Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕВЕТТО ПОГЛАВЈЕ

„Бегајте од блуд“

„Бегајте од блуд“

„Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста, која е идолопоклонство“ (КОЛОШАНИТЕ 3:5).

1, 2. Каков план сковал Валаам за да му нанесе штета на Јеховиниот народ?

ЕДЕН рибар оди на своето омилено место за рибарење. Има намислено тој ден да фаќа одреден вид риба. Избира мамка, ја става на јадицата и ја фрла во вода. Неколку минути подоцна, тапата пропаѓа, трската се извиткува и рибарот почнува да го мота конецот. Задоволно се смешка затоа што знае дека ја избрал вистинската мамка.

2 Во 1473 год. пр.н.е., еден човек по име Валаам многу размислувал каква мамка да употреби. Но, неговиот улов требало да биде Божјиот народ, кој бил улогорен во моавските рамници, на прагот на Ветената земја. Валаам тврдел дека е пророк на Јехова, но тој, всушност, бил еден алчен човек најмен да го проколне Израел. Меѓутоа, во таа ситуација Бог се вмешал и Валаам не можел да направи ништо друго освен да го благослови Израел. Сепак, решен да си ја добие наградата, на Валаам му текнало дека би можел да го наведе Бог самиот да го проколне својот народ. Требало само да ги намами Израелците да направат некој тежок грев. Со таа цел на ум, Валаам ја фрлил својата мамка — убавите Моавки (4. Мојсеева 22:1-7; 31:15, 16; Откровение 2:14).

3. Во колкава мера успеал планот на Валаам?

3 Дали планот на Валаам успеал? Во извесна мера, да. Десетици илјади Израелци се фатиле на мамката и ‚се впуштиле во блуд со моавските ќерки‘. Дури почнале да им се клањаат на моавските богови, меѓу кои бил и одвратниот Ваал фегорски, бог на плодноста, односно сексот. Како резултат на тоа, 24.000 Израелци изгинале на самиот праг на Ветената земја. Каква страшна катастрофа! (4. Мојсеева 25:1-9).

4. Зошто илјадници Израелци се фатиле на мамката на неморалот?

4 Зошто дошло до оваа несреќа? Кај мнозина се вгнездила злоба во срцето затоа што се оддалечиле од Јехова, Богот кој ги избавил од Египет, кој ги хранел во пустината и кој ги штител и ги водел до Ветената земја (Евреите 3:12). Во врска со овој случај, апостол Павле напишал: „Да не вршиме блуд, како што некои од нив извршија блуд, па во еден ден паднаа дваесет и три илјади“ * (1. Коринќаните 10:8).

5, 6. Зошто извештајот за гревот што го направил Израел во моавските рамници е од големо значење за нас денес?

5 Денес, Божјиот народ, кој стои на прагот на една многу поубава ветена земја, може да извлече важни поуки од извештајот од 4. Мојсеева (1. Коринќаните 10:11). На пример, слично на древните Моавци, и светот денес е опседнат со секс, но во многу поголеми размери. Освен тоа, секоја година илјадници христијани се фаќаат на мамката на неморалот — во основа, истата мамка на која се фатиле и Израелците (2. Коринќаните 2:11). Како Зимриј, кој дрско прошетал една Мадијамка низ израелскиот логор и ја внел во својот шатор, и денес некои што се дружат со Божјиот народ имаат слично лошо влијание во христијанското собрание (4. Мојсеева 25:6, 14; Јуда 4).

6 Сфаќаш ли дека се наоѓаш во ситуација слична на онаа во која се нашле Израелците во моавските рамници? Ја гледаш ли пред себе наградата — новиот свет кој толку долго го чекаме? Ако ја гледаш, тогаш прави сѐ што е во твоја моќ за да ја зачуваш Божјата љубов со тоа што ќе бидеш послушен на заповедта: „Бегајте од блуд“ (1. Коринќаните 6:18).

Поглед на моавските рамници

ШТО Е БЛУД?

