Ветување за Кнез на Мирот
Десетто поглавје
Ветување за Кнез на Мирот
1. Што има доживеано човештвото од времето на Каин па наваму?
ПРЕД околу шест илјади години, се родило првото човечко бебе. Се викало Каин, а неговото раѓање било нешто посебно. Ниту неговите родители, ниту ангелите, па дури ни Творецот дотогаш не виделе човечко бебе. Ова новороденче можело да му донесе надеж на проколнатиот човечки род. Колкаво само разочарување било кога, откако пораснал, тој станал убиец! (1. Јованово 3:12). Оттогаш наваму, човештвото е сведок на безброј други убиства. Луѓето, како што се склони да прават зло, не се во мир ниту меѓу себе ниту со Бог (Битие 6:5; Исаија 48:22).
2, 3. Какви изгледи отворил Исус Христос, и што мораме да сториме за да добиеме такви благослови?
2 Околу четири милениуми по раѓањето на Каин, се родило едно друго бебе. Тоа се викало Исус, а и неговото раѓање било нешто посебно. Го родила девица преку моќта на светиот дух — единствено такво раѓање во историјата. Во времето кога се родило, мноштво радосни ангели му пееле фалби на Бог, велејќи: „Слава на Бога на висините, а на земјата мир меѓу луѓето на добра волја“ (Лука 2:13, 14). Далеку од тоа да биде убиец, Исус го отворил патот за луѓето да дојдат во мир со Бог и да добијат вечен живот (Јован 3:16; 1. Коринќаните 15:55).
3 Исаија пророкувал дека Исус ќе биде наречен „Кнез на Мирот“ (Исаија 9:6). Тој требало да го принесе својот сопствен живот во корист на човештвото, овозможувајќи простување на гревовите (Исаија 53:11). Денес, мир со Бог и простување на гревовите може да се постигне на темел на верата во Исус Христос. Но, такви благослови не се добиваат автоматски (Колошаните 1:21—23). Оние што сакаат да ги имаат, мораат да учат да му бидат послушни на Јехова Бог (1. Петрово 3:11; спореди Евреите 5:8, 9). Но, Израел и Јуда го прават токму спротивното во деновите на Исаија.
Обраќање кон демоните
4, 5. Каква е состојбата во деновите на Исаија, и кому му се обраќаат некои?
4 Поради својата непослушност, современиците на Исаија се во бедна морална состојба, вистинска јама на духовна темнина. Дури и јужното царство Јуда, местото на Божјиот храм, нема мир. Како резултат на неверноста на народот на Јуда, Асирците му се закануваат со инвазија, и пред него лежат тешки времиња. Кому му се обраќаат за помош? За жал, многумина му се обраќаат на Сатана, а не на Јехова. Не, тие не го повикуваат Сатана по име. Наместо тоа, како цар Саул од старо време, се впуштаат во спиритизам, барајќи одговори за своите проблеми во обидот да комуницираат со мртвите (1. Самоил 28:1—20).
5 Некои дури и ја унапредуваат оваа практика. Исаија укажува на таквото отпадништво кога вели: „Ако ви речат: ‚Прашајте ги духовите [спиритистичките медиуми, NW] и оние кои пророкуваат за иднината, што шепотат и мрморат‘ — одговорете: ‚Зар народот не треба да Го праша својот Бог? Зар мртвите се прашуваат за живите?‘“ (Исаија 8:19). Духовните медиуми можат да ги измамат луѓето со тоа што „шепотат и мрморат“. Такви звучни ефекти, кои им се припишуваат на духовите на мртвите, може да прави жив медиум преку вентрилоквенција. Понекогаш, сепак, можат директно да се вклучат демоните и да ги имитираат мртвите, што изгледа се случило кога Саул ја прашувал маѓепсницата од Ен-Дор (1. Самоил 28:8—19).
6. Зошто се посебно виновни оние Израелци што прибегнале кон спиритизам?
6 Сето ова се одвива во Јуда и покрај тоа што Јехова забранил да се практикува спиритизам. Под Мојсеевиот закон, тоа е прекршок казнив со смрт (Левит 19:31; 20:6, 27; Второзаконие 18:9—12). Зошто еден народ кој е посебна своина на Јехова прави таков сериозен престап? Затоа што му свртел грб на Законот и на советот од Јехова и ‚отврднал поради измамничката моќ на гревот‘ (Евреите 3:13). „Срцата им станале неосетливи како сало“ и се отуѓиле од својот Бог (Псалм 119:70, NW). *
7. Како многумина денес ги имитираат Израелците од деновите на Исаија, и каква ќе биде иднината на таквите ако не се покаат?
