Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ако Творецот се грижи, зошто тогаш толку многу страдања?

Ако Творецот се грижи, зошто тогаш толку многу страдања?

Десетто поглавје

Ако Творецот се грижи, зошто тогаш толку многу страдања?

ДОДЕКА твојот часовник отчукува 60 секунди, повеќе од 30 луѓе умираат од заразни болести, 11-мина ја губат битката против ракот и 9 се покосени од срцеви болести. А знаеш дека тоа се само некои од болестите кои ги мачат луѓето; многумина страдаат и умираат од други причини.

Во 1996, еден часовник во фоајето на зградата на Обединетите нации во Њујорк Сити, симболично отчука за секое бебе родено во сиромашно семејство — 47 пати во минута. Гледано од друга перспектива, секој пат кога Земјата ротира, 20 проценти од нејзиното население си легнува гладно. А што ако се обидеш да пресметаш колкав е криминалот таму каде што живееш?

Мораме да се соочиме со фактот дека страдањето денес изобилува во светот околу нас.

„Сепак“, вели еден поранешен полицаец, „срцето на многумина од нас останува непогодено од неправдите што нѐ опкружуваат.“ Но, впечатокот дека ние не сме погодени може да потрае само дотогаш додека не е вклучен нашиот живот или животот на некој сакан. На пример, стави се на местото на Масако, која се грижела за својата мајка и татко кои страдале од рак. Додека губеле на тежина и офкале од болка, Масако се чувствувала беспомошно. Или, помисли на очајот на Шарада, едно девојче од Азија кое имало девет години кога татко ѝ ја продал за 14 американски долари. Одведена од своето село во еден странски град, била присилена да нуди сексуални услуги на шест мажи дневно.

Зошто изобилува таквото страдање? И зошто Творецот не му стави крај? Поради таквото страдање, многумина му свртуваат грб на Бог. Мајката на поранешниот полицаец споменат погоре, станала жртва на еден психопат. Тој ја објаснува својата реакција: „Помислата за еден суверен Бог полн со љубов кој го контролира универзумот никогаш не ми била подалечна“. И ти можеш да прашаш: ‚Зошто?‘ Да, зошто постои такво страдање? Која е причината и дали Творецот е загрижен поради тоа?

Дали некој поранешен живот предизвикува страдање?

По целата Земјина топка, милиони веруваат дека причината за нечие страдање е неговото минато; сегашното страдање е казна за она што го направил во некој минат живот. „Човечкото страдање се должи на тоа што сме врзани во карма, зашто сите ние, штом ќе се родиме, носиме тежок товар од некоја мината карма.“ * Тоа гледиште го дал Дајсец Т. Сузуки, филозоф кој го популаризирал зенот во западното општество. Хиндустичките мудреци го измислиле „законот на карма“ додека трагале по објаснување за човечкото страдање. Но, дали нивното објаснување за страдањето е разумно или вистински задоволувачко?

Една будистка рекла: „Мислев дека нема смисла да страдам за нешто со кое сум се родила, а за кое ништо не знаев. Морав да го прифатам тоа како моја судбина“. За неа, таквото објаснување за страдањето било незадоволувачко. Можеби истото е случај и со тебе. Иако идејата за повторно раѓање можеби не е вообичаена таму каде што живееш ти, во нејзината основа се наоѓа едно учење кое може да се најде во христијанскиот свет, а и на други места — учењето дека луѓето имаат бесмртна душа која го преживува телото. Се вели дека таа „душа“ е вклучена во страдањето — или во сегашниот или во задгробниот живот.

Таквите идеи се широко распространети, но каков доказ постои дека тие се валидни? Зарем не е помудро за ваквите важни работи да се водиме од она што го кажува нашиот Творец? Додека човечките идеи и силните убедувања можат да бидат погрешни, видовме дека Божјите изјави се доверливи.

Како што забележавме во претходното поглавје, гревот на нашите први човечки родители ја предизвикал крајната човечка трагедија — смртта. Творецот го предупредил Адам: „Во оној ден кога [нема да послушаш, односно ќе згрешиш], ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:17; 3:19). Бог не рекол ништо за тоа дека Адам имал бесмртна душа; тој бил човек. Во библиска смисла, тоа значи дека тој бил душа. Според тоа, кога тој умрел, умрела душата која се викала Адам. После тоа, тој не бил свесен ниту страдал.

