Јехова му ветува прекрасна награда на Даниел
Осумнаесетто поглавје
Јехова му ветува прекрасна награда на Даниел
1, 2. а) Која важна особина му е потребна на еден тркач за да успее? б) Како го споредил апостол Павле животот на верност во Јеховината служба со една трка?
ЕДЕН тркач се напрегнува кон линијата на целта. Тој е скоро исцрпен, но со целта пред очи, го вложува секој атом од својата сила во тие неколку последни чекори. Напнувајќи го секој мускул, конечно ја пречекорува линијата! На лицето му се чита олеснување и триумф. Навистина вредело да се истрае до крајот.
2 На крајот на 12. поглавје од Даниел, гледаме дека љубениот пророк се приближува до линијата на целта на својата „трка“ — на животот што го поминал служејќи му на Јехова. Откако навел различни примери на вера од Јеховините претхристијански слуги, апостол Павле напишал: „Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себеси секакво бреме и грев, што лесно нѐ окружува, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба [и со истрајност да трчаме во трката што е поставена пред нас, NW], имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата — Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји“ (Евреите 12:1, 2).
3. а) Што го мотивирало Даниел ‚со истрајност да трча‘? б) Кои три различни работи му ги кажал Јеховиниот ангел на Даниел?
3 Помеѓу тие „многу сведоци“ бил и Даниел. Тој сигурно бил еден од оние кои морале ‚истрајно да трчаат‘ и бил мотивиран да го стори тоа од длабока љубов кон Бог. Јехова му открил многу на Даниел за иднината на светските влади, но сега Тој му го испраќа следново лично охрабрување: „А ти, оди кон крајот; и ќе си отпочинеш, но ќе станеш за својот дел на крајот од деновите“ (Даниел 12:13, NW). Јеховиниот ангел му кажал на Даниел три работи: 1) дека Даниел треба да ‚оди кон крајот‘, 2) дека ‚ќе си отпочине‘ и 3) дека ‚ќе стане‘ повторно во иднина. Како можат овие зборови да ги охрабрат денешните христијани да истрајат до линијата на целта во трката за живот?
„ОДИ КОН КРАЈОТ“
4. Што мислел Јеховиниот ангел кога рекол „оди кон крајот“, и зошто можеби тоа претставувало предизвик за Даниел?
4 Што мислел ангелот кога му рекол на Даниел: „А ти, оди кон крајот“? Крајот на што? Па, поради тоа што Даниел бил стар скоро 100 години, ова изгледа се однесувало на крајот на неговиот сопствен живот, кој веројатно бил прилично близу. * Ангелот го поттикнувал Даниел верно да истрае до смртта. Но, не значи дека било лесно да го стори тоа. Даниел го доживеал падот на Вавилон и видел како остатокот од еврејските изгнаници се враќа во Јуда и Ерусалим. Тоа мора да му причинило голема радост на остарениот пророк. Меѓутоа, не постои извештај дека тој им се придружил на тоа напорно патување. Во тоа време можеби бил веќе престар и слаб. Или, можеби било Јеховина волја тој да остане во Вавилон. Во секој случај, човек не може а да не се праша дали Даниел чувствувал некаков копнеж кога неговите земјаци заминале за Јуда.
5. Што укажува дека Даниел истрајал до крајот?
5 Даниел без сомневање собрал голема сила од љубезната изјава на ангелот: „Оди кон крајот“. Ова може да нѐ потсети на зборовите кои Исус Христос ги кажал околу шест века подоцна: „Кој ќе истрае до крај, ќе биде спасен“ (Матеј 24:13, NW). Без сомнение, Даниел го сторил токму тоа. Тој истрајал до крајот, верно трчајќи ја трката за живот до самиот финиш. Тоа може да биде една причина поради која тој позитивно е спомнат подоцна во Божјата реч (Евреите 11:32, 33). Што го оспособило Даниел да истрае до крајот? Досието на неговиот живот ни помага да одговориме на ова прашање.
