Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 15

Најди задоволство во работата

Најди задоволство во работата

„Секој човек... да ужива во доброто од сиот свој труд“ (ПРОПОВЕДНИК 3:13)

1-3. а) Каков став имаат многумина за својата работа? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во ова поглавје?

 ЛУЃЕТО низ целиот свет напорно работат за да се издржуваат себеси и своите семејства. Многумина не си ја сакаат работата, а на некои им паѓа тешко дури и самата помисла дека треба да одат на работа. Ако и ти се чувствуваш така, што можеш да направиш за работата што ја имаш да ти причинува поголемо задоволство?

2 Во Библијата пишува: „Секој човек да јаде и да пие и да ужива во доброто од сиот свој труд. Тоа е дар Божји“ (Проповедник 3:13). Јехова нѐ создал со потреба и со желба да работиме. Тој сака да уживаме во она што го правиме. (Прочитај Проповедник 2:24; 5:18.)

3 Но, што може да ни помогне да најдеме задоволство во работата? Како христијани, каква работа не треба да прифаќаме? Како може да држиме рамнотежа помеѓу нашата световна работа и духовните активности? И, кое е најважното нешто што треба да го правиме во животот?

ЈЕХОВА И ИСУС — НАЈДОБРИТЕ ПРИМЕРИ

4-5. Како гледа Јехова на работата?

4 Јехова сака да работи. Во 1. Мојсеева 1:1 пишува: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“. Откако ја создал Земјата и сѐ што е на неа, тој рекол дека сето тоа е „многу добро“ (1. Мојсеева 1:31). Нашиот Творец бил задоволен од она што го направил (1. Тимотеј 1:11).

5 Јехова никогаш не престанува да работи. Исус рекол: „Мојот Татко работи сѐ досега“ (Јован 5:17). Ние не ги знаеме сите работи што Јехова ги направил во минатото или што сега ги прави. Но сепак, тој ни открил некои од нив. На пример, знаеме дека тој ги избира оние што ќе владеат на небото заедно со неговиот Син, Исус Христос (2. Коринќаните 5:17). Освен тоа, Бог се грижи за луѓето и го води меѓународното проповедничко дело. Благодарение на тоа дело, милиони луѓе го запознаваат и имаат надеж дека ќе живеат засекогаш во рајот на Земјата (Јован 6:44; Римјаните 6:23).

6-7. Каков работник е Исус?

6 Исус ја сака работата исто како неговиот Татко. Пред да дојде на Земјата, Исус бил „вешт градител“ и заедно со Бог учествувал во создавањето на сето она што е на небото и на Земјата (Изреки 8:22-31; Колошаните 1:15-17). Исус напорно работел и кога бил на Земјата. Уште како млад, тој добро го изучил дрводелскиот занает и веројатно изработувал греди, врати, маси, столови и други предмети од дрво. Тој станал многу вешт во овој занает и затоа бил познат како „дрводелецот“ (Марко 6:3).

7 Сепак, додека бил на Земјата, најважното нешто на Исус му било да ја проповеда добрата вест и да ги поучува луѓето за Јехова. Бидејќи имал само три и пол години да ја заврши својата служба, тој вложувал голем труд и проповедал од рано наутро до доцна навечер (Лука 21:37, 38; Јован 3:2). Исус пропешачил стотици километри по правливи патишта за да им ја пренесе добрата вест на што е можно повеќе луѓе (Лука 8:1).

8-9. Зошто Исус наоѓал задоволство во вршењето на Божјата волја?

8 За Исус, вршењето на Божјата волја било како храна. За него тоа било извор на сила. Имало денови кога Исус толку многу се напрегал во проповедничкото дело што немал време дури ни да јаде (Јован 4:31-38). Тој ја користел секоја прилика за да ги поучи другите за неговиот Татко. Затоа можел да му каже на Јехова: „Јас те прославив тебе на земјата, довршувајќи го делото што ми го даде да го извршам“ (Јован 17:4).

9 Очигледно е дека и Јехова и Исус се вредни работници и дека тие наоѓаат радост и задоволство во она што го прават. Ние сакаме да се угледаме на Бог и да одиме по стапките на Исус (Ефешаните 5:1; 1. Петрово 2:21). Затоа го даваме нашето најдобро и вложуваме голем труд во сѐ што правиме.

КАКОВ СТАВ ТРЕБА ДА ИМАМЕ КОН НАШАТА РАБОТА?