7 Веројатно тие резонираат: ‚Од каква корист е Законот на Јехова кога сме соочени со непосреден напад од Асирците?‘ Сакаат брзо и лесно решение за својата тешка состојба и не се спремни да чекаат Јехова да ја оствари својата волја. И во нашиве денови, многумина го игнорираат Јеховиниот закон и пронаоѓаат духовни медиуми, консултираат хороскопи и прибегнуваат кон други форми на окултизам за да ги решат своите проблеми. Меѓутоа, живите да бараат одговори од мртвите е исто толку апсурдно денес како што било и во тоа време. Иднината на сите кои непокајнички практикуваат такви работи ќе биде со ‚убијците и блудниците и . . . идолопоклониците и со сите лажливци‘. Тие немаат никакви изгледи за живот (Откровение 21:8).
Божјиот ,Закон и сведоштво‘
8. Што се ‚законот‘ и ‚сведоштвото‘ кај кои треба денес да се појде по водство?
8 Законот на Јехова, кој забранува спиритизам, заедно со другите негови заповеди, не е непознат во Јуда. Тој е зачуван написмено. Денес неговата Реч е достапна написмено во својата комплетна форма. Тоа е Библијата, која вклучува не само збирка на божествени закони и одредби туку и извештај за Божјето постапување со својот народ. Овој библиски извештај за постапките на Јехова служи како сведоштво, или потврда, што нѐ учи за личноста и за особините на Јехова. Наместо да се консултираат со мртвите, каде треба да појдат Израелците по водство? Исаија одговара: „Кај законот и кај сведоштвото!“ (Исаија 8:20а, NW). Да, оние што бараат вистинско просветлување треба да појдат кај Божјата пишана реч.
9. Дали повременото цитирање на Библијата е од некаква вредност за непокајничките грешници?
9 Некои Израелци, кои површно се занимаваат со спиритизам, можеби искажуваат почит кон пишаната Реч на Бог. Но, таквите тврдења се празни и лицемерни. Исаија вели: „Сигурно ќе продолжат да го кажуваат она што е според оваа изјава, кое ќе нема светлина на зората“ (Исаија 8:20б, NW). На каква изјава се осврнува овде Исаија? Можеби на изјавата: „Кај Законот и кај сведоштвото!“ Можно е некои отпаднички Израелци да се осврнувале на Божјата реч, исто како што денес отпадници и други луѓе можат да го цитираат Писмото. Но, ова се само зборови. Цитирање на Писмото нема да води до никаква „светлина на зората“, односно просветлување од Јехова, ако не е придружено со вршење на Јеховината волја и со отфрлање на нечистите практики. *
„Не глад за леб“
10. Како страда народот на Јуда поради тоа што го отфрлил Јехова?
10 Непослушноста кон Јехова доведува до умствена темнина (Ефешаните 4:17, 18). Во духовна смисла, народот на Јуда станал слеп, без разбирање (1. Коринќаните 2:14). Исаија ја опишува нивната состојба: „[Секој] ќе скита по земјата угнетуван и гладен“ (Исаија 8:21а). Поради неверноста на нацијата — особено за време на владеењето на цар Ахаз — загрозен е опстанокот на Јуда како независно царство. Нацијата е опкружена од непријатели. Асирската војска напаѓа еден јудејски град по друг. Непријателот ја опустошува родната земја, што предизвикува оскудица на храна. Многумина се ‚угнетувани и гладни‘. Но, земјата ја погодува и друг вид глад. Неколку децении пред тоа, Амос пророкувал: „Еве, доаѓаат денови — говори Господ Бог — кога ќе испратам глад на земјата, не глад за леб ни жед за вода, туку за слушање на зборовите на Господа“ (Амос 8:11). Јуда сега мачно се бори со токму таков духовен глад!
11. Дали Јуда ќе извлече поука од дисциплината што ја добива?
11 Дали Јуда ќе извлече поука и ќе се врати кај Јехова? Дали нејзиниот народ ќе се откаже од спиритизам и идолопоклонство и ќе се врати „кај законот и кај сведоштвото“? Јехова ја предвидува нивната реакција: „Гладна бес ќе го опфати, ќе ги проколнува својот цар и својот Бог“ (Исаија 8:21б). Да, многумина ќе го обвинуваат својот човечки цар дека ги довел во ваква ситуација. За своите несреќи некои глупаво ќе го обвинуваат дури и Јехова! (Спореди Еремија 44:15—18.) Денес, многумина реагираат на сличен начин, обвинувајќи го Бог за трагедиите предизвикани од човечката злоба.
