Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 5

Како да покажеме дека не сме дел од светот

Како да покажеме дека не сме дел од светот

„Не сте дел од светот“ (ЈОВАН 15:19)

1. За што бил загрижен Исус вечерта пред својата смрт?

 ВЕЧЕРТА пред својата смрт, Исус бил загрижен за иднината на своите ученици бидејќи знаел дека наскоро ќе ги напушти. Во таа прилика им рекол: „Не сте дел од светот“ (Јован 15:19). Подоцна, во една молитва до својот Татко, тој го рекол следново за нив: „Тие не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот“ (Јован 17:15, 16). Што сакал Исус да каже со ова?

2. Што е „светот“ за кој зборувал Исус?

2 Во овој контекст, зборот „светот“ се однесува на луѓето кои не му служат на Бог и кои се под власта на Сатана (Јован 14:30; Ефешаните 2:2; Јаков 4:4; 1. Јованово 5:19). Како покажуваме дека не сме „дел од светот“? Во ова поглавје ќе разгледаме неколку начини: 1) верни сме на Божјето Царство и неутрални сме во поглед на политиката, 2) се спротивставуваме на духот на светот, 3) скромни сме во поглед на облеката и изгледот, 4) имаме урамнотежен став кон парите и 5) ја носиме целата воена опрема што ни ја дава Бог. (Види Белешка 16.)

БИДИ МУ ВЕРЕН НА БОЖЈЕТО ЦАРСТВО

3. Каков став имал Исус кон политиката?

3 Кога бил на Земјата, Исус можел да види дека луѓето имаат многу проблеми и дека животот не им е лесен. Тој бил искрено заинтересиран за нив и сакал да им помогне. Дали станал политички водач? Не. Исус знаел дека проблемите на луѓето може да ги реши само Божјето Царство, односно Божјата влада, чиј Цар требало да биде тој. Затоа Божјето Царство било главната тема за која проповедал (Даниел 7:13, 14; Лука 4:43; 17:20, 21). Исус не се мешал во политика и секогаш бил неутрален. Кога стоел пред римскиот управител Понтиј Пилат, Исус рекол: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 18:36). И неговите ученици биле неутрални. Во една книга пишува дека првите христијани „не вршеле политичка функција“ (On the Road to Civilization). Денес, вистинските христијани имаат ист став. Ние верно го поддржуваме Божјето Царство и сме неутрални во поглед на политиката (Матеј 24:14).

Можеш ли да објасниш зошто верно го поддржуваш Божјето Царство?

4. Како вистинските христијани го поддржуваат Божјето Царство?

4 Амбасадорите ја застапуваат својата влада во друга земја и затоа не се мешаат во политиката на таа држава. Помазаниците, кои имаат надеж да владеат заедно со Исус на небото, се во слична ситуација. Павле им го напишал следново на помазаните христијани: „Ние сме пратеници кои го застапуваат Христос“ (2. Коринќаните 5:20). Помазаниците се застапници на Божјата влада. Тие не се мешаат во политичките работи на овој свет (Филипјаните 3:20). Наместо тоа, им помогнале на милиони луѓе да дознаат за Божјата влада. А „другите овци“, кои имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата во Божјиот нов свет, ги поддржуваат помазаниците. И тие се неутрални (Јован 10:16; Матеј 25:31-40). Јасно е дека ниту еден вистински христијанин не треба да се меша во политиката на овој свет. (Прочитај Исаија 2:2-4.)

5. Која е една причина зошто вистинските христијани не учествуваат во војна?

5 Вистинските христијани гледаат на сите соверници како на свое семејство и се обединети без разлика од која земја или од каква средина доаѓаат (1. Коринќаните 1:10). Кога би учествувале во војна, би се бореле против нашето семејство, односно нашите соверници, за кои Исус ни заповедал да ги сакаме (Јован 13:34, 35; 1. Јованово 3:10-12). Исус им заповедал на своите ученици да ги сакаат дури и своите непријатели (Матеј 5:44; 26:52).

