Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 12

Изградувај ги другите со своите зборови

Изградувај ги другите со своите зборови

„Никаков лош збор да не излегува од вашата уста, туку само оној што е добар, за да ги изградува другите“ (ЕФЕШАНИТЕ 4:29)

1-3. а) Кој е еден од добрите дарови што ни ги дал Јехова и како би можеле да го злоупотребиме? б) Како треба да го користиме говорот?

 ЗАМИСЛИ СИ како еден татко му подарува велосипед на својот син. Тој е среќен што може да му даде еден таков посебен подарок. Но, што ако синот не внимава како го вози велосипедот и притоа се случи да удри некого и да го повреди? Како ќе се чувствува таткото?

2 „Секој добар дар и секој совршен подарок“ доаѓа од Јехова (Јаков 1:17). Еден таков добар дар е говорот, односно нашата способност да зборуваме. Овој дар ни овозможува да ги изразиме нашите мисли и чувства. Со нашите зборови можеме да им помогнеме на другите и да придонесеме да се чувствуваат убаво. Но, она што го кажуваме може и да ги повреди другите и да им причини болка.

3 Зборовите имаат многу голема моќ, и Јехова нѐ учи како мудро да ги користиме. Тој ни кажува: „Никаков лош збор да не излегува од вашата уста, туку само оној што е добар, за да ги изградува другите според потребата и да им биде од корист на оние што го слушаат“ (Ефешаните 4:29). Да видиме како можеме да го користиме овој дар од Бог на начин на кој ќе го радуваме него и ќе ги охрабруваме другите.

ВНИМАВАЈ КАКО ГО КОРИСТИШ ГОВОРОТ

4-5. Што дознаваме од библиските изреки за тоа колкава моќ имаат зборовите?

4 Бидејќи зборовите имаат голема моќ, треба да внимаваме што кажуваме и како го кажуваме тоа. Во Изреки 15:4 пишува: „Благиот јазик е дрво на животот, а неговата изопаченост го крши духот“. Како што под сенката на едно дрво можеме да најдеме освежување, така и љубезните зборови можат да го освежат оној што ги слуша. Од друга страна, грубите зборови ги повредуваат другите и им причинуваат болка (Изреки 18:21).

Благите зборови се вистинско освежување

5 Во Изреки 12:18 стои: „Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч“. Нељубезните зборови можат да предизвикаат емоционална болка и да уништат пријателства. Можеби се сеќаваш како некој зборувал грубо со тебе и длабоко те повредил. Но, изреката понатаму вели: „Јазикот на мудрите е лек“. Промислените зборови можат да излечат едно рането срце и да ги поправат нарушените односи меѓу пријатели кои имале недоразбирање. (Прочитај Изреки 16:24.) Ако имаме на ум дека нашите зборови влијаат врз другите, ќе внимаваме како ги користиме.

6. Зошто не е лесно да ги контролираме нашите зборови?

6 Друга причина поради која треба да внимаваме на нашите зборови е тоа што сите сме несовршени. „Човечкото срце е склоно кон зло“ и она што го кажуваме честопати открива што имаме во срцето (1. Мојсеева 8:21; Лука 6:45). Може да ни биде многу тешко да ги контролираме нашите зборови. (Прочитај Јаков 3:2-4.) Но, треба и понатаму да се трудиме да го подобруваме начинот на кој зборуваме со другите.

7-8. Како можат нашите зборови да влијаат врз нашето пријателство со Јехова?

7 Уште една причина поради која треба да внимаваме на нашиот говор е тоа што ќе му поднесеме сметка на Јехова за она што го кажуваме и за начинот на кој го кажуваме. Во Јаков 1:26 пишува: „Ако некој мисли дека го почитува Бог на исправен начин, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговото почитување е залудно“. Според тоа, ако не внимаваме на нашите зборови, можеме да си го нарушиме, па дури и да си го уништиме пријателството со Јехова (Јаков 3:8-10).

8 Јасно е дека имаме добри причини да внимаваме што зборуваме и како зборуваме. Говорот е прекрасен дар од Јехова. За да го користиме онака како што сака тој, треба да знаеме какви зборови да не употребуваме.

ЗБОРОВИ ШТО ГИ ОБЕСХРАБРУВААТ ДРУГИТЕ

9-10. а) Какви зборови користат луѓето во светот денес? б) Зошто не треба да користиме безобразни зборови?

9 Денес е вообичаено луѓето да користат безобразни, односно нечисти зборови. Многумина мислат дека мора да пцујат и да користат вулгарни зборови за другите подобро да ги разберат. Комичарите честопати користат безобразни шеги и вулгарни, непристојни зборови за да ги насмеат другите. Но, апостол Павле рекол: „Отфрлете го сето ова: гневот, лутината, злобата, погрдниот говор, а безобразни зборови да не излегуваат од вашата уста“ (Колошаните 3:8). Тој исто така рекол дека меѓу вистинските христијани не треба дури ни да се спомнуваат „безобразни шеги“ (Ефешаните 5:3, 4).