ДА СЕ ИСТРАЕ КАКО ПРОУЧУВАЧ НА БОЖЈАТА РЕЧ
6. Како знаеме дека Даниел бил оддаден проучувач на Божјата реч?
6 За Даниел, да се истрае до крајот вклучувало да продолжи да ги проучува и длабоко да размислува за возбудливите ветувања од Бог. Знаеме дека Даниел бил оддаден проучувач на Божјата реч. Инаку, од каде би знаел за ветувањето што му го дал Јехова на Јеремија дека изгнанството ќе трае 70 години? Самиот Даниел напишал: „Го разбрав според книгите бројот на годините“ (Даниел 9:2; Јеремија 25:11, 12). Несомнено, Даниел ги побарал книгите од Божјата реч кои постоеле тогаш. Делата на Мојсеј, Давид, Соломон, Исаија, Јеремија, Језекиил — сѐ што му било достапно — сигурно му пружиле на Даниел многу пријатни часови на читање и медитација.
7. Кога ќе го споредиме нашето време со она на Даниел, кои предности ги имаме во врска со проучувањето на Божјата реч?
7 Од пресудна важност за нас денес за да негуваме истрајност е да ја проучуваме Божјата реч и да се задлабочиме во неа (Римјаните 15:4—6; 1. Тимотеј 4:15). А ние ја имаме комплетната Библија, која го вклучува и пишаниот извештај за тоа како се исполниле некои од Даниеловите пророштва со векови подоцна. Освен тоа, благословени сме со тоа што живееме во текот на „времето на крајот“ проречено во Даниел 12:4 (NW). Во наше време, помазаниците се благословени со духовен увид, и светат како светилници на вистината во овој помрачен свет. Како резултат на тоа, голем број од длабоките пророштва во книгата Даниел, од кои некои го збунувале него лично, денес имаат големо значење за нас. Затоа, да продолжиме да ја проучуваме Божјата реч секојдневно и никогаш да не ги земаме овие работи како сами по себе разбирливи. Таквото постапување ќе ни помогне да истраеме.
ДАНИЕЛ ИСТРАЈАЛ ВО МОЛИТВА
8. Каков пример дал Даниел во поглед на молитвата?
8 Молитвата исто така му помогнала на Даниел да истрае до крајот. Секој ден му се обраќал на Јехова Бог и отворено му зборувал со срце полно со вера и доверба. Знаел дека Јехова е ‚Слушач на молитвата‘ (Псалм 65:2, NW; спореди Евреите 11:6). Кога срцето му било оптоварено со жал заради бунтовниот начин на постапување на Израелците, Даниел му ги излевал своите чувства на Јехова (Даниел 9:4—19). Дури и кога Дариј издал декрет следните 30 дена да му бидат упатувани молби само нему, Даниел не дозволил тоа да го спречи да му се моли на Јехова Бог (Даниел 6:10). Зарем не сме трогнати кога ќе си претставиме како верниот старец храбро се соочил со лавовска јама наместо да се откаже од драгоцената предност да се моли? Нема сомнение дека Даниел верно одел кон својот крај, горливо молејќи му се на Јехова секој ден.
9. Зошто никогаш не треба да ја сфатиме предноста на молитвата како сама по себе разбирлива?
9 Молитвата е едноставен чин. Можеме да се молиме скоро во секое време, на секое место, на глас или во себе. Меѓутоа, никогаш не треба оваа драгоцена предност да ја сфатиме несериозно. Библијата ја поврзува молитвата со истрајноста, издржливоста и духовната будност (Лука 18:1; Римјаните 12:12; Ефесјаните 6:18; Колосјаните 4:2). Зарем не е извонредно тоа што имаме слободен и отворен канал за комуникација со највозвишената личност во универзумот? И тој слуша! Сети се на ситуацијата кога Даниел се молел, а Јехова испратил ангел како одговор на таа молитва. Ангелот пристигнал додека Даниел сѐ уште се молел! (Даниел 9:20, 21). Нашата доба не е доба на такви ангелски посети, но Јехова не се изменил (Малахија 3:6). Исто како што ја услишил молитвата на Даниел така ќе ги услиши и нашите молитви. Исто така, додека се молиме, повеќе ќе се зближиме со Јехова, градејќи врска која ќе ни помогне да истраеме до крајот, како што истрајал Даниел.