Нашиот Творец не унапредува ниту се согласува со учења за карма, циклуси на повторно раѓање ниту за бесмртна душа која можеби страда во некое натамошно постоење. Сепак, ако сфаќаме какви се последиците од Адамовиот грев, можеме подобро да сфатиме зошто денес постои страдање.

Од каде дошло страдањето?

Иако е тешко да се сфати целиот опсег на човечко страдање, од помош може да биде ако се користи исправниот инструмент. Исто како што користењето на двоглед ни помага појасно да гледаме далечни предмети, користењето на Библијата ни овозможува да ја согледаме причината на страдањето.

Како прво, Библијата нѐ прави свесни за фактот дека „времето и непредвидениот настан“ ги погодуваат сите луѓе (Проповедник 9:11NW). На пример, Исус се осврнал на една вест од своето време — 18 луѓе биле убиени кога една кула паднала врз нив. Јасно покажал дека тие жртви не биле поголеми грешници од другите (Лука 13:1—5). Тие настрадале затоа што биле на погрешно место во погрешно време. Но, Библијата оди подалеку од тоа, давајќи задоволувачки информации во врска со главните причини за страдањето. Какви информации?

Откако згрешиле првите луѓе, божествениот Судија, Јехова, пресудил одземање секакво право да продолжат да живеат. Во текот на годините додека не умреле, Адам и Ева се соочиле со прилично многу страдања. Тоа биле страдања кои самите си ги нанеле врз себе — последици од стареењето и болеста, борба за гола живеачка и жалоста да гледаат како нивното семејство е уништено од љубомора и насилство (1. Мојсеева 3:16—19; 4:1—12). Важно е да се запомни каде првенствено лежи вината за сето тоа страдање. Тоа си го нанеле самите на себе. Сепак, како можеме да разбереме зошто страдањето продолжува до ден-денес?

Иако многу луѓе би приговориле на тоа да се сметаат за грешници, сепак Библијата ги става фактите во исправна перспектива, велејќи: „Гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Првата човечка двојка ги пожнеала последиците од нивниот сопствен штетен правец, но погодено било и нивното потомство (Галатјаните 6:7). Нивното потомство наследило несовршенство кое водело до смрт. Тоа на некои им е посфатливо кога ќе го земат предвид научниот факт дека дури и сега децата можат да наследат болести или маани од своите родители. Тоа може да биде случај со хемофилија, таласемија (медитеранска анемија), болест на коронарните артерии, еден вид дијабетес, па дури и рак на дојката. Децата лично не се криви, но сепак можат да страдаат како резултат на она што го наследиле.

Нашите генетски предци, Адам и Ева, избрале да го отфрлат Јеховиниот начин на владеење со човештвото. * Познато ти е од историјата дека луѓето испробале секакви видови влади во обидот да владеат со Земјата. Некои мажи и жени кои биле вклучени во тие напори биле добронамерни. Сепак, како ги оценуваш ти лично резултатите од човечкото самоуправување? Дали поголемиот дел од човечкото страдање е отстрането? Тешко. Напротив, многу политики и национални војни го зголемиле страдањето. Пред околу 3.000 години, еден мудар владетел забележал: „Човек доминира над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9NW).

Дали согледуваш дека ситуацијата сега е многу поинаква, можеби подобра? Повеќето би одговориле со не. Многу мажи, жени и деца страдаат не само поради наследениот грев и несовршеноста туку и поради она што тие или другите го сториле. Размисли за човечкото погрешно управување со Земјата, кое честопати се должи на алчност. Луѓето се криви и поради тоа што предизвикуваат загаденост, создаваат сиромаштија и придонесуваат за гладот или епидемии на болести. Дури и некои природни катастрофи, кои многумина ги нарекуваат дела на Бог, се од човек. Постои уште една главна причина за страдањето која честопати се превидува.

Личноста зад страдањето

Особено една книга од Библијата открива која е главната причина за страдањето и зошто грижливиот Творец го допуштил тоа. Оваа книга, Јов, може да разјасни секаква заматена визија во врска со страдањето. Тоа го прави давајќи увид во невидливото подрачје каде што се случиле извесни клучни настани.

