Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 3

Избирај пријатели кои го сакаат Бог

Избирај пријатели кои го сакаат Бог

„Кој оди со мудрите, ќе стане мудар“ (ИЗРЕКИ 13:20)

1-3. Според Изреки 13:20, зошто е важно мудро да ги избираме пријателите?

 ДАЛИ некогаш си забележал како едно бебе ги гледа своите родители? Дури и пред да почне да зборува, тоа го впива сето она што го гледа и што го слуша. Како што расте, почнува да ги имитира родителите дури и без да биде свесно за тоа. Затоа не е чудно што и возрасните можат да почнат да размислуваат и да постапуваат како луѓето со кои минуваат многу време.

2 Во Изреки 13:20 пишува: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар“. Изразот „оди со“ во овој стих укажува на тоа некој да одлучи да минува време со некого. Ова вклучува повеќе отколку само да бидеш со некого. Според еден библиски изучувач, да одиш со некого значи да го сакаш тоа лице и да се чувствуваш близок со него. Најголемо влијание врз нас имаат луѓето со кои минуваме многу време, особено ако се чувствуваме блиски со нив.

3 Нашите пријатели можат да имаат добро или лошо влијание врз нас. Во Изреки 13:20 понатаму пишува: „Кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“. На хебрејски јазик, кога ќе се каже дека имаме работа со некого, тоа може да значи дека се дружиме со тоа лице, односно дека сме негови пријатели (Изреки 22:24). Пријателите кои го сакаат Бог ќе нѐ поттикнат да му останеме верни. Сега ќе разгледаме какви пријатели избира Јехова. Тоа ќе ни помогне и нам мудро да ги избираме нашите пријатели.

КОЈ МОЖЕ ДА БИДЕ БОЖЈИ ПРИЈАТЕЛ?

4. а) Зошто е огромна чест да се биде пријател на Бог? б) Зошто Јехова го нарекол Авраам „мојот пријател“?

4 Јехова, Владетелот на целата вселена, ни дава можност да бидеме негови пријатели. Ова е огромна чест. Јехова внимателно ги избира своите пријатели. Негови пријатели може да бидат оние што го сакаат и имаат вера во него. Размисли за Авраам. Тој бил спремен да стори сѐ за Бог. Авраам секогаш одново покажувал дека му е верен и послушен на Јехова. Дури бил спремен да го жртвува својот син Исак бидејќи имал вера дека „Бог може и од мртвите да го подигне“ (Евреите 11:17-19; 1. Мојсеева 22:1, 2, 9-13). Бидејќи Авраам бил верен и послушен, Јехова го нарекол „мојот пријател“ (Исаија 41:8; Јаков 2:21-23).

5. Како гледа Јехова на оние што му се верни?

5 На пријателите на Јехова им е најважно да му бидат верни нему, и затоа во негови очи тие се скапоцени. (Прочитај 2. Самоилова 22:26.) Тие му се верни и послушни бидејќи го сакаат. Библијата вели дека Бог е близок со справедливите, односно со оние што му се послушни (Изреки 3:32). Јехова ги поканува неговите пријатели да бидат гости во неговиот „шатор“. Тој ги повикува да му служат и да му се молат во секое време (Псалм 15:1-5).

6. Како можеме да покажеме дека го сакаме Исус?

6 За да му бидеме пријатели на Јехова, треба да го сакаме и Исус. Во Јован 14:23 се запишани следниве зборови на Исус: „Ако некој ме сака, ќе ја држи мојата реч, и мојот Татко ќе го сака“. Нашата љубов кон Исус ќе ја покажеме така што ќе го правиме она за кое тој нѐ поучил. На пример, ние сме му послушни така што ја проповедаме добрата вест и им помагаме на луѓето да станат негови ученици (Матеј 28:19, 20; Јован 14:15, 21). Од љубов кон Исус, се трудиме во сѐ да одиме „по неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Јехова е среќен кога гледа дека даваме сѐ од себе за да го следиме примерот на неговиот Син во сѐ што кажуваме и правиме.