10-11. Што може да ни помогне да имаме позитивен став кон нашата работа?

10 Како Божји слуги, вредно работиме за да се издржуваме себеси и нашето семејство. Ние сакаме да наоѓаме задоволство во нашата работа, но тоа не е секогаш лесно. Затоа, што може да правиме доколку имаме работа која не ни причинува радост?

Сеедно каква работа имаме, позитивниот став може да ни помогне да бидеме порадосни

11 Имај позитивен став. Можеби не можеме да го смениме работното место или работното време, но можеме да го смениме нашиот став. Што може да ни помогне во тоа? Ако размислуваме што очекува Јехова од нас. На пример, тој очекува оној што е глава на семејството да се грижи за потребите на своето семејство најдобро што може. Библијата вели дека оној што не го прави тоа „полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8). Ако си глава на семејството, сигурно даваш сѐ од себе за да им го обезбедиш на твоите домашни она што им е потребно. Сеедно дали ти се допаѓа твојата работа или не, ти знаеш дека со тоа што се грижиш за твоите најблиски, го радуваш Јехова.

12. Како ни користи тоа што сме вредни и чесни работници?

12 Биди вреден и чесен работник. Ова може да придонесе работата да ти носи поголема радост (Изреки 12:24; 22:29). На пример, твојот работодавач ќе има доверба во тебе. Работодавачите ги ценат чесните работници бидејќи тие не крадат пари, материјали ни време (Ефешаните 4:28). Што е уште поважно, Јехова се радува кога гледа дека си вреден и чесен работник. А благодарение на тоа, можеш да имаш „чиста совест“ (Евреите 13:18; Колошаните 3:22-24).

13. Што може да постигнеме со нашето добро однесување на работното место?

13 Имај на ум дека со твоето добро однесување на работното место му носиш слава на Јехова. И ова може да ти помогне работата да ти причинува поголема радост (Тит 2:9, 10). Поради твоето добро однесување, можеби некој од твоите колеги ќе сака да почне да ја проучува Библијата. (Прочитај Изреки 27:11; 1. Петрово 2:12.)

КАКВА РАБОТА ДА ИЗБЕРАМ?

14-16. За што треба да размислиме кога бараме работа?

14 Библијата не содржи список со занимања кои се прифатливи за христијаните. Но, таа содржи начела кои можат да ни помогнат да донесеме мудри одлуки во поглед на вработувањето (Изреки 2:6). Во склад со библиските начела, размисли за следниве прашања.

Барај работа што нема да се коси со Јеховините мерила

15 Дали оваа работа ќе бара од мене да правам нешто за кое Јехова вели дека е погрешно? Ние знаеме дека Јехова мрази некои постапки, како на пример, крадење и лажење (2. Мојсеева 20:4; Дела 15:29; Ефешаните 4:28; Откровение 21:8). Затоа внимаваме да не прифатиме работа со која се кршат Јеховините мерила. (Прочитај 1. Јованово 5:3.)

16 Дали оваа работа поддржува или поттикнува на нешто што Јехова го осудува? На пример, што ако ти се нуди да се вработиш како хигиеничар во спортска кладилница или казино? Се разбира, нема ништо погрешно во тоа да работиш како хигиеничар. Но, знаеш како Јехова гледа на коцкањето. Со тоа што ќе чистиш, ти нема на директен начин да учествуваш во коцкањето, но ќе поддржуваш објект чија главна цел е преку игрите на среќа да ги поттикнува луѓето на алчност — нешто што Божјата Реч го осудува (Ефешаните 5:3-5).

17. Што може да ни помогне да носиме одлуки со кои ќе го радуваме Бог?

17 Библиските начела можат да ни помогнат да станеме зрели христијани „чија моќ на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло“ (Евреите 5:14). Затоа треба да се прашаме: „Дали другите ќе се спрепнат ако ја прифатам оваа работа? Дали поради работата ќе треба да живеам во друга земја без брачниот другар и децата? Како тоа ќе влијае врз нив?“

ПРОЦЕНЕТЕ ШТО Е НАЈВАЖНО

18. Зошто не е секогаш лесно да ги ставиме духовните активности на прво место?

18 Бидејќи живееме во „тешки времиња“, не е секогаш лесно да ја ставиме службата за Јехова на прво место во животот (2. Тимотеј 3:1). Може да биде вистински предизвик да најдеме работа и да ја задржиме. Знаеме дека мора да се грижиме за потребите на нашето семејство, но знаеме и дека духовните активности треба да ни бидат на прво место. Затоа, не смееме да дозволиме материјалните работи да ни станат премногу важни во животот (1. Тимотеј 6:9, 10). Тогаш, што може да ни помогне да ги ставиме најважните работи на прво место, а во исто време да се грижиме за потребите на нашето семејство? (Филипјаните 1:10).

