ПОГЛАВЈЕ 9
„Бегајте од блуд!“
„Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста, која е идолопоклонство“ (КОЛОШАНИТЕ 3:5)
1-2. Како Валаам се обидел да му наштети на Јеховиниот народ?
ЗАМИСЛИ СИ како еден рибар оди на едно место на кое знае дека ќе може да улови одреден вид риба. Тој ја избира мамката, ја мести на јадицата и ја фрла во вода. Рибарот чека стрпливо и, кога рибата загризува, тој брзо ја потегнува трската за да може јадицата да се закачи во нејзината уста и почнува да го намотува конецот со својот плен.
2 И луѓето може да бидат „фатени на мамка“ на сличен начин. На пример, такво нешто им се случило на Израелците кога биле улогорени во моавските рамници, на самиот праг на Ветената земја. Моавскиот цар му ветил на еден човек по име Валаам дека ќе му даде многу пари ако им нанесе проклетство на Израелците. Бидејќи тоа не успеало, Валаам нашол начин да ги наведе Израелците самите да си нанесат проклетство така што ќе му згрешат на Јехова. Тој внимателно ја избрал мамката — ги испратил младите Моавки во логорот на Израелците за да ги заведат мажите (4. Мојсеева 22:1-7; 31:15, 16; Откровение 2:14).
3. Како Израелците се фатиле на мамката на Валаам?
3 Дали мамката на Валаам успеала? Да. Илјадници Израелци се впуштиле „во блуд со моавските ќерки“. Исто така, тие почнале да обожаваат лажни богови, меѓу кои бил и Ваал фегорски, одвратниот бог на страста и сексот. Како резултат на тоа, 24.000 Израелци умреле на самиот праг на Ветената земја (4. Мојсеева 25:1-9).
4. Зошто илјадници Израелци извршиле сексуален неморал?
4 Зошто толку многу Израелци се фатиле на мамката на Валаам? Тие мислеле само на тоа како да си ги задоволат себичните желби и заборавиле на сето она што Јехова го сторил за нив. Израелците имале многу причини да му бидат верни на Бог. Тој ги ослободил од ропството во Египет, ги хранел во пустината и ги штител додека ги водел до Ветената земја (Евреите 3:12). Сепак, Израелците биле наведени да направат блуд, односно сексуален неморал. Апостол Павле напишал: „И да не вршиме блуд, како што некои од нив извршија блуд, па во еден ден паднаа дваесет и три илјади“ * (1. Коринќаните 10:8).
5-6. Што можеме да научиме од она што им се случило на Израелците во моавските рамници?
5 Новиот свет е на прагот. Според тоа, ние сме во слична ситуација како Израелците кога биле на прагот на Ветената земја (1. Коринќаните 10:11). Слично на древните Моавци, и денешниот свет е опседнат со секс, но во уште поголема мера. Тоа лесно може да влијае и врз слугите на Јехова. Всушност, најуспешната мамка што ја користи Ѓаволот е сексуалниот неморал (4. Мојсеева 25:6, 14; 2. Коринќаните 2:11; Јуда 4).
6 Прашај се: „Дали повеќе сакам себично да уживам во некое задоволство што ќе трае само кратко време или, пак, сакам да живеам во новиот свет и да бидам среќен во цела вечност?“ Зарем не вреди да дадеме сѐ од себе за да бидеме послушни на заповедта што ни ја дал Јехова: „Бегајте од блуд“? (1. Коринќаните 6:18).
ШТО Е БЛУД?
7-8. Што е блуд, и какви последици носи?
7 Многу луѓе денес имаат дрзок став и отворено покажуваат дека не ги почитуваат Божјите закони во врска со сексуалните односи. Во Библијата, блудот, односно сексуалниот неморал се однесува на сексуални активности меѓу луѓе кои не се законски венчани. Исто така, во него се вклучени сексуални активности меѓу луѓе од ист пол, како и сексуални односи меѓу луѓе и животни. Во сексуални активности може да спаѓаат сексуални односи, орален секс, анален секс или допирање на половите органи со цел да се постигне сексуално задоволство. Ова може да биде непријатна тема за дискусија, но мора јасно да ја разбереме за да можеме да ги избегнеме работите што ги мрази Бог. (Види Белешка 23.)