ДА СЕ ИСТРАЕ КАКО УЧИТЕЛ НА БОЖЈАТА РЕЧ
10. Зошто му било важно на Даниел да поучува за вистината од Божјата реч?
10 Даниел морал да „оди кон крајот“ и во друга смисла. Морал да истрае како учител на вистината. Никогаш не заборавил дека припаѓа на избраниот народ за кого во Писмото стои: „А Мои сведоци, вели Господ, сте вие и Мојот слуга, што го избрав“ (Исаија 43:10). Даниел сторил сѐ што можел за да го исполни тој налог. Неговото дело веројатно вклучувало да го поучува својот сопствен народ кој бил изгонет во Вавилон. Малку знаеме за неговите контакти со другите Евреи освен за врската што ја имал со тројцата спомнати како „другарите негови“ — Ананиј, Мисаил и Азариј (Даниел 1:7; 2:13, 17, 18). Нивното блиско пријателство сигурно многу придонело за секој од нив да истрае (Изреки 17:17). Благословен од Јехова со посебен увид, Даниел имал многу нешта за кои можел да ги поучи своите пријатели (Даниел 1:17). Но, морал да врши и друго поучување.
11. а) Што било единствено во делото на Даниел? б) Колку делотворен бил Даниел во извршувањето на својата необична задача?
11 Повеќе од кој и да е друг пророк, Даниел имал задача да им сведочи на паганските достоинственици. Иако честопати морал да им пренесе неомилени пораки, не се однесувал кон овие владетели како да се одвратни или на некој начин подолу од него. Со нив зборувал со почит и вештина. Имало и некои, како љубоморните сатрапи што правеле сплетки, кои сакале да го убијат Даниел. Сепак, други достоинственици го почитувале. Поради тоа што Јехова го оспособил Даниел да ги објаснува тајните кои ги збунувале и царевите и мудреците, пророкот стекнал голем углед (Даниел 2:47, 48; 5:29). Вистина, како што стареел не можел да биде толку активен како во младоста. Но, сигурно одел кон својот крај сѐ уште верно барајќи го секој можен начин да му служи како сведок на својот сакан Бог.
12. а) Во кои активности на поучување учествуваме ние денес како христијани? б) Како можеме да го следиме Павловиот совет ‚спрема надворешните да се однесуваме мудро‘?
12 Во христијанското собрание денес, можеме да најдеме верни другари кои ќе ни помогнат да истраеме, исто како што Даниел и неговите тројца другари си помогнале меѓусебно. Исто така, се учиме еден со друг, пружајќи си „размена на охрабрување“ (Римјаните 1:11, 12, NW). Слично на Даниел, го имаме налогот да им сведочиме на неверниците (Матеј 24:14; 28:19, 20). Затоа, треба да ги изостриме своите вештини за ‚исправно да управуваме со речта на вистината‘ кога зборуваме со луѓето за Јехова (2. Тимотеј 2:15, NW). Ќе ни биде од помош и ако сме послушни на советот на апостол Павле: „Спрема надворешните однесувајте се благоразумно [мудро, NW]“ (Колосјаните 4:5). Таквата мудрост вклучува урамнотежен став кон оние кои не ја делат нашата вера. Ние не ги гледаме таквите луѓе од високо, сметајќи се себеси за подобри (1. Петрово 3:15). Наместо тоа, сакаме да ги привлечеме кон вистината, користејќи ја Божјата реч тактично и вешто за да им ги достигнеме срцата. Кога ќе успееме да достигнеме некого, каква само радост ни причинува тоа! Таквата радост сигурно ни помага да истраеме до крајот, како што истрајал и Даниел.