12. а) До каде ја одвело Јуда тоа што се откажала од Бог? б) Кои важни прашања се наметнуваат?
12 Дали проколнувањето на Бог им донесува мир на жителите на Јуда? Не. Исаија претскажува: „Ако се заврти кон небото, погледне ли по земјата, ете, насекаде само мрак и стравотија, насекаде мрачна темнина“ (Исаија 8:22). Откако ги подигаат своите очи кон небото за да го обвинат Бог, тие гледаат назад кон земјата, кон своите безнадежни изгледи. Тоа што се откажале од Бог ги довело до несреќа (Пословици 19:3). Сепак, што ќе биде со ветувањата што Бог им ги дал на Авраам, Исак и Јаков? (Битие 22:15—18; 28:14, 15). Ќе го прекрши ли Јехова својот даден збор? Дали Асирците или некоја друга воена моќ ќе ѝ стават крај на царската лоза ветена на Јуда и Давид? (Битие 49:8—10; 2. Самоил 7:11—16). Ќе бидат ли Израелците засекогаш осудени на темнина?
Земја ,кон која се постапувало со презир‘
13. Што е „Галилеја на нациите“, и како дошло до тоа кон неа ‚да се постапува со презир‘?
13 Исаија сега алудира на еден од најкатастрофалните настани што доаѓа над потомците на Авраам: „Мракот нема да биде како кога земјата беше под притисок, како во поранешното време кога се постапуваше со презир кон земјата на Завулон и кон земјата на Нефталим и кога во подоцнежното време беше предизвикано да ѝ се оддаде чест — патот покрај морето, во регионот на Јордан, Галилеја на нациите“ (Исаија 9:1, NW). Галилеја е територија во северното царство Израел. Во пророштвото на Исаија, таа ја вклучува ‚земјата на Завулон и земјата на Нефталим‘ и, исто така, „патот покрај морето“ — древен пат кој врви покрај Галилејското Море и води до Средоземното Море. Во деновите на Исаија, регионот е наречен „Галилеја на нациите“, веројатно поради тоа што голем број од нејзините градови се населени со не-Израелци. * Како ‚се постапува со презир‘ кон оваа земја? Паганските Асирци ја освојуваат, водејќи ги Израелците во изгнанство, и одново го населуваат целиот регион со пагани, кои не се потомци на Авраам. Со тоа, десетплеменското северно царство исчезнува од историјата како одделна нација! (2. Цареви 17:5, 6, 18, 23, 24).
14. Во која смисла ‚мракот‘ на Јуда ќе биде помал од оној на десетплеменското царство?
14 И Јуда е под притисок од Асирците. Дали и таа ќе потоне во траен ‚мрак‘ како десетплеменското царство претставено со Завулон и Нефталим? Не. „Во подоцнежното време“, Јехова ќе донесе благослови врз регионот на јужното царство Јуда, па дури и на земјата со која порано владеело северното царство. Како?
15, 16. а) Во кое ‚подоцнежно време‘ ќе се промени ситуацијата за ‚земјата на Завулон и земјата на Нефталим‘? б) Како дошло до тоа да ѝ се оддаде чест на земјата кон која се постапувало со презир?
15 Апостол Матеј одговара на ова прашање во својот инспириран запис за земната служба на Исус. Опишувајќи ги раните денови на таа служба, Матеј вели: „И откако го остави Назарет, [Исус] дојде и се настани во Капернаум покрај морето во пределите Завулонови и Нефталимови, за да се исполни она што беше речено преку пророкот Исаија, кој вели: ‚Земјо Завулонова и земјо Нефталимова, по должината на морскиот пат, од другата страна на Јордан, Галилејо на нациите! Народот кој седеше во темнина, виде голема светлина, и на оние кои седеа во подрачјето на смртната сенка, ним им изгреа светлина‘“ (Матеј 4:13—16).