10 За Јехова и за оние што го сакаат него, безобразните зборови се одвратни и нечисти. Во Библијата, нечистотијата е вклучена во „делата на телото“ (Галатите 5:19-21). Во „нечистотија“ може да спаѓаат најразлични гревови, и една нечиста навика може да води до друга. Ако некој стекнал навика да користи крајно нечисти, безобразни зборови и одбива да престане со тоа, ова би можело да покажува дека тој повеќе не треба да биде дел од собранието (2. Коринќаните 12:21; Ефешаните 4:19; види Белешка 23).

11-12. а) Како може нашите разговори да преминат во озборување? б) Зошто не треба да ги клеветиме другите?

11 Исто така, не треба да озборуваме. Сосема е природно да се интересираме за другите и да споделуваме новости за нашите пријатели и за нашето семејство. И во првиот век, христијаните сакале да знаат како се нивните браќа и сестри и како би можеле да им помогнат (Ефешаните 6:21, 22; Колошаните 4:8, 9). Но, додека зборуваме за другите, лесно е таквиот разговор да премине во озборување, односно би можеле да почнеме негативно да зборуваме за нив, да кажуваме работи кои не се точни или да откриеме некои нивни лични работи. Ако не внимаваме, ваквиот негативен разговор може дури да прејде во лажно обвинение, или клевета. Фарисеите го наклеветиле Исус кога го обвиниле за работи што не ги направил (Матеј 9:32-34; 12:22-24). Клеветењето го нарушува угледот, создава караници, причинува болка и уништува пријателства (Изреки 26:20).

12 Јехова сака да ги користиме нашите зборови за да им помагаме и да ги храбриме другите, а не да расипуваме пријателства. Бог го мрази „оној што подбуцнува караници меѓу браќата“ (Изреки 6:16-19). Првиот клеветник бил Сатана Ѓаволот, кој го наклеветил Бог (Откровение 12:9, 10). Во денешниот свет е вообичаено луѓето да шират лаги за другите. Но ова не треба да се случува меѓу Божјите слуги (Галатите 5:19-21). Затоа, треба да внимаваме што зборуваме и секогаш да размислиме пред да кажеме нешто. Пред да пренесеш некоја информација за некого, прашај се: „Дали она што сакам да го кажам е вистина? Дали би било убаво да им го пренесам на другите? Дали некому ќе му користи? Дали би сакал тоа да го слушне и личноста за која зборувам? Како би се чувствувал јас ако некој би го кажал тоа за мене?“ (Прочитај 1. Солуњаните 4:11.)

13-14. а) Како може навредливиот говор да влијае врз луѓето? б) Зошто христијаните не треба да ги навредуваат и омаловажуваат другите?

13 Понекогаш, сите кажуваме работи за кои подоцна се каеме. Но не сакаме да ни стане навика да ги критикуваме другите или да зборуваме нељубезно и грубо со нив. Во нашиот живот нема место за навредлив говор. Павле рекол: „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор“ (Ефешаните 4:31). Навредливиот говор им го руши достоинството на другите и им создава чувство на безвредност. Особено децата можат многу лесно да бидат повредени на ваков начин и затоа мора посебно да внимаваме да не ги скршиме со нашите зборови (Колошаните 3:21).

14 Библијата најстрого ја осудува навиката да се омаловажуваат другите со навредливи и понижувачки зборови. Колку би било жално доколку некој би постапувал на таков начин со својот брачен другар или со децата! Всушност, оној што не сака да престане да ги навредува и омаловажува другите не може да остане дел од собранието (1. Коринќаните 5:11-13; 6:9, 10). Како што видовме досега, ако користиме безобразни, невистинити или груби зборови, ќе си го нарушиме пријателството со Јехова и со другите.

ЗБОРОВИ ШТО ГИ ИЗГРАДУВААТ ДРУГИТЕ

15. Какви зборови ги изградуваат другите?

15 Како можеме да го користиме говорот онака како што сака Јехова? Иако во Библијата не пишува конкретно што треба а што не треба да кажуваме, во неа пишува дека треба да зборуваме само работи кои ги изградуваат другите (Ефешаните 4:29). Зборовите што изградуваат се чисти, љубезни и вистинити. Јехова сака со нашиот говор да ги охрабруваме и да им помагаме на другите. Ова не е секогаш лесно. Многу повеќе труд треба да вложиме за да кажеме нешто позитивно отколку да кажеме груби и непромислени зборови (Тит 2:8). Да разгледаме неколку начини на кои можеме да ги изградуваме другите со нашите зборови.

