Четири зборови кои го промениле светот
Седмо поглавје
Четири зборови кои го промениле светот
1. Колкав учинок имале четирите зборови кои уште одамна биле напишани на ѕидот?
ЧЕТИРИ едноставни зборови напишани на еден измалтерисан ѕид. Па сепак, тие четири зборови скоро до смрт преплашиле еден моќен владетел. Најавувале симнување од престолот на два цара, смрт на едниот од нив и крај на една моќна светска сила. Тие зборови имале за последица понижување на еден почитуван религиозен ред. Што е најважно, го возвишиле чистото обожавање на Јехова и повторно ја потврдиле неговата сувереност и тоа во време кога повеќето луѓе покажувале мала почит и кон едното и кон другото. Тие зборови дури фрлиле светлина и врз денешните светски настани! Како можеле четири зборови да го постигнат сево ова? Да видиме.
2. а) Што се случило со Вавилон после смртта на Навуходоносор? б) Кој владетел сега бил на власт?
2 Поминале децении од настаните запишани во Даниел, поглавје 4. Четириесет и тригодишното владеење на горделивиот цар Навуходоносор во Вавилон завршило со неговата смрт во 582 пр.н.е. Се нижеле наследници од неговото семејство, но нивното последователно владеење завршувало со предвремена смрт или со атентат. Конечно, на престолот со бунт дошол човек по име Набонид. Како син на првосвештеничка на Син, богот-месечина, Набонид не бил во крвно сродство со вавилонскиот царски дом. Некои авторитети тврдат дека тој се оженил со ќерката на Навуходоносор за да ја озакони својата влада, го поставил нивниот син Валтазар за корегент и го задолжил да се грижи за Вавилон во текот на долги временски интервали. Во тој случај, Валтазар би бил внук на Навуходоносор. Дали од искуствата на својот дедо научил дека Јехова е Врховен Бог, способен да го понижи секој цар? Тешко! (Даниел 4:34).
ГОЗБА КОЈА ИЗЛЕГУВА ОД КОНТРОЛА
3. Како изгледала гозбата на Валтазар?
3 Даниел, поглавје 5, започнува со еден банкет. „Царот Валтазар приреди голема гозба за илјада свои достоинственици и пред очите на илјадата пиеше вино“ (Даниел 5:1). Како што можеш и да си замислиш, сигурно била потребна некоја огромна сала за да бидат сместени сите тие мажи, заедно со второстепените жени и конкубините на царот. Еден изучувач забележува: „Вавилонските банкети биле величествени, иако обично завршувале со пијанство. Трпезата била преполна со увозно вино, и со најразновидни луксузи. Салата ја исполнувал мирис на парфеми; насобраните гости ги забавувале вокални и инструментални изведувачи“. Седејќи на чело на место каде што сите можеле да го видат, Валтазар пиел вино — пиел ли пиел.
4. а) Зошто можеби изгледало чудно тоа што Вавилонците се гоштавале ноќта на 5/6 октомври 539 пр.н.е.? б) Што очигледно ги навело Вавилонците да имаат самодоверба иако биле соочени со напаѓачки војски?
4 Изгледа чудно што Вавилонците биле во едно такво празнично расположение токму таа ноќ — 5/6 октомври 539 пр.н.е. Нацијата била во војна, и работите не ѝ оделе баш најдобро. Неодамна Набонид доживеал пораз од рацете на напаѓачките медо-персиски сили и се засолнил во Борсипа, југозападно од Вавилон. А сега војските на Кир биле улогорени баш пред самиот Вавилон. Сепак, изгледа дека Валтазар и неговите веледостојници не биле загрижени. Впрочем, нивни град бил неосвоивиот Вавилон! Неговите колосални ѕидини се надвиснувале над длабоките ендеци исполнети со водите на големата река Еуфрат која течела низ градот. Веќе над сто години ниеден непријател го немал освоено Вавилон на јуриш. Тогаш, зошто да се грижат? Можеби Валтазар си мислел дека со буката од лумпувањето ќе им ја покажат својата самодоверба на непријателите надвор од ѕидините и ќе ги обесхрабрат.
5, 6. Што сторил Валтазар под дејство на вино, и зошто тоа било тешка навреда на Јехова?