8 Според Библијата, ако некој изврши сексуален неморал и не се кае поради тоа, не може да остане дел од собранието (1. Коринќаните 6:9; Откровение 22:15). Освен тоа, оној што врши неморал може да ја изгуби самопочитта и довербата на другите. Неморалот секогаш носи последици. Тој обично води до нечиста совест и честопати носи несакана бременост, проблеми во бракот, болести, па дури и смрт. (Прочитај Галатите 6:7, 8.) Ако некој што е на искушение да направи неморал, застане и размисли за последиците, веројатно нема да го направи тоа. За жал, мнозина не размислуваат за таквите последици кога ќе го направат првиот чекор кој води до неморал. Обично, тој прв чекор е гледање порнографија.
ПРВ ЧЕКОР — ПОРНОГРАФИЈА
9. Зошто порнографијата е опасна?
9 Целта на порнографијата е да ги подбуди нашите сексуални желби. Денес, порнографијата е присутна насекаде — во списанијата, во книгите, во музиката, на телевизија и на интернет. Многумина мислат дека порнографијата не може да им наштети но, всушност, таа е многу опасна. Поради неа, некој може да стане зависник од секс и да развие изопачени желби. Штом некој ќе почне да гледа или чита порнографија, тргнува во опасен правец кој може да води до работи како што се мастурбирање, брачни проблеми, па дури и развод (Римјаните 1:24-27; Ефешаните 4:19; види Белешка 24).
10. Како може начелото од Јаков 1:14, 15 да ни помогне да се чуваме од неморал?
10 Многу е важно да разбереме како би можело да се случи сексуалниот неморал да ни стане привлечен. Забележи го предупредувањето што е запишано во Јаков 1:14, 15: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами. Потоа желбата, кога ќе зачне, раѓа грев, а гревот, кога е направен, донесува смрт“. Затоа, штом во твојот ум ќе влезе некоја нечиста мисла, веднаш отфрли ја. Доколку случајно видиш еротски слики, веднаш сврти го погледот! Исклучи го компјутерот или смени го ТВ каналот. Не дозволувај им на погрешните желби да влезат во твоето срце. Во спротивно, таквите желби можат да станат толку силни што ќе ти биде тешко да ги контролираш. (Прочитај Матеј 5:29, 30.)
11. Како може Јехова да ни помогне да се бориме со нечистите мисли?
11 Јехова нѐ познава подобро отколку што се познаваме ние самите. Тој знае дека сме несовршени. Но, исто така знае дека можеме да ги победиме погрешните желби. Јехова ни кажува: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста, која е идолопоклонство“ (Колошаните 3:5). Иако не е лесно да ги победиме погрешните желби, Јехова е стрплив со нас и ќе ни помага (Псалм 68:19). Еден брат стекнал навика да гледа порнографија и да мастурбира. Неговите школски другари му кажувале дека сите го прават тоа, но тој рекол: „Таквата навика ми ја затапи совеста и почнав да живеам неморално“. Тој сфатил дека треба да ги контролира своите желби и, со помош од Јехова, успеал да прекине со лошата навика. Ако имаш нечисти мисли, моли го Јехова да ти дава сила „која ја надминува нормалната“ (2. Коринќаните 4:7; 1. Коринќаните 9:27).
12. Зошто треба да си го чуваме срцето?
12 Соломон напишал: „Од сѐ што треба да се чува, најмногу чувај си го срцето, зашто од него извира животот“ (Изреки 4:23). Нашето „срце“ е она што сме одвнатре, она што го гледа Јехова. Врз нас може силно да влијаат работите што ги гледаме. Верниот Божји слуга Јов рекол: „Склучив сојуз со своите очи, па како би можел тогаш да гледам по девица?“ (Јов 31:1). Исто како Јов, и ние треба да внимаваме што гледаме и за што размислуваме. И, исто како псалмистот, се молиме: „Одврати ми ги очите од безвредни работи“ (Псалм 119:37).
ЛОШАТА ОДЛУКА НА ДИНА
13. Какви пријатели си избрала Дина?
