Приказна 76: Ерусалим е уништен
ПОМИНАЛЕ повеќе од 10 години откако царот Навуходоносор ги одвел во Вавилон сите најучени Израелци. А сега види што се случило! Ерусалим бил запален. Израелците кои не биле убиени, биле одведени во Вавилон како затвореници.
Сети се, Јеховините пророци го предупредиле народот дека ќе им се случи токму тоа ако не ги променат своите лоши постапки. Но Израелците не ги послушале пророците. Тие продолжиле и понатаму да им служат на лажни богови наместо на Јехова. Затоа народот заслужил да биде казнет. Ова го знаеме бидејќи Божјиот пророк Езекиел ни кажал за лошите работи што ги правеле Израелците.
Дали знаеш кој бил Езекиел? Тој е еден од младите мажи кои цар Навуходоносор ги одвел во Вавилон повеќе од 10 години пред да се случи ова големо уништување на Ерусалим. Даниел и тројцата негови пријатели, Седрах, Мисах и Авденаго, биле исто така одведени во Вавилон во истото време.
Додека Езекиел сѐ уште бил во Вавилон, Јехова му ги покажал лошите работи кои се случувале во храмот во Ерусалим. Јехова го направил тоа преку чудо. Езекиел, всушност, сѐ уште бил во Вавилон, но Јехова му дозволил да види сѐ што се случувало во храмот. А она што Езекиел го видел било потресно!
'Види ги одвратните работи што ги прават луѓето овде во храмот‘, му рекол Јехова на Езекиел. 'Погледни ги ѕидовите прекриени со слики на змии и на други животни. И види ги Израелците кои им се поклонуваат!‘ Езекиел можел да ги види овие работи, па го запишал тоа што се случувало.
'Гледаш ли што прават во тајност израелските водачи?‘ — го прашал Јехова Езекиел. Да, тој можел да го види и тоа. Таму имало 70 мажи, и сите тие им се поклонувале на лажни богови. Тие велеле: 'Јехова не нѐ гледа. Тој ја напуштил земјата‘.
Потоа Јехова му покажал на Езекиел некои жени на северната порта на храмот. Тие седеле таму и му се поклонувале на лажниот бог Тамуз. Потоа Јехова му рекол на Езекиел да ги види и мажите што седеле на влезот на Јеховиниот храм. Таму биле околу 25-мина. Езекиел видел како се поклонувале кон исток и му се клањале на Сонцето!
'Овие луѓе немаат почит кон мене‘, рекол Јехова. 'Тие не само што прават лоши работи туку доаѓаат во мојот храм да ги вршат!‘ Затоа Јехова ветил: 'Тие ќе ја почувствуваат силата на мојот гнев. И нема да ми биде жал за нив кога ќе бидат уништени‘.
Само три години откако Јехова му ги покажал овие работи на Езекиел, Израелците се побуниле против царот Навуходоносор. Затоа тој отишол да се бори против нив. По година и пол, Вавилонците ги пробиле ѕидовите на Ерусалим и го запалиле градот, кој изгорел до темел. Повеќето луѓе биле убиени или одведени како затвореници во Вавилон.
Зошто Јехова дозволил да им се случат на Израелците такви ужасни работи? Затоа што тие не го слушале Јехова и не биле послушни на неговите закони. Ова покажува колку е важно секогаш да го правиме она што го вели Јехова.
Отпрво, на малкумина им било дозволено да останат во израелската земја. Цар Навуходоносор поставил еден Евреин, кој се викал Годолиј, за да ги надгледува тие луѓе. Но, некои Израелци го убиле Годолиј. Народот се исплашил дека Вавилонците ќе дојдат и ќе ги убијат сите нив поради оваа лоша постапка. Затоа го присилиле Еремија да дојде со нив, па избегале во Египет.
По тој настан, никој не останал во израелската земја. Во неа немало жители 70 години. Била потполно пуста. Но Јехова ветил дека ќе го врати својот народ во земјата по 70 години. Во меѓувреме, што се случувало со Божјиот народ во вавилонската земја каде што биле одведени? Да видиме.
2. Царевите 25:1-26; Еремија 29:10; Езекиел 1:1-3; 8:1-18.
Прашања
- Што се случило со Ерусалим и со Израелците покажани на сликата?
- Кој бил Езекиел, и какви потресни работи му покажал Јехова нему?
- Што ветил Јехова поради тоа што Израелците немале почит кон него?
- Што направил царот Навуходоносор откако Израелците се побуниле против него?
- Зошто Јехова дозволил да им се случат на Израелците такви ужасни работи?
- Како останала израелската земја без луѓе, и колку долго?
Дополнителни прашања
- Прочитај 2. Царевите 25:1-26.
Кој бил Седекија, што му се случило, и како се исполнило едно библиско пророштво преку тој настан? (2. Цар. 25:5-7; Езек. 12:13-15).
Кого Јехова го сметал за одговорен за сета неверност што ја покажале Израелците? (2. Цар. 25:9, 11, 12, 18, 19; 2. Лет. 36:14, 17).
- Прочитај Езекиел 8:1-18.
На кој начин христијанскиот свет е ист како отпаднатите Израелци што го обожавале сонцето? (Езек. 8:16; Иса. 5:20, 21; Јован 3:19-21; 2. Тим. 4:3).