7, 8. Што е „блуд“, и како оние што вршат блуд го жнеат она што го сеат?

7 Зборот „блуд“ што се користи во Библијата (грчки: порни́а) се однесува на недозволени сексуални односи надвор од бракот кој е одобрен според Библијата. На пример, тој вклучува прељуба, проституција, полови односи помеѓу лица што не се во брак, како и орален и анален секс и милување на половите органи на лице со кое некој не е во брак. Исто така, се однесува и на полови односи меѓу лица од ист пол, како и на содомија, односно полови односи со животни. *

8 Библијата многу јасно кажува: сите што вршат блуд, односно сексуален неморал, не можат да останат во христијанското собрание и нема да добијат вечен живот (1. Коринќаните 6:9; Откровение 22:15). Освен тоа, тие уште сега си нанесуваат голема штета себеси затоа што може да ја изгубат довербата на другите, да ја изгубат самопочитта, да имаат брачни проблеми, да ги мачи совеста, да дојде до несакана бременост, до разни болести, па дури и до смрт. (Прочитај Галатите 6:7, 8.) Зошто да правиш нешто што ќе ти донесе такви јадови? За жал, мнозина не размислуваат за крајниот резултат кога ќе го направат првиот чекор на тој пат — а честопати тоа е порнографијата.

ПОРНОГРАФИЈА — ПРВ ЧЕКОР

9. Дали порнографијата е безопасна, како што тврдат некои? Објасни.

9 Во многу земји, порнографијата ја има по киосците, во музиката и на телевизија, а Интернет буквално е преплавен со неа. * Дали порнографијата е безопасна, како што тврдат некои? Апсолутно не! Оние што гледаат порнографија може да почнат редовно да мастурбираат и да имаат „срамни сексуални страсти“, кои на крајот може да доведат до зависност од секс, перверзни желби, сериозни брачни проблеми, па дури и до развод * (Римјаните 1:24-27; Ефешаните 4:19). Еден стручњак што ја истражува зависноста од секс, ја споредува оваа зависност со рак. Тој вели: „Таа постојано расте и се шири. Речиси никогаш не се повлекува, и многу тешко се лекува“.

Мудро е дома Интернет да се користи на место каде што сите можат да видат што се случува

10. Како можеме да го примениме начелото од Јаков 1:14, 15? (Види ја и рамката „ Што ми даде сила да бидам морално чист“.)

10 Размисли за зборовите запишани во Јаков 1:14, 15: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами. Потоа желбата, кога ќе зачне, раѓа грев, а гревот, кога е направен, донесува смрт“. Затоа, ако во умот ти дојде некоја погрешна желба, веднаш преземи сѐ што треба за да ја оттргнеш! На пример, ако случајно видиш некои еротски слики, веднаш сврти го погледот на друга страна, или исклучи го компјутерот, или смени го ТВ каналот. Направи сѐ што е потребно за да не подлегнеш на неморалната желба пред таа да излезе од контрола и да те обземе! (Прочитај Матеј 5:29, 30.)

11. Кога се бориме со погрешни желби, како ќе покажеме дека имаме доверба во Јехова?

11 Јехова, кој нѐ познава подобро од што се познаваме ние самите, со добра причина нѐ поттикнува: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста, која е идолопоклонство“ (Колошаните 3:5). Точно, тоа може да биде многу тешко. Но, не заборавај дека на небото имаме стрплив Татко кој нѐ сака и од кого можеме да бараме помош (Псалм 68:19). Затоа, помоли му се веднаш штом ќе ти надојдат нечисти мисли. Моли го да ти даде „сила, која ја надминува нормалната“, и натерај се да размислуваш за други работи (2. Коринќаните 4:7; 1. Коринќаните 9:27; види ја рамката „ Како да ги оставам лошите навики?“).

12. На што се мисли со изразот нашето ‚срце‘, и зошто мораме да си го чуваме?