7. Зошто е важно нашите пријатели да му бидат пријатели на Јехова?

7 Пријателите на Јехова му се верни и послушни нему и го сакаат неговиот Син. Дали твоите пријатели му се пријатели на Јехова? Ако го следат примерот на Исус и ако ревносно ги поучуваат другите за Божјето Царство, тие можат да ти помогнат да бидеш подобра личност и да му останеш верен на Јехова.

ШТО УЧИМЕ ОД БИБЛИСКИТЕ ПРИМЕРИ?

8. Што ти се допаѓа во пријателството меѓу Рут и Ноемина?

8 Во Библијата се запишани многу примери за пријателства. Едно од нив е пријателството меѓу Рут и нејзината свекрва Ноемина. Овие жени потекнувале од различни земји и култури. Освен тоа, Ноемина била многу постара од Рут. И покрај сето ова, тие станале блиски пријателки бидејќи и двете го сакале Јехова. Кога Ноемина сакала да ја напушти моавската земја и да се врати во Израел, Рут тргнала со неа. Таа ѝ рекла на Ноемина: „Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог мој Бог“ (Рут 1:14, 16). Рут покажала голема добрина кон Ноемина. Кога пристигнале во Израел, Рут работела трудољубиво за да може да се грижи за материјалните потреби на својата свекрва. Ноемина многу ја сакала својата снаа, и затоа ѝ дала добар совет. Рут ја послушала и, како резултат на тоа, и двете биле богато благословени (Рут 3:6).

9. Што ти остава посебен впечаток во пријателството меѓу Јонатан и Давид?

9 Уште еден пример за добри пријатели кои му биле верни на Јехова се Јонатан и Давид. Јонатан бил околу 30 години постар од Давид и требало да биде следниот цар на Израел (1. Самоилова 17:33; 31:2; 2. Самоилова 5:4). Сепак, кога дознал дека Јехова го избрал Давид за цар, Јонатан не бил љубоморен и не го гледал како соперник. Напротив, направил сѐ што можел за да го поддржи Давид. На пример, кога Давид бил во опасност, Јонатан му помогнал да си ја зацврсти својата доверба во Јехова. Тој дури и си го ризикувал животот за Давид (1. Самоилова 23:16, 17). И Давид бил верен пријател. Тој му ветил на Јонатан дека ќе се грижи за неговото семејство, и го одржал своето ветување дури и по смртта на Јонатан (1. Самоилова 18:1; 20:15-17, 30-34; 2. Самоилова 9:1-7).

10. Што учиш за пријателството од примерот на тројцата Евреи?

10 Седрах, Мисах и Авденаго, тројца млади Евреи, биле пријатели кои уште како деца биле одведени во Вавилон. Бидејќи биле далеку од своите семејства, тие си помагале еден на друг да му останат верни на Јехова. Подоцна, кога пораснале, нивната вера била ставена на испит кога цар Навуходоносор им заповедал да му се поклонат на еден златен кип. Седрах, Мисах и Авденаго одбиле да го сторат тоа и му рекле на царот: „Нема да им служиме на твоите богови и нема да му се поклониме на златниот кип што го подигна“. Кога нивната вера била ставена на испит, овие тројца пријатели му останале верни на својот Бог (Даниел 1:1-17; 3:12, 16-28).

11. Како Павле и Тимотеј станале добри пријатели?

11 Кога првпат се сретнал со младиот Тимотеј, апостол Павле можел да види дека тој го сака Јехова и дека вистински се грижи за собранието. Затоа Павле го обучил Тимотеј да им помага на браќата и сестрите во разни места (Дела 16:1-8; 17:10-14). Тимотеј служел многу ревносно и затоа Павле рекол: „Робуваше со мене во ширењето на добрата вест“. Павле знаел дека Тимотеј вистински се грижел за браќата и сестрите. Додека соработувале во службата за Јехова, тие двајца станале добри пријатели (Филипјаните 2:20-22; 1. Коринќаните 4:17).

КАКО ТРЕБА ДА ГИ ИЗБИРАМЕ НАШИТЕ ПРИЈАТЕЛИ?