5 Набргу претераното пиење на Валтазар си го зело својот данок. Изреки 20:1 (NW) вели: „Виното е потсмевач“. Но, во овој случај виното навистина го навело царот да направи крајно сериозна глупост. Наредил на гозбата да се донесат светите садови од храмот на Јехова. Овие садови, запленети кога Навуходоносор го освоил Ерусалим, требало да се користат само при чистото обожавање. Дури и еврејските свештеници, кои во минатото биле овластени да ги користат во ерусалимскиот храм, биле предупредени да се чуваат себеси чисти (Даниел 5:2; спореди Исаија 52:11).
6 Меѓутоа, Валтазар имал на ум еден уште подрзок чин. „Царот и достоинствениците негови, жените негови и наложниците негови . . . пиеја вино и ги славеа боговите златни и сребрени, бакарни и железни, дрвени и камени“ (Даниел 5:3, 4). Значи Валтазар имал намера да ги возвиши своите лажни богови над Јехова! Изгледа дека ваквиот став бил типичен за Вавилонците. Тие ги презирале своите еврејски заробеници така што го исмејувале нивното обожавање и не им давале никаква надеж за враќање во нивната сакана татковина (Псалм 136:1—3; Исаија 14:16, 17). Можеби овој пијан монарх мислел дека со тоа што ќе ги понижува овие изгнаници и ќе го навредува нивниот Бог, ќе ги импресионира своите жени и службеници, оставајќи впечаток дека е силен. * Но, ако Валтазар навистина чувствувал некаков набој на сила, тоа не траело долго.
РАКОПИСОТ НА ЅИДОТ
7, 8. Како била прекината гозбата на Валтазар, и како влијаело тоа врз царот?
7 „Во истиот момент“, вели инспирираниот извештај, „се појавија прсти од човечка рака и пишуваа спроти светилникот на [малтерот од, NW] ѕидот од царскиот дворец, и царот ги виде прстите на раката што пишуваше“ (Даниел 5:5). Каква страшна глетка! Во близина на еден добро осветлен дел од ѕидот, како од ведро небо се појавила рака која лебдела во воздухот. Замисли си ја ненадејната тишина што завладеала на забавата додека гостите со вкочанети погледи се свртеле кон неа. Раката почнала да пишува на малтерот една таинствена порака. * Овој феномен бил толку кобен, толку незаборавен, што до ден-денес луѓето го користат изразот „ракописот на ѕидот“ за да укажат на некое предупредување за претстојна пропаст.
8 Каков бил ефектот врз овој горделив цар кој се обидел да се возвиши себеси и своите богови над Јехова? „Тогаш царот го измени лицето, мислите му се смутија, појасот на бедрата му олабави и колената негови почнаа да се удираат едно со друго“ (Даниел 5:6). Валтазар имал намера да изгледа величествено и славно пред своите поданици. Наместо тоа, станал верен одраз на беден страв — пребледел, бедрата му се растрепериле, целото тело толку силно му се тресело што колената му се удирале. Навистина се покажале точни Давидовите зборови упатени до Јехова во песна: „Со погледот Свој ги уништуваш горделивите“ (2. Царства 22:1, 28; спореди Изреки 18:13).
9. а) Зошто стравот на Валтазар не бил исто што и побожен страв? б) Што им понудил царот на вавилонските мудреци?
9 Треба да се забележи дека стравот на Валтазар не бил исто што и побожен страв, односно длабока почит кон Јехова, што е почеток на сета мудрост (Изреки 9:10). Не, ова бил морбиден страв, и кај растреперениот монарх не произвел ништо слично на мудрост. * Наместо да го моли за прошка Богот кого штотуку го навредил, тој гласно ги повикал ‚маѓепсниците, Халдејците и гледачите‘. Дури изјавил: „Оној што ќе го прочита тоа што е напишано и ми објасни што значи, ќе биде облечен во скерлет и околу вратот ќе му биде ставена златна веришка, а во царството мое ќе биде трет достоинственик“ (Даниел 5:7). Третиот владетел во царството би бил навистина моќен, пред него би биле само двајцата владејачки цареви — Набонид и самиот Валтазар. Обично тоа место би можело да биде резервирано за најстариот син на Валтазар. Колку само царот очајнички барал да се објасни оваа чудесна порака!
10. Каков успех имале мудреците во обидот да го протолкуваат ракописот на ѕидот?