12 Мудриот Соломон напишал: „Од сѐ што треба да се чува, најмногу чувај си го срцето, зашто од него извира животот“ (Изреки 4:23). Нашето ‚срце‘ се однесува на тоа какви сме однатре, какви сме вистински во Божји очи. Освен тоа, дали ќе добиеме вечен живот или не, зависи од тоа како нѐ гледа Бог, а не како нѐ гледаат другите — толку едноставно, но и толку сериозно. Верниот Јов склучил со своите очи сојуз, или формален договор, да не гледа со неисправни желби по жени (Јов 31:1). Многу убав пример за нас! Псалмистот имал ист став кога се молел: „Одврати ми ги очите од безвредни работи“ (Псалм 119:37).

ЛОШИОТ ИЗБОР НА ДИНА

13. Која била Дина, и зошто велиме дека направила лош избор во поглед на пријателите?

13 Како што видовме во 3. поглавје, нашите пријатели може да имаат силно влијание врз нас — или лошо или добро (Изреки 13:20; прочитај 1. Коринќаните 15:33). Размисли за Дина, ќерката на семејниот поглавар Јаков. Иако била добро воспитана, Дина не постапила мудро и се спријателила со девојките од Ханаан. Како Моавците, и Ханаанците биле познати како неморални луѓе (3. Мојсеева 18:6-25). На ханаанските мажи, вклучувајќи го и Сихем — „најугледниот“ во домот на татко му — Дина им изгледала како лесна девојка (1. Мојсеева 34:18, 19).

14. Како изборот што го направила Дина во поглед на пријателите довел до голема несреќа?

14 Кога го запознала Сихем, на Дина веројатно ни на ум не ѝ паѓало да има полови односи со него. Но, тој го направил она што повеќето Ханаанци би го сметале за најнормално кога биле сексуално возбудени. Дури Дина и да пружила некаков отпор во последен момент, тоа немало никакво значење за него зашто ‚ја зел‘ и ‚ја обесчестил‘. Изгледа Сихем подоцна ‚се вљубил‘ во Дина, но тоа не го сменило она што ѝ го направил. (Прочитај 1. Мојсеева 34:1-4.) Дина не била единствената што пострадала во тој случај. Со својот лош избор на пријатели, таа предизвикала низа настани кои му донеле срам и понижување на целото нејзино семејство (1. Мојсеева 34:7, 25-31; Галатите 6:7, 8).

15, 16. Како можеме да стекнеме вистинска мудрост? (Види ја и рамката „ Стихови за размислување“.)

15 Дина можеби научила важна лекција, ама на потешкиот начин — дури откако се изгорела. Но, оние што го сакаат и што го слушаат Јехова не мора да ги учат лекциите во животот на тој начин. Од послушност кон Бог, тие избираат ‚да одат со мудрите‘ (Изреки 13:20а). Така, го сфаќаат „сето она што е на патот на добротата“ и избегнуваат многу непотребни проблеми и маки (Изреки 2:6-9; Псалм 1:1-3).

16 Мудроста од Бог може да ја има секој што ја сака и ја бара со тоа што редовно се моли и ги проучува Божјата Реч и материјалот што го обезбедува верниот и разборит роб (Матеј 24:45; Јаков 1:5). Многу важна е и понизноста, која се гледа по тоа дали сме спремни да ги послушаме советите од Библијата (2. Царевите 22:18, 19). На пример, еден христијанин го знае и го прифаќа начелото дека срцето е измамливо и готово на сѐ (Еремија 17:9). Но, кога ќе му биде даден конкретен добронамерен совет, дали ќе биде доволно понизен да го прифати?

17. Опиши до каква ситуација може да дојде во семејството, и објасни како може еден татко да ја советува својата ќерка.

17 Замисли си ја следнава ситуација. Еден татко не им дозволува на својата ќерка и на некој млад христијанин да излегуваат без присуство на трето лице. Девојката вели: „Ама тато, зарем не ми веруваш? Нема да направиме ништо лошо!“ Таа можеби го сака Јехова и има најдобри намери, но дали „постапува мудро“ во Божји очи? Дали ‚бега од блуд‘? Или лекомислено „има доверба во своето срце“? (Изреки 28:26). Пробај да се сетиш на уште некои начела што можат да му помогнат на овој татко да ја советува својата ќерка во врска со таа тема. (Види Изреки 22:3; Матеј 6:13; 26:41.)

