Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Блескавиот град

Блескавиот град

Поглавје 43

Блескавиот град

Видение 16 — Откровение 21:9—22:5

Тема: Опис на Новиот Ерусалим

Кога се исполнува: Откако завршува големата неволја и Сатана е фрлен в бездна

1, 2. а) Каде го води еден ангел Јован за да му го покаже Новиот Ерусалим, и каква разлика забележуваме овде? б) Зошто е ова величествена завршница на Откровението?

 ЕДЕН ангел го однесе Јован во пустината за да му го покаже Големиот Вавилон. Сега друг ангел од истата група го качува на една висока гора. Каква поинаква глетка го дочекува Јован! Сега тој не гледа некој нечист, неморален град како што беше вавилонската блудница, туку еден чист, духовен и свет град — Новиот Ерусалим, кој слегува од самото небо (Откровение 17:1, 5).

2 Дури ни земниот Ерусалим никогаш не блескал со таков сјај. Јован ни кажува: „И дојде еден од седумте ангели, кои ги имаа седумте садови полни со седумте последни неволји, и ми се обрати со зборовите: ‚Дојди, ќе ти ја покажам невестата, жената на Јагнето‘. И ме однесе во духот на една голема и висока гора, и ми го покажа светиот град Ерусалим како слегува од небото од Бог и имаше Божја слава“ (Откровение 21:9-11а). Од поволното место на високата гора, Јован може внимателно да го набљудува овој преубав град и да го разгледа до најситен детаљ. Верните лица желно го очекувале доаѓањето на тој град уште од моментот кога луѓето паднале под осудата на гревот и смртта. Сега, тој конечно е овде! (Римјаните 8:19; 1. Коринќаните 15:22, 23; Евреите 11:39, 40). Тоа е величествен духовен град кој се состои од 144.000 беспрекорно верни лица, град кој блеска во својата светост и ја одразува славата на самиот Јехова. Ова е навистина величествена завршница на Откровението!

3. Како Јован ја опишува убавината на Новиот Ерусалим?

3 Убавината на Новиот Ерусалим нѐ остава без здив: „Блескаше како скапоцен камен, како камен јаспис, кој сјае како кристал. Имаше голем и висок ѕид, со дванаесет порти, а на портите дванаесет ангели и напишани имиња, имињата на дванаесетте племиња на синовите Израелови. На исток имаше три порти, на север три порти, на југ три порти, и на запад три порти. Градскиот ѕид имаше и дванаесет камен–темелници, и врз нив дванаесетте имиња на дванаесетте апостоли на Јагнето“ (Откровение 21:11б-14). Блескава светлина! Тоа е првиот впечаток што овој град го остава врз Јован. Новиот Ерусалим, кој зрачи како млада невеста, е навистина соодветна сопруга за Христос. Тој блеска и сјае, а така и треба да биде, затоа што неговиот Творец е „Таткото на небесните светла“ (Јаков 1:17).

4. Што покажува дека Новиот Ерусалим не е телесниот Израел?

4 На неговите 12 порти се напишани имињата на 12-те племиња на Израел. Значи, овој симболичен град се состои од 144.000-те кои беа обележани со печат „од секое племе на синовите на Израел“ (Откровение 7:4-8). Во согласност со ова, врз неговите камен-темелници се запишани и имињата на 12-те апостоли на Јагнето. Да, Новиот Ерусалим не е телесниот Израел кој потекнувал од 12-те синови на Јаков. Тој е духовниот Израел, чиј темел се „апостолите и пророците“ (Ефешаните 2:20).

5. На што укажува ‚големиот и висок ѕид‘ на Новиот Ерусалим, како и тоа што на секој негов влез има поставено ангели?

