Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 92

Исус им се појавил на рибарите

Исус им се појавил на рибарите

Некое време откако Исус им се појавил на апостолите, Петар решил да лови риби во Галилејското Море. Тома, Јаков, Јован и некои други ученици исто така отишле со него. Цела ноќ ловеле, но не уловиле ништо.

Рано наутро следниот ден, додека биле во чамецот, виделе дека на брегот стои еден човек. Тој им довикнал: „Фативте ли нешто?“ Тие му одговориле: „Не, ништо!“ Човекот им рекол: „Фрлете ја мрежата од десната страна на чамецот“. Кога го направиле тоа, мрежата се наполнила со толку многу риби што не можеле да ја повлечат во чамецот! Тогаш Јован сфатил дека тој човек е Исус, и рекол: „Тоа е Господарот!“ Петар веднаш скокнал во водата и почнал да плива кон брегот. Другите ученици тргнале по него со чамецот.

Кога стигнале на брегот, виделе леб и риби како се печат на оган. Исус им кажал да донесат малку и од нивните риби. Потоа им рекол: „Дојдете да јадете“.

Откако јаделе, Исус го прашал Петар: „Ме сакаш ли повеќе од риболовот?“ Петар рекол: „Да, Господару, знаеш дека те сакам“. Исус му рекол: „Тогаш храни ги моите јагниња“. Потоа пак го прашал: „Петар, ме сакаш ли?“ Петар одговорил: „Господару, знаеш дека те сакам“. Исус му рекол: „Паси ги моите овчички“. Тогаш го прашал истото по третпат. Петар многу се натажил и рекол: „Господару, ти знаеш сѐ. Знаеш дека те сакам“. Исус му рекол: „Храни ги моите овчички“. А потоа додал: „Продолжи да ме следиш“.

„[Исус] им рече: ’Тргнете по мене, и ќе ве направам рибари на луѓе!‘ И веднаш ги оставија мрежите и појдоа по него“ (Матеј 4:19, 20)