16 Да, тоа ‚подоцнежно време‘ проречено од Исаија е времето на Христовата служба на Земјата. Поголемиот дел од својот живот на Земјата Исус го поминал во Галилеја. Токму во областа Галилеја тој ја започнал својата служба и почнал да објавува: „Се приближи небесното царство“ (Матеј 4:17). Во Галилеја ја одржал својата прочуена Проповед на гората, ги избрал своите апостоли, го направил своето прво чудо и, по своето воскресение, им се појавил на околу 500 следбеници (Матеј 5:1—7:27; 28:16—20; Марко 3:13, 14; Јован 2:8—11; 1. Коринќаните 15:6). На овој начин Исус го исполнил пророштвото на Исаија со тоа што ѝ оддал чест на ‚земјата на Завулон и на земјата на Нефталим‘. Се разбира, Исус не ја ограничил својата служба на народот во Галилеја. Со проповедањето на добрата вест низ целата земја, Исус ‚предизвикал да ѝ се оддаде чест‘ на целата нација Израел, вклучувајќи ја и Јуда.
„Голема светлина“
17. Како светнува „голема светлина“ во Галилеја?
17 А што е тогаш со Матеевото спомнување на „голема светлина“ во Галилеја? И ова било цитат од пророштвото на Исаија. Исаија напишал: „Народ кој одеше во темнина, виде голема светлина; оние што живееја во мрачна земја, ги осветли силна светлина“ (Исаија 9:2). До првиот век н.е. светлината на вистината ја криеле паганските невистини. Еврејските религиозни водачи го усложниле проблемот со тоа што се држеле за своите религиозни традиции со кои ‚ја направиле неважечка Божјата реч‘ (Матеј 15:6). Понизните биле угнетени и збунети, следејќи „слепи водачи“ (Матеј 23:2—4, 16). Кога се појавил Исус Месијата, очите на голем број понизни луѓе се отвориле на чудесен начин (Јован 1:9, 12). Делото на Исус додека бил на Земјата и благословите што произлегле од неговата жртва, во пророштвото на Исаија погодно се окарактеризирани како „голема светлина“ (Јован 8:12).
18, 19. Каква причина за голема радост имале оние што реагирале на светлината?
18 Оние што реагирале на светлината имале многу причини за радост. Исаија продолжил: „Ти го умножи народот, ја зголеми веселбата, и тие се радуваат пред Тебе, како што луѓето ѝ се радуваат на жетвата, како што викаат кога се дели пленот“ (Исаија 9:3). Како резултат на проповедничката активност на Исус и на неговите следбеници, луѓето со чесни срца истапиле, покажувајќи се желни да го обожаваат Јехова со дух и вистина (Јован 4:24). За помалку од четири години, мноштва луѓе го пригрнале христијанството. Три илјади се крстиле на Пентекост во 33 н.е. Кратко потоа, ‚бројот на мажите достигнал околу пет илјади‘ (Дела 2:41; 4:4). Како што учениците ревно ја одразувале светлината така ‚бројот на учениците во Ерусалим многу се зголемувал; и големо мноштво свештеници почнале да ѝ стануваат послушни на верата‘ (Дела 6:7).
19 Како оние што се радуваат на обилна жетва или што се восхитуваат на поделбата на вреден плен по голема воена победа, Исусовите следбеници се радувале на порастот (Дела 2:46, 47). Со текот на времето, Јехова предизвикал светлината да свети и меѓу нациите (Дела 14:27). Така, луѓе од сите раси се радувале што патот за пристап кон Јехова бил отворен и за нив (Дела 13:48).
„Како во мадијамскиот ден“
20. а) На кои начини Мадијамците се покажале непријатели на Израел, и како Јехова ѝ ставил крај на заканата што ја претставувале тие? б) Како Исус, во еден иден ‚мадијамски ден‘, ќе ѝ стави крај на заканата што ја претставуваат непријателите на Божјиот народ?
20 Ефектите од активноста на Месијата се трајни, како што гледаме од следните зборови на Исаија: „Неговото тешко бреме [јарем, NW], прачката што му ги притискаше плеќите, бичот на неговиот гонител, ги скрши како во мадијамскиот ден“ (Исаија 9:4). Со векови пред да живее Исаија, Мадијамците сковале завера со Моавците да го намамат Израел во грев (Броеви 25:1—9, 14—18; 31:15, 16). Подоцна, Мадијамците ги тероризирале Израелците со тоа што седум години ги напаѓале и ги пљачкале нивните села и фарми (Судии 6:1—6). Но тогаш Јехова, преку својот слуга Гедеон, ги разбил мадијамските војски. По тој ‚мадијамски ден‘, нема доказ дека народот на Јехова некогаш повторно страдал од рацете на Мадијамците (Судии 6:7—16; 8:28). Во блиска иднина, Исус Христос, поголемиот Гедеон, ќе им зададе смртен удар на современите непријатели на народот на Јехова (Откровение 17:14; 19:11—21). Тогаш, „како во мадијамскиот ден“, ќе се постигне потполна и трајна победа, не преку човечко јунаштво, туку преку Јеховината моќ (Судии 7:2—22). Божјиот народ никогаш повторно нема да страда под јаремот на угнетување!