6. Каков став имаат Божјите слуги кон властите?

6 Иако како христијани сме неутрални, се трудиме да бидеме добри граѓани. На пример, покажуваме почит кон властите така што ги почитуваме законите и ги плаќаме сите давачки. Но најважно ни е да му го дадеме „Божјето на Бог“ (Марко 12:17; Римјаните 13:1-7; 1. Коринќаните 6:19, 20). Што спаѓа во она што треба да му го дадеме на Бог? Да го сакаме, да му бидеме послушни и да го обожаваме само него. Ние сме решени да му бидеме послушни на Јехова дури и по цена на нашиот живот (Лука 4:8; 10:27; прочитај Дела 5:29; Римјаните 14:8).

СПРОТИВСТАВИ МУ СЕ НА „ДУХОТ НА СВЕТОТ“

7-8. Што е „духот на светот“, и како влијае врз луѓето?

7 Не сме дел од светот на Сатана во таа смисла што не дозволуваме „духот на светот“ да влијае врз нас. „Духот на светот“ е начинот на размислување и однесување што го шири Сатана и кој влијае врз оние што не му служат на Јехова. Но Божјите слуги му се спротивставуваат на ова влијание. Како што рекол апостол Павле: „Ние не го примивме духот на светот, туку духот кој е од Бог“ (1. Коринќаните 2:12; Ефешаните 2:2, 3; види Белешка 17).

8 Духот на светот ги тера луѓето да бидат себични, горделиви и бунтовни. Ги тера да мислат дека не мора да му бидат послушни на Бог. Сатана има за цел да ги наведе луѓето да прават што сакаат без да мислат на последиците. Тој сака да ги убеди дека најважно во животот е да си ги задоволат своите желби (1. Јованово 2:16; 1. Тимотеј 6:9, 10). Главна мета на Ѓаволот се Божјите слуги. Тој се обидува да нѐ намами да размислуваме како него (Јован 8:44; Дела 13:10; 1. Јованово 3:8).

9. Како би можел врз нас да влијае духот на светот?

9 Исто како воздухот што го дишеме, духот на светот е насекаде околу нас. Ако не даваме сѐ од себе за да му се спротивставиме на таквиот дух, тој ќе влијае врз нас. (Прочитај Изреки 4:23.) Ова може да почне на навидум безопасни начини, на пример, ако дозволиме врз нас да влијаат размислувањата и ставовите на луѓето кои не му служат на Јехова (Изреки 13:20; 1. Коринќаните 15:33). Врз нас би можеле да влијаат и работи како што се порнографијата, отпадништвото или спортовите во кои е најважно да се победи по секоја цена. (Види Белешка 18.)

10. Како можеме да му се спротивставиме на духот на светот?

10 Како можеме да му се спротивставиме на духот на светот? Треба да останеме блиски со Јехова и да му дозволиме да нѐ води преку мудрите совети од неговата Реч. Мора постојано да го молиме да ни го дава својот свет дух и да бидеме зафатени со духовни активности. Јехова е најмоќната личност во вселената. Уверени сме дека тој може да ни помогне да му се спротивставиме на духот на светот (1. Јованово 4:4).

ОБЛЕКУВАЈ СЕ НА НАЧИН ШТО МУ НОСИ СЛАВА НА БОГ

11. Како духот на светот влијае врз начинот на кој луѓето се облекуваат?

11 Друг начин на кој покажуваме дека не сме дел од светот е со нашиот изглед и со начинот на кој се облекуваме. Многу луѓе во светот сакаат со облеката да привлечат внимание, да побудат неморални мисли кај другите, да изразат бунт кон општеството или да покажат колку се богати. На други воопшто не им е гајле како изгледаат, односно дали се неуредни или валкани. Ние не смееме да дозволиме ваквите ставови да влијаат врз тоа како ќе се облекуваме и како ќе изгледаме.

Дали со начинот на кој се облекувам му носам слава на Јехова?

12-13. Кои начела треба да нѐ водат кога одлучуваме што ќе облечеме?