„ЌЕ СИ ОТПОЧИНЕШ“
13, 14. Зошто изгледот за умирање плашел многу Вавилонци, и по што се разликувало гледиштето на Даниел?
13 Ангелот понатаму го уверил Даниел: „Ќе си отпочинеш“ (Даниел 12:13, NW). Што значат тие зборови? Па, Даниел знаел дека го чека смрт. Смртта е неизбежен крај за сите луѓе, од деновите на Адам па сѐ досега. Библијата погодно ја нарекува смртта ‚непријател‘ (1. Коринтјаните 15:26, NW). Меѓутоа, изгледот да умре за Даниел значел нешто сосема друго од она што значел за сите Вавилонци околу него. За нив, потонати во комплексното обожавање на околу 4.000 лажни божества, смртта ги носела сите можни ужаси. Тие верувале дека после смртта, оние кои живееле несреќно или умреле од насилна смрт станувале осветољубиви духови кои ги прогонуваат живите. Вавилонците, исто така, верувале во застрашувачки подземен свет, населен со одвратни чудовишта во човечки и животински облик.
14 За Даниел, смртта не значела ниту една од овие работи. Стотици години пред да живее Даниел, цар Соломон бил божествено инспириран да каже: „Мртвите ништо не знаат“ (Проповедник 9:5). А во врска со оној што умира, псалмистот пеел: „Излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Псалм 145:4). Затоа Даниел знаел дека зборовите што му ги кажал ангелот ќе се покажат точни. Смртта значи починка. Нема мислење, нема горко жалење, нема мачење — и сигурно нема чудовишта. Исус Христос се изразил во врска со ова на сличен начин кога умрел Лазар. Тој рекол: „Нашиот пријател Лазар отиде да си отпочине“ (Јован 11:11, NW).
15. Како може денот на смртта да биде подобар од денот на раѓањето?
15 Разгледај уште една причина поради која изгледот да умре не предизвикувал ужас кај Даниел. Божјата реч вели: „Подобро е име отколку добро масло, и денот на смртта отколку денот кога некој се раѓа“ (Проповедник 7:1, NW). Како може денот на смртта, еден од најтажните моменти во животот, да биде подобар од радосниот ден на раѓањето? Клучот е во ‚името‘. „Добро масло“ може да биде прекумерно скапо. Марија, сестра му на Лазар, еднаш му ги намачкала стапалата на Исус со парфимирано масло кое чинело скоро цела годишна плата! (Јован 12:1—7). Како може едно обично име да биде толку драгоцено? Во Проповедник 7:1, грчката Септуагинта вели „добро име“. Не е толку вредно самото име туку она што стои зад него. Кога ќе се роди, оној што го носи името нема репутација, нема досие на примерни дела, не се насобрале скапоцени сеќавања за неговата личност и особини. Но на крајот од животот, името ги означува сите овие работи. А ако тоа име е добро од Божја гледна точка, тоа е далеку подрагоцено отколку што може да биде кој и да е материјален посед.
16. а) Како Даниел настојувал да стекне добро име кај Бог? б) Зошто можел Даниел да оди да си отпочине со целосна доверба дека успеал да стекне добро име кај Јехова?