21. Што покажува пророштвото на Исаија во врска со иднината на војните?
21 Показите на божествена моќ не се величање на војната. Воскреснатиот Исус е Кнез на Мирот, и преку уништувањето на своите непријатели ќе воведе вечен мир. Исаија сега зборува за воената опрема како за потполно уништена со оган: „Да, сите воени обувки, секоја облека натопена во крв, ќе изгорат и ќе му бидат храна на огнот“ (Исаија 9:5). Трепетот предизвикан од тупотот на војничките чизми во марш никогаш повеќе нема да се почувствува. Крвавите униформи на воините закоравени во битки, ќе ги нема повеќе. Ќе нема повеќе војна! (Псалм 46:9).
„Чудесен советник“
22. Какво повеќекратно име му е дадено на Исус во книгата Исаија?
22 Во времето на своето раѓање преку чудо, оној што се родил да биде Месија го добил името Исус, што значи „Јехова е спасение“. Но, тој има и други имиња, пророчки имиња што ја опишуваат неговата клучна улога и возвишена положба. Едно такво име е Емануел, што значи „Со нас е Бог“ (Исаија 7:14, NW со референции, фуснота). Исаија сега опишува едно друго пророчко име: „Ни се роди Дете, Син ни се даде, власта му е на рамото. Името ќе Му биде: Чудесен Советник, Силен Бог, Вечен Татко, Кнез на Мирот“ (Исаија 9:6). Разгледај го богатото значење на ова повеќекратно пророчко име.
23, 24. а) На кој начин Исус е „Прекрасен Советник“? б) Како можат христијанските советници да го имитираат Исусовиот пример денес?
23 Советник е оној што дава совети, или практични препораки. Кога бил на Земјата, Исус Христос дал прекрасни совети. Во Библијата читаме дека ‚мноштвата биле вчудовидени од неговиот начин на поучување‘ (Матеј 7:28). Тој е мудар и сочувствителен Советник, со извонредно разбирање на човечката природа. Неговите совети не се ограничени само на укори или на строга казна. Многу почесто, тие се во облик на поука и љубезна практична препорака. Исусовите совети се прекрасни поради тоа што секогаш се мудри, совршени и непогрешни. Ако ги следиме, ќе нѐ одведат до вечен живот (Јован 6:68).
24 Исусовите совети не се само продукт на неговиот брилијантен ум. Напротив, тој вели: „Она што го научувам не е мое, туку му припаѓа на оној кој ме испрати“ (Јован 7:16). Како што било случај со Соломон, Јехова Бог е Изворот на Исусовата мудрост (1. Цареви 3:7—14; Матеј 12:42). Примерот на Исус треба да ги мотивира учителите и советниците во христијанското собрание својата поука секогаш да ја засновуваат на Божјата реч (Пословици 21:30).
„Силен Бог“ и „Вечен Татко“
25. Што ни кажува за небесниот Исус името „Силен Бог“?
25 Исус, исто така, е „Силен Бог“ и „Вечен Татко“. Ова не значи дека тој го приграбува авторитетот и положбата на Јехова, кој е „Бог, нашиот Татко“ (2. Коринќаните 1:2). „[Исус] не размислуваше за грабање, имено, дека треба да биде еднаков на Бог“ (Филипјаните 2:6). Тој е наречен Силен Бог, а не Семоќен Бог. Исус никогаш не се сметал себеси за Бог Семоќен, бидејќи зборувал за својот Татко како за „единствениот вистински Бог“, односно како за единствениот Бог кој треба да се обожава (Јован 17:3; Откровение 4:11). Во Писмото, зборот „бог“ може да значи „моќниот“ или „силниот“ (Излез 12:12; Псалм 8:5, NW; 2. Коринќаните 4:4). Пред да дојде на Земјата, Исус бил еден „бог“, „во Божје обличје“. По своето воскресение, тој се вратил на уште повисока положба на небесата (Јован 1:1; Филипјаните 2:6—11). Освен тоа, називот „бог“ содржи додатна импликација. Судиите во Израел биле наречени „богови“ — еднаш и од самиот Исус (Псалм 82:6; Јован 10:35). Исус е Јеховиниот наименуван Судија, „одреден да им суди на живите и на мртвите“ (2. Тимотеј 4:1; Јован 5:30). Очигледно, тој со право е наречен Силен Бог.