12 Како слуги на Јехова, треба секогаш да се облекуваме со добар вкус и нашата облека треба да биде уредна, чиста и соодветна на приликата. Од нашиот изглед секогаш треба да се гледа дека сме „скромни и разборити“ како што им прилега на оние што „го почитуваат Бог“ (1. Тимотеј 2:9, 10; Јуда 21).

13 Начинот на кој се облекуваме може да влијае врз тоа какво мислење ќе имаат другите за Јехова и за неговиот народ. Ние сакаме да правиме „сѐ за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31). Грчкиот збор што се преведува со „скромност“ меѓу другото значи да се почитуваат чувствата и ставовите на другите. Затоа, кога одлучуваме како ќе се облечеме и како ќе изгледаме, не смееме да заборавиме дека нашите одлуки влијаат врз другите (1. Коринќаните 4:9; 2. Коринќаните 6:3, 4; 7:1).

14. На што треба да мислиме кога одлучуваме како да се облечеме кога учествуваме во теократски активности?

14 Како се облекуваме кога одиме на нашите состаноци или во служба на проповедање? Дали привлекуваме премногу внимание кон себеси? Дали на другите им е непријатно поради нашата облека? Дали сметаме дека начинот на кој се облекуваме е наша лична работа и дека никој не треба да ни се меша во тоа? (Филипјаните 4:5; 1. Петрово 5:6). Се разбира, нормално е да сакаме да изгледаме убаво, но она што ќе нѐ направи вистински убави се нашите христијански особини. Токму тоа е она што Јехова го забележува кај нас. Од таквите особини се гледа какви сме одвнатре. Тие го откриваат „тајниот човек на срцето“ и се скапоцени во Божји очи (1. Петрово 3:3, 4).

15. Зошто Јехова не ни дал конкретни правила во врска со облекувањето и изгледот?

15 Јехова не ни дал список со правила за тоа каква облека треба, а каква не треба да носиме. Наместо тоа, ни дал библиски начела кои можат да ни помогнат да донесуваме добри одлуки (Евреите 5:14). Тој сака со нашите одлуки, без разлика дали се мали или големи, да покажеме љубов кон него и кон другите. (Прочитај Марко 12:30, 31.) Божјите слуги низ целиот свет се облекуваат на различни начини во зависност од културата од која потекнуваат и од нивниот личен вкус. Ваквите разлики го прават животот поубав и поинтересен.

УРАМНОТЕЖЕН СТАВ КОН ПАРИТЕ

16. а) Каков став има светот кон парите, а што поучувал Исус? б) За кои прашања треба да размислиме?

16 Сатана сака луѓето да мислат дека парите и материјалните работи ќе ги направат среќни. Но слугите на Јехова знаат дека тоа не е вистина. Се согласуваме со следниве зборови на Исус: „Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Парите не можат да нѐ направат вистински среќни. Со нив не можеме да купиме вистински пријатели, внатрешен мир ниту вечен живот. Се разбира, некои материјални работи ни се неопходни. Исто така, сакаме да му се радуваме на животот. Но Исус поучувал дека ќе бидеме вистински среќни ако сме блиски пријатели со Бог и ако најважно во животот ни е да му служиме нему (Матеј 5:3; 6:22, фуснота). Прашај се: „Дали врз мене влијае ставот што светот го има кон парите? Дали размислувам и зборувам само за пари?“ (Лука 6:45; 21:34-36).

17. Каков ќе ни биде животот ако го отфрлиме ставот што светот го има кон парите?

17 Ако ни е најважно да му служиме на Јехова и ако го отфрлиме ставот што светот го има кон парите, ќе водиме исполнет живот (Матеј 11:29, 30). Ќе бидеме среќни и ќе имаме внатрешен мир (Матеј 6:31, 32; Римјаните 15:13). Нема да бидеме претерано загрижени за материјалните работи. (Прочитај 1. Тимотеј 6:9, 10.) Ќе почувствуваме колкава радост носи давањето (Дела 20:35). Ќе имаме повеќе време за оние што ги сакаме. А можеби и помирно ќе спиеме (Проповедник 5:12).

