Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Рајот е обновен!

Рајот е обновен!

Дваесет и осмо поглавје

Рајот е обновен!

Исаија 35:1—10

1. Зошто многу религии нудат надеж за живот во рај?

 „НОСТАЛГИЈАТА за рајот е една од најсилните носталгии што се чини ги обземаат човечките суштества. Можеби е најсилната и најнепопустливата од сите. Извесно копнеење по рајот е забележано на секое ниво од религиозниот живот.“ Така вели The Encyclopedia of Religion. Таквата носталгија е сосема природна, бидејќи Библијата ни кажува дека човечкиот живот започнал во Рај — убава градина во која немало болест и смрт (Битие 2:8—15). Не изненадува тоа што голем број светски религии нудат надеж за иден живот во некаков вид рај.

2. Каде можеме да ја најдеме вистинската надеж за иден Рај?

2 Во многу делови од Библија можеме да читаме за вистинската надеж за еден иден Рај (Исаија 51:3). На пример, делот од пророштвото на Исаија запишан во 35. поглавје ја опишува преобразбата на пустинските предели во паркови слични на градини и во плодни полиња. Слепите прогледуваат, немите можат да зборуваат, а глувите можат да слушаат. Во овој ветен Рај, нема тага ниту воздишки, што значи дека повеќе нема ни смрт. Какво прекрасно ветување! Како треба да се разберат овие зборови? Дали тие нудат надеж за нас денес? Разгледувањето на ова поглавје од Исаија ќе ни ги даде одговорите на овие прашања.

Една опустошена земја се радува

3. Според пророштвото на Исаија, каква преобразба ќе доживее земјата?

3 Инспирираното пророштво на Исаија за обновениот Рај започнува со следниве зборови: „Нека се зарадува пустината, исушената земја, нека воскликнува степата, нека расцвета лилјанот. Нека цвета бујно со цвет, да, нека воскликнува од веселба и нека се радува. Ѝ е дадена славата на Ливан, и убавината на Кармил и Сарон; тие ќе ја видат Господовата Слава, величието на нашиот Бог“ (Исаија 35:1, 2).

4. Кога и како татковината на Евреите ќе заличи на пустина?

4 Исаија ги пишува овие зборови околу 732 година пр.н.е. Околу 125 години подоцна, Вавилонците го уништуваат Ерусалим и народот на Јуда е изгонет. Нивната татковина е оставена ненаселена, опустошена (2. Цареви 25:8—11, 21—26). На овој начин се исполнува Јеховиното предупредување дека народот на Израел ќе отиде во изгнанство ако се покаже неверен (Второзаконие 28:15, 36, 37; 1. Цареви 9:6—8). Кога хебрејската нација е одведена во ропство во туѓа земја, нејзините добро наводнети полиња и овоштарници не се обработувани 70 години и стануваат како пустина (Исаија 64:10; Еремија 4:23—27; 9:10—12).

5. а) Како се обновени рајските услови во земјата? б) Во која смисла луѓето „ќе ја видат Господовата Слава“?

5 Меѓутоа, пророштвото на Исаија претскажува дека земјата нема да лежи опустошена засекогаш. Ќе биде обновена во вистински рај. Ќе ѝ биде дадена „славата на Ливан“ и „убавината на Кармил и Сарон“. * Како? По своето враќање од изгнанство, Евреите повторно почнуваат да ги обработуваат и наводнуваат своите полиња, и нивната земја пак станува плодна како што била и пред тоа. Заслугата за ова може да му се припише само на Јехова. По негова волја и со негова поддршка и благослов Евреите имаат можност да уживаат во такви рајски услови. Луѓето можат да ја видат „Господовата Слава, величието на [својот] Бог“, кога признаваат дека Јеховината рака е заслужна за зачудувачката преобразба на нивната земја.

6. Кое важно исполнување на зборовите на Исаија се одигрува?

6 Сепак, во обновената земја Израел има уште поважно исполнување на зборовите на Исаија. Во духовна смисла, Израел многу години е во сува, пустинска состојба. Додека изгнаниците биле во Вавилон, чистото обожавање било строго ограничено. Немало храм, немало олтар и немало организирано свештенство. Секојдневните жртви биле отстранети. Сега, Исаија пророкува пресврт. Под водството на луѓе како Зоровавел, Езра и Неемија, претставници од сите 12 племиња на Израел се враќаат во Ерусалим, одново го градат храмот и слободно го обожаваат Јехова (Езра 2:1, 2). Ова е навистина духовен рај!

