Четворица коњаници галопираат!
Поглавје 16
Четворица коњаници галопираат!
Видение 3 — Откровение 6:1-17
Тема: Јавањето на четирите коњаници, мачените сведоци во подножјето на жртвеникот и големиот ден на гневот
Кога се исполнува: Од 1914 година до уништувањето на овој поредок
1. Како Јехова му ја открива на Јован содржината на таинствениот свиток што го отвора Исус?
НАВИСТИНА живееме во критични времиња! Зарем не сме живо заинтересирани за „она што наскоро ќе се случи“? А како може да не бидеме заинтересирани кога и ние лично сме засегнати! Затоа, да му се придружиме на Јован кој гледа како Исус сега почнува да го отвора таинствениот свиток. За чудо, Јован не мора да чита што пишува во него. Зошто? Затоа што содржината на свитокот му е пренесена „во знаци“, односно во живописни слики преполни со збиднувања (Откровение 1:1, 10).
2. а) Што гледа и што слуша Јован, и на кој заклучок наведува изгледот на херувимот? б) Кому му ја упатува заповедта првиот херувим, и зошто одговараш така?
2 Да слушнеме што вели Јован кога Исус го отвора првиот печат на свитокот: „И видов кога Јагнето отвори еден од седумте печати, и чув едно од четирите суштества како зборува со глас кој звучеше како гром: ‚Дојди!‘“ (Откровение 6:1). Ова е гласот на првиот херувим. Бидејќи зборува суштеството што личи на лав, Јован може да заклучи дека Јеховината организација храбро ќе ги изврши Неговите праведни пресуди. А кому му е упатена таа заповед? Сигурно не на Јован, бидејќи тој веќе беше повикан да ги види тие пророчки сцени (Откровение 4:1). ‚Гласот кој звучи како гром‘ повикува да излезат други учесници во првата од четирите возбудливи епизоди.
Белиот коњ и неговиот славен Јавач
3. а) Што опишува Јован сега? б) Во согласност со библиската симболика, што мора да претставува белиот коњ?
3 Јован — како и ревносната класа на Јован и нејзините придружници денес — има чест да гледа една многу возбудлива драма! Тој вели: „И погледнав, и гледај — бел коњ и на него јавач кој имаше лак. И му беше дадена круна, па излезе победувајќи и тргна во конечна победа“ (Откровение 6:2). Да, на тој громогласен повик „Дојди!“ се појавува бел коњ. Во Библијата, коњот честопати е симбол за војна (Псалм 20:7; Изреки 21:31; Исаија 31:1). Сјајната белина на овој коњ — најверојатно прекрасен пастув — укажува на беспрекорна светост. (Спореди Откровение 1:14; 4:4; 7:9; 20:11.) Ова навистина е многу соодветен симбол за војна која е чиста и праведна во Јеховините свети очи! (Види и Откровение 19:11, 14.)
4. Кој е јавачот на белиот коњ? Објасни.
4 Но, кој го јава овој коњ? Јавачот има лак — бојно оружје за напад — а дадена му е и круна. Единствените праведници што носат круни во денот на Господарот се Исус и класата што ја претставуваат 24-те старешини (Даниел 7:13, 14, 27; Лука 1:31-33; Откровение 4:4, 10; 14:14). * Мала е веројатноста овој јавач да е некој поединец од групата на 24-те старешини, кој добил круна поради некоја посебна лична заслуга. Затоа, овој коњаник не може да биде никој друг освен Исус Христос. Јован го гледа на небото и тоа во историскиот момент во 1914 година кога Јехова вели дека ‚го поставил својот цар‘, а потоа му кажува со која цел — за да ‚му ги даде народите во наследство‘ (Псалм 2:6-8). * Така, отворајќи го првиот печат, Исус открива дека тој лично, како штотуку крунисан Цар, тргнува во војна во времето одредено од Бог.
5. Како псалмистот го опишал Јавачот со слични зборови како што е опишан во Откровение 6:2?
5 Оваа сцена е во согласност со зборовите од Псалм 45:4-7, кои му се упатени на Царот што е устоличен од Јехова: „Во својата величественост успешно изврши ја својата задача, јавај застапувајќи ги вистината, понизноста и праведноста, и твојата десница ќе те поучи за застрашувачки дела. Остри се твоите стрели — под тебе паѓаат народи — се забодуваат во срцето на непријателите на царот. Бог е твојот престол за навек, за сета вечност, жезолот на твоето царување е жезол на справедливоста. Ја сакаш праведноста и го мразиш злото. Затоа Бог, твојот Бог, те помаза со масло на радоста повеќе отколку твоите другари“. Бидејќи овој пророчки опис му е познат на Јован, тој требало да сфати дека се однесува на она што ќе го направи Исус како Цар. (Спореди Евреите 1:1, 2, 8, 9.)