26. Зошто Исус може да се нарече „Вечен Татко“?
26 Титулата „Вечен Татко“ се однесува на месијанската царска моќ и авторитет што го има за да им го даде на луѓето изгледот за вечен живот на Земјата (Јован 11:25, 26). Оставнината од нашиот прв родител, Адам, била смрт. Исус, последниот Адам, ‚станал животодавен дух‘ (1. Коринќаните 15:22, 45; Римјаните 5:12, 18). Исто како што Исус, Вечниот Татко, ќе живее засекогаш така и послушното човештво вечно ќе ги ужива користите од неговото татковство (Римјаните 6:9).
„Кнез на Мирот“
27, 28. Какви прекрасни користи ќе имаат и сега и во иднина поданиците на ‚Кнезот на Мирот‘?
27 Освен вечен живот, на човек исто така му треба мир, и со Бог и со другите луѓе. Уште денес, оние што се подложуваат на владеењето на ‚Кнезот на Мирот‘ ‚ги прековале мечевите во плугови, а копјата во српови‘ (Исаија 2:2—4). Тие не негуваат омраза поради политички, територијални, расни или економски разлики. Обединети се во обожавањето на единствениот вистински Бог, Јехова, и работат за да задржат мирољубиви односи со своите ближни, и внатре и надвор од собранието (Галатите 6:10; Ефешаните 4:2, 3; 2. Тимотеј 2:24).
28 Во Божје одредено време, Христос ќе воспостави на Земјата мир кој ќе биде глобален, цврсто утврден, траен (Дела 1:7). „Неговата власт ќе се шири надалеку и не ќе има крај на мирот над Давидовиот престол, над неговото царство: ќе го зацврсти и ќе го утврди во правина и во праведност. Отсега и довека“ (Исаија 9:7а). Во спроведувањето на својот авторитет како Кнез на Мирот, Исус нема да прибегне кон тирански средства. Неговите поданици нема да бидат лишени од својата слободна волја и нема да бидат на сила потчинети. Наместо тоа, сѐ што ќе постигне тој ќе биде „во правина и во праведност“. Каква само освежителна промена!
29. Што треба да правиме ако сакаме да го уживаме благословот на вечен мир?
29 Со оглед на прекрасното значење на Исусовото пророчко име, заклучокот на Исаија за овој дел од неговото пророштво е навистина возбудлив. Тој пишува: „Ќе го направи тоа приврзаната љубов [самата ревност, NW] на Господа [Јехова, NW] над Воинствата“ (Исаија 9:7б). Да, Јехова ќе дејствува со ревност. Тој не прави ништо со половина срце. Можеме да бидеме сигурни дека сѐ што ветува тој, потполно ќе се исполни. Затоа, ако некој посакува да ужива вечен мир, нека му служи на Јехова со сето срце. Како Јехова Бог и Исус, Кнезот на Мирот, сите слуги на Бог нека бидат ‚ревносни за добри дела‘ (Тит 2:14).
[Фусноти]
^ Многумина веруваат дека Езекија го напишал Псалм 119 пред да стане цар. Ако тоа е точно, веројатно го напишал додека пророкувал Исаија.
^ Фразата „оваа изјава“ од Исаија 8:20 може да се однесува на изјавата во врска со спиритизам, наведена во Исаија 8:19. Ако тоа е случај, Исаија вели дека унапредувачите на спиритизам во Јуда ќе продолжат да ги поттикнуваат другите да се обраќаат кај духовни медиуми и така нема да добијат просветлување од Јехова.
^ Некои сугерираат дека 20-те града од Галилеја што цар Соломон му ги понудил на Хирам, царот на Тир, веројатно биле населени со не-Израелци (1. Цареви 9:10—13).
[Прашања]
[Карта/слика на страница 122]
(Види во публикацијата)
Хоразин
Витсаида
Капернаум
низина Генисарет
Галилејско Море
Магадан
Тиверијада
река Јордан
ГАДАРА
Гадара
[Слики на страница 119]
И раѓањето на Каин и раѓањето на Исус биле нешто посебно. Само она на Исус имало среќен исход
[Слика на страница 121]
Ќе има глад далеку полош од гладот за леб и од жедта за вода
[Слика на страница 127]
Исус бил светлина во земјата