Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 80: Божјиот народ го напушта Вавилон

Приказна 80: Божјиот народ го напушта Вавилон

ПОМИНАЛЕ скоро две години откако Вавилон бил освоен од страна на Медијците и Персијците. А гледај што се случило! Да, Израелците го напуштиле Вавилон. Како се ослободиле? Кој ги пуштил да си одат?

Ги пуштил Кир, царот на Персија. Долго пред да се роди Кир, Јехова му заповедал на својот пророк Исаија да запише за Кир: 'Ти ќе го направиш токму тоа што сакам да го направиш. Портите ќе бидат оставени отворени за тебе за да го освоиш градот‘. И Кир навистина го предводел освојувањето на Вавилон. Медијците и Персијците влегле ноќе во градот низ портите кои биле оставени отворени.

Но, Јеховиниот пророк Исаија исто така рекол дека Кир ќе даде заповед да бидат повторно изградени Ерусалим и неговиот храм. Дали Кир ја издал оваа заповед? Да, ја издал. Еве што им рекол Кир на Израелците: 'Одете во Ерусалим и изградете го храмот на Јехова, вашиот Бог‘. И токму тоа имале намера да го направат Израелците.

Израелците си одат од Вавилон

Но не можеле сите Израелци што биле во Вавилон да тргнат на тој долг пат до Ерусалим. Тие требало долго, долго да патуваат за да поминат околу 800 километри, а многумина биле престари или премногу болни за да патуваат толку далеку. А имало и други причини за некои да не одат. Но, Кир им рекол на тие што не оделе: 'Дајте им сребро и злато и други подароци на луѓето кои ќе се вратат за да ги изградат Ерусалим и неговиот храм‘.

Затоа, им дале многу подароци на овие Израелци кои тргнале на пат за Ерусалим. Исто така, Кир им ги дал чашите и садовите кои цар Навуходоносор ги зел од Јеховиниот храм кога го уништил Ерусалим. Народот имал многу работи да носи со себе.

По околу четири месеци патување, Израелците се вратиле во Ерусалим токму навреме. Тоа било точно по 70 години откако градот бил уништен, а земјата била оставена потполно пуста. Но, иако се вратиле во својата земја, Израелците имале некои тешкотии, како што ќе дознаеме понатаму.

Исаија 44:28; 45:1-4; Езра 1:1-11.



Прашања

  • Што направиле Израелците, како што е прикажано на сликата?
  • Како Кир го исполнил пророштвото кое Јехова го дал преку Исаија?
  • Што им рекол Кир на Израелците кои не можеле да се вратат во Ерусалим?
  • Што му дал Кир на народот да однесе во Ерусалим?
  • Колку време им требало на Израелците за да се вратат во Ерусалим?
  • Колку години поминале откако земјата била оставена потполно пуста?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Исаија 44:28 и 45:1-4.

    Како нагласил Јехова колку сигурно ќе се исполни пророштвото за Кир? (Иса. 55:10, 11; Рим. 4:17).

    Што покажува Исаииното пророштво во врска со Кир за способноста на Јехова Бог да ја претскаже иднината? (Иса. 42:9; 45:21; 46:10, 11; 2. Пет. 1:20).

  • Прочитај Езра 1:1-11.

    Според примерот на оние што не можеле да се вратат во Ерусалим, со што можеме ние денес да им помогнеме на оние што можат да стапат во полновремената служба? (Езра 1:4, 6; Рим. 12:13; Кол. 4:12).