Жалост и радост поради крајот на Вавилон
Поглавје 37
Жалост и радост поради крајот на Вавилон
1. Како ќе реагираат „царевите на земјата“ на ненадејното уништување на Големиот Вавилон?
КРАЈОТ на Вавилон е добра вест за Јеховиниот народ, но дали е добра вест и за другите народи? Јован ни кажува: „И царевите на земјата, кои блудствуваа со неа и живееја во бесрамен раскош, ќе плачат и ќе жалат за неа кога ќе гледаат како се крева чад од огнот во кој ќе гори. Исплашени од нејзината мака, ќе стојат малку подалеку и ќе велат: ‚Штета, штета, голем граде, Вавилоне, силен граде, зашто во еден час стигна твојата осуда!‘“ (Откровение 18:9, 10).
2. а) Со оглед на тоа што симболичните десет рогови на црвениот ѕвер го уништуваат Големиот Вавилон, зошто „царевите на земјата“ тагуваат поради неговата пропаст? б) Зошто ожалостените цареви стојат малку подалеку од разурнатиот град?
2 Реакцијата на народите можеби ќе нѐ изненади со оглед на тоа што Вавилон е уништен од симболичните десет рогови на црвениот ѕвер (Откровение 17:16). Но, кога Вавилон ќе го снема, „царевите на земјата“ очигледно ќе сфатат колку голема корист имале од него затоа што ги држел луѓето мирни и покорни. Свештенството ги прогласувало војните за свети, ги поттикнувало луѓето да одат во војна и со своите проповеди ги убедувало младите да одат на фронтот. Зад маската на светост што им ја дала религијата, расипаните владетели можеле да го угнетуваат обичниот народ. (Спореди Еремија 5:30, 31; Матеј 23:27, 28.) Но, забележи дека овие ожалостени цареви сега стојат малку подалеку од разурнатиот град. Не му приоѓаат доволно близу за да му помогнат. Тие тагуваат поради неговата пропаст, но не доволно за да ризикуваат да му помогнат.
Трговците плачат и тагуваат
3. Кој друг тагува поради крајот на Големиот Вавилон, и кои причини за ова ги наведува Јован?
3 Царевите на Земјата не се единствените што тагуваат поради крајот на Вавилон. „И трговците на земјата ќе плачат и ќе тагуваат за неа, бидејќи никој повеќе нема да купува од нивните стоки — ни злато, ни сребро, ни скапоцени камења, ни бисери, ни фин лен, ни пурпур, ни свила, ни црвено платно; ниту некакво мирисливо дрво, ниту некакви предмети од слонова коска, ниту некакви предмети од скапоцено дрво, ниту од бакар, ниту од железо, ниту од мермер; ни цимет, ни индиски зачин, ни темјан, ни мирисливо масло, ни бел темјан, ни вино, ни маслиново масло, ни фино брашно, ни пченица, ни говеда, ни овци, ни коњи, ни кочии, ни робови, ни човечки души. Зрелото овошје, по кое копнееше твојата душа, си отиде откај тебе [Голем Вавилоне], ти пропаднаа целиот раскош и сјај, и никогаш повеќе нема да се вратат“ (Откровение 18:11-14).
4. Зошто „трговците“ плачат и тагуваат поради крајот на Големиот Вавилон?
4 Да, Големиот Вавилон им бил близок пријател и добар муштерија на богатите трговци. На пример, манастирите и црквите во христијанскиот свет низ вековите насобрале огромни количини злато, сребро, скапоцени камења и дрво, како и други материјални богатства. Освен тоа, религијата го благословила расипничкото трошење пари, како и пијанките и гозбите што се составен дел од славењето на Божиќ (со кој се срамоти Христос), а и на други таканаречени свети денови. Мисионерите од христијанскиот свет стигнале до далечни земји, и на тој начин им отвориле нови пазари на „трговците“ од овој свет. Во 17 век, во Јапонија дури и католиците (католицизмот стигнал таму со трговците) учествувале во феудалните војни. Во извештајот за една решавачка битка под тврдината Осака, една енциклопедија вели: „Војските на Токугава се бореле со непријатели чии знамиња биле украсени со крстови и со слики на Спасителот и на св. Јаков, светецот-заштитник на Шпанија“ (The Encyclopædia Britannica). Победничката владетелска фракција го потиснала католицизмот во таа земја и речиси го искоренила. Ни денес мешањето на Црквата во световните работи нема да ѝ донесе благослов од Бог.
5. а) Како гласот од небото сега го опишува тагувањето на „трговците“? б) Зошто и трговците „стојат на растојание“?