Тргнува во победа
6. а) Зошто мора Јавачот да тргне во победа? б) Низ кој период продолжува неговото победоносно јавање?
6 Но, зошто мора овој новоустоличен Цар да војува? Затоа што почнува да владее во време на жестоко противење од страна на Јеховиниот главен непријател, Сатана Ѓаволот, како и од страна на луѓето на Земјата кои, свесно или несвесно, им служат на целите на Сатана. Раѓањето на самото Царство наметнува потреба од една голема војна на небото. Исус, кој се бори под името Михаел (што значи „Кој е како Бог?“), ги победува Сатана и неговите демони и ги исфрла на Земјата (Откровение 12:7-12). Христос продолжува да јава победоносно во првите децении од денот на Господарот додека се собираат луѓето што се слични на овци. Иако целиот свет сѐ уште лежи „под власта на Злобниот“, Исус со љубов се грижи за своите помазани браќа и за нивните придружници, и му помага на секого од нив да победи во борбата за верата (1. Јованово 5:19).
7. Какви други победи извојувал Исус на Земјата во првите децении од денот на Господарот, и на што треба да бидеме решени ние?
7 Какви други победи извојувал Исус во изминативе 90-тина години откако е почнат денот на Господарот? Насекаде во светот, и како поединци и како собрание, Јеховините слуги беа изложени на многу неволји, притисоци и прогонства, слични на оние за кои зборувал Павле кога сакал да докаже дека е Христов слуга (2. Коринќаните 11:23-28). За да издржат, им беше потребна „сила, која ја надминува нормалната“, особено на места погодени од војни и насилство (2. Коринќаните 4:7). Сепак, и во најтешките околности, верните Сведоци можеа да го кажат истото што го рекол и Павле: „Господарот застана покрај мене и ме зајакна, за преку мене да се изврши потполно проповедањето на добрата вест“ (2. Тимотеј 4:17). Да, Исус се борел за нив. Тој и понатаму ќе се бори за нас, сѐ додека сме решени да победиме во нашата борба за верата (1. Јованово 5:4).
8, 9. а) Какви победи извојувале собранијата на Јеховините сведоци низ целиот свет? б) Во кои земји имало навистина голем пораст на бројот на Јеховините сведоци?
8 Под водството на својот победоносен Цар, собранијата на Јеховините сведоци низ целиот свет извојуваа многу победи. Исус на извонреден начин ги заштити овие Истражувачи на Библијата со тоа што не дозволи да бидат истребени во 1918 година, кога беа привремено ‚победени‘ од Сатановата политичка организација. А потоа, во 1919 година, тој ги скрши затворските решетки за да ги избави и им даде силен поттик да ја објавуваат добрата вест „сѐ до крајот на земјата“ (Откровение 13:7; Дела 1:8).
9 Пред и во текот на Втората светска војна, тоталитарните сили на Оската се обидоа да ги уништат Јеховините сведоци во многу земји каде што верските водачи — особено римокатоличките свештеници — отворено или прикриено ги поддржуваа суровите диктатори. Сепак, бројот на Сведоци што проповедаа кога започна војната порасна од 71.509 во 1939 година на 141.606 во 1945 година кога заврши војната, и покрај тоа што околу 10.000 Сведоци поминаа долги години по затвори и концентрациони логори, а речиси 2.000 беа убиени. Бројот на активни Сведоци во светот денес порасна на повеќе од шест милиони. Значително голем пораст има во католичките земји и во земјите каде што прогонството беше најжестоко како, на пример, во Германија, Италија и Јапонија. Вкупниот број на Сведоци што проповедаат во овие земји сега е поголем од 600.000 (Исаија 54:17; Еремија 1:17-19).
10. Со какви победи ги благословил победоносниот Цар своите слуги „во законското потврдување на правото да се проповеда добрата вест“?
10 Нашиот победоносен Цар ги благослови своите ревносни слуги и со тоа што им помогна да извојуваат многу победи пред судовите и пред властите — „во законското потврдување на правото да се проповеда добрата вест“ (Филипјаните 1:7; Матеј 10:18; 24:9). Ова беше случај во многу земји како, на пример, во Австралија, Аргентина, Грција, Индија, Канада, Свазиленд, Турција, Швајцарија итн. Во 50-те судски спорови кои Јеховините сведоци ги добија на Врховниот суд на Соединетите Држави, меѓу другото, им беше загарантирано правото да ја објавуваат добрата вест „јавно и одејќи од куќа до куќа“, како и правото да одбијат да учествуваат во идолопоклонички патриотски церемонии (Дела 5:42; 20:20; 1. Коринќаните 10:14). На тој начин беше отворен патот да се даде уште поголемо сведоштво низ целиот свет.