12-13. а) Зошто треба дури и во собранието внимателно да избираме кои ќе ни бидат блиски пријатели? б) Зошто апостол Павле го дал предупредувањето во 1. Коринќаните 15:33?

12 Во собранието, можеме да учиме од нашите браќа и сестри и да си помагаме едни на други да останеме верни. (Прочитај Римјаните 1:11, 12.) Но, дури и во собранието треба внимателно да избираме кои ќе ни бидат блиски пријатели. Зошто? Бидејќи е потребно време еден човек да стане близок пријател со Јехова, исто како што е потребно време за некој плод да созрее. Во организацијата има браќа и сестри кои доаѓаат од најразлични култури. Освен тоа, некои се нови во вистината, додека други му служат на Јехова со години. Затоа е потребно да бидеме стрпливи едни со други, да си покажуваме љубов и секогаш мудро да ги избираме нашите пријатели (Римјаните 14:1; 15:1; Евреите 5:12 — 6:3).

13 Понекогаш, во собранието може да се појави некој сериозен проблем. Тогаш треба да бидеме особено внимателни. Можеби некој брат или сестра прави некои работи за кои Библијата вели дека се погрешни. А некои можеби постојано се жалат за нешто и со тоа му нанесуваат штета на собранието. Ова не нѐ изненадува бидејќи, дури и во првиот век, во собранието понекогаш се појавувале проблеми. Всушност, некои христијани во тоа време дури ги доведувале во прашање учењата на Исус. Затоа, сосема е на место што апостол Павле ги предупредил тогашните христијани: „Не залажувајте се! Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:12, 33). Павле го предупредил и Тимотеј да внимава кои луѓе ги избира за свои пријатели. Тоа предупредување важи и за нас денес. (Прочитај 2. Тимотеј 2:20-22.)

14. Како можат нашите пријатели да влијаат врз нашето пријателство со Јехова?

14 Ние мора да си го чуваме пријателството со Јехова. Тоа е најскапоценото нешто што го имаме. Затоа внимаваме да не станеме блиски пријатели со некој што би можел да ни ја ослабне верата и да ни го наруши пријателството со Јехова. Размисли за следниов пример. Ако потопиш сунѓер во оцет, сигурно нема да очекуваш да се наполни со вода. Слично на тоа, ако имаме пријатели кои прават погрешни работи, не можеме да очекуваме да ни биде лесно да постапуваме исправно. Ова покажува дека треба внимателно да ги избираме нашите пријатели (1. Коринќаните 5:6; 2. Солуњаните 3:6, 7, 14).

Можеш да најдеш добри пријатели кои го сакаат Јехова

15. Како можеш да стекнеш добри пријатели во собранието?

15 Во собранието можеш да најдеш луѓе кои вистински го сакаат Јехова. Тие можат да ти станат блиски пријатели (Псалм 133:1). Сепак, немој да се спријателуваш само со оние кои се на твоја возраст и кои имаат слично потекло како тебе. Не заборавај дека Јонатан бил многу постар од Давид, а Рут била многу помлада од Ноемина. Ние сакаме да го послушаме библискиот совет: „Широко отворете ги своите срца“ (2. Коринќаните 6:13; прочитај 1. Петрово 2:17). Освен тоа, колку посличен стануваш на Јехова толку повеќе другите ќе сакаат да ти бидат пријатели.

КОГА ЌЕ СЕ ПОЈАВАТ ПРОБЛЕМИ

16-17. Што не треба да направиме ако некој во собранието нѐ навреди?

16 Членовите на едно семејство обично имаат различни карактери и мислења и ги прават работите на различен начин. Ова важи и за собранието. Ваквата разноликост го прави животот поинтересен, и можеме многу да учиме едни од други. Но, поради разликите, нашите соверници понекогаш можат да ни одат на нерви и може да се појават недоразбирања меѓу нас. Може да се случи и со нешто да нѐ навредат (Изреки 12:18).