5 Сега гласот од небото вели: „Трговците, кои тргуваа со сето тоа и се збогатија од неа, ќе стојат на растојание, исплашени од нејзината мака, и ќе плачат и ќе тагуваат: ‚Штета, штета, голем граде, облечен во фин лен и во пурпурна и црвена облека, и накитен со злато и скапоцени камења и бисери! Во еден час беше опустошено толкаво богатство!‘“ (Откровение 18:15-17а). Откако ќе биде уништен Големиот Вавилон, „трговците“ ќе тагуваат затоа што изгубиле важен трговски партнер. Каква „штета“ е тоа за нив! Но, забележи дека тагуваат од потполно себични причини и дека и тие — исто како и царевите — „стојат на растојание“. Тие не се приближуваат доволно за да му помогнат на Големиот Вавилон.
6. Како гласот од небото го опишува тагувањето на капетаните на бродови и на морнарите, и зошто плачат тие?
6 Извештајот продолжува: „И сите капетани на бродови и сите што допловија од разни места, морнарите и сите што живеат од морето стоеја на растојание и се јадосуваа, гледајќи како се крева чадот од огнот во кој гореше: ‚Кој град е како овој голем град?‘ И си ги посипаа главите со прав и викаа, плачејќи и тагувајќи: ‚Штета, штета — голем граде, во кој сите што имаат бродови на морето се збогатија од неговото изобилство! Во еден час беше опустошен!‘“ (Откровение 18:17б-19). Древниот Вавилон бил трговски град и имал голема поморска флота. На сличен начин, и Големиот Вавилон ревносно тргува со посредство на својот народ, односно ‚многуте води‘. Така им обезбедува работни места на многу од своите религиозни поданици. Каков економски удар ќе им нанесе уништувањето на Големиот Вавилон на сите нив! Веќе никогаш нема да имаат таков извор на приходи каков што им бил тој.
Радост поради неговото уништување
7, 8. Како достигнува кулминација веста за Големиот Вавилон што ја кажува гласот од небото, и кој ќе се одѕвие на овие зборови?
7 Кога древниот Вавилон бил освоен од Медијците и Персијците, Еремија пророчки изјавил: „Над Вавилон радосно ќе воскликнуваат небото и земјата и сѐ што е во нив“ (Еремија 51:48). Кога ќе биде уништен Големиот Вавилон, веста што ја кажува гласот од небото ќе достигне кулминација. Тој вели: „Радувајте се, небо, и сите свети и апостоли и пророци, поради она што ја снајде, зашто Бог, осудувајќи ја неа, вам ви досуди правда!“ (Откровение 18:20). Јехова и ангелите, заедно со апостолите и првите христијански пророци, кои дотогаш ќе бидат воскреснати и ќе ги заземат своите положби како дел од 24-те старешини, со радост ќе го следат уништувањето на древниот Божји непријател. (Спореди Псалм 97:8-12.)
8 Навистина, сите свети — сеедно дали се воскреснати на небото или сѐ уште живеат на Земјата — радосно ќе извикуваат заедно со своите придружници, големото мноштво од други овци. Со текот на времето, сите верни луѓе од дамнина ќе бидат воскреснати во новиот свет и ќе се радуваат заедно со останатите. Божјиот народ не се обидел сам да им се одмазди на своите прогонители од лажната религија. Тие ги зеле присрце Јеховините зборови: „Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова“ (Римјаните 12:19; 5. Мојсеева 32:35, 41-43). Па, Јехова сега се одмаздил. Одмаздена е сета крв што ја пролеал Големиот Вавилон.
Фрлен е голем мелнички камен
9, 10. а) Што прави и што вели силниот ангел сега? б) Слично на она што го прави силниот ангел од Откровение 18:21, што било направено и во времето на Еремија, и за што било гаранција тоа? в) Што ни гарантира постапката на силниот ангел што го гледа Јован?
9 Она што Јован го гледа сега потврдува дека Јеховината осуда над Големиот Вавилон е конечна: „И еден силен ангел подигна камен сличен на голем мелнички камен и го фрли во морето, велејќи: ‚Вака во миг ќе биде фрлен Вавилон, големиот град, и никогаш повеќе нема да постои‘“ (Откровение 18:21). Во времето на Еремија било направено нешто слично, и тоа имало големо пророчко значење. Бог го вдахнал Еремија да ја напише во една книга ‚сета неволја што требало да дојде врз Вавилон‘. Тој му ја дал книгата на Сераја и му рекол да отиде во Вавилон. Таму, според упатствата што му ги дал Еремија, Сераја ја прочитал следнава објава против градот: „О Јехова, ти зборуваше против ова место, дека ќе го уништиш, така што во него нема да има жители, ни луѓе ни стока, туку ќе биде пустош довека“. Потоа Сераја ја врзал книгата за камен и ја фрлил во реката Еуфрат велејќи: „Вака ќе потоне Вавилон и никогаш повеќе нема да се подигне поради неволјата што ќе ја доведам врз него“ (Еремија 51:59-64).