11. а) Како Јавачот ќе „тргне во конечна победа“? б) Како треба да влијае врз нас отворањето на вториот, третиот и четвртиот печат?
11 Како Исус ќе „тргне во конечна победа“? * Како што ќе видиме, ова ќе го направи со тоа што прво ќе ја отстрани лажната религија, а потоа ќе ги фрли сите останати делови од Сатановата видлива организација во симболичното „огнено езеро“ (симбол на уништување), и така ќе го оправда Јеховиното неприкосновено право да владее. Сега со доверба го очекуваме тој ден во Армагедон кога нашиот „Цар над царевите“ ќе извојува конечна победа над Сатановата немилосрдна политичка организација! (Откровение 16:16; 17:14; 19:2, 14-21; Езекиел 25:17). Во меѓувреме, непобедливиот Освојувач на белиот коњ продолжува да јава додека Јехова и понатаму им помага на искрените луѓе да станат дел од неговиот праведен народ на Земјата (Исаија 26:2; 60:22). Дали и ти учествуваш во радосното проповедање на пораката за Царството заедно со помазаната класа на Јован? Ако да, сигурно ќе бидеш мотивиран да учествуваш уште повеќе во Јеховиното дело кога ќе дознаеш што гледа апостол Јован при отворањето на следните три печати.
Гледај, коњ со пламена боја!
12. Според Исус, што требало да биде знак дека тој е невидливо присутен како Цар?
12 При крајот на Исусовата служба на Земјата, неговите ученици го прашале насамо: „Кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ Во одговорот што им го дал, Исус прорекол дека ќе дојдат тешки времиња кои ќе го означат ,почетокот на болните неволји‘. Тој рекол: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство. И ќе има силни земјотреси, а на разни места ќе има смртоносни зарази и глад. Ќе има стравотии и големи знаци од небото“ (Матеј 24:3, 7, 8; Лука 21:10, 11). Она што Јован го гледа кога се отвораат останатите печати на свитокот има очигледни сличности со ова пророштво. Да видиме што ќе се случи сега кога прославениот Исус го отвора вториот печат.
13. Каква спротивност ќе види Јован сега?
13 „Кога Јагнето го отвори вториот печат, го чув второто суштество како вели: ‚Дојди!‘“ (Откровение 6:3). Оваа заповед ја дава вториот херувим, кој личи на бик. Тој е симбол на моќ или сила што се користи на праведен начин. Но, спротивно на ова, Јован сега ќе види како следниот јавач ја користи својата сила на ужасен, смртоносен начин.
14. Каков коњ и јавач гледа Јован сега, и што претставува ова видение?
14 Што се случува откако се слуша вториот повик „Дојди!“? Следново: „И излезе друг коњ со пламена боја. На неговиот јавач му беше дадено да го одземе мирот од земјата за луѓето да се убиваат едни со други. И му беше даден голем меч“ (Откровение 6:4). Навистина мрачно видение! Нема сомнение што претставува тоа: војна! Но, овде не станува збор за праведното, победоносно војување на Јеховиниот Цар, туку за меѓународни војни водени од луѓе, војни кои носат непотребни крвопролевања и болки. Јавачот качен на коњ со пламена боја е навистина соодветен симбол за ова војување!
15. Зошто не сакаме да имаме ништо заедничко со јавањето на вториот коњаник?
15 Јован сигурно не сака да има ништо заедничко со овој коњаник и со неговото лудо јавање, бидејќи за Божјиот народ било проречено следново: „Повеќе нема да учат да војуваат“ (Исаија 2:4). Иако сѐ уште бил „во светот“, Јован, а во поширока смисла и класата на која ѝ припаѓа тој, како и големото мноштво денес, „не се дел“ од овој свет што е извалкан со крв. Нашето оружје е духовно и тоа „има голема сила од Бог“ — но не за дословно да војуваме, туку за да можеме активно да ја објавуваме вистината (Јован 17:11, 14; 2. Коринќаните 10:3, 4).
16. Кога и како му бил даден „голем меч“ на јавачот на црвениот коњ?
16 И пред 1914, годината кога на Јавачот на белиот коњ му е дадена круна, имало многу војни. Но, сега на јавачот на црвениот коњ му е даден „голем меч“. Што значи ова? Откако избувна Првата светска војна, војувањето меѓу луѓето стана покрвожедно и поразорно од кога и да било порано. Во крвопролевањето што настапи во периодот од 1914 до 1918 година, тенковите, отровниот гас, авионите, подморниците, огромните топови и автоматското оружје беа користени или за првпат или во дотогаш невидени размери. Во 28 земји, во војна беа вовлечени не само професионалните војници туку и целокупното население. Бројот на жртви беше застрашувачки. Беа убиени повеќе од девет милиони војници, а настрадаа неброено многу цивили. Но, крајот на војната не означи враќање на вистински мир на Земјата. Повеќе од 50 години по таа војна, германскиот државник Конрад Аденауер изјави: „Од 1914 година, мирот и сигурноста исчезнаа од животот на луѓето“. На јавачот на коњот со пламена боја навистина му било дадено да го одземе мирот од Земјата!