16 Во текот на својот живот, Даниел сторил сѐ што било во негова моќ за да стекне добро име кај Бог, а Јехова не превидел ништо од тоа. Тој го посматрал Даниел и му го испитал срцето. Бог го сторил истото и со цар Давид, кој пеел: „Господи, Ти си ме испитал и ме знаеш. Ти знаеш кога седнувам и кога станувам; Ти оддалеку ги разбираш мислите мои“ (Псалм 138:1, 2). Се разбира, Даниел не бил совршен. Тој бил потомок на грешниот Адам и бил припадник на грешна нација (Римјаните 3:23). Но Даниел се покајал за својата грешност и постојано се трудел да оди со својот Бог на чесен начин. Верниот пророк можел да биде сигурен дека Јехова ќе му ги прости гревовите и нема да биде огорчен на него (Псалм 102:10—14; Исаија 1:18). Јехова избира да се сеќава на добрите дела на своите верни слуги (Евреите 6:10). Затоа, Јеховиниот ангел два пати го нарекол Даниел ‚многу пожелен човек‘ (Даниел 10:11, 19, NW). Ова значи дека Даниел бил љубен од Бог. Даниел можел да оди да си отпочине задоволен, знаејќи дека стекнал добро име кај Јехова.
17. Зошто денес е итно да стекнеме добро име кај Јехова?
17 Секој од нас може со право да се праша: ‚Дали јас имам стекнато добро име кај Јехова?‘ Живееме во бурни времиња. Не е морбидно туку само реалистично да признаеме дека секој од нас може да умре во секое време (Проповедник 9:11, NW). Тогаш, колку е само животоважно сите ние да сме одлучни да стекнеме добро име кај Бог уште сега, без одлагање. Ако го сториме тоа, не треба да се плашиме од смртта. Тоа е обична починка — како спиење. И како и кај спиењето, после него следи будење!
„ЌЕ СТАНЕШ“
18, 19. а) Што мислел ангелот кога претскажал дека Даниел ‚ќе стане‘ во иднина? б) Зошто Даниел бил запознат со надежта за воскресение?
18 Книгата Даниел завршува со едно од најубавите ветувања што Бог некогаш му го дал на некој човек. Јеховиниот ангел му рекол на Даниел: „Ќе станеш за својот дел на крајот од деновите“. Што мислел ангелот со тоа? Па, со оглед на тоа дека ‚починката‘ која тој штотуку ја спомнал била смртта, ветувањето дека Даниел ‚ќе стане‘ во некое подоцнежно време може да значи само една работа — воскресение! * Всушност, некои изучувачи се уверени дека 12-то поглавје од Даниел го содржи првото јасно осврнување на воскресението што може да се најде во Хебрејските списи (Даниел 12:2). Меѓутоа, немаат право. Даниел добро знаел за надежта за воскресение.
19 На пример, Даниел без сомнение ги знаел зборовите што ги запишал Исаија два века порано: „Твоите мртовци ќе оживеат, мртвите тела ќе воскреснат! Разбудете се и ликувајте вие, соборените во прав; зашто . . . земјата ќе ги исфрли мртовците“ (Исаија 26:19). Долго пред тоа, Илија и Јелисеј биле овластени од Јехова да вршат вистински воскреснувања (3. Царства 17:17—24; 4. Царства 4:32—37). Пред нив, Ана, мајка му на пророкот Самуил, признала дека Јехова е способен да ги подига луѓето од Шеолот, гробот (1. Царства 2:6, NW). Уште порано, верниот Јов ја изразил својата сопствена надеж со следниве зборови: „Кога ќе умре човек ќе живее ли пак? Во сите денови на одреденото време би чекал додека ми дојде смената. Ти би викнал, и јас би Ти дал одговор, и Ти би покажал благоволение кон [ќе копнееш по, NW] созданието на Твоите раце“ (Јов 14:14, 15).
20, 21. а) Од кое воскресение Даниел сигурно ќе стане дел? б) На кој начин веројатно ќе се одвива воскресението во Рајот?
20 Исто како Јов, Даниел имал причина да биде сигурен дека Јехова навистина ќе копнее еден ден да го врати назад во живот. Сепак, мора да е многу утешно да се чуе како едно моќно духовно суштество ја потврдува таа надеж. Да, Даниел ќе стане „при воскресението на праведните“ кое ќе се одвива во текот на Христовото илјадагодишно владеење (Лука 14:14). Како ќе изгледа тоа за Даниел? Божјата реч ни кажува многу во врска со тоа.