16-17. а) Зошто треба да ги пофалуваме другите? б) Кого можеме да го пофалиме?

16 И Јехова и Исус великодушно даваат пофалби. Ние сакаме да го следиме нивниот пример (Матеј 3:17; 25:19-23; Јован 1:47). За да дадеме некому пофалба што навистина ќе го охрабри, треба однапред да размислуваме за тоа лице и да покажеме личен интерес. Во Изреки 15:23 пишува: „Збор кажан во право време — колку е добар!“ Ние сме охрабрени кога некој искрено ќе нѐ пофали за нашиот труд или ќе ни изрази благодарност за нешто што сме го направиле. (Прочитај Матеј 7:12; види Белешка 27.)

17 Ако стекнеме навика да го гледаме доброто кај другите, ќе ни биде полесно искрено да ги пофалуваме. На пример, можеби забележуваш дека некој од собранието добро се подготвува за своите говори или дека се труди да коментира на состаноците. Некој помлад објавител можеби зазема цврст став за вистината на училиште, а некој постар соверник можеби редовно учествува во службата на проповедање. Твоите пофалби можеби се токму она што им е потребно. Исто така, многу е важно мажот да ѝ кажува на својата жена дека ја сака и дека ја цени (Изреки 31:10, 28). Исто како што на растенијата им се потребни светлина и вода, на луѓето им е потребно да се чувствуваат ценети. Ова особено им значи на децата. Затоа, користи ја секоја прилика да ги пофалиш за нивните добри особини и за трудот што го вложуваат. Пофалбите можат да им влеат храброст и самодоверба и да ги поттикнат уште повеќе да се трудат да го прават она што е исправно.

Би можеле да ги храбриме и тешиме другите со зборовите што ги кажуваме и со начинот на кој ги кажуваме

18-19. а) Зошто треба да дадеме сѐ од себе за да ги храбриме и тешиме другите? б) Како можеме да го правиме тоа?

18 Кога ги храбриме и тешиме другите, ние го следиме примерот на Јехова. Тој многу се грижи за „оние што имаат скршен и понизен дух“ (Исаија 57:15). Јехова сака постојано да се храбриме едни со други и да ги тешиме оние што се потиштени (1. Солуњаните 5:11, 14). Кога се трудиме да го правиме ова, тој го гледа и го цени нашиот труд.

19 Можеби забележуваш дека некој во собранието е обесхрабрен или потиштен. Со кои зборови би можел да му помогнеш? Можеби нема да му го решиш проблемот на тој соверник, но можеш да му покажеш дека се грижиш за него. На пример, би можел да одвоиш време за него. Би можел да му прочиташ некој охрабрувачки стих од Библијата, па дури би можел и да му предложиш да се помолите заедно (Псалм 34:18; Матеј 10:29-31). Увери го потиштениот соверник дека браќата и сестрите во собранието го сакаат (1. Коринќаните 12:12-26; Јаков 5:14, 15). И зборувај на начин што покажува дека навистина го мислиш она што го кажуваш. (Прочитај Изреки 12:25.)

20-21. Што им помага на луѓето полесно да прифатат совет?

20 Ние ги изградуваме другите и кога им даваме добар совет. Како несовршени луѓе, одвреме-навреме на сите ни треба совет. Во Изреки 19:20 пишува: „Слушај совет и прифати укор, за после да бидеш мудар“. Старешините не се единствените кои можат да дадат совет. Родителите треба да им даваат совети на своите деца (Ефешаните 6:4). И сестрите можат да си даваат совети една на друга (Тит 2:3-5). Бидејќи ги сакаме нашите браќа и сестри, се трудиме да им дадеме совет на таков начин што нема да ги повреди. Што може да ни помогне во тоа?

21 Можеби се сеќаваш кога некој ти дал добар совет на таков начин што ти било лесно да го прифатиш. Зошто ти било лесно да го прифатиш советот? Можеби си почувствувал дека тоа лице навистина се грижи за тебе. Можеби зборувало обѕирно и со љубов (Колошаните 4:6). Исто така, веројатно советот бил на темел на Библијата (2. Тимотеј 3:16). Без разлика дали директно цитираме од Библијата или не, секој наш совет треба да има библиски темел. Никој не треба да им ги наметнува своите мислења на другите ниту погрешно да ги применува библиските стихови за да поддржи некое свое гледиште. Ако се сеќаваш на кој начин ти бил даден советот, тоа ќе ти помогне кога им даваш совети на другите.

22. Како би сакал да го користиш говорот?

22 Способноста да зборуваме е дар од Бог. Нашата љубов кон него треба да нѐ поттикне исправно да го користиме тој дар. Не заборавај дека зборовите имаат моќ да ги охрабрат или да ги повредат другите. Затоа, да дадеме сѐ од себе да ги зајакнуваме и да ги охрабруваме другите со нашите зборови.