарок (Изреки 31:30).

Изреките велат: „Она што е златна алка на носот кај свињата, тоа е жена убава, но — без разум“ (Изреки 11:22). Алките за нос биле популарен украс во библиските времиња. Тие биле прекрасни, честопати направени од чисто злато. Се разбира, таква алка бил првиот дел од накитот што ќе си го забележел кај жената.

Соодветно на тоа, изреката ја споредува надворешно убавата жена на која ѝ недостасува „разум“ со „алка на носот кај свињата“. Убавината едноставно не ѝ доликува на неразумната жена; таа е бескорисен накит на неа. На крајот на краиштата, таа повеќе не ја прави привлечна како што ни сјајната алка на носот не ја разубавува свињата! Тогаш, каква само грешка е да се биде ‚вљубен‘ во начинот на кој некој изгледа и притоа да се игнорира каква личност е таа однатре.

„Најизмамничка работа што постои“

Но, некои мислат дека човечкото срце има непогрешен романтичен суд. ‚Само слушај го своето срце‘, тврдат тие. ‚Ќе знаеш кога е тоа вистинска љубов!‘ За жал, фактите ѝ противречат на оваа замисла. Била спроведена една анкета во која 1.079 млади луѓе (на возраст од 18 до 24 години) изјавиле дека дотогаш имале во просек по седум романтични врски. Повеќето признале дека нивните претходни романси биле чиста заљубеност — минлива, избледувачка емоција. Сепак, овие млади „постојано го опишувале нивното моментално искуство како љубов“! Но, веројатно, еден ден повеќето ќе гледаат на своите моментални врски исто како што гледале на оние од минатото — како чиста заљубеност.

Трагедијата е во тоа што илјадници двојки секоја година се венчаваат со илузијата дека се ‚вљубени‘, само за кратко после тоа да откријат дека сериозно згрешиле. Заљубеноста „ги намамува наивните мажи и жени во слаби бракови како јагниња на колење“, вели Реј Шорт во својата книга Sex, Love, or Infatuation.

„Оној кој има доверба во своето срце е глупав“ (Изреки 28:26НС). Почесто, судот на нашето срце е заведен и погрешно упатен. Всушност, Библијата вели: „Срцето е најизмамничка работа што постои“ (Јеремија 17:9, The Living Bible). Сепак, гореспоменатата изрека продолжува: „Кој оди во мудрост, ќе се спаси“. И ти можеш да бидеш спасен од опасностите и фрустрациите што другите млади ги доживеале доколку ја научиш разликата помеѓу заљубеноста и љубовта која е опишана во Библијата — љубовта што никогаш не престанува.

Љубов наспроти заљубеност

„Заљубеноста е слепа и сака да остане таква. Таа не сака да ја гледа реалноста“, признава 24-годишниот Калвин. Една 16-годишна девојка, Кенија, додала: „Кога си залуден во некое лице, мислиш дека сѐ што прави тоа е сосема совршено“.

Заљубеноста е фалсификувана љубов. Таа е нереалистична и саможива. Залудените лица се склони да речат: ‚Навистина јас се чувствувам вредна кога сум со него. Јас не можам да спијам. Јас не можам да верувам колку сево ова е фантастично‘, или, пак: ‚Таа навистина ме прави мене да се чувствувам добро‘. Забележи, колку пати е употребено „јас“ или „мене“? Една врска која се темели на себичност веројатно ќе пропадне! Но, забележи го библискиот опис на вистинската љубов: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е љубоморна, не се фали, не се дуе, не се однесува непристојно, не гледа за своите сопствени интереси, не се раздразнува. Не води евиденција за навредата“ (1. Коринтјаните 13:4, 5НС).

Со оглед на тоа што таа „не гледа за своите сопствени интереси“, љубовта темелена на библиското начело не е ниту саможива ниту себична. Точно е тоа дека една двојка можеби има силни романтични чувства и взаемна привлечност. Но, овие чувства се урамнотежени со разум и длабоко почитување кон другата личност. Кога навистина си вљубен, се грижиш исто толку за благосостојбата и среќата на другото лице колку и за сопствената. Не дозволуваш некоја јака емоција да го уништи добриот суд.