10 Тоа што книгата била врзана за камен и фрлена во реката било гаранција дека Вавилон ќе биде фрлен во заборав, и никогаш повторно нема да се крене. Апостол Јован гледа како еден силен ангел прави нешто слично. Ова е иста таква силна гаранција дека Јеховината намера во врска со Големиот Вавилон ќе се исполни. Урнатините на древниот Вавилон денес се моќно сведоштво за она што во многу блиска иднина ќе се случи со лажната религија.
11, 12. а) Што му вели сега силниот ангел на Големиот Вавилон? б) Што прорекол Еремија во врска со отпадничкиот Ерусалим, и што значи тоа за нашево време?
11 Сега силниот ангел му се обраќа на Големиот Вавилон: „И музика од харфисти и флејтисти и трубачи и од други музичари никогаш повеќе нема да се чуе во тебе. Никаков занаетчија, од каков и да било занает, повеќе нема да се најде во тебе. Звук од мелнички камен нема повторно да се чуе во тебе. Светлина од светилка никогаш повеќе нема да свети во тебе. Глас од младоженец и невеста повеќе нема да се чуе во тебе. Зашто, твоите трговци беа големци на земјата и преку твоите гатања беа заведени сите народи“ (Откровение 18:22, 23).
12 Еремија дал едно многу слично пророштво во врска со отпадничкиот Ерусалим: „Ќе го сотрам меѓу нив гласот на радост и гласот на веселба, гласот на младоженец и гласот на невеста, звукот од рачна мелница и светлината на светилката. Целата оваа земја ќе се претвори во пустош и ќе стане грозна глетка“ (Еремија 25:10, 11). Како главен дел од Големиот Вавилон, христијанскиот свет ќе стане безживотна пустелија, толку живописно претставена со Ерусалим, кој по 607 год. пр.н.е. останал запустен. Христијанскиот свет, кој некогаш бил полн со радост и исполнет со секојдневна врева, ќе биде победен и напуштен.
13. Каква ненадејна промена ќе му се случи на Големиот Вавилон, и какви последици ќе доживеат неговите ‚трговци‘?
13 Навистина, како што овде ангелот му вели на Јован, целиот Голем Вавилон — моќно, меѓународно царство — ќе се претвори во гола пустелија. Неговите ‚трговци‘, меѓу кои се и најголемите милијардери, ја користеле религијата за своја лична добивка или како параван, а на свештенството му одговарало да биде во центарот на вниманието заедно со нив. Но, тие трговци повеќе нема да го имаат Големиот Вавилон за свој ортак. Тој повеќе нема да ги заведува народите на Земјата со неговите мистични верски обичаи.
Ужасна вина за крв
14. Според ангелот, зошто Јехова извршил таква строга осуда, и која слична работа ја кажал Исус кога бил на Земјата?
14 На крајот, силниот ангел кажува зошто Јехова извршил таква строга осуда над Големиот Вавилон. Тој вели: „Во тој град се најде крвта на пророци и на свети и на сите што беа убиени на земјата“ (Откровение 18:24). Исус им рекол на верските водачи во Ерусалим дека тие се одговорни за „сета праведна крв пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел“ наваму. Затоа, во 70 год. од н.е., тоа расипано поколение било уништено (Матеј 23:35-38). Денес едно друго поколение на верски водачи носи вина за крв затоа што ги прогонува Божјите слуги.
15. За кои две работи била виновна за крв Католичката црква во нацистичка Германија?
15 Во својата книга Католичката црква и нацистичка Германија (The Catholic Church and Nazi Germany), Гунтер Леви пишува: „Кога Јеховините сведоци беа забранети во Баварија на 13 април [1933 година], Црквата сериозно си ја сфати задачата од Министерството за образование и религија да го пријави секој член на сектата што и понатаму се занимава со оваа забранета религија“. Значи, и Католичката црква е одговорна за тоа што илјадници Сведоци беа испратени во концентрациони логори — нејзините раце се извалкани со крвта на стотици Сведоци што беа погубени. Кога младите Сведоци, како што беше Вилхелм Кусеров, покажаа дека се спремни храбро да умрат пред стрелачки вод, Хитлер заклучи дека стрелачкиот вод е предобар за лица што имаат приговор на совеста. Затоа братот на Вилхелм, Волфганг, кој имаше 20 години, беше убиен на гилотина. Истовремено, Католичката црква ги храбреше младите германски католици да умираат како војници бранејќи ја татковината. Навистина, нема никакво сомнение дека Црквата е виновна за крв!
16, 17. а) За каква вина за крв е одговорен Големиот Вавилон, и зошто Ватикан е виновен за крвта на Евреите што загинале во нацистичките погроми? б) Во кој поглед лажната религија е виновна за убивањето на милиони луѓе во стотиците војни што се водеа само во нашево време?