Пред околу 3.500 години, кратко пред Мојсеј да ги напише првите библиски книги, живеел човекот Јов во подрачјето кое ја опфаќа денешна Арабија. Записот покажува дека Јов бил чесен, добротворен и многу почитуван. Тој имал големо богатство во вид на добиток, па бил наречен дури и „најпрочуен меѓу сите синови на Исток“. Во поглед на приватниот живот, Јов имал прекрасно семејство — жена, седум синови и три ќерки (Јов 1:1—3; 29:7—9, 12—16). Еден ден, еден гласник влетал за да извести дека некои од вредните стада на Јов биле опљачкани од насилничка банда. Еден друг наскоро известил за загубата на Јововите стада овци. Потоа, Халдејците му ги зеле неговите 3.000 камили и ги убиле сите служители освен еден. На крајот стигнала најлошата вест. Необичен ветер ја урнал куќата на неговиот првороденец и ги убил сите негови деца кои биле собрани таму. Соочен со такво страдање, дали Јов ќе го обвини Бог? Како би се чувствувал ти да си на негово место? (Јов 1:13—19).

Но, требало да дојдат уште несреќи. Јов бил изнамачен со една ужасна болест која го опсипала со малигни чиреви. * Толку многу бил болен и одвратен што неговата сопруга го обвинила Бог. „Навреди Го Бога и умри!“ рекла таа. Јов не знаел зошто страда, но сепак не сакал да го обвини Бог дека тој го предизвикува страдањето. Читаме: „Во сето тоа Јов не згреши со устата своја“ (Јов 2:6—10).

Откако слушнале за Јововите маки, тројца познаници дошле кај него. „Кога праведните биле искоренувани?“ прашал Елифаз, кој претпоставувал дека Јов сигурно направил некакво зло (Јов, 4. и 5. поглавје). Тој го обвинил Јов за тајни гревови, дури и за тоа дека не им давал леб на сиромашните и дека ги угнетувал вдовиците и сираците (Јов, 15. и 22. поглавје). Другите двајца лажни тешители, исто така, го нагрдиле Јов како тој да бил одговорен за своите страдања. Дали биле во право? Во никој случај.

Книгата Јов ни помага да ја идентификуваме коренската причина за Јововото страдање и да видиме зошто Бог го допуштил тоа. Поглавјата 1 и 2 откриваат што се случило кратко пред тоа на невидливото небо, во духовното подрачје. Бунтовниот дух наречен Сатана * се состанал со другите духови во Божјата присутност. При спомнувањето на Јововиот беспрекорен правец, Сатана оспорувал: „Зар попусто Јов е богобојазлив? . . Пружи ја раката Своја и допри се до сѐ што е негово, ќе Те благослови ли тогаш“ (Јов 1:9—12).

Со други зборови, Сатана го обвинил Бог дека го подмитува Јов. Тоа пркосно духовно суштество тврдело дека, ако му се одземе богатството и здравјето на Јов, тој ќе го проколне Јехова. Во поширока смисла, Сатана тврдел дека ниеден човек нема да го љуби и да му биде лојален на Бог ако е соочен со страдање. Тој предизвик имал глобален и траен учинок. Спорните прашања кои ги покренал Сатана морале да се решат. Според тоа, Бог му дал слобода на Сатана да дејствува против Јов, па така Сатана ги нанел тие различни облици страдање врз тој човек.

Се разбира, Јов не знаел и не можел да знае за универзалното спорно прашање што било покренато на небото. А Сатана така ги уредил работите што изгледало дека Бог ги предизвикува сите Јовови несреќи. На пример, кога молња ги удрила Јововите стада овци, преживеаниот слуга заклучил дека тоа било „оган Божји“. Иако Јов не знаел зошто се случуваат тие работи, тој не сакал да го проколне или отфрли Јехова Бог (Јов 1:16, 19, 21).

Ако ги анализираш околностите зад Јововото искуство, ќе откриеш дека спорното прашање гласи: Дали луѓето ќе му служат на Јехова од љубов и покрај неволји? Јов помогнал да се одговори ова прашање. Само вистинската љубов спрема Бог можела да покрене некого да му остане верен на Јехова, а токму тоа го сторил Јов. Какво сведоштво против Сатановите лажни обвинувања! Меѓутоа, овој спор не започнал ниту завршил со Јов во тоа време; тој се протега со векови. И ние сме вклучени во него.