Пример за вистинска љубов

Библискиот извештај за Јаков и Рахил живо го илустрира тоа. Двајцата се сретнале на бунарот каде што Рахил дошла да ги напои овците на својот татко. Јаков веднаш бил привлечен кон неа, не само поради тоа што ‚имала убава става и убаво лице‘ туку и поради тоа што била обожавателка на Јехова (1. Мојсеева 29:1—12, 17).

Откако поминал цел месец живеејќи во домот на семејството на Рахил, Јаков им открил дека се вљубил во Рахил и дека сака да се ожени со неа. Чисто романтична заљубеност? Никако! Во текот на тој месец, Јаков ја видел Рахил во нејзината природна средина — како се однесувала со нејзините родители и со другите, како ја извршувала својата работа како пастирка, колку сериозно го сфаќала Јеховиното обожавање. Несомнено, тој го видел и нејзиното „најдобро“ и нејзиното „најлошо“. Затоа, неговата љубов кон неа не била незауздана емоција туку несебична љубов која се темелела на разум и на длабоко почитување.

Затоа, Јаков можел да изјави дека тој е спремен да работи за татко ѝ седум години за да може да ја добие за сопруга. Сигурно дека заљубеноста не би траела толку долго! Само вистинската љубов, несебичниот интерес за другиот би ги направил тие години да изгледаат „како неколку дена“. Поради таа вистинска љубов, тие можеле да ја сочуваат својата невиност во текот на тој период (1. Мојсеева 29:20, 21).

Потребно е време!

Затоа, правата љубов не губи со времето. Честопати најдобриот начин да си ги испиташ чувствата кон некој, всушност, е да дозволиш да помине извесно време. Понатаму, како што забележала една млада жена по име Сандра, „едно лице не ти ја открива својата личност ако едноставно ти рече: ‚Ете таков сум. Сега знаеш сѐ за мене‘ “. Не, потребно е и време за да го запознаеш оној за кого си заинтересиран.

Времето, исто така, дозволува да го испиташ својот романтичен интерес и во светло на Библијата. Запомни, љубовта „не се однесува непристојно, не гледа само за своите сопствени интереси“. Дали твојот придружник е желен да успеат твоите планови — или само неговите? Дали тој или таа покажува почитување кон твоето гледиште, твоите чувства? Дали тој или таа ти вршел притисок да правиш работи кои навистина се ‚непристојни‘ за да си ги задоволи себичните страсти? Дали тоа лице е склоно да те понижува или да те издига пред другите? Ако си поставуваш вакви прашања, тоа може да ти помогне пообјективно да ги процениш своите чувства.

Пребрзата романса предизвикува несреќа. „Едноставно се заљубив, брзо и силно“, објаснила 20-годишната Џил. После една двомесечна романса како виор, се омажила. Но, претходно притаените грешки почнале да излегуваат на површина. Џил почнала да ја покажува својата несигурност и саможивост. Нејзиниот сопруг Рик го изгубил својот романтичен шарм и станал себичен. После околу две години брак, еден ден Џил извикала дека нејзиниот маж е „прост“, „мрзлив“ и „неуспешен“ како сопруг. Рик одговорил удирајќи ја со тупаница по лицето. Со солзи, Џил излетала од нивната куќа — и од нивниот брак.

Следењето на библискиот совет, без сомнение, ќе им помогнело да го сочуваат својот брак (Ефесјаните 5:22—33). Но, колку само би можеле да бидат поинакви работите ако подобро се запознаеле еден со друг пред бракот! Нивната љубов не би била насочена кон „имиџ“, туку кон вистинска личност — личност со недостатоци и со јаки страни. Нивните очекувања ќе биле пореалистични.