10 Големата сала се исполнила со мудреци. Не фалеле на број бидејќи Вавилон бил град потонат во лажна религија и изобилувал со храмови. Сигурно имало многу луѓе кои тврделе дека можат да читаат предзнаци и да одгатнуваат таинствени записи. Овие мудреци мора да биле возбудени од приликата што им се укажувала. Сега имале шанса да ја покажат својата вештина пред една отмена публика, да ја стекнат наклоноста на царот и да се издигнат на положба на голема моќ. Но, колку само потфрлиле! „Никој не можеше да го прочита напишаното и да му го објасни на царот значењето негово“ * (Даниел 5:8).
11. Зошто можеби вавилонските мудреци не можеле да го прочитаат ракописот?
11 Не е сигурно дали на вавилонските мудреци им бил неразбирлив и самиот ракопис, односно самите букви. Ако не можеле да го разберат, тогаш тие бескрупулозни мажи би имале одврзани раце да смислат некакво лажно толкување, па можеби и некое со кое би му ласкале на царот. Друга можност е дека буквите биле прилично читливи. Меѓутоа, бидејќи јазиците како што се арамејскиот и хебрејскиот се пишувале без самогласки, можно е секој збор да имал по неколку значења. Ако ова било случај, тогаш мудреците веројатно не можеле да одредат на кои зборови се мислело. Дури и да можеле да го сторат тоа, сепак, не ќе можеле да го сфатат значењето на зборовите за да го протолкуваат. Во секој случај, едно е сигурно: вавилонските мудреци потфрлиле — и тоа катастрофално!
12. Што докажал неуспехот на мудреците?
12 Така мудреците биле разоткриени како шарлатани, а нивниот почитуван религиозен ред како измама. Колку само разочарале тие! Кога Валтазар видел дека неговата доверба во овие религионисти била залудна, уште повеќе се уплашил, уште повеќе пребледел, па дури и неговите веледостојници ‚се смутиле‘ * (Даниел 5:9).
ПОВИКАН Е ЧОВЕК СО УВИД
13. а) Зошто царицата предложила да биде повикан Даниел? б) Каков живот водел Даниел?
13 Во тој критичен момент, во банкет салата влегла самата царица — веројатно царицата-мајка. Таа чула за мешаницата на гозбата, а познавала некој кој можел да го одгатне ракописот на ѕидот. Неколку децении пред тоа, нејзиниот татко Навуходоносор го наименувал Даниел над сите свои мудреци. Царицата се сеќавала на него како на човек со „извонреден дух и знаење и увид“ (NW). Бидејќи Даниел изгледа не му бил познат на Валтазар, постои веројатност дека после смртта на Навуходоносор, пророкот ја изгубил својата висока државна положба. Но, угледната положба не му значела многу на Даниел. Веројатно во тоа време тој бил во своите 90-ти години и сѐ уште верно му служел на Јехова. И покрај тоа што отприлика осум децении поминал во изгнанство во Вавилон, сѐ уште бил познат по своето хебрејско име. Дури и царицата кога зборувала за него го користела името Даниел, а не вавилонското име кое некогаш му било дадено. Всушност, таа го поттикнала царот: „Затоа нека го повикаат Даниила, и тој ќе го објасни значењето“ (Даниел 1:7; 5:10—12).
14. Во каква тешка ситуација се нашол Даниел кога го видел ракописот на ѕидот?
14 Даниел бил повикан и дошол пред Валтазар. Не било баш пријатно да се моли услуга од овој Евреин, чиј Бог царот штотуку го навредил. Сепак, Валтазар се обидел да му ласка на Даниел и му ја понудил истата награда — трето место во царството — ако ги прочита и објасни мистериозните зборови (Даниел 5:13—16). Даниел ги кренал очите кон ракописот на ѕидот, и светиот дух му овозможил да проникне во неговото значење. Тоа била порака на осуда од Јехова Бог! Како можел Даниел баш в лице да му објави една таква остра пресуда на овој суетен цар — и тоа пред неговите жени и веледостојници? Замисли си во каква тешка ситуација се нашол Даниел! Дали бил поколебан од ласкавите зборови на царот и од неговата понуда за богатство и истакната положба? Дали пророкот ќе ја ублажи Јеховината објава?
15, 16. Која животоважна лекција од историјата пропуштил да ја научи Валтазар, и колку е вообичаен сличниот пропуст денес?
