Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШЕСТО ПОГЛАВЈЕ

Како да избереме добра забава

Како да избереме добра забава

„Правете сѐ за Божја слава“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 10:31).

1, 2. Какви одлуки треба да донесеме во врска со забавата?

ЗАМИСЛИ СИ дека во раката држиш едно убаво јаболко, но баш кога се спремаш да го загризеш, забележуваш дека на едната страна е скапано. Што ќе направиш? Па, би можел да го изедеш целото јаболко, дури и скапаниот дел. Друга можност е да го фрлиш целото јаболко заедно со скапаниот дел. Или, би можел да го исечеш скапаниот дел и да го изедеш здравиот дел. Која од овие опции би ја одбрал?

2 Во некоја смисла, забавата е како ова јаболко. Понекогаш, сакаш малку да се опуштиш и да направиш нешто за разонода, но сфаќаш дека голем дел од забавата што се нуди денес е морално расипана или, со други зборови, скапана. Па, што ќе направиш? На некои можеби не им пречи она што е расипано и прифаќаат сѐ што овој свет им нуди преку забавата. Други можеби го избегнуваат секој вид забава за да не се изложат на нешто опасно. Трети, пак, можеби внимателно ја избегнуваат расипаната забава, но одвреме-навреме уживаат во забава која е добра. Што ќе избереш ти за да ја зачуваш Божјата љубов?

3. Што ќе разгледаме сега?

3 Повеќето би ја избрале третата опција. Факт е дека ни треба забава со која одвреме-навреме ќе се опуштиме, но тоа треба да биде забава што е морално чиста. Затоа, ќе разгледаме што ќе ни помогне да одредиме што е добро, а што не. Но, најпрво да видиме како забавата што ќе ја одбереме може да влијае врз нашата служба за Јехова.

„ПРАВЕТЕ СЀ ЗА БОЖЈА СЛАВА“

4. Како треба нашиот завет да влијае врз тоа каква забава ќе одбереме?

4 Пред некое време, еден постар Сведок, кој се крстил во 1946 год., рекол: „Си поставив за цел да бидам присутен на секое предавање за крштавање и внимателно да го слушам, како јас да треба да се крстам“. Зошто? Тој објаснил: „Тоа што се потсетувам на заветот што му го дадов на Јехова многу ми помага да останам верен“. Сигурно и ти се сложуваш со овие зборови. Ако постојано се потсетуваш дека својот живот си му го заветувал на Јехова, тоа ќе ти даде сила да издржиш. (Прочитај Проповедник 5:4.) Всушност, ако размислуваш за својот завет, тоа ќе влијае не само врз твоето гледиште за христијанската служба, туку и за сѐ друго во животот — вклучувајќи ја и забавата. Апостол Павле го истакнал ова кога на христијаните во првиот век им напишал: „Било да јадете, било да пиете, било да правите што и да е друго, правете сѐ за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31).

5. Како 3. Мојсеева 22:18-20 ни помага да увидиме на што индиректно сме предупредени во Римјаните 12:1?

5 Сѐ што правиме во животот е поврзано со нашата служба за Јехова. Во своето писмо до Римјаните, Павле кажал нешто со многу длабоко значење што им помогнало на неговите соверници уште подобро да го сфатат овој факт. Тој ги поттикнал: „Ве молам... да ги дадете своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог, да му служите на Бог, користејќи го својот разум“ (Римјаните 12:1). Во твоето тело спаѓаат и твојот ум, твоето срце и твојата физичка сила. Сите нив ги користиш за да му служиш на Бог (Марко 12:30). Нашата служба од сета душа Павле ја нарекува жртва. Овој израз, „жртва“, носи во себе едно индиректно предупредување. Под Мојсеевиот закон, Бог не прифаќал жртва што имала некаков недостаток (3. Мојсеева 22:18-20). Слично на тоа, ако духовната жртва на еден христијанин е извалкана на некој начин, Бог нема да ја прифати. Но, како може да се случи такво нешто?

6, 7. Како може еден христијанин да си го извалка телото, и какви може да бидат последиците?

6 Павле ги советувал христијаните во Рим: „Не предавајте му ги деловите на своето тело на гревот“. Исто така, им рекол ‚да ги усмртат делата на телото‘ (Римјаните 6:12-14; 8:13). Претходно во писмото набројал некои од „делата на телото“. Во врска со грешното човештво читаме: „Устата им е полна со клетви“. „Нозете им се брзи да пролеат крв.“ „Пред нивните очи нема страв од Бог“ (Римјаните 3:13-18). Еден христијанин би си го извалкал телото доколку ги користи своите делови од телото за такви грешни работи. На пример, ако еден христијанин намерно гледа изопачени работи, како што е порнографијата или бруталното насилство, тој ‚му ги предава своите очи на гревот‘ и на тој начин си го валка целото тело. Сѐ што прави во службата за Бог е како жртва која повеќе не е света и која не е прифатлива за Бог (5. Мојсеева 15:21; 1. Петрово 1:14-16; 2. Петрово 3:11). Колку скапо може да го чини недоличната забава!