Зрачат со духот

7, 8. Зошто на еврејските изгнаници им треба позитивен став, и како ги охрабруваат зборовите на Исаија?

7 Зборовите од Исаија 35. поглавје имаат призвук на радост. Пророкот објавува светла иднина за покајничката нација. Навистина, тој зборува со увереност и оптимизам. Два века подоцна, на прагот на нивната обнова, на изгнаните Евреи им е потребна истата увереност и оптимизам. Преку Исаија, Јехова пророчки ги поттикнува: „Закрепете ги изнемоштените раце, зацврстете ги ослабените колена! Речете им на исплашените срца: ‚Бидете силни, не бојте се! Еве Го вашиот Бог, одмаздата доаѓа, Божјата плата, Тој Самиот брза да нѐ спаси!‘“ (Исаија 35:3, 4).

8 На крајот на долгото изгнанство, време е за акција. Кир, царот на Персија, инструментот на Јеховината одмазда против Вавилон, објавува дека Јеховиното обожавање во Ерусалим треба да се обнови (2. Летописи 36:22, 23). Илјадници хебрејски семејства треба да се организираат со цел да го поминат ризичниот пат од Вавилон до Ерусалим. Кога ќе пристигнат таму, ќе мораат да подигнат соодветни објекти за живеење и да направат подготовки за огромната задача на повторна изградба на храмот и градот. За некои Евреи во Вавилон, сето ова можеби изгледа застрашувачки. Меѓутоа, не е време да се биде слаб или загрижен. Евреите треба да се зајакнат еден со друг и да имаат доверба во Јехова. Тој ги уверува дека ќе бидат спасени.

9. Какво величествено ветување им е дадено на еврејските повратници?

9 Оние што се ослободени од заробеништвото во Вавилон ќе имаат добри причини за радување, зашто по враќањето во Ерусалим ги чека величествена иднина. Исаија претскажува: „Очите на слепците ќе прогледаат, ушите на глувите ќе се отворат, тогаш хромиот ќе скока како елен, јазикот на немиот ќе воскликнува“ (Исаија 35:5, 6а).

10, 11. Зошто зборовите на Исаија мора да имаат духовно значење за еврејските повратници, и на што се однесуваат тие?

10 Јехова очигледно ја има на ум духовната состојба на својот народ. За своето поранешно отпадништво, народот е казнет со 70 години изгнанство. Сепак, во спроведувањето на својата дисциплина, Јехова не го удира својот народ со слепост, глувост, сакатост или немост. Според тоа, за да се обнови нацијата Израел не е потребно лекување од физички неспособности. Јехова го обновува она што било изгубено, имено, духовното здравје.

11 Покајничките Евреи се излекувани во таа смисла што повторно ги добиваат своите духовни осети — својата духовна визија и својата способност да ја слушаат, да ѝ бидат послушни и да зборуваат за Јеховината реч. Тие стануваат свесни за својата потреба да останат близу до Јехова. Преку своето добро однесување, тие ‚воскликнуваат‘ во радосна фалба на својот Бог. Поранешниот ‚хром‘ станува ревен и енергичен во своето обожавање на Јехова. Фигуративно, тој ќе „скока како елен“.

Јехова го освежува својот народ

12. До која мера Јехова ќе ја благослови земјата со вода?

12 Тешко е да се замисли рај без вода. Првобитниот Рај во Еден имал изобилство вода (Битие 2:10—14). Земјата што му била дадена на Израел исто така била „земја на потоци и извори, на подземни води што извираат“ (Второзаконие 8:7). Тогаш соодветно е што Исаија го дава ова освежувачко ветување: „Во пустината ќе бликнат води, а во степата потоци, изгорената земја ќе стане езеро, а жедната почва — извори. Во дувлата во кои лежеа чакалите, ќе никне рогузина и трска“ (Исаија 35:6б, 7). Кога Израелците повторно ќе почнат да се грижат за земјата, опустошените делови, каде што некогаш талкале чакали, ќе бидат прекриени со раззеленета, бујна вегетација. Сувата и прашлива почва ќе се преобрази во ‚мочуриште‘ каде што растат рогоз и други водни трски (Јов 8:11).

