ПОГЛАВЈЕ 50
Јехова му дал победа на Јосафат
Јосафат, кој станал цар на Јуда, ги уништил жртвениците и идолите на Ваал низ целата земја. Тој сакал луѓето да ги знаат законите што им ги дал Јехова. Затоа, низ царството Јуда испратил кнезови и левити да го поучуваат народот за овие закони.
На народите што живееле во близина им било страв да го нападнат царството Јуда бидејќи знаеле дека Јехова го штити. Тие дури му носеле и подароци на цар Јосафат. Но, по некое време, Моавците, Амонците и луѓето што живееле во местото Сеир се собрале за да се борат со Јуда. Јосафат знаел дека не може да победи без помош од Јехова. Затоа наредил сите мажи, жени и деца да дојдат во Ерусалим. Пред целиот насобран народ, тој се помолил со зборовите: „Јехова, не можеме да победиме ако ти не си со нас. Те молиме кажи ни што да правиме“.
Јехова одговорил на оваа молитва: „Не плашете се, јас ќе ви помогнам. Само наредете се, стојте и гледајте како ќе ве спасам“. Како ги спасил Јехова?
Следното утро, Јосафат избрал група пејачи и им рекол да одат пред војската. Тие тргнале од Ерусалим кон бојното поле кое се наоѓало на местото наречено Текоја.
Додека пејачите го славеле Јехова радосно и на сет глас, тој се борел за својот народ. Јехова направил Амонците и Моавците толку да се збунат што почнале да се борат едни против други. На крајот, не останал жив ниту еден од нив. Но, Јехова ги заштитил луѓето од Јуда, војниците и пејачите. Сите од околните земји слушнале што направил Јехова, и сфатиле дека тој сѐ уште го штити својот народ. Како Јехова ги спасува оние што му служат? На разни начини. А за да го направи тоа, не му е потребна помош од луѓе.
„Во оваа борба нема да се борите вие. Само наредете се, стојте и гледајте како Јехова ќе ве спаси“ (2. Летописи 20:17)