5 Овој симболичен град има огромен ѕид. Во древни времиња се граделе ѕидови околу градот за да не можат да влезат непријателите и жителите да бидат на безбедно. Новиот Ерусалим има „голем и висок ѕид“, што покажува дека тој е безбеден во духовна смисла. Во него никогаш нема да влезе ниту еден непријател на праведноста, и никој што е нечист или нечесен (Откровение 21:27). Но, оние што можат да влезат во овој прекрасен град исто како да влегуваат во Рај (Откровение 2:7). Откако Адам бил истеран од Рајот, на влезот на првобитниот Рај биле поставени херувими за да ги спречат нечистите луѓе да влезат во него (1. Мојсеева 3:24). Слично на тоа, на секој влез од светиот град Ерусалим се поставени ангели кои се грижат да се зачува духовната безбедност на градот. И навистина, во текот на последните денови, ангелите го чуваат собранието на помазани христијани — идниот Нов Ерусалим — да не биде извалкано од вавилонската нечистота (Матеј 13:41).

Мерење на градот

6. а) Како Јован го опишува мерењето на градот, и што покажува ова мерење? б) Како може да се објасни тоа што бил мерен „по човечка мера, која е и ангелска“? (Види ја фуснотата.)

6 Јован продолжува: „А оној што ми се обрати држеше златна трска за мерење, за да го измери градот и неговите порти и неговиот ѕид. А градот беше изграден во облик на четириаголник. Должината му беше еднаква на широчината. И го измери градот со трската: дванаесет илјади стадии — должината и широчината и височината му беа еднакви. Го измери и неговиот ѕид: сто четириесет и четири лакти, по човечка мера, која е и ангелска“ (Откровение 21:15-17). Кога беше измерено светилиштето на храмот, тоа служеше како гаранција дека ќе се исполнат Јеховините намери во врска со него (Откровение 11:1). Сега, тоа што ангелот го мери Новиот Ерусалим покажува дека Јеховината намера во врска со овој величествен град е непроменлива. *

7. Што е необично во врска со големината на градот?

7 Каков необичен град! Тој личи на совршена коцка со обем од 12.000 стадии (околу 2.220 километри), и ограден е со ѕид висок 144 лакти (односно 64 метри). Ниту еден вистински град не би можел да биде толку голем. Тој би покривал подрачје кое е околу 14 пати поголемо од територијата на денешниот Израел, и би бил висок речиси 560 километри — значи, би влегол во вселената! Откровението било дадено во знаци. Според тоа, што ни кажуваат овие мерки во врска со небесниот Нов Ерусалим?

8. На што укажува тоа што а) ѕидот на градот е висок 144 лакти? б) обемот на градот изнесува 12.000 стадии? в) градот е совршена коцка?

8 Тоа што ѕидовите се високи 144 лакти нѐ потсетува дека градот се состои од 144.000 духовно усвоени синови на Бог. Бројот 12, кој се појавува во обемот на градот што изнесува 12.000 стадии — при што должината, широчината и височината се исти — во библиските пророштва се користи како симбол за организираност. Значи, Новиот Ерусалим е извонредно организирано уредување кое ќе ја исполни Божјата вечна намера. Новиот Ерусалим, заедно со Царот Исус Христос, го претставува Јеховиното Царство. Интересен е и обликот на градот — совршена коцка. Во храмот на Соломон, Светињата над Светињите, во која симболично бил присутен Јехова, била во облик на совршена коцка (1. Царевите 6:19, 20). Тогаш, навистина е соодветно тоа што Новиот Ерусалим, осветлен од славата на самиот Јехова, е претставен како совршена, огромна коцка! Сите негови мерки се во совршена рамнотежа. Овој град нема ниту неправилности ниту недостатоци (Откровение 21:22).

Скапоцени градежни материјали

9. Како Јован ги опишува материјалите од кои е изграден градот?

9 Јован продолжува со својот опис: „Ѕидот беше изграден од јаспис, а градот беше од чисто злато, слично на чисто стакло. Темелите на градскиот ѕид беа од секаков вид скапоцени камења: првиот темел беше од јаспис, вториот од сафир, третиот од калцедон, четвртиот од смарагд, петтиот од сардоникс, шестиот од сард, седмиот од хризолит, осмиот од берил, деветтиот од топаз, десеттиот од хризопрас, единаесеттиот од хијацинт, дванаесеттиот од аметист. А дванаесетте порти беа дванаесет бисери — секоја порта беше направена од по еден бисер. И главната градска улица беше од чисто злато, слично на проѕирно стакло“ (Откровение 21:18-21).