17. Како продолжил да коси ‚големиот меч‘ по Првата светска војна?
17 Надразнет од мирисот на крвта, јавачот на црвениот коњ се втурна во Втората светска војна. Во неа беше користено уште поѓаволско оружје, а бројот на жртви вртоглаво порасна за четири пати повеќе отколку во Првата светска војна. Во 1945 година, над Јапонија експлодираа две атомски бомби, а секоја од нив уништи — и тоа за миг — десетици илјади човечки животи. Во Втората светска војна, јавачот на црвениот коњ одзеде 55 милиони животи, но и тоа не му беше доста. Добро проверени извештаи потврдуваат дека, од Втората светска војна наваму, повеќе од 20 милиони души паднале покосени од ‚големиот меч‘.
18, 19. а) Наместо да бидат доказ за триумфот на воената технологија, за што сведочат убивањата од Втората светска војна наваму? б) Каква опасност му се заканува на човештвото, но што ќе направи Јавачот на белиот коњ за да ја отстрани?
18 Можеме ли сето ова да го наречеме триумф на воената технологија? Не, напротив. Тоа е доказ дека немилосрдниот црвен коњ галопира. Како ќе заврши тоа галопирање? Некои научници изјавуваат дека е можно и случајно да дојде до нуклеарна војна — а да не зборуваме за тоа дека може и намерно да биде предизвикана! Но, за среќа, победоносниот Јавач на белиот коњ има поинаква намера.
19 Сѐ додека од општеството не се искоренат националната гордост и омразата, на човештвото ќе продолжи да му се заканува опасноста од нуклеарен судир. Дури и ако народите во очај се ослободат од целокупниот нуклеарен арсенал, тие нема да заборават како се прави. За многу кратко време, би можеле повторно да го склопат убиственото нуклеарно оружје, и така секој судир во кој се користи конвенционално оружје би можел брзо да прерасне во нуклеарен холокауст. Гордоста и омразата, во кои тонат народите денес, сигурно би довеле до самоубиство на човештвото доколку — да, доколку Јавачот на белиот коњ не го спречи лудото галопирање на коњот со пламена боја. Да бидеме уверени дека Царот Христос ќе јава за да ја извојува својата победа над светот со кој владее Сатана, но и да воспостави ново општество на Земјата, кое ќе се заснова на љубов кон Бог и кон ближниот. Таа љубов е силата што многу, многу повеќе ќе помогне да се зачува мирот отколку опасното заплашување со нуклеарно оружје во овие луди времиња (Псалм 37:9-11; Марко 12:29-31; Откровение 21:1-5).
Јурнува црн коњ
20. Каква гаранција имаме дека Јавачот на белиот коњ ќе се справи со секоја можна неволја?
20 Исус сега го отвора третиот печат! И, што гледа Јован? „Кога Јагнето го отвори третиот печат, го чув третото суштество како вели: ‚Дојди!‘“ (Откровение 6:5а). За среќа, овој трет херувим ‚има лице како на човек‘, што ја симболизира особината љубов. Љубовта која се раководи од начела ќе изобилува во Божјиот нов свет, исто како што и денес изобилува во Јеховината организација (Откровение 4:7; 1. Јованово 4:16). Можеме да бидеме сигурни дека Јавачот на белиот коњ, кој „треба да владее сѐ додека Бог не ги положи сите непријатели под неговите нозе“, со љубов ќе ја отстрани неволјата која Јован ја гледа сега (1. Коринќаните 15:25).
21. а) Што претставуваат црниот коњ и неговиот јавач? б) Што докажува дека црниот коњ сѐ уште беснее?
21 А што гледа Јован откако го слуша третиот повик „Дојди!“? „И погледнав, и гледај — црн коњ и на него јавач кој имаше терезија во раката“ (Откровение 6:5б). Голем глад! Тоа е кобната порака на оваа пророчка сцена. Таа укажува на она што се случи во самиот почеток на денот на Господарот кога прехранбените продукти требаше да се одмеруваат на вага. Од 1914 година гладот постојано го измачува светот. Тој е последица на современото војување, бидејќи средствата што обично се користат за да се нахранат гладните честопати се трошат за производство на оружје. Производството на храна е намалено затоа што земјоделците заминуваат во војна, полињата се разорени од битките, а понекогаш и самите влади користат тактика на намерно уништување на земјоделските производи. Силна потврда за ова е Првата светска војна, кога милиони страдаа, па дури и умираа од глад! Но, јавачот на црниот коњ — гладот — не се повлече откако заврши војната. Во 1930-тите, само еден глад во Украина однесе пет милиони животи. Недостигот на прехранбени продукти и гладот беа последица и на Втората светска војна. Додека црниот коњ продолжува да галопира, Светската здравствена организација проценува дека неисхранетоста е една од главните причини за смртта на повеќе од пет милиони деца годишно.