13 Нашите пријатели можат да имаат силно влијание врз нас, било добро било лошо. Ако избереш пријатели кои живеат според Божјите мерила, тие можат да ти помогнат и тебе да го правиш истото (Изреки 13:20; прочитај 1. Коринќаните 15:33). Од она што ѝ се случило на Дина, можеме да видиме дека е важно какви пријатели ќе избереме. Таа била една од ќерките на Јаков, што значи дека пораснала во семејство во кое сите му служеле на Јехова. Дина не била неморална личност, но се спријателила со девојките од Ханаан кои не му служеле на Јехова. Израелците имале високи морални мерила, а Ханаанците живееле многу неморално (3. Мојсеева 18:6-25). Додека била со своите пријателки, Дина го сретнала младиот Ханаанец кој се викал Сихем. Таа му се допаднала на Сихем. Тој бил најугледниот во неговото семејство, но не го сакал Јехова (1. Мојсеева 34:18, 19).
14. Што ѝ се случило на Дина?
14 Дина многу му се допаднала на Сихем и затоа тој ја зел и ја обесчестил, односно ја силувал. (Прочитај 1. Мојсеева 34:1-4.) Оваа случка предизвикала низа настани кои воделе до катастрофални последици за Дина и за целото нејзино семејство (1. Мојсеева 34:7, 25-31; Галатите 6:7, 8).
15-16. Како може да станеме мудри?
15 Ние не мора да ги повториме истите грешки што ги направила Дина за да сфатиме дека моралните мерила на Јехова се за наше добро. Во Библијата пишува: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20). Постави си за цел да сфатиш што е праведно во очите на Јехова и ќе се поштедиш од непотребни болки и страдања (Изреки 2:6-9; Псалм 1:1-3).
16 Можеме да станеме мудри така што ќе ја проучуваме Божјата Реч, ќе се молиме пред да донесеме некоја одлука и ќе ги следиме советите од верниот и разборит роб (Матеј 24:45; Јаков 1:5). Многу е важно и да бидеме понизни. Можеби не ни е тешко да признаеме дека сме слаби и несовршени (Еремија 17:9). Но, како би реагирале доколку некој би нѐ предупредил дека сме во опасност да извршиме неморал? Дали би се навредиле или понизно би ја прифатиле помошта? (2. Царевите 22:18, 19).
17. Наведи пример кој покажува како би можел да ни помогне советот од некој соверник.
17 На пример, замисли ја следнава ситуација. Додека една наша сестра е на работа, еден нејзин колега и посветува посебно внимание и ја поканува да излезат заедно. Тој не му служи на Јехова, но изгледа многу пријатен и љубезен. Една друга сестра ги гледа заедно и подоцна се обидува да ја предупреди дека е во опасна ситуација. Како ќе реагира првата сестра? Дали ќе се оправдува или ќе сфати дека тоа е за нејзино добро? Таа можеби го сака Јехова и сака да постапува исправно. Но, доколку и понатаму излегува со колегата, дали „бега“ од неморал или „има доверба во своето срце“? (Изреки 22:3; 28:26; Матеј 6:13; 26:41).
ДА УЧИМЕ ОД ПРИМЕРОТ НА ЈОСИФ
18-19. Како Јосиф „избегал“ од неморал, и што му помогнало во тоа?
18 Додека бил млад, Јосиф бил роб во Египет. Од ден на ден, жената на неговиот господар го терала да има сексуални односи со неа, но Јосиф знаел дека тоа не е исправно. Тој го сакал Јехова, и бил решен да не го разочара. Затоа, секојпат кога таа жена ќе се обидела да го заведе, Јосиф ја одбивал. Бидејќи бил роб, тој не можел едноставно да си отиде од кај својот господар. Еден ден, откако жената на господарот се обидела да го натера да легне со неа, Јосиф истрчал надвор. (Прочитај 1. Мојсеева 39:7-12.)
19 Дали таа ситуација ќе завршела така доколку Јосиф имал нечисти мисли или доколку си замислувал дека има сексуални односи со неа? Веројатно не. На Јосиф му било најважно да си го зачува пријателството со Јехова. Затоа ѝ рекол на жената: „Мојот господар... не ми скрати ништо друго освен тебе, зашто си му жена. Па како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог?“ (1. Мојсеева 39:8, 9).
20. Од каде знаеме дека Јосиф го радувал Јехова?
20 Иако бил далеку од семејството, Јосиф секогаш му бил верен на Јехова, и затоа тој го благословувал (1. Мојсеева 41:39-49). Јехова се радувал поради тоа што Јосиф му бил верен (Изреки 27:11). Можеби нема да ни биде лесно да му останеме верни на Бог кога ќе се најдеме на искушение да направиме неморал. Но, добро е да ги имаме на ум овие зборови: „Вие кои го сакате Јехова, мразете го злото! Тој ги чува душите на оние што му се лојални, од раката на злите тој ги избавува“ (Псалм 97:10).