10. Што покажува тоа што градот е изграден од јаспис, злато и „секаков вид скапоцени камења“?

10 Градот е изграден од навистина блескав и скапоцен материјал. Наместо обични, земни градежни материјали, како глина или камен, читаме дека тој е изграден од јаспис, чисто злато и „секаков вид скапоцени камења“. Колку соодветен опис на небесните градежни материјали! Ништо друго не би можело да биде повеличествено. Ковчегот на сојузот во старо време бил обложен со чисто злато, и во Библијата овој метал честопати е симбол на добри и вредни работи (2. Мојсеева 25:11; Изреки 25:11; Исаија 60:6, 17). Но, целиот Нов Ерусалим, па дури и главната градска улица, се направени од „чисто злато, слично на проѕирно стакло“ — толку голема убавина и вистинска вредност што нашиот ум не може ни да ја замисли!

11. Што ни гарантира дека оние кои го сочинуваат Новиот Ерусалим ќе сјаат со извонредна духовна чистота?

11 Ниту еден топилничар на злато на Земјата не може да добие злато со толкава чистота. Но, Јехова е најдобриот Топилничар. Тој седи „како оној што топи и пречистува сребро“ и ги пречистува верните членови на духовниот Израел „како злато и како сребро“, отстранувајќи ги сите нечистотии од нив. На крајот, само оние лица што навистина биле претопени и пречистени ќе бидат дел од Новиот Ерусалим. Така Јехова го гради овој град од живи градежни материјали што сјаат со извонредна духовна чистота (Малахија 3:3, 4).

12. Што означува тоа што а) темелите на градот се украсени со 12 скапоцени камења? б) портите на градот се бисери?

12 Дури и темелите на градот се прекрасни, украсени со 12 скапоцени камења. Ова нѐ потсетува на еврејскиот првосвештеник од старо време, кој на празниците носел ефод во кој биле вградени 12 различни скапоцени камења, слични на оние што се опишани овде (2. Мојсеева 28:15-21). Ова сигурно не е чиста случајност! Напротив, ја нагласува свештеничката улога на Новиот Ерусалим, чија „светилка“ е Исус, големиот првосвештеник (Откровение 20:6; 21:23; Евреите 8:1). Освен тоа, токму преку Новиот Ерусалим луѓето ќе ги добијат благословите од Исусовата служба на првосвештеник (Откровение 22:1, 2). Дванаесетте порти на градот, направени од бисери со голема убавина, нѐ потсетуваат на една парабола во која Исус го споредил Царството со скапоцен бисер. Сите што влегуваат низ тие порти покажале вистинско ценење за духовните вредности (Матеј 13:45, 46; спореди Јов 28:12, 17, 18).

Град на светлината

13. Што вели Јован понатаму во врска со Новиот Ерусалим, и зошто на градот не му е потребен дословен храм?

13 Во времето на Соломон, над Ерусалим се надвишувал храмот кој бил изграден на највисокото возвишение во градот — ридот Морија што се наоѓал на север. А како е со Новиот Ерусалим? Јован вели: „Во градот не видов храм, бидејќи неговиот храм е Јехова Бог, Семоќниот, а и Јагнето. На градот не му требаше ни сонце ни месечина за да му светат, зашто Божјата слава го осветлуваше, а светилка му беше Јагнето“ (Откровение 21:22, 23). Всушност, таму нема потреба да се изгради дословен храм. Древниот еврејски храм бил само претслика на вистинскиот храм — големиот духовен храм, кој започнал да постои откако Јехова го помазал Исус за првосвештеник во 29 год. од н.е. (Матеј 3:16, 17; Евреите 9:11, 12, 23, 24). Во еден храм мора да има и свештеници кои ќе му принесуваат на Јехова жртви за народот. Но, сите оние што се дел од Новиот Ерусалим се свештеници (Откровение 20:6). А големата жртва, животот на совршениот човек Исус, била принесена еднаш засекогаш (Евреите 9:27, 28). Освен тоа, секој што живее во градот има пристап до Јехова.

