ПОГЛАВЈЕ 16
Спротивстави му се на Ѓаволот
„Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (ЈАКОВ 4:7)
1-2. Што треба да знаеме за Сатана и за демоните?
ЖИВОТОТ во Божјиот нов свет ќе биде прекрасен. Конечно ќе живееме онака како што Јехова имал намера. Но, сега живееме во свет кој е под власта на Сатана и неговите демони (2. Коринќаните 4:4). Иако не ги гледаме, тие постојат и имаат голема моќ.
2 Во ова поглавје, ќе видиме како можеме да останеме блиски со Јехова и да се заштитиме од Сатана. Јехова ни ветува дека ќе ни помага. Но треба да знаеме на кои начини Сатана и демоните се обидуваат да нѐ заведат и да нѐ нападнат.
„КАКО РАЗРИКАН ЛАВ“
3. Што сака Ѓаволот да ни направи?
3 Сатана тврди дека ние го обожаваме Јехова од себични причини и дека ќе престанеме да му служиме кога ќе се соочиме со тешки ситуации. (Прочитај Јов 2:4, 5.) Кога некој покажува дека сака да учи за Јехова, Сатана и демоните го забележуваат тоа и се обидуваат да го спречат. Тие се гневни кога некој ќе му се заветува на Јехова и ќе се крсти. Во Библијата пишува дека Ѓаволот е како „разрикан лав и бара некого да проголта“ (1. Петрово 5:8). Сатана сака да ни го уништи односот со Јехова (Псалм 7:1, 2; 2. Тимотеј 3:12).
4-5. а) Што не може да направи Сатана? б) Што значи да му се спротивставиме на Ѓаволот?
4 Сепак, не треба да се плашиме од Сатана и од демоните. Јехова го ограничил нивното влијание и затоа не можат да ни направат сѐ што сакаат. Тој ветува дека едно „големо мноштво“ вистински христијани ќе ја преживеат „големата неволја“ (Откровение 7:9, 14). Ѓаволот со ништо не може да го спречи тоа бидејќи Јехова го штити својот народ.
5 Ако останеме блиски со Јехова, Сатана не може да ни го наруши пријателството со него. Божјата Реч нѐ уверува: „Јехова ќе биде со вас сѐ додека вие сте со него“ (2. Летописи 15:2; прочитај 1. Коринќаните 10:13). Голем број верни Божји слуги од минатото, како што се Авел, Енох, Ное, Сара и Мојсеј, му се спротивставиле на Ѓаволот со тоа што останале блиски со Јехова (Евреите 11:4-40). И ние можеме да го направиме истото. Божјата Реч ни ветува: „Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (Јаков 4:7).
СЕ БОРИМЕ „ПРОТИВ ЗЛИТЕ ДУХОВНИ СИЛИ“
6. Што се обидува Сатана да направи и што користи за таа цел?
6 Иако Сатана знае дека Јехова го ограничил неговото влијание врз нас, тој сепак се обидува да стори сѐ што може за да ни го наруши пријателството со Бог. Ѓаволот нѐ напаѓа на многу различни начини, и ги користи истите тактики веќе илјадници години. Кои се некои од нив?
7. Зошто Сатана ги напаѓа Божјите слуги?
7 Апостол Јован напишал: „Целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19). Сатана има контрола врз овој злобен свет и сака да има контрола и врз Божјите слуги (Михеј 4:1; Јован 15:19; Откровение 12:12, 17). Тој знае дека му останува уште малку време, и затоа врши силен притисок врз секој од нас со цел да му бидеме неверни на Бог. Понекогаш Ѓаволот користи директни напади, но понекогаш неговите напади се подмолни.
8. За што треба да биде свесен секој Божји слуга?
8 Во Ефешаните 6:12 пишува: „Се бориме... против злите духовни сили на небесата“. Секој од нас води лична борба со Ѓаволот и демоните. Треба да бидеме свесни дека сите што му се заветувале на Јехова водат таква борба. Во своето писмо до Ефешаните, апостол Павле неколку пати ги поттикнал христијаните да останат постојани во борбата против Ѓаволот (Ефешаните 6:11, 13, 14).
9. Што се обидуваат да ни направат Сатана и демоните?
9 Сатана и демоните се обидуваат да нѐ измамат на различни начини. Ако Сатана не успеал да нѐ заведе на еден начин, не значи дека не може да нѐ заведе на друг начин. Ѓаволот се обидува да ги открие нашите слабости за да може да избере соодветни стапици за да нѐ улови. Но ние не мора да станеме негов плен бидејќи од Библијата дознаваме кои се неговите стапици (2. Коринќаните 2:11; види Белешка 31). Една од нив е демонизмот.