21 Јехова „не е Бог на безредие, туку на мирот“ (1. Коринтјаните 14:33). Според тоа, очигледно е дека воскресението во Рајот ќе се одвива на уреден начин. Можеби ќе помине некое време после Армагедон (Откровение 16:14, 16). Сите траги на овој стар систем на ствари ќе бидат расчистени, и без сомнение ќе се направат подготовки за да се пречекаат мртвите. Што се однесува до редот по кој ќе се враќаат мртвите, Библијата ни го нуди следниов преседан: „Секој по својот ред“ (1. Коринтјаните 15:23). Изгледа веројатно при ‚воскресението . . . на праведните и на неправедните‘, најнапред да бидат вратени праведните (Дела 24:15). На тој начин, верните луѓе од старо време, како Даниел, ќе можат да помогнат во управувањето со земните работи, вклучувајќи го и поучувањето на милијарди ‚неправедни‘ кои ќе се вратат во живот (Псалм 44:16).
22. На кои прашања Даниел без сомнение ќе биде желен да има одговор?
22 Пред Даниел да биде спремен да преземе такви одговорности, сигурно ќе има некои прашања. На крајот на краиштата, во врска со некои од длабоките пророштва што му биле доверени, тој рекол: „Јас го чув тоа но не го разбрав“ (Даниел 12:8). Колку само возбуден ќе биде кога конечно ќе ги разбере овие божествени тајни! Без сомнение ќе сака да чуе сѐ за Месијата. Даниел со одушевување ќе дознае за походот на светските сили од негово па сѐ до наше време, за идентитетот на верните ‚светии од Севишниот‘ — кои истрајале и покрај прогонства во „времето на крајот“ — и за конечното уништување на сите царства од страна на Божјето месијанско царство (Даниел 2:44; 7:22, NW; 12:4).
ДАНИЕЛОВИОТ — И ТВОЈОТ — ДЕЛ ВО РАЈОТ!
23, 24. а) По што ќе се разликува светот во кој Даниел ќе воскресне од оној што го знаел? б) Дали Даниел ќе има место во Рајот, и од каде знаеме?
23 Даниел ќе сака да дознае за светот во кој ќе се најде во тоа време — свет кој толку малку ќе личи на оној од неговите денови. Нема да постои никаква трага од војни и угнетување кои го нарушуваат светот што го знаеме. Ќе нема тага, болка и смрт (Исаија 25:8; 33:24). Но, ќе има изобилство од храна, многу живеалишта и задоволувачка работа за сите (Псалм 71:16; Исаија 65:21, 22). Човештвото ќе биде една обединета, среќна фамилија.
24 Даниел сосема сигурно ќе има место во тој свет. „Ќе станеш за својот дел“, му рекол ангелот. Хебрејскиот збор овде преведен со „дел“ е истиот што се користи за дословни парцели земја. * Даниел можеби бил запознат со Језекииловото пророштво за распределбата на обновената земја Израел (Језекиил 47:13—48:35). На што укажува пророштвото на Језекиил во неговото рајско исполнување? Дека сите што му припаѓаат на Божјиот народ ќе имаат место во Рајот, дури и земјата ќе биде распределена на уреден и праведен начин. Се разбира, во делот на Даниел во Рајот ќе спаѓа многу повеќе отколку само земја. Во него ќе спаѓа и неговото место во Божјата намера таму. Наградата што му е ветена на Даниел е загарантирана.
25. а) Кои се некои изгледи на животот во Рајот кои те привлекуваат? б) Зошто може да се рече дека луѓето припаѓаат во Рајот?