22. а) Што вели еден глас, и за каква потреба зборува? б) Што значи цената на една мера пченица и на три мери јачмен?
22 Јован има да ни каже уште нешто: „И чув како еден глас среде четирите суштества вели: ‚Мера пченица за денариј и три мери јачмен за денариј. А маслото и виното троши ги штедливо‘“ (Откровение 6:6). Сите четири херувими во еден глас велат дека треба многу внимателно да се постапува со резервите на храна — исто како што и пред уништувањето на Ерусалим, во 607 год. пр.н.е., луѓето морале да „јадат леб на мерка и во тегоба“ (Езекиел 4:16). Во времето на Јован, мера пченица била дневен оброк за еден војник. Колку ќе чини еден таков оброк? Еден денариј — цела дневница! (Матеј 20:2). * Што ако некој имал семејство? Тогаш можел наместо пченица да купи три мери нелупен јачмен. Дури и тоа било доволно само за да се прехрани едно мало семејство. А јачменот не бил сметан за добра храна како што била пченицата.
23. Што значи изјавата: „На маслото и на виното не наштетувај им“?
23 Буквалниот превод на изворната грчка фраза што овде е преведена со „маслото и виното троши ги штедливо“, гласи: „На маслото и на виното не наштетувај им“. Што значи ова? Според некои, ова значи дека, иако мнозина ќе немаат доволно храна, па дури и ќе гладуваат, богатите нема да претрпат штета, туку и понатаму ќе живеат луксузно. Но, на Блискиот Исток, маслото и виното не биле знак на изобилство и луксуз. Во библиски времиња, лебот, маслото и виното се сметале за основни прехранбени продукти. (Спореди 1. Мојсеева 14:18; Псалм 104:14, 15.) Водата не била секогаш добра, па затоа обично се пиело вино, а понекогаш тоа се користело и како лек (1. Тимотеј 5:23). Што се однесува до маслото, во времето на Илија, вдовицата од Сарепта, која била многу сиромашна, сѐ уште имала малку масло со кое можела да го зготви преостанатото брашно (1. Царевите 17:12). Затоа, изгледа дека со заповедта ‚на маслото и на виното не наштетувај им‘ се дава совет овие основни производи да не се истрошат пребрзо, туку да се трошат штедливо. Во спротивно, ќе им биде ‚наштетено‘, односно ќе се потрошат пред да помине гладот.
24. Зошто црниот коњ нема да галопира уште долго?
24 Колку сме среќни што Јавачот на белиот коњ наскоро ќе го запре галопирањето на црниот коњ! Во врска со она што тој со љубов ќе го обезбеди во новиот свет пишува: „Во неговите дни ќе процвета праведникот и ќе има голем мир сѐ додека постои месечината... На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:7, 16; види и Исаија 25:6-8).
Бледиот коњ и неговиот јавач
25. Чиј глас го слуша Јован кога Исус го отвора четвртиот печат, и што значи ова?
25 Приказната сѐ уште не е завршена. Исус го отвора четвртиот печат, и Јован ни кажува што се случува потоа: „Кога Јагнето го отвори четвртиот печат, го чув гласот на четвртото суштество како вели: ‚Дојди!‘“ (Откровение 6:7). Ова е гласот на херувимот што личи на орел во лет. Тој означува далековида мудрост и, навистина, Јован, класата на Јован и сите други Божји слуги на Земјата морале и мораат да внимаваат и да постапуваат разумно во врска со она што е опишано овде. Само така можеме донекаде да се заштитиме од неволјите што ги погодуваат „мудреците“ на денешниов горд и неморален свет (1. Коринќаните 1:20, 21).
26. а) Кој е четвртиот коњаник, и зошто бојата на неговиот коњ е соодветна? б) Кој оди по четвртиот коњаник, и што се случува со неговите жртви?
26 Какви други стравотии се појавуваат кога четвртиот јавач излегува на повикот? Јован ни кажува: „И погледнав, и гледај — блед коњ и на него јавач, чие име беше Смрт, а по него одеше гробот“ (Откровение 6:8а). Јавачот на последниот коњ има име: Смрт. Од сите четири коњаници на Апокалипсата, тој е единствениот чиј идентитет е толку јасно откриен. Соодветно е тоа што Смртта јава на блед коњ, бидејќи зборот „блед“ (грчки: хлоро́с) се користи во грчката книжевност за да се опишат лица кои се бледи како да се болни. Соодветно е и тоа што по Смртта, на некој необјаснив начин, се движи гробот, бидејќи гробот ги прима кај себе многуте жртви од лудото јавање на четвртиот коњаник. За среќа, за нив има воскресение бидејќи ‚смртта и гробот ќе ги предадат мртвите што се во нив‘ (Откровение 20:13). Но, на кој начин тие ѝ стануваат жртви на Смртта?