Вистинската љубов не настанува преку ноќ. Ниту, пак, лицето кое за тебе ќе биде добар брачен партнер задолжително ќе биде некој кого го сметаш за ептен привлечен. На пример, Барбара запознала еден млад човек за кого признава дека не ѝ бил претерано привлечен — на почетокот. „Но, како што подобро го запознавав“, се сеќава Барбара, „работите се променија. Ја видов грижата на Стефан за другите луѓе и како секогаш ги ставаше интересите на другите пред своите. Тоа беа особини за кои знаев дека прават некого да биде добар сопруг. Бев привлечена кон него и почнав да го сакам.“ Од тоа произлегол цврст брак.

Значи, како можеш да ја препознаеш вистинската љубов? Твоето срце можеби зборува, но имај доверба во твојот ум кој е школуван според Библијата. Запознај повеќе отколку само надворешниот „имиџ“ на лицето. Дај му на пријателството време да расцвета. Запомни, заљубеноста за кратко време достигнува силно возбудување, но потоа избледува. Вистинската љубов со текот на времето станува сѐ појака и станува „совршена врска на единство“ (Колосјаните 3:14НС).

Прашања за дискусија

□ Каква е опасноста ако се заљубиш во нечиј изглед?

□ Можеш ли да имаш доверба дека твоето срце ќе ја препознае вистинската љубов?

□ Кои се некои разлики помеѓу љубовта и заљубеноста?

□ Зошто честопати се разделуваат некои двојки кои се состануваат? Дали тоа е секогаш погрешно?

□ Како можеш да излезеш накрај со чувствата на одбивност ако романсата е прекината?

□ Зошто е важно да се даде време за меѓусебно запознавање?

[Истакната мисла на страница 242]

Дали си вљубен во лицето или едноставно во „имиџот“?

[Истакната мисла на страница 247]

„Заљубеноста е слепа и сака да остане таква. Таа не сака да ја гледа реалноста“ (еден 24-годишен човек)

[Истакната мисла на страница 250]

„Сега можам само да бидам лице од типот ‚Здраво, како си?‘ Не му дозволувам никому да ми се приближи“

[Рамка/слика на страници 248 и 249]

Како можам да ја преболам љубовната болка?

Ти точно знаеш дека тоа е оној со кого ќе се венчаш. И двајцата уживате во заедничкото друштво, делите заеднички интереси и осеќате обострана привлечност. Потоа, одеднаш, врската престанува, експлодирајќи во еден излив на гнев — или со река од солзи.

Во својата книга The Chemistry of Love, д-р Мајкл Либовиц го споредува налетот на љубовта со продорот на силната дрога. Но, како и дрогата, таквата љубов ако престане може да предизвика жестоки ‚симптоми на одвикнување‘. И не менува ништо тоа дали љубовта е чиста заљубеност или ‚вистинско нешто‘. И двете можат да создадат зашеметувачки подеми и мачни падови — ако врската пропадне.

На тој начин чувствата на отфрленост, повреда и лутина што можеби се јавуваат поради раскинувањето, можат да го загорчат твоето гледиште за иднината. Една млада жена зборува за себеси како за ‚ранета‘ поради тоа што била напуштена. „Сега можам само да бидам лице од типот ‚Здраво, како си?‘ [со спротивниот пол]“, вели таа. „Не му дозволувам никому да ми се приближи.“ Колку подлабока приврзаност чувствуваш во врската толку е подлабока раната што може да ја предизвика раскинувањето.

Да, навистина, слободата да му се додворуваш на кого сакаш носи една налепница со висока цена: вистинска можност да бидеш одбиен. Едноставно не постои гаранција дека ќе се развие вистинска љубов. Затоа, ако некој почнал да ти се додворува со чесни намери, но подоцна заклучил дека не би било мудро да склопи брак, не мора да значи дека со тебе се постапило неправедно.

Проблемот е во тоа што дури и ако раскинувањето е изведено со крајна тактичност и љубезност, ти сигурно ќе се чувствуваш повредено и одбиено. Меѓутоа, тоа не е причина да ја изгубиш самодовербата. Фактот што ти не си бил „правиот“ во очите на тоа лице, не значи дека ти нема да бидеш баш тој правиот во очите на некое друго лице!