7 Очигледно, изборот што еден христијанин ќе го направи во поглед на забавата може да има сериозни последици. Тогаш, нормално сакаме да избереме забава која нема да ја извалка, туку ќе ја разубави нашата жртва за Бог. Сега да разгледаме како можеме да одредиме што е добро, а што не кога станува збор за забавата.

„МРАЗЕТЕ ГО ЗЛОТО“

8, 9. а) Општо кажано, во кои две категории може да се подели забавата? б) Каква забава треба да отфрлиме, и зошто?

8 Општо кажано, забавата може да се подели во две категории. Во едната спаѓа забавата што воопшто не доаѓа предвид за христијаните. Во другата категорија спаѓа забавата што за некои христијани е во ред, а за други можеби не. Да ја разгледаме најнапред првата категорија — забава што не доаѓа предвид за христијаните.

9 Како што беше спомнато во првото поглавје, некои видови забава содржат работи што Библијата отворено ги осудува. Да ги земеме за пример веб-страниците, филмовите, телевизиските програми и музиката со нечовечна или демонска содржина, во кои се прикажува порнографија или се величаат гнасни, неморални работи. Бидејќи таквата изопачена забава ги прикажува како нешто нормално работите со кои се прекршуваат библиските начела и закони, христијаните не треба да имаат ништо со неа (Дела 15:28, 29; 1. Коринќаните 6:9, 10; Откровение 21:8). Со тоа што ќе ја отфрлиш недоличната забава, ќе му покажеш на Јехова дека вистински ‚го мразиш злото‘ и дека решително ‚го избегнуваш злото‘. Така ќе имаш „нелицемерна вера“ (Римјаните 12:9; Псалм 34:14; 1. Тимотеј 1:5).

10. Кое размислување во врска со забавата е опасно, и зошто?

10 Меѓутоа, некои можеби сметаат дека нема никаква опасност ако гледаат неморални работи. Тие си мислат: ‚Добро, јас ги гледам тие работи во филмовите или на ТВ, ама никогаш не би направил такво нешто‘. Но, ваквото размислување е измамливо и опасно. (Прочитај Еремија 17:9.) Ако ни е интересно да гледаме работи што Јехова ги осудува, дали навистина ‚го мразиме злото‘? Ако постојано се изложуваме на такви работи, може да станеме рамнодушни на злото (Псалм 119:70; 1. Тимотеј 4:1, 2). Тоа може да влијае врз нашите постапки или врз нашиот став кон грешното однесување на другите.

11. Како, во поглед на забавата, се покажало дека зборовите од Галатите 6:7 се точни?

11 Тоа навистина се случува. Некои христијани се впуштиле во неморални постапки затоа што биле под влијание на она што редовно го гледале во филмовите или на ТВ. Тие сфатиле, но дури откако се изгореле, дека „човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Галатите 6:7). Но, тебе не мора да ти се случи такво нешто. Ако внимателно сееш во својот ум работи што се морално чисти, ќе пожнееш добри резултати. (Види ја рамката „ Каква забава да изберам?“.)

ЛИЧНИ ОДЛУКИ ТЕМЕЛЕНИ НА БИБЛИСКИ НАЧЕЛА

12. Како зборовите од Галатите 6:5 се поврзани со забавата, и каква помош имаме кога донесуваме одлуки?

12 Сега да ја разгледаме втората категорија — забава во која станува збор за работи кои во Божјата Реч ниту се отворено осудени ниту отворено одобрени. Кога избира забава од оваа категорија, секој христијанин треба самиот да одлучи што е за него прифатливо, а што не. (Прочитај Галатите 6:5.) Меѓутоа, кога сме пред ваква одлука, не сме оставени без никаква помош. Библијата содржи начела, или основни вистини, кои ни помагаат да сфатиме како размислува Јехова. Ако им обрнеме внимание на тие начела, ќе разбереме „што е Јеховината волја“ за сѐ, вклучувајќи ја и забавата (Ефешаните 5:17).

13. Што ќе нѐ поттикне да ја избегнуваме забавата што Јехова не ја сака?