Како реагираат многумина кога ќе видат или кога ќе се соочат со страдање, без разлика на причината? Можеби не се свесни за спорните прашања покренати во времето на Јов или можеби не веруваат дека Сатана воопшто постои. Според тоа, честопати се сомневаат дека има Творец или, пак, него го обвинуваат за страдањето. Што мислиш ти за тоа? Од она што го знаеш за Творецот, зарем не би се согласил со библискиот писател Јаков? И покрај страдањето, тој го имал следново убедување: „Ниеден, кога е во искушение, да не вели: ‚Бог ме искушува, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Он никого не искушува‘“ (Јаков 1:13).

Имаме скапоцена помош во тоа да го стекнеме мудрото гледиште. А таа е: да го разгледаме случајот со Исус. Знаеме дека Исус е ценет по неговиот увид, спознание и способност како учител. Каде стоел тој во поглед на Сатана и страдањето? Исус бил сигурен дека постои Сатана Ѓаволот и дека може да предизвика страдање. Сатана, кој се обидел да го скрши Јововиот интегритет, отворено се обидел да го стори истото и со Исуса. Освен што докажува дека Сатана е вистински, тоа покажува дека предизвикот покренат во времето на Јов уште трае. Како Јов, и Исус се покажал верен на Творецот дури по цена на богатство и моќ и иако тоа му предизвикало физичко страдање и смрт на маченички столб. Исусовиот случај покажува дека Бог сѐ уште допушта луѓето да покажат дека ќе му бидат лојални и покрај проблеми (Лука 4:1—13; 8:27—34; 11:14—22; Јован 19:1—30).

Времето поминува — со добра причина

За да го разбереме страдањето, мораме да признаеме дека несреќите, грешните човечки склоности, човековото погрешно управување со Земјата и Сатана Ѓаволот се причини за страдањето. Меѓутоа, не е доволно само да се знае што стои зад страдањето. Кога некој се мачи, лесно би можел да се чувствува онака како што се чувствувал древниот пророк Авакум кога рекол: „До кога, Господи, ќе повикувам, а Ти не ме слушаш; викам кон Тебе поради насилството, а Ти не ме избавуваш? Зошто ми дозволуваш да гледам злоделанија, и да гледам неволји? Грабежот и насилството се пред мене; се појавува непријателство, настанува раздор“ (Авакум 1:2, 3). Да, зошто Јехова ‚гледа неволји‘ без да се чини дека дејствува? Како Семоќен, тој има моќ и љубов спрема правдата кои се потребни за да му стави крај на страдањето. Тогаш, кога ќе го стори тоа?

Како што порано беше споменато, кога првата човечка двојка избрала тотална независност, Творецот бил сигурен дека некои од нивните потомци ќе постапуваат поинаку. Јехова мудро дозволил да помине време. Зошто? За да докаже дека владетелството независно од Творецот води само до несреќа и, обратно, дека живеењето во согласност со Творецот е исправно и донесува среќа.

Во меѓувреме, Бог ја одржал Земјата во една умерено пријатна околина. Апостол Павле расудувал: „Кој поранешните поколенија на народите ги остави да врват по нивните патишта, иако не престануваше да сведочи за Себе, правејќи ни добро со праќање дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселост“ (Дела 14:16, 17). Јасно е дека Творецот не нанесува страдање, но тој го допуштил за да ги реши спорните прашања кои се од најголема важност.

Кога ќе дојде до олеснување?

Всушност, фактот дека човечкото страдање се зголемува покажува дека се ближи времето кога ќе му дојде крајот. Зошто може така да се каже? Библијата открива што се случило во невидливото подрачје во времето на Јов, но тоа го прави и во врска со нашето време. Нејзината последна книга, Откровение, се сосредоточува на еден конфликт кој се одиграл на небото. Со каков резултат? Сатана ‚бил соборен на земјата‘ заедно со неговите демонски орди. „Затоа“, продолжува таа библиска книга, „веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ (Откровение 12:7—12).