27. а) На кој начин Смртта ги собира своите жртви? б) Што се мисли со изразот „четвртина од земјата“ над која има власт Смртта?
27 Во видението се наведени некои од тие начини: „И им беше дадена власт над четвртина од земјата, да убиваат со меч и со глад и со помор и со земни ѕверови“ (Откровение 6:8б). Ова не значи дека дословно цела четвртина од населението е погодена од ова јавање, но може да значи дека тоа сепак влијае на голем дел од Земјата — сеедно дали е густо или ретко населен. Четвртиот коњаник ги собира жртвите што се покосени од големиот меч на вториот јавач, како и од гладот и недостигот на храна на третиот. Тој ги собира и жртвите на смртоносните болести, како и жртвите на земјотресите, кои се спомнати во Лука 21:10, 11.
28. а) Како се исполнило пророштвото за ‚поморот‘? б) Како Јеховините слуги се заштитени од многу болести денес?
28 Овде од посебно значење е зборот „помор“. Една од најразорните последици на Првата светска војна беше шпанскиот грип, од кој во периодот 1918/1919 година за неколку месеци умреа 20 милиони луѓе. Единственото место на Земјата што не го зафати оваа болест беше малиот остров Света Елена. Во местата каде што населението беше десеткувано, се палеа клади на кои беа горени купишта мртви тела. Денес, пак, срцевите заболувања и ракот ги има во застрашувачка мера, а голем број случаи се резултат на пушењето. Во таканаречената „грда деценија“ на 1980-тите, на овој „помор“ му се придружи и епидемијата на СИДА, која е последица на начинот на живот што е спротивен на библиските мерила. Во 2000 година, министерот за здравство на САД ја нарече СИДА-та „веројатно најстрашната епидемија што некогаш го погодила светот“. Тој рече дека 52 милиони луѓе во целиот свет биле заразени со ХИВ/СИДА, а 20 милиони од нив умреле. Јеховиниот народ е навистина благодарен за мудрите совети од Божјата реч, кои го штитат од блуд и од злоупотреба на крв, преку кои се пренесуваат толку многу болести денес! (Дела 15:28, 29; спореди 1. Коринќаните 6:9-11).
29, 30. а) На што се однесуваат денес ‚четирите погубни пресуди‘ од Езекиел 14:21? б) Што означуваат ‚ѕверовите‘ од Откровение 6:8? в) Што е, најверојатно, главната порака на оваа пророчка сцена?
29 Во видението на Јован се спомнува дека ѕверовите се четвртата причина за предвремена смрт. Всушност, се смета дека во старо време луѓето главно умирале прерано токму од тие четири работи кои се спомнати при отворањето на четвртиот печат — во војни, од глад, од болести и од ѕверови. Затоа, тие ги симболизираат сите причини за предвремена смрт денес. Јехова го предупредил Израел дека ќе се случи токму тоа: „Така ќе биде кога ќе се извршат моите четири погубни пресуди — меч, глад, опасни ѕверови и помор — кои ќе ги испратам врз Ерусалим за да ги истребам од него луѓето и стоката“ (Езекиел 14:21).
30 Во нашево време, ретко кога се случува во весниците да пишува дека некој бил убиен од ѕвер, иако во тропските земји луѓето постојано се напаѓани од ѕверови. Може да се случи во иднина многу повеќе луѓе да станат жртви на ѕверови затоа што некои земји се опустошени од војна или затоа што луѓето се толку изгладнети и ослабени што не можат да им се спротивстават на гладните животни. Освен тоа, денес има и многу луѓе што, исто како неразумни животни, покажуваат ѕверски особини, кои се сосема спротивни на особините што се опишани во Исаија 11:6-9. Ваквите луѓе се во голема мера одговорни за порастот на сексуалните престапи, убиствата, тероризмот и бомбардирањата во денешниов свет. (Спореди Езекиел 21:31; Римјаните 1:28-31; 2. Петрово 2:12.) Четвртиот јавач ги собира и нивните жртви. Всушност, изгледа главната порака на оваа пророчка слика е дека јавачот на бледиот коњ собира жетва од луѓе што од најразлични причини се соочуваат со предвремена смрт.
31. Зошто можеме да се охрабриме и покрај пустошењето на јавачите на црвениот, црниот и бледиот коњ?