15 Даниел храбро проговорил: „Даровите нека ти останат при тебе, а почестите дај му ги на друг; а напишаното ќе му го прочитам на царот и значењето ќе му го објаснам“ (Даниел 5:17). Потоа Даниел ја признал величината на Навуходоносор, толку моќен цар кој можел да убие, да нападне, да возвиши или да понижи кого што сакал. Меѓутоа, Даниел го потсетил Валтазар дека Јехова, „Севишниот Бог“, е тој што го направил Навуходоносор голем. Кога тој моќен цар се вообразил, Јехова бил тој кој го понижил. Да, Навуходоносор бил принуден да признае дека „над човечкото царство владее Севишниот Бог и го поставува над него, кого сака“ (Даниел 5:18—21).
16 Валтазар ‚го знаел сето тоа‘. Сепак, пропуштил да научи од историјата. Всушност, тој дури уште повеќе го надминал гревот на неисправната гордост на Навуходоносор и постапил крајно дрско кон Јехова. Даниел го разоткрил гревот на царот. Освен тоа, пред очите на паганскиот собир смело му рекол на Валтазар дека лажните богови „не гледаат, ни слушаат, ниту разбираат“. Храбриот Божји пророк додал дека за разлика од тие бескорисни богови, Јехова е Бог „во чии раце е и твојата душа [здив, NW]“. Луѓето до ден-денес прават богови од безживотни работи, ги идолизираат парите, кариерата, престижот, па дури и задоволствата. Но, ниту една од овие работи не може да даде живот. Само Јехова е единствениот кому сите му го должиме своето постоење, од кого зависи секој здив што го вдишуваме (Даниел 5:22, 23; Дела 17:24, 25).
ЗАГАТКАТА Е РЕШЕНА!
17, 18. Кои биле четирите зборови напишани на ѕидот, и кое е нивното дословно значење?
17 Сега, остарениот пророк се зафатил со она што било невозможно за сите мудреци во Вавилон. Тој го прочитал и го протолкувал ракописот напишан на ѕидот. Зборовите биле: „МЕНЕ, МЕНЕ, ТЕКЕЛ и ПАРСИН“ (Даниел 5:24, 25, NW). Што значат тие?
18 Дословно, зборовите значат „мина, мина, сикел и полусикли“. Секој збор бил мерка за тежина на пари, наведени од поголемите вредности кон помалите. Колку збунувачки! Дури и да можеле вавилонските мудреци да ги прочитаат буквите, сепак не е многу чудно што не можеле да ги протолкуваат.
19. Какво било толкувањето на зборот „МЕНЕ“?
19 Под влијание на Божјиот свет дух, Даниел објаснил: „А еве го значењето на зборовите: Мани [МЕНЕ, NW] — го изброи Бог царството твое и му стави крај“ (Даниел 5:26). Согласките на првиот збор можат да го означуваат и зборот „мина“ и еден облик на арамејскиот збор за „одброен“ или „избројан“, зависно од самогласките кои ќе ги додаде читателот. Даниел добро знаел дека изгнанството на Евреите било при крај. Од претскажаните 70 години, колку што тоа требало да трае, 68 веќе поминале (Јеремија 29:10). Јехова, големиот Контролор на времето, ги избројал деновите на вавилонското владеење како светска сила, и крајот бил поблизу отколку што си замислувал кој и да е присутен на банкетот на Валтазар. Всушност, времето истекло — не само за Валтазар, туку и за неговиот татко Набонид. Можеби тоа е причината зошто зборот „МЕНЕ“ е напишан двапати — за да го објави крајот на овие две царства.
20. Какво било објаснувањето за зборот „ТЕКЕЛ“, и како тоа се однесувало на Валтазар?
20 Од друга страна, пак, зборот „ТЕКЕЛ“ бил напишан само еднаш и тоа во еднина. Ова можеби покажува дека му бил упатен првенствено на Валтазар. Тоа и било пригодно, зашто тој лично покажал грубо непочитување кон Јехова. Самиот збор значи „сикел“, но согласките го дозволуваат и зборот „измерил“. Според тоа, Даниел му рекол на Валтазар: „Текел, измерен си на кантар и се најде многу лесен“ (Даниел 5:27). За Јехова цели нации се безначајни како прашинка на терезија (Исаија 40:15). Тие се немоќни да ги осуетат неговите намери. Тогаш, што би можел да постигне еден арогантен цар? Валтазар се обидел да се возвиши над Суверенот на универзумот. Овој обичен човек се осмелил да го навреди Јехова и да го исмее чистото обожавање, но било откриено дека е „многу лесен“. Да, Валтазар во потполност ја заслужил осудата која брзо се приближувала!
21. Како „ПАРСИН“ бил трикратна игра на зборови, и што покажувал тој збор за иднината на Вавилон како светска сила?