14. а) Зошто на Новиот Ерусалим не му се потребни сонцето и месечината да го осветлуваат? б) Што прорекол Исаија во врска со Јеховината универзална организација, и каква врска има ова со Новиот Ерусалим?

14 Кога Јеховината слава поминала покрај Мојсеј на планината Синај, лицето на Мојсеј зрачело толку силно што морал да го покрие за другите Израелци да не гледаат во него (2. Мојсеева 34:4-7, 29, 30, 33). Тогаш, можеш ли да си замислиш колку силно блеска еден град кој постојано го осветлува Јеховината слава? Во таков град не може да има ноќ. Не би му било потребно ни дословно сонце ни месечина. Од него вечно би зрачела светлина. (Спореди 1. Тимотеј 6:16.) Новиот Ерусалим се капе во таков блескав сјај. Всушност, оваа невеста и нејзиниот царски Младоженец стануваат престолнина на Јеховината универзална организација — неговата „жена“, „горниот Ерусалим“ — за која Исаија прорекол: „Сонцето повеќе нема да ти биде светлина дење и сјајната месечина повеќе нема да ти дава светлина, туку Јехова ќе ти биде вечна светлина, твојот Бог ќе биде твојата убавина. Твоето сонце повеќе нема да заоѓа, ниту твојата месечина ќе го губи сјајот, зашто Јехова ќе ти биде вечна светлина, и ќе завршат деновите на твојата тага“ (Исаија 60:1, 19, 20; Галатите 4:26).

Светлина за народите

15. Кои зборови во врска со Новиот Ерусалим запишани во Откровението се слични на пророштвото на Исаија?

15 Во истото ова пророштво било претскажано: „Народи ќе одат кон твојата светлина и цареви кон сјајот со кој блескаш“ (Исаија 60:3). Откровението покажува дека овие зборови се однесуваат на Новиот Ерусалим: „И народите ќе одат во неговата светлина, а царевите на земјата ќе ја донесат во него својата слава. Портите нема да му се затвораат дење, а ноќ таму нема да постои. И тие ќе ја донесат во него славата и честа на народите“ (Откровение 21:24-26).

16. Кои се тие ‚народи‘ што ќе одат во светлината на Новиот Ерусалим?

16 Кои се овие ‚народи‘ што одат во светлината на Новиот Ерусалим? Тоа се луѓе кои некогаш биле дел од народите на овој злобен свет, но реагирале позитивно на светлината што зрачи од овој величествен небесен град. Пред сѐ, меѓу нив се членовите на големото мноштво кои веќе излегле од „сите народи и племиња и народности и јазици“ и го обожаваат Бог ден и ноќ заедно со класата на Јован (Откровение 7:9, 15). Откако Новиот Ерусалим ќе слезе од небото и Исус ќе ги употреби клучевите од смртта и од гробот за да ги воскресне мртвите, ќе им се придружат милиони други, исто така од „народите“, кои ќе ги засакаат Јехова и неговиот Син, Сопругот на Новиот Ерусалим, кој е како Јагне (Откровение 1:18).

17. Кои се „царевите на земјата“ кои ‚ќе ја донесат својата слава‘ во Новиот Ерусалим?

17 Тогаш, кои се „царевите на земјата“ кои „ќе ја донесат во него својата слава“? Тоа не се дословните цареви на Земјата како група, бидејќи тие ќе бидат уништени додека се борат против Божјето Царство во Армагедон (Откровение 16:14, 16; 19:17, 18). Можно ли е да се работи за некои поединци на висока положба кои станале дел од големото мноштво или, пак, се работи за воскреснати цареви од минатото кои ќе му се подложат на Божјето Царство во новиот свет? (Матеј 12:42). Тешко да е така, бидејќи во повеќето случаи тие цареви имале слава во светот и таа одамна избледела. Затоа, „царевите на земјата“ што ќе ја донесат својата слава во Новиот Ерусалим, мора да се 144.000-те, кои се ‚купени... од секое племе и јазик и народ и народност‘ за да владеат како цареви со Јагнето, Исус Христос (Откровение 5:9, 10; 22:5). Тие ќе ја внесат во градот својата слава која им ја дава Бог, и така тој ќе заблеска уште повеќе.