Едно детално разгледување на библиското пророштво укажува на овој век како на времето кога се случил тој настан. Како што можеби знаеш, почитувани историчари признаваат дека во 1914 година се случила една важна пресвртница во историјата, кога започнала Првата светска војна. * Оттогаш наваму, страдањето и неволјите се зголемиле. Исус укажал на истиот овој временски период кога неговите присни ученици го прашале за „знакот на [неговата] присутност и на завршетокот на системот на ствари“ (NW). Исус рекол: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство; а на некои места ќе има и големи потреси, и глад и помор; ќе има стравотии и големи знаци на небото“ (Матеј 24:3—14; Лука 21:5—19). Овие зборови, кои укажуваат на големо страдање, за првпат во историјата се исполнуваат во големи размери.

Библијата ги опишува овие настани како увод во една „мака [голема неволја, NW], каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде“ (Матеј 24:21). Тоа ќе биде Божјата решавачка интервенција во човечките работи. Тој ќе дејствува за да му стави крај на злобниот систем на ствари, кој со векови предизвикувал страдање. Но, тоа нема да значи ‚крај на светот‘ во нуклеарен холокауст кој го уништува човештвото. Божјата Реч нѐ уверува дека ќе има преживеани. „Големо мноштво народ . . . од сите племиња и колена, народи и јазици“ ќе излезе живо од таа неволја (Откровение 7:9—15).

За да добиеме комплетна слика, размисли за она за кое Библијата вели дека ќе следи. Домот сличен на градина кој првобитно бил наменет за живеалиште на човештвото, ќе биде обновен (Лука 23:43). Нема да гледаш бездомни луѓе. Исаија напишал: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни . . . Зашто дните на народот Мој ќе бидат како дните на дрво, и моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои. Нема да се трудат напразно и да раѓаат деца за скрб; зашто ќе бидат семе, благословено од Господа, и потомците нивни со нив . . . Волк и јагне ќе пасат заедно, а лавот ќе јаде слама како вол . . . тие нема да причинуваат зло и штета по целата Моја света гора, вели Господ“ (Исаија 65:21—25).

Што е со личното страдање? Нема да има повеќе војни, насилство ниту криминал (Псалм 45:8, 9; Изреки 2:22; Исаија 2:4). Создателот и Животодавачот на човекот ќе им помогне на послушните луѓе да стекнат и да уживаат потполно здравје (Исаија 25:8; 33:24). Нема да има повеќе глад бидејќи Земјата ќе се врати во еколошка рамнотежа и ќе раѓа изобилно (Псалм 72:16NW). Навистина, изворите на страдање кои сега ги гледаме ќе бидат работа на минатото (Исаија 14:7).

Ова секако дека се квалификува за најдобра вест. Сепак, некои би можеле да мислат дека сѐ уште има, така да се каже, два темни облака. Уживањето на тие благослови би било ограничено кога човек би морал да очекува да умре после само 70 или 80 години. И зарем не би чувствувал тага за љубените кои умреле пред Творецот да му стави крај на човечкото страдање? Како гласи одговорот?

Отстранување на најлошото страдање

Творецот го има решението. Тој е Создател на универзумот и на човечкиот живот овде на Земјата. Тој може да го стори она кое е вон човечката способност или она кое луѓето само што почнуваат да сфаќаат дека е возможно. Разгледај само два примера за тоа.

Го имаме потенцијалот бескрајно да живееме.

Библијата јасно го нуди изгледот од Бог да добиеме вечен живот (Јован 3:16; 17:3). Откако ги проучил гените во човечките клетки, д-р Мајкл Фосел известил дека квалитетот на машките репродуктивни клетки не се намалува со годините. „Гените кои веќе ги поседуваме, со исправна изразеност, можат да ги одржуваат нашите клетки без да стареат.“ Тоа е во согласност со она што го видовме во 4. поглавје, имено дека нашиот мозок има капацитет кој е едвај употребен во сегашниот животен век; се чини дека е конструиран за бескрајно да функционира. Се разбира, тоа се само споредни точки, дополнување на она што Библијата директно го вели — Јехова ќе ни овозможи да живееме вечно без да страдаме. Забележи што ни ветува тој во последната книга од Библијата: „Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе“ (Откровение 21:4).

Творецот е способен да му помогне на некој кој страдал и умрел — да го врати во живот, воскреснувајќи го.