31 Она што ни е откриено со отворањето на првите четири печати нѐ охрабрува бидејќи нѐ учи да не очајуваме затоа што денес толку луѓе умираат предвреме во војни, како и од глад, болести и од други причини; а не треба да се чувствуваме безнадежно ни затоа што човечките лидери не успеваат да ги решат тековните проблеми. Иако условите во светот ни покажуваат дека јавачите на црвениот, црниот и бледиот коњ се присутни, да не забораваме дека Јавачот на белиот коњ е тој што прв почнал да јава. Исус е Цар, кој веќе извојувал победа над Сатана на небото и го исфрлил оттаму. Тој победил и со тоа што ги собрал преостанатите синови на духовниот Израел и меѓународното големо мноштво, кое сега брои милиони и кое ќе ја преживее големата неволја (Откровение 7:4, 9, 14). Исус ќе продолжи да јава сѐ до конечната победа.
32. Што е карактеристично за отворањето на првите четири печати?
32 По отворањето на секој од првите четири печати се слуша повикот „Дојди!“, и потоа се појавува коњ со неговиот јавач. Од отворањето на петтиот печат веќе не се слуша тој повик. Но, овие коњаници сѐ уште јаваат, и ќе продолжат да галопираат сѐ до свршетокот на овој поредок. (Спореди Матеј 28:20.) Кои други значајни настани ги разоткрива Исус додека ги отвора преостанатите три печати? Некои од овие настани не можат да се видат со човечко око. Други, иако можат да се видат, ќе се случат во иднина. Сепак, тие сигурно ќе се исполнат. Да видиме за какви настани станува збор.
[Фусноти]
^ Забележи дека ‚жената‘ од Откровение 12:1 има симболична „круна од дванаесет ѕвезди“.
^ Детални докази за тоа дека Исус почнал да владее како Цар во 1914 година можат да се најдат на страници 216-218 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
^ Иако во многу Библии овој израз е преведен со „да победи“ (Свето Писмо на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, Д-р/Д-р Душан Константинов), тоа што на изворниот грчки јазик се користи свршено време укажува дека ова дејство е завршено. Затоа, во својата книга Слики со зборови во Новиот завет (Word Pictures in the New Testament), Робертсон наведува: „Свршеното време во овој случај укажува на конечна победа“.
^ Види ја и фуснотата за овој стих.
[Прашања]
[Рамка на страница 92]
Победоносното јавање на Царот
Во текот на 1930-тите и 1940-тите, огорчените непријатели се обидоа да ја прикажат службата на Јеховините сведоци како незаконска, криминална, па дури и антивладина (Псалм 94:20). Само во 1936 година во САД имаше 1.149 апсења. Многу од судските спорови кои ги водеа Сведоците стигнаа до Врховниот суд на Соединетите Држави, и еве некои од нивните извонредни победи.
На 3 мај 1943 година, во случајот Мардок против Пенсилванија, Врховниот суд пресуди дека Сведоците не мора да имаат дозвола за да продаваат литература. Истиот тој ден, беше донесена пресуда и за случајот Мартин против градот Стратерс. Според неа, не е незаконски да се ѕвони на нечија врата за да се остават трактати и друг рекламен материјал.
На 14 јуни 1943 година, во случајот Тејлор против Мисисипи, Врховниот суд пресуди дека Сведоците со своето проповедање не поттикнуваат на нелојалност кон владата. Истиот тој ден, во случајот Комисијата за образование на Западна Вирџинија против Барнет, Судот донесе одлука дека училишните власти немаат право да ги истеруваат од училиште децата на Јеховините сведоци кои одбиваат да го поздрават знамето. Следниот ден, Врховниот суд на Австралија ја укина забраната на дејностите на Сведоците во таа земја и ја означи оваа забрана како „самоволна, произволна и неправедна“.
[Рамка на страница 94]
,Дадено му е да го одземе мирот од земјата‘
Каде води технологијата? Во весникот The Globe and Mail од Торонто (Канада), со датум од 22 јануари 1987 година, беше објавен следниов дел од говорот на Иван Л. Хед, претседател на Меѓународниот центар за истражување и развој:
„Според доверливи извори, се проценува дека секој четврти научник или технолог во светот се занимава со истражување и развој на оружје... Во 1986 година, на оружје се трошеле повеќе од 1,5 милиони американски долари во минута... Дали се чувствуваме побезбедни затоа што на ваквата технологија ѝ се придава толкава важност? Суперсилите поседуваат нуклеарен арсенал со експлозивна моќ која е за 6.000 пати поголема од целокупната моќ на муницијата што ја потрошиле сите завојувани сили во текот на целата Втора светска војна. Шест илјади војни како Втората светска војна! Од 1945 година наваму, немало ни цели седум седмици без да се вршат некакви воени дејствија во некој дел од светот. Се воделе над 150 меѓународни или граѓански војни, за кои се проценува дека одзеле 19,3 милиони животи, и тоа во голема мера благодарение на ефикасната технологија развиена во оваа ера на Обединетите нации“.