13. Каква изобилна духовна вода ќе ѝ биде на располагање на обновената нација?

13 Сепак, поважна е духовната вода на вистината, која што репатрираните Евреи ќе ја уживаат во изобилство. Јехова ќе обезбеди спознание, охрабрување и утеха преку својата Реч. Освен тоа, верни постари мажи и принцови ќе бидат „како потоци во сува земја“ (Исаија 32:1, 2). Оние што го унапредуваат чистото обожавање, како Агеј, Езра, Захарија, Зоровавел, Исус и Неемија навистина ќе бидат живо сведоштво дека пророштвото на Исаија се исполнува (Езра 5:1, 2; 7:6, 10; Неемија 12:47).

,Патот на Светоста‘

14. Опиши го патот од Вавилон до Ерусалим.

14 Меѓутоа, пред изгнаните Евреи да можат да уживаат такви физички и духовни рајски услови, тие ќе мораат да поминат долг и опасен пат од Вавилон до Ерусалим. Да се тргне по директна рута би значело да се поминат околу 800 километри низ сув, негостољубив терен. Помалку предизвикувачката рута би вклучувала 1.600 километри пат. Обете патувања би значеле човек со месеци да се изложува на природните сили и на опасноста да сретне и диви ѕверови и ѕверски луѓе. Сепак, оние што веруваат во пророштвото на Исаија не се премногу загрижени. Зошто?

15, 16. а) Каква заштита обезбедува Јехова за верните Евреи на нивниот пат до дома? б) Во која друга смисла Јехова се грижи Евреите да одат по безбеден друм?

15 Преку Исаија, Јехова ветува: „Таму ќе има друм и пат, а ќе се нарече свет пат [Пат на Светоста, NW]; нечистиот не ќе помине по него, но ќе биде за оној, кој оди по тој пат, дури и глупавите не ќе скитаат по него. Таму не ќе има лав, ниту ѕвер ќе поминува таму, туку ќе одат само искупените“ (Исаија 35:8, 9). Јехова го зема назад својот народ! Тие се негови ‚искупени‘, и тој им гарантира дека безбедно ќе стигнат до дома. Има ли дословно поплочен, издигнат и ограден пат од Вавилон до Ерусалим? Не, но Јеховината заштита на својот народ на нивниот пат е исто толку сигурна колку што би била ако тие се на таков друм. (Спореди Псалм 91:1—16.)

16 Евреите се исто така заштитени од духовни опасности. Фигуративниот друм е „Пат на Светоста“. Оние што не ги почитуваат светите работи или се духовно нечисти, не се квалификувани да патуваат по него. Тие не се пожелни во обновената земја. Одобрените се исправно мотивирани. Тие не се враќаат во Јуда и Ерусалим со дух на национална гордост или тежнеејќи по лични интереси. Духовно настроените Евреи сфаќаат дека главната причина за нивното враќање е повторно да се воспостави чистото обожавање на Јехова во таа земја (Езра 1:1—3).

Јеховиниот народ се радува

17. Како пророштвото на Исаија ги утешило верните Евреи за време на нивното долго изгнанство?

17 Поглавје 35 од пророштвото на Исаија завршува со радосен призвук: „Ќе се враќаат искупените Господови. Ќе дојдат во Сион воскликнувајќи од радост, со вечна веселба на челата; радоста и веселбата ќе ги придружуваат, ќе ги победат тагата и воздишките“ (Исаија 35:10). Заробените Евреи, кои во ова пророштво барале утеха и надеж за време на своето изгнанство, можеби се прашуваат како ќе се исполнат неговите различни детали. Веројатно не разбрале многу аспекти од пророштвото. Сепак, кристално јасно е дека тие ќе се ‚вратат и ќе дојдат во Сион‘.

18. На кој начин тагата и воздишките во Вавилон се заменети со радост и веселба во обновената земја?