21 Последниот збор на ѕидот бил „ПАРСИН“. Даниел го прочитал во обликот „ПЕРЕС“, во еднина, веројатно затоа што му се обратил на едниот цар додека другиот бил отсутен. Овој збор бил кулминација на големата Јеховина загатка со трикратна игра на зборови. Дословно „парсин“ значи „полусикли“. Но, буквите дозволуваат и две други значења — „поделби“ и „Персијци“. Значи, Даниел претскажал: ‚Фарес [ПЕРЕС, NW] — царството ти е разделено и им е дадено на Медијците и Персијците‘ (Даниел 5:28).
22. Како реагирал Валтазар на решението на загатката, и на што можеби се надевал?
22 Така загатката била решена. Моќниот Вавилон само што не паднал под медо-персиските сили. Иако скршен од оваа објава за пропаст, Валтазар си го одржал зборот. Им наредил на своите слуги да го облечат Даниел во скерлет, да го украсат со златен ѓердан и да го прогласат за трет владетел во царството (Даниел 5:29). Даниел не ги одбил овие почести бидејќи признал дека тие ја одразуваат честа која му припаѓа на Јехова. Секако, можеби Валтазар се надевал дека ќе ја ублажи Јеховината пресуда со тоа што ќе му оддаде чест на Неговиот пророк. Ако било така, тогаш било предоцна.
ПАДОТ НА ВАВИЛОН
23. Кое древно пророштво се исполнувало додека течела гозбата на Валтазар?
23 Додека Валтазар и неговите дворјани пиеле во чест на своите богови и го исмејувале Јехова, во темнината надвор од палатата се одигрувала една голема драма. Во тек било исполнувањето на едно пророштво кажано преку Исаија два века пред тоа. Јехова во врска со Вавилон претскажал: „На сите воздишки ќе им ставам крај“. Да, сето угнетување на Божјиот избран народ во овој злобен град требало да престане. На кој начин? Истото пророштво рекло: „Оди Еламе, опседни Мидијо“. Елам станал дел од Персија после времето на пророкот Исаија. Во времето на гозбата на Валтазар, која исто така била проречена во тоа пророштво на Исаија, Персија и Медија навистина ги имале здружено силите за да ‚отидат‘ против Вавилон и да го ‚опседнат‘ (Исаија 21:1, 2, 5, 6).
24. Кои детали во врска со падот на Вавилон биле претскажани во пророштвото на Исаија?
24 Всушност, било проречено дури и името на водачот на овие сили, како и главните точки од неговата борбена стратегија. Околу 200 години однапред, Исаија прорекол дека Јехова ќе помаза еден човек по име Кир да тргне против Вавилон. Во текот на неговиот напад, пред него ќе бидат израмнети сите препреки. Водите на Вавилон требало да се ‚исушат‘, а неговите моќни порти да бидат оставени отворени (Исаија 44:27—45:3). Така и се случило. Војските на Кир го свртеле текот на реката Еуфрат, снижувајќи го на тој начин нивото на водата така што можеле да го прегазат ендекот. Невнимателните чувари ги оставиле портите на вавилонскиот ѕид отворени. И световните историчари се сложуваат дека градот бил нападнат во време кога неговите жители се веселеле. Вавилон бил преземен со многу мал отпор (Јеремија 51:30). Но, таму загинала најмалку една значајна личност. Даниел известил: ‚Во истата ноќ Валтазар, царот халдејски, беше убиен. А Дариј Медиецот го презеде царството, кој тогаш беше на шеесет и две години‘ (Даниел 5:30, 31).
ДА СЕ ИЗВЛЕЧЕ ПОУКА ОД РАКОПИСОТ НА ЅИДОТ
25. а) Зошто древниот Вавилон е пригоден симбол за денешниот глобален систем на лажната религија? б) Во која смисла Божјите денешни слуги биле заробеници во Вавилон?
25 Инспирираниот извештај во Даниел, поглавје 5, има огромно значење за нас. Како центар на лажни религиозни практики, древниот Вавилон е пригоден симбол за светското царство на лажната религија. Прикажан во Откровение како крвожедна блудница, овој глобален конгломерат на измама е наречен „Вавилон големиот“ (Откровение 17:5). Не обрнувајќи внимание на сите предупредувања за лажните доктрини и практики со кои го обесчестува Бог, тој ги прогонувал оние кои ја проповедале вистината за Божјата реч. Слично на жителите на древниот Ерусалим и Јуда, верниот остаток од помазани христијани бил всушност изгнан во „Вавилон големиот“ кога прогонството поттикнато од свештенството речиси му ставило крај на делото на проповедање на Царството во 1918 година.