18. а) Кој нема да биде дел од Новиот Ерусалим? б) Само кому ќе му биде дозволено да влезе во градот?

18 Јован продолжува: „Но ништо несвето и ниту еден кој прави гадотии и зборува лага нема да влезе во него, туку само оние што се запишани во свитокот на животот на Јагнето“ (Откровение 21:27). Ништо што е извалкано од Сатановиот поредок не може да биде дел од Новиот Ерусалим. Иако неговите порти се секогаш отворени, ниту еден „кој прави гадотии и зборува лага“ нема да биде пуштен да влезе. Во тој град нема да има ниту отпадници ниту членови на Големиот Вавилон. И ако некој се обиде да го извалка со тоа што ќе сака да ги расипе неговите идни членови додека тие сѐ уште се на Земјата, неговите обиди ќе бидат осуетени (Матеј 13:41-43). Само „оние што се запишани во свитокот на животот на Јагнето“, 144.000-те, на крајот ќе влезат во Новиот Ерусалим * (Откровение 13:8; Даниел 12:3).

Река со вода на животот

19. а) Како Јован опишува на кој начин луѓето добиваат благослови преку Новиот Ерусалим? б) Кога тече ‚реката со вода на животот‘, и од каде знаеме?

19 Преку блескавиот Нов Ерусалим луѓето на Земјата ќе добијат огромни благослови. Еве што дознава Јован сега: „И ми покажа река со вода на животот, бистра како кристал, како тече од престолот на Бог и на Јагнето среде главната градска улица“ (Откровение 22:1, 2а). Кога тече оваа „река“? Бидејќи извира „од престолот на Бог и на Јагнето“, може да тече само откако започнал денот на Господарот во 1914 година. Тогаш се случил настанот што бил најавен со огласувањето на седмата труба и со величествената објава: „Сега дојде спасението и моќта и царството на нашиот Бог и власта на неговиот Христос“ (Откровение 11:15; 12:10). Во времето на крајот, духот и невестата ги повикуваат искрените луѓе да земат бесплатно од водата на животот. Водата од оваа река и понатаму ќе биде достапна за таквите лица сѐ до крајот на овој поредок, а и потоа, во новиот свет, кога Новиот Ерусалим „слегува од небото од Бог“ (Откровение 21:2).

20. Што покажува дека извесна количина од водата на животот е достапна уште денес?

20 Ова не е првпат на луѓето да им биде понудена ваква животодавна вода. Кога бил на Земјата, Исус зборувал за вода која донесува вечен живот (Јован 4:10-14; 7:37, 38). Освен тоа, Јован сега ќе ја слушне поканата полна со љубов: „И духот и невестата велат: ‚Дојди!‘ И секој што слуша, нека рече: ‚Дојди!‘ И секој што е жеден, нека дојде. Секој што сака, нека земе бесплатно од водата на животот“ (Откровение 22:17). Оваа покана се упатува уште сега, што покажува дека веќе е достапна извесна количина од водата на животот. Но во новиот свет, таа вода ќе извира од Божјиот престол и ќе тече низ Новиот Ерусалим како вистинска река.

21. Што претставува ‚реката со вода на животот‘, и како видението што Езекиел го имал за оваа река ни помага да го разбереме ова?