Обиди се сталожено да ја посматраш изминатата романса. Раскинувањето веројатно ги расветлило вознемирувачките работи за лицето со кое си имал врска — емоционална незрелост, колебливост, нефлексибилност, нетолеранција, недостиг на обѕир кон твоите чувства. Тоа се особини кои тешко дека би ги посакувал кај еден брачен партнер.

Што ако раскинувањето е сосема еднострано и ти си убеден дека бракот добро би функционирал? Сигурно дека ти имаш право да му дадеш до знаење на другото лице како се чувствуваш. Можеби едноставно имало некои недоразбирања. Со емоционално кревање прашина малку се постигнува. И ако тој или таа инсистира да се разделите, нема потреба да се понижуваш и со солзи да молиш за наклоноста на некој кој очигледно нема никакви чувства кон тебе. Соломон рекол дека има „време кога се добива и време кога се губи“ (Проповедник 3:6).

Што ако имаш силна причина да мислиш дека си бил чисто искористен од некој кој никогаш немал искрен интерес за брак? Не треба да прибегнуваш кон осветнички репресалии. Биди сигурен дека неговото или нејзиното измамување не останува незабележано од Бог. Неговата Реч вели: „Суровиот човек донесува прогонство на сопствениот организам“ (Изреки 11:17НС; спореди Изреки 6:12—15).

Одвреме навреме можеби сѐ уште ќе те измачуваат осаменоста или романтичните сеќавања. Ако е тоа случај, во ред е добро да се исплачеш. Исто така, од помош е ако бидеш зафатен, можеби со некоја физичка активност или со христијанската служба (Изреки 18:1НС). Задржи ги мислите на радосни и изградувачки работи (Филипјаните 4:8). Довери му се на некој близок пријател (Изреки 18:25). И твоите родители можат да ти бидат голема утеха, дури и ако се чувствуваш доволно возрасен за да бидеш независен (Изреки 23:22). А пред сѐ, довери му се на Јехова.

Можеби сега ја увидуваш потребата да работиш на извесни аспекти од својата личност. Твојата визија за тоа што сакаш од брачниот партнер можеби е појасна од кога и да било порано. А затоа што си љубел и си изгубил, можеби ќе одлучиш при додворувањето да постапуваш малку поразумно ако повторно се појави некое лице кое ти се допаѓа — а веројатноста за тоа е поголема отколку што ти мислиш.

[Табела на страница 245]

Дали е тоа љубов или заљубеност?

ЉУБОВ ЗАЉУБЕНОСТ

1. Несебична грижа за 1. Таа е себична, ограничува.

интересите на другиот Некој мисли: ‚Каква корист

имам јас од ова?‘

2. Романсата честопати 2. Романсата започнува брзо,

започнува бавно, можеби се можеби се потребни неколку

потребни месеци или години часа или дена

3. Ти си привлечен од 3. Ти си длабоко импресиониран

целокупната личност од или заинтересиран за

на другото лице и од физичката појава на другото

неговите духовни квалитети лице. (,Тој има толку

занесни очи.‘ ‚Таа има

супер фигура.‘)

4. Влијае врз тебе така што 4. Разорен,

те прави подобра личност побркан ефект

5. Го гледаш другиот 5. Таа е нереалистична.

реалистично, ги гледаш Другото лице ти изгледа

неговите или нејзините совршено. Ги игнорираш сите

грешки, а сепак го сакаш вознемирувачки сомненија

во врска со сериозните

недостатоци во личноста

6. Имате несогласици, но 6. Често има расправии.

увидувате дека можете да Всушност, ништо не се решава.

разговарате за нив и Многу од нив се „решаваат“

да ги решите со бакнеж

7. Сакаш да даваш и да 7. Нагласокот е ставен на

делиш со другото лице земањето или добивањето,

особено при задоволувањето

на сексуалните нагони

[Слика на страница 244]

Физички привлечен, но неразумен маж или жена е ‚како златна алка на носот кај свињата‘

[Слика на страница 246]

На лице кое постојано те понижува пред другите веројатно му недостасува вистинска љубов кон тебе