Дилема во која се наоѓаат учениците
Питер немирно седи на своето столче и почнува да чувствува грутка во стомакот. Неговата наставничка, која многу ја почитува, штотуку објасни како Чарлс Дарвин и неговата теорија на еволуција придонеле за напредок во науката и за ослободување на човештвото од празноверие. Сега таа ги прашува учениците за нивното мислење на оваа тема.
Питер се наоѓа во дилема. Неговите родители го поучувале дека Бог ја создал Земјата и сиот живот на неа. Тие велат дека библискиот извештај за создавањето е веродостоен и дека еволуцијата е само теорија — теорија која не е поткрепена со докази. И наставничката на Питер и неговите родители имаат добри намери. Но, кому Питер треба да му верува?
Секоја учебна година, вакви сценарија се повторуваат во илјадници училници низ целиот свет. Што треба да прават Питер и учениците како него? Зарем не се согласуваш дека треба самите да истражат и да донесат информирана одлука? Тие треба да ги испитаат доказите за еволуција и доказите за создавање, и потоа самите да одлучат во што ќе веруваат.
Всушност, Библијата нѐ предупредува да не веруваме слепо во секое учење. Еден библиски писател напишал: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15). Библијата нѐ поттикнува да го користиме „својот разум“ и да се увериме во работите за кои сме поучувани (Римјаните 12:1, 2).
Оваа брошура не е направена за да ги поддржи напорите на религиозни групи кои сакаат децата на училиште да учат и за создавање. Целта на брошурата е да се испитаат тврдењата на оние што поучуваат дека животот настанал случајно и дека библискиот извештај за создавањето е мит.
Ќе се концентрираме на клетката бидејќи таа е основна градбена единица на сите живи организми. Ќе имаш можност да разгледаш некои восхитувачки факти за градбата на клетките. А ќе можеш и да ги анализираш претпоставките што ја поддржуваат теоријата на еволуција.
Порано или подоцна, секој од нас ќе се соочи со прашањето: „Дали животот бил создаден или настанал по пат на еволуција?“ Веројатно, веќе сериозно си размислувал за ова прашање. Во оваа брошура ќе се зборува само за некои од доказите кои им помогнале на многумина да се уверат дека животот бил создаден.