ЈОСИФ БЕГАЛ ОД БЛУД

18, 19. На какво искушение се нашол Јосиф, и како се справил со него?

18 Еден добар млад човек кој го сакал Бог и избегал од блуд бил Јосиф, полубрат на Дина (1. Мојсеева 30:20-24). Јосиф и самиот ги видел последиците од лекомисленоста на сестра му. Без сомнение, спомените од тој настан, како и желбата да ја зачува Божјата љубов, му помогнале подоцна кога бил во Египет и кога жената на неговиот господар „од ден на ден“ се обидувала да го заведе. Се разбира, бидејќи бил роб, Јосиф не можел едноставно да поднесе оставка и да си замине! Морал мудро и храбро да се справи со таа ситуација. Постојано ја одбивал жената на Петефри, а на крајот дури и дословно избегал од неа. (Прочитај 1. Мојсеева 39:7-12.)

19 Размисли за момент: Ќе успеел ли Јосиф да остане морално чист ако си фантазирал за господарката или ако имал навика да размислува за секс? Веројатно не. Но, наместо да се занимава со грешни мисли, Јосиф многу го ценел својот близок однос со Јехова. Тоа се гледа од она што секогаш ѝ го кажувал на жената на Петефри: „[Мојот господар] не ми скрати ништо друго освен тебе, зашто си му жена. Па како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог?“ (1. Мојсеева 39:8, 9).

20. Како Јехова ги водел работите во случајот на Јосиф?

20 Можеш да си замислиш колку бил радосен Јехова кога гледал дека младиот Јосиф, иако далеку од своето семејство, секој ден живее морално чист живот (Изреки 27:11). Подоцна, Јехова ги водел работите и Јосиф не само што бил пуштен од затвор туку и бил поставен за управител на целиот Египет и на резервите на храна! (1. Мојсеева 41:39-49). Колкава вистина содржат зборовите од Псалм 97:10: „Вие кои го сакате Јехова, мразете го злото! Тој ги чува душите на оние што му се лојални, од раката на злите тој ги избавува“!

21. Како еден млад брат од една африканска земја покажал морална цврстина?

21 И денес, многу слуги на Бог покажуваат дека ‚го мразат злото, а го сакаат доброто‘ (Амос 5:15). Еден млад брат од една африканска земја кажува дека некоја девојка од класот директно му рекла дека ќе има секс со него ако ѝ помогне на тестот по математика. „Веднаш ја одбив“, вели тој. „Со тоа што останав морално чист, си ги зачував достоинството и самопочитта, кои се далеку повредни од златото и среброто.“ Точно, можеби гревот ќе ти донесе ‚минливи задоволства‘, но таквата краткотрајна возбуда честопати донесува и многу болки (Евреите 11:25). Освен тоа, таа е безначајна кога ќе се спореди со трајната среќа која ја чувствуваме кога сме му послушни на Јехова (Изреки 10:22).

ПРИФАТИ ЈА ПОМОШТА ОД НАШИОТ МИЛОСРДЕН БОГ

22, 23. а) Зошто ситуацијата не е безнадежна ако еден христијанин направи тежок грев? б) Каква помош може да добие оној што згрешил?

22 Бидејќи сме несовршени, мораме да се бориме за да си ги контролираме желбите на телото и за да го правиме она што е исправно пред Бог (Римјаните 7:21-25). Јехова е свесен за тоа, зашто „си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14). Но, понекогаш може да се случи некој христијанин да направи тежок грев. Дали тоа е безнадежна ситуација? Секако дека не! Точно, можеби оној што згрешил ќе сноси горки последици од својата грешка, како што било случај и со цар Давид. Сепак, Бог е секогаш ‚спремен да им прости‘ на оние што се каат и што ‚си ги признаваат гревовите‘ (Псалм 86:5; Јаков 5:16; прочитај Изреки 28:13).