НЕМОЈ ДА ИМАШ НИШТО СО ДЕМОНИТЕ
10. а) Што е демонизам? б) Како гледа Јехова на демонизмот?
10 Демонизам е стапување во контакт со демони. Тоа може да биде преку гатање, магии, фрлање уроци, повикување на мртви, носење амајлии, толкување соништа, астрологија и слично. Во Библијата пишува дека демонизмот е нешто одвратно и дека не можеме да се занимаваме со демонизам, а во исто време да го обожаваме Јехова (5. Мојсеева 18:10-12; Откровение 21:8). Христијаните мора сосема да ги избегнуваат сите видови на демонизам (Римјаните 12:9).
11. Што може да ни се случи ако сме љубопитни за натприродни работи?
11 Сатана знае дека, ако се интересираме за натприродни работи, лесно ќе може да нѐ вовлече во демонизам. Ако некој се занимава со кој и да било вид на демонизам, тоа ќе му го уништи односот со Јехова.
САТАНА СЕ ОБИДУВА ДА НЀ ИЗМАМИ
12. Како Сатана сака да влијае врз нашето размислување?
12 Сатана се обидува да ги збуни луѓето. Тој постепено им всадува сомнежи сѐ додека тие не почнат да мислат дека доброто е зло, а злото е добро (Исаија 5:20). Ѓаволот ја шири идејата дека библиските совети се бескорисни и дека ќе бидеме посреќни ако не се држиме за Божјите мерила.
13. Како Сатана се обидел да всади сомнежи?
13 Една од најуспешните методи со кои Сатана се обидува да ги измами луѓето е така што им всадува сомнежи. Тоа го прави веќе долго време. Во рајската градина, тој се обидел да всади сомнежи кај Ева со прашањето: „Навистина ли рекол Бог дека не смеете да јадете од секое дрво во градината?“ (1. Мојсеева 3:1). Подоцна, во времето на Јов, Сатана го прашал Јехова во присуство на ангелите: „Зарем Јов залудно се бои од Бог?“ (Јов 1:9). Откако Исус се крстил, Сатана се обидел да го искуша со зборовите: „Ако си Божји син, кажи им на овие камења да станат лебови!“ (Матеј 4:3).
14. Како Сатана се обидува да ги наведе луѓето да се прашуваат дали демонизмот навистина е опасен?
14 Ѓаволот и денес продолжува да создава сомнежи. Тој се обидува да ги наведе луѓето да се прашуваат дали демонизмот е навистина нешто толку лошо така што некои видови демонизам ги прикажува како сосема безопасни. Ова му успева дури и кај некои христијани (2. Коринќаните 11:3). Според тоа, како можеме да се заштитиме? Како можеме да провериме дали Сатана успеал да нѐ измами? Да видиме како би можеле да бидеме измамени на две подрачја: забавата и грижата за здравјето.
САТАНА ГИ ИСКОРИСТУВА НАШИТЕ ПРИРОДНИ ЖЕЛБИ
15. Како би можеле преку забавата да се вплеткаме во демонизам?
15 Ние луѓето имаме природна желба да се забавуваме. Денес, во многу филмови, видеоклипови, телевизиски програми, компјутерски игри и интернет-страници се прикажуваат демони, магии и натприродни сили. Многумина мислат дека овие работи се само обична забава и не сфаќаат колку е опасно да им дозволат на демоните да влезат во нивниот живот. Во демонизам би можеле да се вплеткаме и преку хороскоп, гледање на дланка, гледање на кафе, тарот карти, кристална топка и слични работи. Ѓаволот ја прикрива опасноста и се обидува да ги прикаже таквите работи како мистериозни, привлечни и забавни. Некој дури би можел да си мисли дека не е опасно да гледа нешто демонско или натприродно сѐ додека самиот не се занимава со демонизам. Зошто ваквото размислување е опасно? (1. Коринќаните 10:12).
16. Зошто треба да ја отфрлиме забавата во која се прикажуваат натприродни работи?