26. а) Како „Вавилон големиот“ паднал во 1919 година? б) На кое предупредување треба да обрнеме внимание и да го споделуваме со другите?
26 Но, одеднаш, „Вавилон големиот“ паднал! О, тоа бил практично бесшумен пад — исто како што древниот Вавилон речиси бесшумно паднал во 539 пр.н.е. Но и покрај тоа, овој фигуративен пад бил разорен. Се случил во 1919 н.е. кога Јеховиниот народ бил ослободен од вавилонското ропство и бил благословен со божествено одобрување. Со ова била окончана моќта на „Вавилон големиот“ над Божјиот народ и бил означен почетокот на неговото јавно разоткривање како измамник која не заслужува доверба. Тој пад се покажал неповратен, а неговото конечно уништување е неизбежно. Затоа Јеховините слуги го повторуваат предупредувањето: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не учествувате во гревовите нејзини, и да не се заразите од раните нејзини“ (Откровение 18:4). Дали си обрнал внимание на тоа предупредување? Дали го споделуваш со другите? *
27, 28. а) Која животоважна вистина Даниел никогаш не ја изгубил од вид? б) Каков доказ имаме дека наскоро Јехова ќе дејствува против денешниот злобен свет?
27 Значи, ракописот и денес стои на ѕидот — но не само за „Вавилон големиот“. Сети се на една животоважна вистина која зазема централно место во книгата Даниел: Јехова е Универзален Суверен. Тој, и само тој, има право да постави владетел над човештвото (Даниел 4:14, 22; 5:21). Сѐ што стои на патот на Јеховините намери ќе биде отстрането. Само прашање на време е кога Јехова ќе дејствува (Авакум 2:3). За Даниел тоа време конечно дошло во десеттата деценија од неговиот живот. Тогаш видел како Јехова отстранил една светска сила — сила која го угнетувала Божјиот народ уште од Даниеловото детство.
28 Постои непобитен доказ дека Јехова Бог поставил на небесниот престол Владетел за човештвото. Тоа што светот го игнорира тој Цар и се противи на неговото владетелство е сигурен доказ дека наскоро Јехова ќе ги збрише сите противници на владеењето на Царството (Псалм 2:1—11; 2. Петрово 3:3—7). Дали дејствуваш во склад со итноста на нашите времиња и својата доверба ја полагаш во Божјето Царство? Ако да, тогаш навистина си извлекол поука од ракописот на ѕидот!
[Фусноти]
^ Во еден древен натпис, цар Кир за Валтазар рекол: „За [владетел] на неговата земја беше поставен слабак“.
^ Дури и овој ситен детаљ од извештајот на Даниел се покажал точен. Археолозите откриле дека ѕидовите на палатите во древниот Вавилон се правеле од цигли премачкани со малтер.
^ Вавилонските суеверија веројатно го направиле ова чудо уште позастрашувачко. Книгата Babylonian Life and History (Вавилонскиот живот и историја) забележува: „Освен бројните богови кои Вавилонците ги обожавале, откриваме дека тие во голема мера биле зависни од верувањето во духови, и тоа во толкава мера што молитвите и гатањето против нив сочинуваат еден многу голем дел од нивната религиозна литература“.
^ Журналот Biblical Archaeology Review забележува: „Вавилонските експерти каталогизирале илјадници кобни знаци . . . Кога Валтазар побарал да го дознае значењето на ракописот на ѕидот, без сомнение, мудреците на Вавилон побарале одговор во тие енциклопедии со предзнаци. Но, тие се покажале безвредни“.
^ Лексикографите забележуваат дека со зборот кој овде е употребен за ‚смутиле‘ се подразбира голема мешаница, како на собирот да завладеала збрка.
^ Види страници 205—271 од книгата Откривење — близу је величанствени врхунац! издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
ШТО ЗАБЕЛЕЖА?
• Како била прекината гозбата на Валтазар ноќта на 5/6 октомври 539 пр.н.е.?
• Какво било толкувањето на ракописот на ѕидот?
• Кое пророштво за падот на Вавилон се исполнувало додека течела гозбата на Валтазар?
• Какво значење за нашево време има извештајот за ракописот на ѕидот?
[Прашања]
[Слика на целата страница 98]
[Слика на целата страница 103]