18 Така, во 537 година пр.н.е., околу 50.000 мажи (вклучувајќи и повеќе од 7.000 робови) заедно со жените и децата, четири месеци патуваат назад до Ерусалим, со целосна доверба во Јехова (Езра 2:64, 65). Само неколку месеци подоцна, Јеховиниот олтар е повторно изграден, што е прв чекор до целосната реконструкција на храмот. Пророштвото на Исаија, старо 200 години, се исполнува. Тагата и воздишките на нацијата од времето на Вавилон се заменети со радост и веселба во обновената земја. Јехова го исполнува своето ветување. Рајот — и дословен и духовен — е обновен!

Раѓањето на нова нација

19. Зошто мора да се каже дека пророштвото на Исаија има само ограничено исполнување во шестиот век пр.н.е.?

19 Се разбира, во шестиот век пр.н.е., исполнувањето на Исаија 35. поглавје е ограничено. Рајските услови што ги уживале репатрираните Евреи не потрајале. Со текот на времето, лажни религиозни учења и национализам го загадуваат чистото обожавање. Духовно, Евреите повторно доживуваат тага и воздишки. Јехова на крајот ги отфрла како свој народ (Матеј 21:43). Поради повторно покажаната непослушност, нивното радување не е трајно. Сето ова укажува на едно понатамошно, поголемо исполнување на Исаија 35. поглавје.

20. Кој нов Израел бил формиран во првиот век н.е.?

20 Во време одредено од Јехова, бил формиран друг Израел, духовен (Галатите 6:16). Исус ги подготвил условите за раѓањето на овој нов Израел за време на својата земна служба. Тој го обновил чистото обожавање, и со неговите учења водите на вистината уште еднаш почнале да течат. Тој ги излекувал болните, и физички и духовно. Се разнел радосен восклик додека била објавувана добрата вест за Божјето Царство. Седум седмици по својата смрт и воскресение, прославениот Исус го воспоставил христијанското собрание, духовен Израел што го сочинувале Евреи и други откупени со Исусовата пролеана крв, родени како Божји духовни синови и браќа на Исус, и помазани со свет дух (Дела 2:1—4; Римјаните 8:16, 17; 1. Петрово 1:18, 19).

21. Во врска со христијанското собрание од првиот век, кои настани може да се сметаат за исполнување на извесни одлики на пророштвото на Исаија?

21 Кога им пишувал на членовите на духовниот Израел, апостол Павле се осврнал на зборовите од Исаија 35:3, велејќи: „Исправете ги премалените раце и ослабените колена“ (Евреите 12:12). Тогаш, во првиот век н.е., очигледно имало исполнување на зборовите од Исаија 35. поглавје. Во дословна смисла, Исус и неговите ученици преку чудо им дале вид на слепите и слух на глувите. Тие ги оспособиле „хромите“ да одат и на оние што не можеле да зборуваат им го вратиле говорот (Матеј 9:32; 11:5; Лука 10:9). Што е уште поважно, оние со исправно настроени срца побегнале од лажната религија и дошле да уживаат духовен рај во рамките на христијанското собрание (Исаија 52:11; 2. Коринќаните 6:17). Како во случајот со Евреите што се вратиле од Вавилон, овие бегалци увиделе дека бил битен еден позитивен, храбар дух (Римјаните 12:11).

22. Како дошле во вавилонско заробеништво искрените христијани кои ја барале вистината во денешно време?

22 Како е во денешно време? Дали пророштвото на Исаија има друго исполнување, поцелосно, кое го вклучува христијанското собрание денес? Да. По смртта на апостолите, бројот на вистински помазаните христијани многу се намалил, а лажните христијани, „плевелот“, цветал на светската сцена (Матеј 13:36—43; Дела 20:30; 2. Петрово 2:1—3). Дури и кога во текот на 19-от век искрени поединци почнале да се одвојуваат од христијанскиот свет и да го бараат чистото обожавање, нивното разбирање останало извалкано со небиблиски учења. Во 1914, Исус бил востоличен како месијански Цар, но наскоро потоа ситуацијата изгледала црна за тие искрени трагачи по вистината. Во исполнување на пророштвото, нациите ‚воделе војна против нив и победиле‘, а обидите на овие искрени христијани да ја проповедаат добрата вест биле задушени. Всушност, тие биле одведени во вавилонско заробеништво (Откровение 11:7, 8).