21. Како еден млад брат го следел примерот на Јосиф?
21 Секој ден, слугите на Јехова храбро покажуваат дека го мразат злото и дека го сакаат доброто (Амос 5:15). Без разлика на твојата возраст, ти можеш да му останеш верен на Јехова. Да разгледаме како била ставена на испит верата на еден млад брат. Една соученичка му рекла дека ќе има сексуални односи со него ако ѝ помогне на тестот по математика. Што направил братот? Постапил како Јосиф. Тој вели: „Веднаш ја одбив нејзината понуда. Со тоа што останав чист во морален поглед, си ги зачував достоинството и самопочитта“. Секое минливо задоволство кое произлегува од неморалот честопати носи со себе тага и болка (Евреите 11:25). Ако му бидеме послушни на Јехова, секогаш ќе бидеме среќни (Изреки 10:22).
ДОЗВОЛИ МУ НА ЈЕХОВА ДА ТИ ПОМОГНЕ
22-23. Како може да ни помогне Јехова дури и ако направиме тежок грев?
22 Сатана и понатаму ќе се обидува да нѐ улови со помош на неговата најуспешна мамка — сексуалниот неморал. Одвреме-навреме, веројатно на сите ни се појавуваат неморални мисли (Римјаните 7:21-25). Јехова е свесен за тоа и „си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14). Но, понекогаш може да се случи некој христијанин да изврши неморал, што претставува тежок грев. Дали тогаш ситуацијата е безнадежна? Не. Ако тој искрено се кае, Јехова ќе му помогне. Бог е спремен да прости (Псалм 86:5; Јаков 5:16; прочитај Изреки 28:13).
23 Јехова ни дал „луѓе како дарови“ — старешини кои со љубов се грижат за нас (Ефешаните 4:8, 12; Јаков 5:14, 15). Тој ги поставил старешините за да му помогнат на секој што направил грев повторно да биде близок со него (Изреки 15:32).
СТЕКНУВАЈ РАЗБОРИТОСТ
24-25. Како може разборитоста да ни помогне да се чуваме од сексуален неморал?
24 За да носиме добри одлуки, треба да знаеме како ни користат Јеховините закони. Не би сакале да бидеме како младичот кој е опишан во Изреки 7:6-23. Тој не бил разборит и затоа подлегнал на искушението и направил сексуален неморал. Во разборитоста е вклучено нешто повеќе од интелигенција. Ако некој е разборит, тој се труди да сфати како размислува Бог и дозволува тоа размислување да го води во животот. Добро е да ги имаме на ум следниве мудри зборови: „Кој стекнува разборитост, си ја сака душата. Кој ја чува разборитоста, наоѓа добро“ (Изреки 19:8).
25 Дали си потполно уверен дека Божјите мерила се исправни? Дали навистина веруваш дека ќе бидеш среќен ако живееш според нив? (Псалм 19:7-10; Исаија 48:17, 18). Ако сѐ уште не си се уверил, размислувај за сите добри работи што Јехова ги направил за тебе. Во Библијата пишува: „Вкусете и видете колку е добар Јехова!“ (Псалм 34:8). Со текот на времето ќе увидиш дека, колку повеќе размислуваш за тоа што Јехова го направил за тебе толку повеќе ќе расте твојата љубов кон него. Сакај го она што тој го сака, а мрази го она што тој го мрази. Полни го својот ум со позитивни мисли — размислувај за она што е вистинито, праведно, чисто, допадливо и доблесно (Филипјаните 4:8, 9). Ние можеме да бидеме како Јосиф кому многу му користела мудроста од Јехова (Исаија 64:8).
26. Што ќе разгледаме во следните две поглавја?
26 Без разлика дали си во брак или не, Јехова сака да уживаш во животот и да бидеш среќен. Во следните две поглавја ќе разгледаме што може да ни помогне да имаме среќен брак.
^ Изгледа дека во бројката што е дадена во 4. Мојсеева се вклучени „сите народни поглавари“ — можеби околу 1.000 мажи — кои биле погубени од судиите, плус оние што биле погубени директно од Јехова (4. Мојсеева 25:4, 5).