Лазар бил еден од оние кои биле воскреснати (Јован 11:17—45; види страници 158—160). Професор Доналд Мекеј ја употребил илустрацијата со еден компјутерски фајл. Тој напишал дека уништувањето на компјутерот не мора да значи конечен крај на равенката или на процесот кој бил во него. Истата равенка или процес би можеле да се стават во нов компјутер и таму да функционираат „ако математичарот така сака“. Професор Мекеј продолжил: „Се чини дека науката за механизмите на мозокот, исто така, покренува мал приговор околу надежта за вечен живот изразена во [Библијата], со нејзиниот карактеристичен нагласок на ‚воскресението‘“. Кога човек ќе умре, Творецот би можел подоцна да го врати во живот како што сторил со Исус и како што Исус сторил со Лазар. Мекеј заклучил дека смртта на едно лице не би претставувала никаква бариера за да се врати во живот со едно ново тело „ако нашиот Творец така сака“.

Да, крајното решение лежи кај нашиот Творец. Само тој може во потполност да го отстрани страдањето, да ги укине последиците од гревот и да ја отстрани смртта. Исус Христос им зборувал на своите ученици за еден извонреден настан кој сѐ уште лежи пред нас. Тој рекол: „Иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29).

Помисли само на тоа! Суверениот Владетел на универзумот е подготвен и способен да ги врати во живот оние кои се во негово сеќавање. На таквите ќе им се даде прилика да се докажат достојни да го добијат „вистинскиот живот“ (1. Тимотеј 6:19NW; Дела 24:15).

Но, дали ние сме повикани да сториме нешто сега додека го чекаме потполното ослободување од човечкото страдање? И ако сме, дали тоа може денес да ни го направи животот уште посмисловен? Ајде да видиме.

[Фусноти]

^ пас. 9 Се вели дека карма е „влијание на минатите постапки на поединецот врз неговите идни животи, односно реинкарнации“.

^ пас. 19 1. Мојсеева 2:17 ја изнесува Божјата заповед до Адам да не јаде од дрвото на спознанието на доброто и злото. Една фуснота во The New Jerusalem Bible (1985) коментира за тоа што претставувало ова спознание: „Тоа е самата моќ да одлучува за себеси што е добро а што зло и да постапува спрема тоа — тврдење на целосна морална независност преку која човекот одбива да го признае својот статус како создадено суштество, види Ис[аија] 5:20. Првиот грев бил напад врз Божјата сувереност“.

^ пас. 24 Други пасуси ја комплетираат сликата за Јововото страдање. Телото му било покриено со ларви, кожата му станала корава и здивот му бил одвратен. Јов бил измачуван од болка, неговата поцрнета кожа му се распаѓала (Јов 7:5; 19:17; 30:17, 30).

^ пас. 26 Во нашето претходно поглавје, „Што можеш да дознаеш за Творецот од една книга?“, ја разгледавме улогата на Сатана Ѓаволот во гревот на Адам и Ева.

^ пас. 38 За дискусија на ова пророштво, види го 11. поглавје од книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Рамка на страница 168]

Нема бесмртна душа

Библијата поучува дека секое лице е човечка душа; кога човек ќе умре, душата умира. Језекиил 18:4 вели: „Која душа греши, таа ќе умре“. Мртвите не се свесни ниту живеат некаде. Соломон напишал: „А мртвите ништо не знаат“ (Проповедник 9:5, 10). На почетокот, ниту Евреите ниту најраните христијани поучувале дека душата е бесмртна.

„Душата во С[тариот] З[авет] не значи дел од човекот, туку целиот човек — човекот како живо суштество. Слично на тоа, во Н[овиот] З[авет] таа го означува човечкиот живот . . . Библијата не зборува за преживување на нематеријална душа“ (New Catholic Encyclopedia).

„Идејата за бесмртност на душата и верата во воскресението на мртвите . . . се два концепта на сосема различни степени“ (Dopo la morte: immortalità o resurrezione? од теологот Филип Х. Мену).

„Поради тоа што човекот во целина е грешник, при смртта тој целосно умира со телото и душата (потполна смрт) . . . Помеѓу смртта и воскресението постои празнина“ (Лутеранскиот катехизам Evangelischer Erwachsenenkatechismus).

[Рамка на страница 175]

Дали е толку долго?