23 Освен тоа, Бог со љубов дал во собранието „луѓе како дарови“ — зрели духовни пастири кои се способни и желни да помогнат (Ефешаните 4:8, 12; Јаков 5:14, 15). Нивната цел е да му помогнат на оној што згрешил повторно да има добар однос со Бог и, како што напишал мудриот човек, да „стекнува разборитост“ за да не го повтори гревот (Изреки 15:32).

‚СТЕКНУВАЈ РАЗБОРИТОСТ‘

24, 25. а) Како момчето опишано во Изреки 7:6-23 покажало дека е „неразумно“? б) Како можеме ‚да стекнеме разборитост‘?

24 Библијата зборува за ‚неразумни‘ луѓе и луѓе што ‚стекнуваат разборитост‘ (Изреки 7:7). Бидејќи не е доволно зрел духовно и нема искуство во службата за Бог, некој ‚неразумен‘ човек можеби не ќе може добро да ги согледа и да ги процени работите. Како младиот човек опишан во Изреки 7:6-23, може полесно да падне во замката да направи тежок грев. Меѓутоа, оној што „стекнува разборитост“ работи на својата личност со тоа што редовно и внимателно ја проучува Божјата Реч под молитва. Во рамките на своите можности како несовршен човек, тој ги ускладува своите мисли, желби, емоции и цели во животот со она што е прифатливо за Бог. На тој начин „си ја сака душата“, или си прави добро себеси, и „наоѓа добро“ (Изреки 19:8).

25 Запрашај се: ‚Дали сум потполно убеден дека Божјите мерила се исправни? Дали сум цврсто уверен дека најголемата среќа доаѓа кога се придржуваме за нив?‘ (Псалм 19:7-10; Исаија 48:17, 18). Ако те мачи макар и најмал сомнеж, веднаш обиди се да го решиш. Размислувај за тоа какви се последиците кога не се почитуваат Божјите закони. И друга работа, живеј според вистината и полни си го умот со корисни работи — работи кои се вистинити, праведни, чисти, допадливи и доблесни. Тогаш ‚ќе вкусиш и ќе видиш колку е добар Јехова‘ (Псалм 34:8; Филипјаните 4:8, 9). Биди уверен дека, колку повеќе го правиш тоа, толку повеќе ќе го сакаш Бог, ќе го сакаш она што тој го сака и ќе го мразиш она што тој го мрази. Јосиф не бил совршен човек. Сепак, можел да ‚избега од блудот‘ затоа што дозволил Јехова да го обликува низ годините, односно да му даде разборитост. Биди и ти како него (Исаија 64:8).

26. Која важна тема ќе биде разгледана?

26 Нашиот Творец не ни ги создал половите органи само како играчка за да си ги задоволиме желбите, туку за да имаме пород и за да чувствуваме блискост во бракот (Изреки 5:18). Во следните две поглавја ќе зборуваме за тоа како Бог гледа на бракот.

^ пас. 4 Изгледа дека во бројката што е дадена во 4. Мојсеева се вклучени „сите народни поглавари“ — можеби околу 1.000 мажи — кои биле погубени од судиите, плус оние што биле погубени директно од Јехова (4. Мојсеева 25:4, 5).

^ пас. 7 Подетална разработка на тоа што е нечистотија и што е распуштено однесување има во „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 јули 2006, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 9 Во оваа книга „порнографија“ се однесува на материјал што отворено опишува или прикажува еротски сцени со цел некој да се возбуди. Може да биде во форма на слики, текст или аудиоматеријал. Во порнографија спаѓа од слика на некој во еротска поза до приказ на развратен полов однос меѓу две или повеќе лица.

^ пас. 9 За мастурбацијата подетално се зборува во Додатокот под темата „Како да се прекине со мастурбирањето“.