Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРАШАЊЕ 5

Дали е разумно да ѝ се верува на Библијата?

Дали е разумно да ѝ се верува на Библијата?

Дали некогаш си имал погрешно мислење за некого? Можеби си слушнал како други зборуваат за него или спомнуваат нешто што кажал тој. Можеби си мислел дека нема да ти се допадне како личност. Но, кога си го запознал, си сфатил дека другите го прикажувале во погрешно светло. Многумина имале слично искуство со Библијата.

Голем број образовани луѓе немаат добро мислење за Библијата. Знаеш ли зошто? Оваа книга честопати е претставена или цитирана на таков начин што изгледа дека е нелогична, ненаучна или едноставно погрешна. Но, можно ли е Библијата да е прикажана во погрешно светло?

Додека ја читаше оваа брошура, дали се изненади кога дозна дека она што го вели Библијата е научно точно? Многу луѓе се изненадиле. Тие се изненадиле и кога дознале дека во Библијата не се запишани некои од работите за кои многу религии тврдат дека стојат во неа. На пример, според некои, Библијата поучува дека Бог ги создал универзумот и сиот живот во него за шест дена од по 24 часа. Меѓутоа, во Библијата не е запишано ништо што е во спротивност со различните проценки на научниците во врска со староста на универзумот или на Земјата. a

Освен тоа, библискиот извештај кој во кратки црти зборува за тоа како Бог го создал животот на оваа планета остава голем простор за научни истражувања и теории. Во Библијата пишува дека Бог го создал сиот живот и дека сите живи суштества се направени „според нивните видови“ (1. Мојсеева 1:11, 21, 24). Овие изјави можеби не се во склад со одредени научни теории, но се во склад со докажани научни факти. Историјата на науката покажува дека теориите се променливи и минливи, а дека фактите се постојани.

Сепак, многумина немаат желба да ја истражат Библијата поради тоа што се разочарале од религијата. Тие забележуваат дека религиите поттикнуваат на војни и дека во нивните редови има лицемерство и корупција. Но, дали е фер да ѝ судиме на Библијата според однесувањето на некои лица кои тврдат дека живеат според нејзините начела и дека ја застапуваат? Голем број хумани и искрени научници се ужаснати од начинот на кој некои насилни и нетолерантни луѓе ја искористиле теоријата на еволуција за да ги поддржат своите расистички цели. Дали би било фер да ѝ судиме на теоријата на еволуција на темел на однесувањето на овие луѓе? Сигурно би било подобро да ги истражиме тврдењата на теоријата и да ги споредиме со доказите што ни се достапни.

Те поттикнуваме истото да го направиш и со Библијата. Можеби ќе бидеш пријатно изненаден кога ќе дознаеш дека нејзините учења во голема мера се разликуваат од учењата на повеќето религии. Библијата не поттикнува на војни и на етнички судири. Освен тоа, таа поучува дека Божјите слуги мора потполно да го отфрлат војувањето, па дури и омразата која води до такво насилство (Исаија 2:2-4; Матеј 5:43, 44; 26:52). Библијата не поттикнува на фанатизам и на слепа вера. Таа поучува дека неопходни се докази за да се стекне вистинска вера и дека е многу важно да го користиме својот разум додека му служиме на Бог (Римјаните 12:1; Евреите 11:1). Библијата не сака да ни ја задуши љубопитноста, туку нѐ поттикнува да ги бараме одговорите на некои од најинтересните и најтешките прашања што луѓето некогаш си ги поставиле.

На пример, дали некогаш си се прашал: „Ако постои Бог, зошто го дозволува злото?“ На ова, како и на многу други прашања, Библијата дава задоволувачки одговор. b Те поттикнуваме да продолжиш да трагаш по вистината! Можеш да најдеш логични одговори кои ќе те воодушеват, и тоа на темел на уверливи докази. И, ова не е случајност!

a За повеќе информации види ја брошурата Дали животот е Божје дело?, која е издадена од Јеховините сведоци.

b Види во лекција 26 од книгата Радувај му се на животот засекогаш, која е издадена од Јеховините сведоци.