21 Што е оваа „река со вода на животот“? Дословната вода е неопходна за живот. Човек може да живее без храна повеќе седмици, но без вода ќе умре за околу една седмица. Освен тоа, водата служи за миење и неопходна е за здравјето. Затоа, водата на животот мора да претставува нешто што е неопходно за животот и здравјето на луѓето. И на пророкот Езекиел му било дадено видение за оваа „река со вода на животот“, и во тоа видение реката течела од храмот надолу кон Мртвото Море! А таму — чудо над чудата! Таа безживотна вода презаситена со сол била претворена во слатка вода полна со риби! (Езекиел 47:1-12). Да, реката во видението го оживува она што пред тоа било мртво. Со тоа се потврдува дека реката со вода на животот го претставува она што го направил Бог преку Исус Христос за повторно да му даде совршен живот на „мртвиот“ човечки род. Оваа река е „бистра како кристал“, што укажува на чистотата и на светоста на она што Бог го прави за нас. Таа не е како крвавите, смртоносни „води“ на христијанскиот свет (Откровение 8:10, 11).

22. а) Од каде извира реката, и зошто ова е соодветен опис? б) На што се однесува водата на животот, и што сѐ вклучува оваа симболична река?

22 Реката извира „од престолот на Бог и на Јагнето“. Ова е соодветен опис, затоа што основата за Јехова да даде живот е откупната жртва. Ние добиваме живот затоа што Јехова „толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Во реката на животот спаѓа и Божјата реч, која е споредена со вода (Ефешаните 5:26). Но, реката со вода на животот не ја вклучува само вистината туку и сѐ друго што прави Јехова, на темел на Исусовата жртва, за да ги ослободи послушните луѓе од гревот и од смртта и да им даде вечен живот (Јован 1:29; 1. Јованово 2:1, 2).

23. а) Зошто е соодветно тоа што реката со вода на животот тече среде главната градска улица на Новиот Ерусалим? б) Кое ветување што Бог му го дал на Авраам ќе се исполни кога водата на животот ќе тече во изобилство?

23 Во текот на илјадагодишното Царство, користите од откупнината ќе бидат целосно применети преку свештеничката служба на Исус и неговите 144.000 свештеници. Соодветно на ова, во видението, реката со вода на животот тече среде главната градска улица на новиот Ерусалим, кој се состои од тие 144.000 духовни Израелци. Заедно со Исус, пак, тие го сочинуваат вистинското потомство на Авраам (Галатите 3:16, 29). Затоа може да се каже дека, тоа што водата на животот тече во изобилство среде главната улица на овој симболичен град, значи дека преку ова потомство на Авраам ќе бидат благословени „сите народи на земјата“. Ветувањето што Јехова му го дал на Авраам ќе се исполни во потполност (1. Мојсеева 22:17, 18).

Дрвја на животот

24. Што гледа Јован сега од двете страни на реката со вода на животот, и што претставува тоа?

24 Реката во видението на Езекиел станувала сѐ поголема, и пророкот гледал како на двата нејзини брега растат разновидни родни дрвја (Езекиел 47:12). Но, што гледа Јован? Следново: „А од едната и од другата страна на реката имаше дрвја на животот кои раѓаа род дванаесет пати годишно — секој месец даваа плод. А лисјата на дрвјата беа за лекување на народите“ (Откровение 22:2б). И овие „дрвја на животот“ сигурно се дел од она што го прави Јехова за да им даде вечен живот на послушните луѓе.

25. Како Јехова ќе ја покаже својата дарежливост кон послушните луѓе во Рајот што ќе се протега по целата Земја?

25 Колку само е дарежлив Јехова кон послушните луѓе! Не само што можат да пијат од тие освежителни води туку можат и да берат најразновидни хранливи плодови од овие дрвја. Камо нашите први родители да беа задоволни со сличните „привлечни“ дарови во Еденската градина! (1. Мојсеева 2:9). Но, сега Рајот се протега на целата Земја и Јехова дури овозможува со лисјата од тие симболични дрвја да се ‚излекуваат народите‘. * Бидејќи овие симболични лисја се далеку подобри од сите други лекови, билни или поинакви, што се достапни денес, нивното лековито дејство ќе им помогне на верните луѓе да станат совршени и во духовна и во телесна смисла.