25 А што е со твојот дел? Истото ветување може да важи и за тебе. Јехова сака послушните луѓе ‚да станат‘ за својот дел — да имаат место во Рајот. Замисли си само! Сигурно, ќе биде возбудливо да се сретне Даниел лично, заедно со другите верни мажи и жени од библиски времиња. Тогаш ќе има и безброј други кои ќе се враќаат од смртта, а на кои ќе им требаат упатства во врска со тоа како да го запознаат и да го сакаат Јехова Бог. Претстави се себеси како се грижиш за нашиот земен дом и помагаш да се претвори во рај на бескрајна разноликост и трајна убавина. Замисли си да бидеш поучуван од Јехова, да учиш како да живееш на начинот на којшто тој сакал да живее човештвото (Исаија 11:9; Јован 6:45). Да, во Рајот ќе има место за тебе. Колку и да им звучи тоа чудно на некои луѓе денес, сети се дека Јехова првобитно го создал човештвото за да живее на такво место (1. Мојсеева 2:7—9). Во таа смисла, Рајот е природното живеалиште за милијардите луѓе на Земјата. Тие припаѓаат токму таму. Да го достигнат тоа ќе биде како да си одат дома.
26. Како признава Јехова дека не ни е лесно да го чекаме крајот на овој систем?
26 Срцата ни горат од ценење кога размислуваме за сето ова, зар не? Зарем ти не копнееш да бидеш таму? Тогаш, не е чудо што Јеховините сведоци се желни да знаат кога ќе дојде крајот на овој систем на ствари! Да се чека не е лесно. Јехова признава дека е тоа така, бидејќи нѐ поттикнува ‚да останеме во исчекување‘ на крајот дури „и ако се забави“. Тој е свесен дека од наша гледна точка може да изгледа дека се забавил, бидејќи истиот стих нѐ уверува: „Нема да се забави“ (Авакум 2:3; спореди Изреки 13:12). Да, крајот ќе дојде токму навреме.
27. Што мора да сториш за да застанеш пред Бог во вечноста?
27 Што би требало да сториш ти додека се приближува крајот? Како и Јеховиниот љубен пророк Даниел, истрај верно. Марливо проучувај ја Божјата реч. Моли се горливо. Љубезно дружи се со соверниците. Ревно поучувај ги другите за вистината. Додека крајот на овој зол систем на ствари секој ден сѐ повеќе се приближува, остани решен да му бидеш лојален слуга на Највишиот и верен застапник на неговата Реч. Без колебање, обрни внимание на Даниеловото пророштво! И нека Суверениот Господ Јехова ти ја даде предноста да стоиш пред него радосно во сета вечност!
[Фусноти]
^ Даниел бил одведен во изгнанство во Вавилон во 617 пр.н.е., веројатно како тинејџер. Оваа визија ја добил во третата година на Кир, односно во 536 пр.н.е. (Даниел 10:1).
^ Според The Brown-Driver-Briggs Hebrew and English Lexicon, хебрејскиот збор за „стане“ што е употребен овде, се однесува на „оживување после смрт“.
^ Хебрејскиот збор е поврзан со зборот за „чакал“, како мали камчиња што биле фрлани заради ждреб. Земјата понекогаш била доделувана на овој начин (4. Мојсеева 26:55, 56). A Handbook on the Book of Daniel (Прирачник за книгата Даниел) вели дека овде зборот значи „она што е одвоено (од Бог) за еден човек“.
ШТО ЗАБЕЛЕЖА?
• Што му помогнало на Даниел да истрае до крајот?
• Зошто изгледот да умре не создавал ужас кај Даниел?
• Како ќе се исполни ветувањето на ангелот дека Даниел ‚ќе стане за својот дел‘?
• Како извлече корист ти лично од тоа што му обрна внимание на Даниеловото пророштво?
[Прашања]
[Слика на целата страница 307]
[Слика на страница 318]
Како и Даниел, дали обрнуваш внимание на Божјата пророчка реч?