До 2005 година, во воени дејствија загинале повеќе од 20 милиони лица.
[Рамка на страници 98 и 99]
Од што се состои книгата Откровение
Во разгледувањето на книгата Откровение сега стигнавме до точка кога можеме подобро да разбереме од што се состои таа. По возбудливиот увод (Откровение 1:1-9), во неа се дадени 16 виденија.
1. ВИДЕНИЕ (1:10 — 3:22): Под вдахновение, Јован го гледа прославениот Исус, кој им испраќа пораки со љубезни совети на седумте собранија.
2. ВИДЕНИЕ (4:1 — 5:14): Величествен поглед на небесниот престол на Јехова Бог, кој му подава свиток на Јагнето.
3. ВИДЕНИЕ (6:1-17): Јагнето ги отвора првите шест печати на свитокот и постепено открива едно сложено видение за настани што треба да се случат во денот на Господарот. Излегуваат четирите јавачи на Апокалипсата, Божјите слуги што умреле со маченичка смрт добиваат бели облеки и на крајот следи опис на големиот ден на гневот.
4. ВИДЕНИЕ (7:1-17): Ангелите ги задржуваат ветровите на уништувањето сѐ додека не се обележани со печат сите 144.000 духовни Израелци. Едно големо мноштво од сите народи, кое своето спасение им го припишува на Бог и на Христос, се собира за да ја преживее големата неволја.
5. ВИДЕНИЕ (8:1 — 9:21): При отворањето на седмиот печат, се огласуваат седум труби, а првите шест го сочинуваат петтото видение. Овие шест труби ги објавуваат Јеховините осуди над човештвото. Петтата и шестата труба ги најавуваат првата и втората мака.
6. ВИДЕНИЕ (10:1 — 11:19): Еден силен ангел му дава мал свиток на Јован, се мери храмот и дознаваме што доживеале двајцата сведоци. Видението завршува со трубењето на седмата труба со која се најавува третата мака за Божјите непријатели — почнува да владее Царството на Јехова и на неговиот Христос.
7. ВИДЕНИЕ (12:1-17): Овде е опишано раѓањето на Царството. Како последица од ова, Михаел ја исфрла Змијата, односно Сатана, на Земјата.
8. ВИДЕНИЕ (13:1-18): Од морето излегува еден силен ѕвер, а ѕверот кој има два рога како јагне ги тера луѓето да го обожаваат првиот ѕвер.
9. ВИДЕНИЕ (14:1-20): Прекрасна слика на 144.000-те на гората Сион. Пораките на ангелите се слушаат на целата Земја, се бере земната лоза и се гази во гмечалото на Божјиот гнев.
10. ВИДЕНИЕ (15:1 — 16:21): Уште еден краток поглед на небесните дворови, по кој следи излевањето на седумте садови на Јеховиниот гнев врз Земјата. И овој дел завршува така што пророчки е опишан крајот на Сатановиот поредок.
11. ВИДЕНИЕ (17:1-18): Големата блудница, Големиот Вавилон, седи на црвен ѕвер, кој за кратко оди во бездна, но повторно излегува и ја опустошува блудницата.
12. ВИДЕНИЕ (18:1 — 19:10): Објавени се падот и конечното уништување на Големиот Вавилон. Некои тагуваат поради неговото уништување, други го фалат Јехова; најавена е свадбата на Јагнето.
13. ВИДЕНИЕ (19:11-21): Исус ги предводи небесните војски во извршувањето на Божјите гневни осуди над Сатановиот поредок, над Сатановите војски и над сите оние што го поддржуваат; мршојадните птици се гостат со нивните мртви тела.
14. ВИДЕНИЕ (20:1-10): Сатана Ѓаволот е затворен во бездна, Христос владее со своите соцареви илјада години, луѓето се ставени на испит за последен пат, Сатана и неговите демони се уништени.
15. ВИДЕНИЕ (20:11 — 21:8): Сеопшто воскресение и голем Суден ден; се појавуваат ново небо и нова земја за вечен благослов на праведните луѓе.
16. ВИДЕНИЕ (21:9 — 22:5): Откровението завршува со величествено видение за Новиот Ерусалим — невестата на Јагнето. Од овој град течат Божјите дарови кои ќе овозможат луѓето да бидат излекувани и да добијат живот.
Откровението завршува со срдечен поздрав и совет од Јехова, од Исус, од ангелот и од самиот Јован. На сите им е упатена поканата: „Дојди!“ (Откровение 22:6-21).