19. Како тоа што ќе имаме доверба во Јехова ќе ни помогне да бидеме урамнотежени во поглед на работата?

19 Имај потполна доверба во Јехова. (Прочитај Изреки 3:5, 6.) Ние знаеме дека Бог е свесен за нашите потреби и дека тој се грижи за нас (Псалм 37:25; 1. Петрово 5:7). Во Библијата пишува: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите, туку бидете задоволни со она што го имате. Зашто, [Бог] рекол: ’Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам‘“ (Евреите 13:5). Јехова не сака да бидеме постојано загрижени за тоа како ќе ги задоволиме потребите на нашето семејство. Тој многупати покажал дека може да им го даде на луѓето она што им е потребно (Матеј 6:25-32). Затоа, сеедно каква е нашата ситуација во поглед на работата, се трудиме редовно да ја проучуваме Божјата Реч, редовно да проповедаме и редовно да присуствуваме на нашите состаноци (Матеј 24:14; Евреите 10:24, 25).

20. Што ќе ни помогне да водиме едноставен живот?

20 Задржи едноставно око. (Прочитај Матеј 6:22, фуснота, 23.) Ова значи да водиме едноставен начин на живот за да можеме да му служиме на Јехова со неподелено срце. Би било многу неразумно ако дозволиме парите, удобниот живот или најновата технологија да ни станат поважни од нашето пријателство со Бог. Тогаш, што може да ни помогне најважните работи да ги ставиме на прво место? Мора да внимаваме да не се задолжуваме. А доколку имаме долгови, треба да направиме план како да ги намалиме или да ги исплатиме. Ако не сме внимателни, може да се случи материјалните работи да ни одземаат премногу време и сила. Така ќе немаме доволно време да се молиме, да проучуваме или да проповедаме. Наместо да дозволиме материјалните работи да ни го искомплицираат животот, важно е да научиме да бидеме задоволни со основните работи, како што се храна и облека (1. Тимотеј 6:8). И, сеедно во каква ситуација се наоѓаме, добро е одвреме-навреме да ги преиспитаме нашите околности за да видиме дали може во поголема мера да му служиме на Јехова.

21. Зошто треба да ги подредиме работите по важност?

21 Подреди ги работите по важност. Треба мудро да ги користиме нашето време, сила и материјални средства. Ако не сме внимателни, може да се случи некои помалку важни работи, како што се образованието или парите, да ни одземат голем дел од нашето скапоцено време. Исус рекол дека најнапред треба да го бараме Божјето Царство (Матеј 6:33). Нашите одлуки, цели и секојдневни навики покажуваат што ни е на прво место во животот.

НАЈВАЖНОТО НЕШТО ШТО ТРЕБА ДА ГО ПРАВИМЕ

22-23. а) Кое е најважното нешто што треба да го правиме? б) Што ќе ни помогне да најдеме радост во нашата работа?

22 Најважното нешто што треба да го правиме е да му служиме на Јехова и да им ја пренесуваме добрата вест на другите (Матеј 24:14; 28:19, 20). Исто како Исус, сакаме да го даваме нашето најдобро во проповедничкото дело. Некои браќа и сестри се преселиле да служат на места каде што има поголема потреба од објавители. Други, пак, учат нов јазик за да им проповедаат на луѓе што го зборуваат тој јазик. Доколку разговараш со некои од тие браќа, ќе дознаеш дека таквите промени им го направиле животот порадосен и поисполнет. (Прочитај Изреки 10:22.)

Најважното нешто што треба да го правиме е да му служиме на Јехова

23 Денес, многумина од нас мора да поминуваат долго време на работа, па дури и да одат на неколку работни места само за да можат да ги обезбедат основните потреби на семејството. Јехова е свесен за тоа и цени сѐ што правиме за да се грижиме за нашите најблиски. Затоа, сеедно каква работа имаме, да продолжиме да го следиме примерот на Јехова и на Исус така што ќе се трудиме да бидеме вредни работници. И никогаш да не изгубиме од вид дека најважното нешто што треба да го правиме е да му служиме на Јехова и да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство. Тоа ќе ни донесе вистинска радост.