26. Што друго можеби вклучуваат овие дрвја на животот, и зошто?

26 Меѓу овие дрвја, кои реката обилно ги напојува, можеби се вклучени и 144.000-те членови на невестата на Јагнето. Додека се на Земјата, и тие извлекуваат корист од она што го обезбедува Бог преку Исус Христос за да добијат живот. Интересно е тоа што овие Исусови браќа родени со дух пророчки се наречени „дрвја на праведноста“ (Исаија 61:1-3; Откровение 21:6). Тие веќе дале обилен духовен род на слава на Јехова (Матеј 21:43). А во текот на илјадагодишното владеење, ќе им помагаат на другите да извлечат корист од сето она што Јехова го прави за ‚народите‘ да добијат живот и да бидат ‚излекувани‘ од гревот и смртта. (Спореди 1. Јованово 1:7.)

Нема веќе ноќ

27. Кои други благослови ги спомнува Јован за оние што се повластени да влезат во Новиот Ерусалим, и зошто се вели дека таму „повеќе нема да има никакво проклетство“?

27 Навистина не постои поголема чест од тоа да се влезе во Новиот Ерусалим! Замисли си — лицата што некогаш биле незначителни, несовршени луѓе, ќе го следат Исус на небото и ќе станат дел од едно такво величествено уредување! (Јован 14:2). Јован ни дава мал увид во благословите што ќе ги уживаат тие, велејќи: „И повеќе нема да има никакво проклетство. А престолот на Бог и на Јагнето ќе биде во градот, и неговите робови ќе му служат на Бог. И ќе го видат неговото лице, и неговото име ќе им биде на челата“ (Откровение 22:3, 4). Кога свештениците во Израел се расипале, ги стигнало проклетство од Јехова (Малахија 2:2). Во врска со неверниот „дом“ во Ерусалим, Исус рекол: „Вашиот дом се напушта“ (Матеј 23:37-39). Но, во Новиот Ерусалим, „нема да има никакво проклетство“. (Спореди Захарија 14:11.) Откако сите негови жители биле испитани во огнени искушенија овде на Земјата и излегле како победници, тие ‚се облекле во нераспадливост и бесмртност‘. Јехова е сигурен, исто како што бил сигурен и за Исус, дека тие никогаш нема да отпаднат (1. Коринќаните 15:53, 57). Освен тоа, во градот ќе биде „престолот на Бог и на Јагнето“, и на тој начин неговата положба ќе биде осигурана засекогаш.

28. Зошто на челата на членовите на Новиот Ерусалим е запишано Божјето име, и каква возбудлива иднина ги очекува?

28 Исто како Јован, сите идни членови на тој небесен град се Божји „робови“. Затоа Божјето име им е уочливо запишано на челото, што покажува дека Тој е нивни Сопственик (Откровение 1:1; 3:12). Светата служба што ќе ја вршат за него како дел од Новиот Ерусалим, за нив е непроценлива чест. Кога Исус бил на Земјата, им дал едно возбудливо ветување на некои од тие идни владетели, велејќи: „Среќни се оние што имаат чисто срце, зашто ќе го видат Бог“ (Матеј 5:8). Колку среќни ќе бидат овие робови што ќе можат лично да го гледаат и да го обожаваат Јехова!

29. Зошто Јован вели дека во небесниот Нов Ерусалим „ноќ нема да има веќе“?

29 Јован продолжува: „Ноќ нема да има веќе, и нема да им треба светлина од светилка, ниту ќе ги осветлува сончева светлина, бидејќи Јехова Бог ќе ги осветлува со светлина“ (Откровение 22:5а). Древниот Ерусалим, како и секој друг град на Земјата, бил осветлуван од сонцето дење и од месечината и од вештачка светлина ноќе. Но, во небесниот Нов Ерусалим ќе нема потреба од таква светлина. Градот ќе го осветлува Јехова лично. ‚Ноќта‘ може да биде и симболична, и да се однесува на неволја и на отуѓеност од Јехова (Михеј 3:6; Јован 9:4; Римјаните 13:11, 12). Никогаш не би можело да има таква ноќ во величествената, блескава присутност на семоќниот Бог.