17 Дали треба да дозволиме таквите проблеми да нѐ обесхрабрат или да нѐ оддалечат од собранието? Не. Дури и ако некој нѐ разочара со нешто, нема да се оддалечиме од собранието. Јехова не е тој што нѐ навредил. Тој заслужува да го сакаме и да му бидеме верни бидејќи ни го дал животот и сѐ што ни е потребно (Откровение 4:11). Собранието е дар од Јехова кој ни помага да ја одржиме цврста нашата вера (Евреите 13:17). Никогаш не би сакале да го отфрлиме тој дар само затоа што некој нѐ разочарал. (Прочитај Псалм 119:165.)

18. а) Што може да ни помогне да имаме добри односи со нашите соверници? б) Зошто треба да им простуваме на другите?

18 Ние ги сакаме нашите браќа и сестри, и сакаме да бидеме во добри односи со нив. Јехова не очекува совршенство од ниту еден човек, и затоа не треба да очекуваме ниту ние (Изреки 17:9; 1. Петрово 4:8). Сите правиме грешки, но љубовта ќе ни помогне спремно да си простуваме (Колошаните 3:13). Љубовта ќе нѐ спречи од мало недоразбирање да направиме голем проблем. Точно е дека, кога некој ќе нѐ повреди, може да ни биде тешко да престанеме да мислиме на тоа. Лесно е да се изнервираме и да држиме лутина. Но, на тој начин само ќе станеме огорчени и ќе ја изгубиме радоста. Од друга страна, кога им простуваме на оние што нѐ повредиле, можеме да го зачуваме внатрешниот мир, единството во собранието и, што е најважно, нашето пријателство со Јехова (Матеј 6:14, 15; Лука 17:3, 4; Римјаните 14:19).

АКО НЕКОЈ Е ИСКЛУЧЕН

19. Кога треба да престанеме да се дружиме со некој од собранието?

19 Во едно семејство во кое владее љубов, секој придонесува другите да бидат среќни. Но замисли дека еден од нив почнува да се бунтува. Сите други во семејството постојано се обидуваат да му помогнат, но тој не ја прифаќа нивната помош. Можеби самиот ќе одлучи да си замине од дома, или можеби таткото ќе го замоли да си оди. Нешто слично може да се случи и во собранието. Можеби некој упорно прави работи кои Јехова не ги сака и со тоа му нанесува штета на собранието. Тој не ја прифаќа помошта од другите и со своите постапки покажува дека повеќе не сака да биде дел од собранието. Можеби самиот ќе одлучи да го напушти собранието или можеби ќе мора да биде исклучен. Ако се случи ова, во Библијата пишува дека треба да престанеме да се дружиме со него. (Прочитај 1. Коринќаните 5:11-13; 2. Јованово 9-11.) Ова може да биде многу тешко ако станува збор за наш пријател или член на семејството. Но во вакви ситуации треба да ни биде поважно да му останеме верни на Јехова отколку на кој и да е друг. (Види Белешка 8.)

20-21. а) Зошто исклучувањето е израз на љубов? б) Зошто е важно мудро да ги избираме пријателите?

20 Јехова бара од старешините да ги исклучат од собранието оние што непокајнички прават грев. Тоа е израз на љубов кон оној што греши и кон собранието. На овој начин се штити собранието од оние што не ги почитуваат мерилата на Јехова (1. Коринќаните 5:7; Евреите 12:15, 16). Освен тоа, кога со исклучените постапуваме онака како што Јехова бара од нас, покажуваме дека го сакаме него, неговото свето име и неговите високи мерила (1. Петрово 1:15, 16). Исто така, ваквата строга дисциплинска мерка може да му помогне на исклученото лице да сфати дека она што го прави е погрешно и да го поттикне да се смени. Многумина од оние што биле исклучени, подоцна му се вратиле на Јехова и повторно биле срдечно примени во собранието (Евреите 12:11).

21 Нашите пријатели имаат големо влијание врз нас — било позитивно било негативно. Затоа е многу важно внимателно да ги избираме. Ако ги сакаме оние што ги сака Јехова, ќе бидеме опкружени со луѓе кои можат да ни помогнат да му останеме верни засекогаш.