16 Сатана и демоните не можат да ни ги читаат мислите. Но тие можат да дознаат какви желби имаме и за што размислуваме така што гледаат какви одлуки носиме за себе и за семејството, во што спаѓа и нашиот избор на забава. Ако избираме филмови, музика или книги за луѓе што повикуваат духови, за магии, за луѓе опседнати од демони, за вештерки, за вампири и слично, Сатана и демоните ќе знаат дека сме љубопитни за такви работи. Тогаш тие би можеле да се обидат уште повеќе да нѐ вовлечат во демонизам, односно да нѐ наведат и самите да се занимаваме со тоа. (Прочитај Галатите 6:7.)
17. Како Сатана може да ја искористи нашата желба да бидеме здрави?
17 Сатана би можел да ја искористи и нашата природна желба да бидеме здрави. Денес, многумина имаат здравствени проблеми. Некој можеби пробал различни начини на лекување, но ништо не му помогнало (Марко 5:25, 26). Тој можеби станал дури и очаен и спремен да проба што и да било за да се излечи. Но, како христијани, треба да внимаваме да не избереме некое лекување во кое е вклучена магија, односно некоја натприродна сила (Исаија 1:13).
18. Каков начин на лекување треба да избегнува еден христијанин?
18 Во минатото, некои Израелци се занимавале со магија. Јехова им рекол: „Кога во молитва ги ширите рацете, ги затворам очите пред вас. Кажувате многу молитви, но јас не слушам“ (Исаија 1:15). Замисли, Јехова не сакал да ги слуша дури ни нивните молитви! Не би сакале да направиме нешто што би можело да ни го наруши пријателството со Јехова и поради кое тој не би сакал да ни помогне, особено кога сме болни (Псалм 41:3). Затоа мора да дознаеме дали лекувањето што сакаме да го користиме има некаква врска со демонизам или со некоја натприродна сила (Матеј 6:13). Доколку постои веројатност дека лекувањето има врска со такво нешто, не треба да го користиме! (Види Белешка 32.)
ПРИКАЗНИ ЗА ДЕМОНИТЕ
19. Зошто многу луѓе се плашат од Ѓаволот?
19 Некои луѓе мислат дека Ѓаволот и демоните се измислени, а други знаат дека тие постојат бидејќи го почувствувале нивното влијание. Многу луѓе живеат во страв од злите духови и им робуваат на суеверни обичаи. Други шират страв од демоните така што раскажуваат приказни за тоа како тие им прават ужасни работи на луѓето. Честопати, оние што ги слушаат таквите приказни се восхитени од нив и едвај чекаат да им ги раскажат на другите. Поради овие приказни, многу луѓе се плашат од Ѓаволот.
20. Како би можеле да ги шириме лагите на Сатана?
20 Сатана сака луѓето да се плашат од него (2. Солуњаните 2:9, 10). Тој е лажливец кој знае како да влијае врз умовите на оние што се интересираат за демонизам и да ги наведе да веруваат во нешто што не мора да биде вистинито. Тие луѓе можеби раскажуваат приказни за работи за кои мислат дека ги виделе и чуле. Колку повеќе ги прераскажуваат таквите приказни, толку повеќе ги преувеличуваат. Не сакаме да му помагаме на Сатана да шири страв со тоа што ќе раскажуваме такви приказни (Јован 8:44; 2. Тимотеј 2:16).
21. Наместо да раскажуваме приказни за демоните, за што би можеле да зборуваме?
21 Ако некој од Јеховините слуги имал контакт со демоните во минатото, тој не треба да раскажува што му се случувало со цел да ги забавува другите. Божјите слуги не треба да се плашат од ништо што Ѓаволот и демоните можат да го направат. Наместо тоа, ние треба да мислиме на Исус и на моќта што му ја дал Јехова (Евреите 12:2). Исус не ги забавувал своите ученици со приказни за демоните. Тој се концентрирал на добрата вест за Божјето Царство и на „величествените Божји дела“ (Дела 2:11; Лука 8:1; Римјаните 1:11, 12).
22. Што си решен да правиш?
22 Не смееме да заборавиме дека целта на Сатана е да ни го уништи пријателството со Јехова. Тој ќе се обиде да стори сѐ за да успее во тоа. Но, нам ни се познати тактиките на Ѓаволот и решени сме да ги избегнуваме сите видови на демонизам. Ние нема да му дадеме можност на Ѓаволот да ја ослабне нашата решеност. (Прочитај Ефешаните 4:27.) Уверени сме дека, ако му се спротивставиме на Ѓаволот, нема да паднеме во неговите стапици и ќе ја имаме заштитата од Јехова (Ефешаните 6:11).