30. Како Јован го завршува своето чудесно видение, и во што нѐ уверува Откровението?

30 Јован го завршува ова чудесно видение со тоа што за овие Божји робови вели: „И тие ќе царуваат во сета вечност“ (Откровение 22:5б). Точно е дека на крајот на илјадата години, користите од откупнината ќе бидат применети во потполност, и Исус ќе му го предаде совршениот човечки род на својот Татко (1. Коринќаните 15:25-28). Не знаеме каква намера има Јехова потоа за Исус и за 144.000-те. Но, Откровението нѐ уверува дека тие ќе служат во почесна света служба на Јехова во сета вечност.

Среќна завршница на Откровението

31. а) За каква завршница се зборува во видението за Новиот Ерусалим? б) Што ќе направи Новиот Ерусалим за сите други верни луѓе?

31 Остварувањето на ова видение за Новиот Ерусалим, невестата на Јагнето, е среќната завршница за која се зборува во Откровението, и ова е сосема соодветно. Сите сохристијани на Јован од првиот век, на кои најпрво им била упатена оваа книга, желно очекувале да влезат во тој град како бесмртни духовни совладетели на Исус Христос. Остатокот од помазани христијани кои сѐ уште се живи денес на Земјата, ја имаат истата надеж. На тој начин, Откровението наближува кон својата величествена завршница, кога целокупната невеста ќе се обедини со Јагнето. Потоа, со помош на Новиот Ерусалим, користите од откупната жртва на Исус ќе бидат применети на луѓето, и на крајот сите верни лица ќе живеат вечно. Така невестата, Новиот Ерусалим, како верна помошничка на својот царски Младоженец, ќе помогне да се изгради една праведна нова земја за сета вечност — и сето тоа ќе биде на слава на Севишниот Господар Јехова (Матеј 20:28; Јован 10:10, 16; Римјаните 16:27).

32, 33. Што научивме од Откровението, и како треба да се одѕвиеме од срце?

32 Навистина, неизмерно се радуваме додека сега наближуваме кон крајот на нашето проучување на книгата Откровение! Видовме како последните обиди на Сатана и на неговото потомство ќе бидат трајно осуетени, а Јеховините праведни пресуди ќе бидат потполно извршени. Големиот Вавилон ќе го снема засекогаш, а по него ќе ги снема и сите други безнадежно расипани елементи на Сатановиот свет. Самиот Сатана и неговите демони ќе бидат фрлени в бездна и подоцна ќе бидат уништени. Новиот Ерусалим ќе владее од небесата заедно со Христос за време на воскресението и судот, а совршените луѓе на крајот ќе живеат засекогаш во Рај на Земјата. Колку живописно ни се претставени сите овие работи во Откровението! Навистина сме зајакнати во нашата решеност да ‚му ја објавиме оваа вечна добра вест на секој народ и племе и јазик и народност‘ на Земјата денес! (Откровение 14:6, 7). Дали даваш сѐ од себе во ова огромно дело?

33 Со срца исполнети со благодарност, да им обрнеме внимание на заклучните зборови од Откровението.

[Фусноти]

^ Тоа што се користела „човечка мера, која е и ангелска“ можеби е поврзано со тоа што градот се состои од 144.000 лица кои прво биле луѓе, а потоа станале духовни суштества меѓу ангелите.

^ Забележи дека „свитокот на животот на Јагнето“ ги содржи само имињата на 144.000-те духовни Израелци. Значи, се разликува од „свитокот на животот“ во кој се запишани и имињата на оние што ќе добијат живот на Земјата (Откровение 20:12).

^ Забележи дека зборот „народите“ честопати се однесува на оние што не се дел од духовниот Израел (Откровение 7:9; 15:4; 20:3; 21:24, 26). Овој израз не укажува на тоа дека во текот на илјадагодишното Царство луѓето и понатаму ќе бидат поделени на одделни национални групи.

[Прашања]