13 Се разбира, сите христијани не ја развиле до иста мера својата способност да разликуваат што е исправно, а што погрешно (Филипјаните 1:9). Освен тоа, христијаните сфаќаат дека, во поглед на забавата, секој има различен вкус. Затоа, не можеме да очекуваме сите христијани да донесат сосем исти одлуки. Сепак, колку повеќе дозволуваме Божјите начела да влијаат врз нашиот ум и срце, толку поспремно ќе ја избегнуваме забавата што Бог не ја сака (Псалм 119:11, 129; 1. Петрово 2:16).

14. а) Кој фактор треба да го земеме предвид кога донесуваме одлуки во врска со забавата? б) Што ќе ни помогне духовните работи да ни бидат на прво место во животот?

14 Има уште еден фактор што треба да го земеш предвид кога донесуваш одлуки во врска со забавата: времето. Содржината на забавата што ја избираш открива што е за тебе прифатливо, но времето што го трошиш на неа покажува што ти е важно. Се разбира, за христијаните најважното нешто се духовните работи. (Прочитај Матеј 6:33.) Но, што можеш да направиш за духовните работи да останат на прво место во твојот живот? Апостол Павле рекол: „Добро внимавајте како живеете — не како немудри, туку како мудри. Откупувајте си време“ (Ефешаните 5:15, 16). Ако си поставиш јасни граници во врска со тоа колку време ќе одвоиш за забава, тоа многу ќе ти помогне да имаш време за „[она] што е најважно“ — активности што ти ја подобруваат духовната состојба (Филипјаните 1:10).

15. Зошто е мудро да внимаваме колку далеку одиме кога избираме забава?

15 Исто така, мудро е да внимаваме колку далеку одиме кога избираме забава. Што значи тоа? Да го разгледаме уште еднаш примерот со јаболкото. За да не гризнеш несвесно и од скапаниот дел, нема да го исечеш само него, туку и мал дел околу него. Мудро е да го правиме истото и со забавата. Еден мудар христијанин нема да избегнува само забава што очигледно ги прекршува библиските начела, туку и забава која е сомнителна, односно за која мисли дека содржи работи што би можеле да му наштетат духовно (Изреки 4:25-27). Ако цврсто се држиш за Божјата Реч, и ти ќе избегнуваш таква забава.

„СЀ ШТО Е ЧИСТО“

Ако се држиме за Божјите начела кога донесуваме одлуки во поглед на забавата, ќе се заштитиме од духовна штета

16. а) Како ќе покажеме дека имаме исто гледиште со Јехова во врска со моралот? б) Како може да ти стане навика да се придржуваш за библиските начела?

16 Кога избираат забава, вистинските христијани најпрво треба да го земат предвид гледиштето на Јехова. Од Библијата учиме какви чувства и мерила има тој. На пример, цар Соломон наведува некои работи што ги мрази Јехова, како што се „лажлив јазик и раце што пролеваат невина крв, срце што крои зли планови, нозе што брзо трчаат кон зло“ (Изреки 6:16-19). Како треба гледиштето на Јехова да влијае врз твоето гледиште? Псалмистот нѐ поттикнува: „Вие кои го сакате Јехова, мразете го злото!“ (Псалм 97:10). Од одлуките што ги донесуваш во врска со забавата треба јасно да се гледа дека навистина го мразиш она што Јехова го мрази (Галатите 5:19-21). Освен тоа, не заборавај дека она што го правиш кога си сам, а не она што го правиш пред другите, открива каков си навистина (Псалм 11:4; 16:8). Според тоа, ако од срце сакаш во сѐ што правиш во животот да го одразуваш ставот што Јехова го има кон моралот, ќе донесуваш одлуки што се темелат на библиските начела. Всушност, ќе ти стане навика така да донесуваш одлуки (2. Коринќаните 3:18).

17. Пред да избереме некој вид забава, кои прашања е добро да си ги поставиме?

17 Што уште можеш да направиш за забавата што ќе ја избереш да биде во склад со гледиштето на Јехова? Размисли за следново прашање: ‚Како ќе влијае ова врз мене и врз мојот однос со Бог?‘ На пример, пред да одлучиш дали ќе гледаш некој филм или не, запрашај се: ‚Како ќе влијае содржината на овој филм врз мојата совест?‘ Да разгледаме кои начела можат да ни помогнат во врска со оваа тема.

18, 19. а) Како начелото од Филипјаните 4:8 ќе ни помогне да видиме дали забавата што ја избираме е морално здрава? б) Кои други начела можат да ти помогнат да избереш морално здрава забава? (Види ја фуснотата.)