23, 24. На кои начини се исполниле зборовите на Исаија на Божјиот народ од 1919 наваму?

23 Меѓутоа, во 1919 работите се промениле. Јехова го извел својот народ од заробеништво. Тие започнале да ги отфрлаат лажните учења кои порано им го расипувале обожавањето. Како резултат на тоа, биле излекувани. Влегле во духовен рај, кој дури и денес продолжува да се шири по Земјата. Во духовна смисла, слепите учат да гледаат и глувите да слушаат — станувајќи потполно свесни за дејствувањето на Божјиот свет дух, постојано свесни за потребата да останат близу до Јехова (1. Солуњаните 5:6; 2. Тимотеј 4:5). Бидејќи повеќе не се неми, вистинските христијани се желни да ‚воскликнуваат‘, објавувајќи им ги библиските вистини на другите (Римјаните 1:15). Оние што беа духовно слаби, или „хроми“, сега покажуваат ревност и радост. Фигуративно, тие се способни да ‚скокаат како елен‘.

24 Овие обновени христијани одат по ‚Патот на Светоста‘. Овој „Пат“, кој води од Големиот Вавилон во духовен рај, е отворен за сите духовно чисти обожаватели (1. Петрово 1:13—16). Тие можат да сметаат на Јехова за заштита и можат да бидат уверени дека Сатана нема да успее во своите ѕверски напади да го елиминира вистинското обожавање (1. Петрово 5:8). На непослушните и на сите кои се однесуваат како грабливи диви ѕверови не им е дозволено да ги расипат оние што се на Божјиот друм на светоста (1. Коринќаните 5:11). Во рамките на оваа заштитена околина, Јеховините искупени — помазаниците и ‚другите овци‘ — наоѓаат радост во служењето на единствениот вистински Бог (Јован 10:16).

25. Ќе има ли дословно исполнување на Исаија 35. поглавје? Објасни.

25 А како ќе биде во иднина? Дали пророштвото на Исаија некогаш ќе се исполни во дословна смисла? Да. Чудотворните лекувања на Исус и на неговите апостоли во првиот век ја покажуваат Јеховината желба и способност да изврши такви лекувања во големи размери во иднина. Инспирираните Псалми зборуваат за вечен живот во мирољубиви услови на Земјата (Псалм 37:9, 11, 29). Исус ветил живот во Рај (Лука 23:43). Сѐ до својата последна книга, Библијата дава надеж за дословен рај. Во тоа време слепите, глувите, сакатите и немите ќе бидат излекувани физички и трајно. Тагата и воздишките ќе исчезнат. Радувањето навистина ќе биде до недогледно време, дури засекогаш (Откровение 7:9, 16, 17; 21:3, 4).

26. Како зборовите на Исаија ги зајакнуваат христијаните денес?

26 Додека вистинските христијани го чекаат обновувањето на дословниот земен Рај, уште сега ги уживаат благословите од духовниот рај. Со испитите и неволјите се соочуваат оптимистички. Со непоколеблива доверба во Јехова, се охрабруваат еден со друг, обрнувајќи внимание на советот: „Закрепете ги изнемоштените раце, зацврстете ги ослабените колена! Речете им на исплашените срца: ‚Бидете силни, не бојте се!‘“ Тие имаат потполна доверба во пророчкото уверување: „Еве Го вашиот Бог, одмаздата доаѓа, Божјата плата, Тој Самиот брза да нѐ спаси!‘“ (Исаија 35:3, 4).

[Фуснота]

^ Писмото го опишува древниот Ливан како плодна земја со бујни шуми и величествени кедри, која можела да се спореди со Еденската градина (Псалм 29:5; 72:16; Езекиел 28:11—13). Сарон бил познат по своите потоци и дабови шуми; Кармел бил прочуен по своите лозја, овоштарници и падини прекриени со цвеќиња.

[Прашања]

[Слика на целата страница 370]

[Слики на страница 375]

Пустинските места стануваат добро наводнети места со рогоз и трски

[Слика на страница 378]

Исус ги излекувал болните, и духовно и физички