16 Но, пророштвото вели дека Големиот Вавилон е виновен за крвта на „сите што беа убиени на земјата“. Ова навистина важи за нашево време. На пример, бидејќи Хитлер беше доведен на власт во Германија со сплетки од Католичката црква, Ватикан си навлече огромна вина за крвта на шесте милиони Евреи што загинаа во нацистичките погроми. Освен тоа, само во нашево време, во стотици војни умреа повеќе од сто милиони луѓе. Дали треба да ја обвиниме лажната религија и за ова? Да, таа е виновна, и тоа за две работи.
17 Првата е тоа што многу војни се водат поради верски разидувања. На пример, насилството во Индија помеѓу муслиманите и хиндусите во 1946-1948 година беше поттикнато од верски побуди. Загинаа стотици илјади луѓе. Судирот меѓу Ирак и Иран во 1980-тите беше предизвикан од несогласувања меѓу сектите, и беа убиени стотици илјади лица. Насилството меѓу католиците и протестантите во Северна Ирска одзеде илјадници човечки животи. Во врска со ова, во 1976 година, новинарот К. Л. Сулцбергер изјави: „Тажна вистина е дека веројатно половина и повеќе од војните што моментално се водат низ целиот свет или се отворени верски судири или се поврзани со верски спорови“. Навистина, вака било низ целата бурна историја на Големиот Вавилон.
18. За која друга работа се виновни за крв религиите во светот?
18 Која е втората работа за која е виновна религијата? Од Јеховина гледна точка, религиите во светот се виновни за крв затоа што не ги поучуваат своите верници на уверлив начин за она што Јехова навистина го бара од своите слуги. Не ги учат луѓето дека вистинските Божји слуги мора да бидат како Исус Христос и да ги сакаат другите без оглед на нивната народност (Михеј 4:3, 5; Јован 13:34, 35; Дела 10:34, 35; 1. Јованово 3:10-12). Бидејќи религиите во Големиот Вавилон не ги поучуваат луѓето за овие работи, нивните приврзаници се вовлечени во вителот на меѓународните војни. Ова навистина можеше јасно да се види во двете светски војни што се водеа во првата половина на 20 век, а кои започнаа во христијанскиот свет и доведоа до меѓусебно убивање на верници од иста религија! Ако сите што тврдеа дека се христијани се држеа за библиските начела, тие војни никогаш немаше да избувнат.
19. Каква ужасна вина за крв сноси Големиот Вавилон?
19 Јехова го обвинува Големиот Вавилон за сето ова крвопролевање. Доколку верските водачи, а посебно оние во христијанскиот свет, ги поучеле луѓето за библиската вистина, никогаш немало да има такво огромно крвопролевање. Затоа е точно дека, било директно било индиректно, Големиот Вавилон — големата блудница и светско царство на лажната религија — мора да положи сметка пред Јехова, не само за ‚крвта на пророците и на светите‘, кои ги прогонувала и ги убивала, туку и за крвта „на сите што беа убиени на земјата“. Големиот Вавилон навистина сноси ужасна вина за крв. Какво олеснување ќе биде за сите кога конечно ќе биде уништен!
[Прашања]
[Рамка на страница 270]
Цената на компромисот
Во својата книга Католичката црква и нацистичка Германија, Гунтер Леви пишува: „Доколку германскиот католицизам уште од почетокот цврсто му се спротивставеше на нацистичкиот режим, најверојатно историјата на светот ќе тргнеше во сосема поинаква насока. Дури и ако Хитлер не беше поразен и сите негови злосторства не беа спречени, моралниот углед на Црквата многу ќе пораснеше. Се разбира, ваквиот отпор ќе беше платен со многу човечки животи, но овие жртви ќе послужеа за највредната од сите цели. Ако немаше поддршка во својата земја, можеби Хитлер немаше да се осмели да започне војна, и така ќе беа спасени дословно милиони животи... Кога илјадници Германци што му се спротивставија на нацизмот беа мачени до смрт во концентрационите логори на Хитлер, кога беше убивана полската интелигенција, кога стотици илјади Руси беа убиени затоа што [нацистите] ги сметаа за словенски народ со пониска вредност, и кога 6.000.000 човечки суштества беа убиени само затоа што не беа ‚Ариевци‘, главните лица во Католичката црква во Германија го поддржаа режимот што ги вршеше овие злосторства. Папата во Рим, духовниот поглавар и највисокиот морален авторитет на Римокатоличката црква, не рече ни збор“ (страници 320, 341).
[Слика на страница 268]
„Штета, штета“, велат владетелите
[Слика на страница 268]
„Штета, штета“, велат трговците