18 Едно важно начело се наоѓа во Филипјаните 4:8, каде што пишува: „Сѐ што е вистинито, сѐ што е благородно, сѐ што е праведно, сѐ што е чисто, сѐ што е допадливо, сѐ што е пофално, сѐ што е доблесно и сѐ што е достојно за фалба, за тоа размислувајте“. Точно, Павле овде не зборувал за забавата, туку за размислувањата на срцето, кои треба да се вртат околу работи што Бог ги сака (Псалм 19:14). Но, зборовите на Павле можат да се применат како начело и во поглед на забавата. Како?

19 Запрашај се: ‚Дали филмовите што ги гледам, видеоигрите што ги играм, музиката што ја слушам, или кој и да било друг вид забава го исполнуваат мојот ум со „сѐ што е чисто“?‘ На пример, откако ќе гледаш некој филм, кои слики постојано ти се навраќаат во мислите? Ако тоа се убави, недолжни и закрепнувачки слики, тогаш ќе знаеш дека филмот што си го избрал бил добар. Но, ако по филмот низ главата ти се вртат нечисти мисли, тогаш тоа не бил добар филм, дури може да се каже дека бил и опасен (Матеј 12:33; Марко 7:20-23). Зошто? Затоа што ако во главата имаш нечисти мисли, го губиш својот внатрешен мир, останува лузна врз твојата совест обликувана според Библијата, а може да си го расипеш и добриот однос со Бог (Ефешаните 5:5; 1. Тимотеј 1:5, 19). Со оглед на тоа што таквата забава лошо влијае врз тебе, биди решен да ја избегнуваш * (Римјаните 12:2). Следи го примерот на псалмистот, кој му се молел на Јехова: „Одврати ми ги очите од безвредни работи“ (Псалм 119:37).

МИСЛИ НА ДРУГИТЕ

20, 21. Како зборовите од 1. Коринќаните 10:23, 24 се поврзани со нашиот избор на морално здрава забава?

20 Павле спомнал едно многу важно начело што треба да го земеме предвид кога донесуваме одлуки за работи од лична природа. Тој рекол: „Сѐ е дозволено, но сѐ не изградува. Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:23, 24). Како ова начело е поврзано со нашиот избор на морално здрава забава? Па, размисли за следново: ‚Како влијае врз другите забавата што ја избирам?‘

21 Можеби твојата совест ти вели дека можеш да гледаш некој филм што, според тебе, спаѓа во она што е „дозволено“, или прифатливо. Но, ако забележиш дека тоа му пречи на некој соверник на кого совеста не му дозволува да го гледа тој филм, можеби ќе решиш и ти да не го гледаш. Зошто? Затоа што не сакаш ‚да грешиш против своите браќа‘ — или дури ‚да грешиш против Христос‘, како што рекол Павле — со тоа што ќе направиш на твоите соверници да им биде уште потешко да му останат верни на Бог. Сериозно сфати го советот: „Не бидете им [на другите] за спрепнување“ (1. Коринќаните 8:12; 10:32). Денес, вистинските христијани се послушни на овој обѕирен и прониклив совет на Павле со тоа што избегнуваат забава која можеби е ‚дозволена‘, но „не изградува“ (Римјаните 14:1; 15:1).

22. Зошто христијаните прифаќаат да има различни гледишта во поглед на работи што се од лична природа?

22 Меѓутоа, советот да мислиме на другите има уште една страна. Еден христијанин на кого совеста не му дозволува одредени работи не треба да настојува сите други во собранието да имаат исто тесноградо гледиште како неговото во поглед на тоа што е морално здрава забава. Ако го прави тоа, би бил како еден возач на автопат кој настојува сите други возачи на автопатот да возат со иста брзина како него. Тоа би било неразумно. Од љубов кон другите, оној на кого совеста не му дозволува некои работи треба да ги почитува соверниците чии гледишта во врска со забавата се поинакви од неговите, но кои сепак се во склад со христијанските начела. На тој начин неговата ‚разумност ќе им биде позната на сите луѓе‘ (Филипјаните 4:5; Проповедник 7:16).

23. Што ќе ти помогне да избереш забава што е морално здрава?

23 Накратко кажано, што ќе ти помогне да избереш забава што е морално здрава? Не гледај ништо во што експлицитно се прикажуваат расипани, неморални работи кои се отворено осудени во Божјата Реч. Држи се за библиските начела што може да се применат и на оние видови забава што не се директно спомнати во Библијата. Не троши време на забава која ќе остави лузни врз твојата совест и која може да ги навреди другите, особено соверниците. Така ќе можеш да му донесеш чест на Бог и да ја зачуваш неговата љубов, и ти и твоето семејство.

^ пас. 19 Други начела што се однесуваат на забавата има во Изреки 3:31; 13:20; Ефешаните 5:3, 4 и Колошаните 3:5, 8, 20.