„ЦЕЛАТА БОЖЈА ВОЕНА ОПРЕМА“

18. Каква цел има Сатана?

18 Сатана сака да ни го уништи пријателството со Јехова. Затоа мора да правиме сѐ што можеме за да го зачуваме тоа пријателство. Ние се бориме „против злите духовни сили“ (Ефешаните 6:12). Сатана и неговите демони не сакаат да бидеме среќни ниту да живееме вечно (1. Петрово 5:8). Овие моќни непријатели се борат против нас, но со помош од Јехова можеме да ги победиме!

19. Што сѐ е вклучено во Божјата „воена опрема“ која е спомната во Ефешаните 6:14-18?

19 За да се заштитат на бојното поле, војниците мора да носат воена опрема. Слично на тоа, и ние мора да ја носиме духовната воена опрема што ни ја дава Јехова за наша заштита (Ефешаните 6:13). Оваа воена опрема е опишана во Ефешаните 6:14-18: „Бидете постојани! Опашајте ги своите бедра со вистината, на градите ставете го оклопот на праведноста и обујте ги нозете со спремноста да ја проповедате добрата вест на мирот. Пред сѐ, земете го големиот штит на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите огнени стрели на Злобниот. Земете го и шлемот на спасението и мечот на духот, односно речта Божја, молејќи се во духот со секаква молитва и сесрдна молба во секоја пригода“.

20. Што мора да правиме за духовната „воена опрема“ да нѐ штити?

20 Ако еден војник заборави дел од својата опрема, непријателот ќе го нападне токму таму каде што телото му е незаштитено. Затоа, ако сакаме нашата духовна „воена опрема“ да нѐ штити, не смееме да заборавиме ниту еден нејзин дел. Мора да ја носиме во секое време и да ја одржуваме во добра состојба. Нашата борба ќе продолжи сѐ додека не биде уништен светот на Сатана, кога тој и неговите демони веќе нема да имаат никакво влијание врз Земјата (Откровение 12:17; 20:1-3). Затоа, доколку се бориме со погрешни желби или со некои слабости, не треба да се откажуваме! (1. Коринќаните 9:27).

21. Како можеме да победиме во духовната војна?

21 Сами не можеме да го победиме Ѓаволот, но со помош од Јехова можеме! За да му останеме верни на Јехова, треба да му се молиме, да ја проучуваме неговата Реч и да бидеме заедно со нашите браќа и сестри (Евреите 10:24, 25). Сето ова ќе ни помогне да му останеме верни на Бог и да бидеме спремни да ја браниме нашата вера.

БИДИ СПРЕМЕН ДА ЈА БРАНИШ СВОЈАТА ВЕРА

22-23. а) Што ќе ни помогне секогаш да бидеме спремни да ја браниме нашата вера? б) Што ќе разгледаме во следното поглавје?

22 Мора секогаш да бидеме спремни да ја браниме нашата вера (Јован 15:19). За одредени работи, Јеховините сведоци имаат многу поинаков став од повеќето луѓе. Прашај се: „Дали ми е сосема јасно зошто имаме ваков став за оваа работа? Дали сум уверен дека тоа што го пишува во Библијата и тоа што го вели верниот и разборит роб е исправно? (Матеј 24:45; Јован 17:17). Дали се гордеам што сум Јеховин сведок? (Псалм 34:2; Матеј 10:32, 33). Можам ли да им ги објаснам моите верувања на другите?“ (Прочитај 1. Петрово 3:15.)

23 Во многу ситуации е сосема јасно што мора да правиме за да останеме одвоени од светот. Но има и ситуации кога тоа не е толку очигледно. Сатана сака да нѐ измами на разни начини. Една замка што ја користи е забавата. Како можеме да избереме забава која ќе нѐ освежи и ќе ни помогне да зачуваме чиста совест? Ова ќе го разгледаме во следното поглавје.