Времето од Јов до Исус би можело да изгледа долго време во кое страдањето продолжило — околу 1.600 години. За човек би се чинеле 100 години долго време во кое се чека страдањето да престане. Но, мораме да признаеме дека клучните спорни прашања кои ги покренал Сатана се одразиле негативно врз Творецот. Од Божје гледиште, натамошното допуштање на страдањето и злобата е кратко време. Тој е „Царот на вечноста“ за кого „илјада години се како вчерашен ден, што поминал“ (1. Тимотеј 1:17NW; Псалм 89:4). И за луѓето на кои им е подарен траен живот, овој период од историјата во која постоело страдањето, исто така, ќе се чини прилично краток.

[Рамка на страница 178]

Пресвртница во историјата

„Гледајќи наназад од гледна точка на сегашноста, можеме јасно да видиме денес дека избувнувањето на Првата светска војна вовело едно ‚време на неволја‘ на дваесеттиот век — како што гласи експресивниот израз на британскиот историчар Арнолд Тојнби — од кое нашата цивилизација сѐ уште не се извлекла“ (The Fall of the Dynasties, Едмонд Тејлор).

„Всушност, 1914 година, а не годината на Хирошима, ја означува пресвртницата на нашево време, зашто досега можевме да видиме дека . . . Првата светска војна беше таа која ја воведе ерата на збркана транзиција среде која ние несигурно одиме“ (д-р Рене Албрект-Карје, Барнард Колеџ).

„Во 1914, светот изгубил една поврзаност која оттогаш не успеал повторно да ја стекне . . . Ова беше време на особен неред и насилство, како вон националните граници така и внатре во нив“ (The Economist).

[Рамка на страница 181]

Воскресение на личноста — можно?

Неврологот Ричард М. Рестак коментирал за човековиот мозок и неговите неврони. „Сѐ она што сме и сѐ она што го имаме направено би можело да се прочита од еден набљудувач кој е способен да ги дешифрира врските и мрежите кои се воспоставени внатре во нашите 50 милијарди нервни клетки.“ Ако тоа е така, зарем не би можел нашиот Творец, кој е полн со љубов, повторно да конструира една личност користејќи ја информацијата која ја има?

[Рамка на страница 182]

Твоите врски се изброени

Исус рекол: „Вам и влакната на главата ви се изброени“ (Матеј 10:29—31). А што е со сивата маса што е внатре во твојата глава? Мозочните клетки (наречени неврони) се толку мали што можат да се видат само со јак микроскоп. Замисли си да пробаш да ги броиш не само невроните туку и помалите меѓусебни врски (синапси), што кај некои неврони можат да достигнат и до 250.000.

Д-р Питер Хатенлокер, користејќи јак електронски микроскоп, предводел во броењето на невронските врски при аутопсии — на фетуси, мртви бебиња и на стари луѓе. Изненадувачки било тоа што сите примероци, секој со приближна големина на глава од една игла, отприлика имале ист број неврони — околу 70.000.

Д-р Хатенлокер потоа почнал да ги брои невронските врски, односно врските меѓу мозочните клетки во такви ситни примероци. Невроните на фетусот имале 124 милиони врски; на новороденче 253 милиони; на осуммесечно бебе, пак, имале 572 милиони врски. Д-р Хатенлокер открил дека после тоа, како што расте детето, бројот постепено опаѓал.

Овие откритија се од корист со оглед на она што го вели Библијата за воскресението (Јован 5:28, 29). Еден возрасен човек во целиот мозок има околу еден милион милијарда невронски врски, односно 1 со 15 нули. Дали Творецот ја има способноста не само да ги брои тие врски туку и да ги реконструира?

The World Book Encyclopedia наведува дека бројот на ѕвездите во универзумот е 200 милијарди милијарди, односно 2 со 20 нули. Творецот ги знае сите тие ѕвезди по име (Исаија 40:26). Според тоа, во потполни рамки на неговата способност е да се сети и да ги реконструира невронските врски кои ја сочинуваат меморијата и чувствата на луѓето кои тој одлучува да ги воскресне.

[Слика на страница 166]

Многумина веруваат во циклусот карма, од раѓањето до смртта

[Слика на страница 171]

Алексис, син на царот Никола II и Александра, наследил хемофилија. Ние сме наследиле несовршеност од нашиот прататко Адам

[Слики на страница 179]

И покрај тоа што допуштил страдање, Творецот обезбедил за луѓето многу задоволства