Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Како да останеме одвоени од светот

Како да останеме одвоени од светот

„Не сте дел од светот“ (ЈОВАН 15:19).

1. Што нагласил Исус последната ноќ од својот живот како човек на Земјата?

ПОСЛЕДНАТА ноќ од својот живот на Земјата, Исус бил многу загрижен за иднината на своите следбеници. Дури и го молел својот Татко во врска со нив: „Не те молам да ги земеш од светот, туку да ги зачуваш од Злобниот. Тие не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот“ (Јован 17:15, 16). Со оваа искрена молитва Исус покажал колку многу ги сака своите следбеници и колку се важни зборовите што ги кажал претходно истата вечер: „Не сте дел од светот“ (Јован 15:19). Очигледно, на Исус му било многу важно неговите следбеници да бидат одвоени од светот!

2. Што е „светот“ за кој зборувал Исус?

2 „Светот“ што Исус го спомнал се однесува на сите луѓе кои се отуѓени од Бог, со кои владее Сатана и кои се робови на себичноста и горделивоста што ги шири тој (Јован 14:30; Ефешаните 2:2; 1. Јованово 5:19). Всушност, „пријателството со светот е непријателство со Бог“ (Јаков 4:4). Но, како е можно оние што сакаат да ја зачуваат Божјата љубов да живеат во светот, а сепак да бидат одвоени од него? Ќе разгледаме пет начини на кои е можно тоа: ако сме лојални на Божјето Царство чиј Цар е Христос и неутрални во поглед на политиката, ако се спротивставиме на духот на светот, ако сме скромни во облеката и изгледот, ако задржиме бистро око и ако ја носиме духовната воена опрема.

ДА БИДЕМЕ ЛОЈАЛНИ И НЕУТРАЛНИ

3. а) Како гледал Исус на политиката во негово време? б) Зошто може да се рече дека помазаните следбеници на Исус служат како пратеници? (Вклучи ја и фуснотата.)

3 Наместо да се меша во политиката, Исус се сконцентрирал на тоа да проповеда за Божјето Царство, идната небесна влада чиј Цар требало да биде тој (Даниел 7:13, 14; Лука 4:43; 17:20, 21). Затоа, кога бил изнесен пред римскиот управител Понтиј Пилат, Исус можел да рече: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 18:36). Неговите верни следбеници го следат неговиот пример со тоа што се лојални на Христос и на неговото Царство и со тоа што му зборуваат на светот за тоа Царство (Матеј 24:14). „Значи, ние сме пратеници кои го застапуваат Христос“, напишал апостол Павле. „Како Христови застапници молиме: ‚Помирете се со Бог!‘“ * (2. Коринќаните 5:20).

4. Како сите вистински христијани покажуваат дека му се лојални на Божјето Царство? (Види ја рамката „ Првите христијани биле неутрални“.)

4 Кога некој пратеник ќе добие задача да служи во друга земја, тој не се меша во внатрешните работи на таа држава, туку останува неутрален. Сепак, тој се залага за интересите на владата што ја претставува. Истото е случај и со помазаните следбеници на Христос, чие „граѓанство е на небесата“ (Филипјаните 3:20). Всушност, како резултат на тоа што ревносно проповедаат за Царството, тие им имаат помогнато на милиони од ‚другите овци‘ на Христос ‚да се помират со Бог‘ (Јован 10:16; Матеј 25:31-40). Другите овци, пак, служат како претставници на Христос и ги поддржуваат неговите помазани браќа. Како едно обединето стадо кое го застапува месијанското Царство, и двете групи се потполно неутрални во поглед на политиката во овој свет. (Прочитај Исаија 2:2-4.)

5. По што се разликува христијанското собрание од древниот Израел, и во што се гледа оваа разлика?

5 Христијаните не се неутрални само затоа што му се лојални на Христос. За разлика од древниот Божји народ, кој живеел во една земја, ние сме дел од едно меѓународно братство и нѐ има низ целиот свет (Матеј 28:19; 1. Петрово 2:9). Според тоа, ако поддржуваме некоја политичка партија, не би можеле со чист образ да ја објавуваме пораката за Царството, а ќе се наруши и единството што го имаме како христијани (1. Коринќаните 1:10). Освен тоа, во време на војна ќе треба да се бориме против соверниците, за кои ни е заповедано да ги сакаме (Јован 13:34, 35; 1. Јованово 3:10-12). Затоа, Исус со добра причина им рекол на своите ученици да не се фаќаат за меч. Дури им рекол да ги сакаат и своите непријатели (Матеј 5:44; 26:52; види ја рамката „ Дали сум неутрален?“).

6. Како заветот што си му го дал на Бог влијае врз твојот однос кон цезарот?

6 Како вистински христијани, ние му го заветувавме својот живот на Бог, а не на некој човек, на некоја човечка организација или на некоја нација. Во 1. Коринќаните 6:19, 20 се вели: „Не си припаѓате себеси, бидејќи скапо сте купени“. Затоа, иако му оддаваат на „цезарот“, односно властите, должна почит со тоа што ги плаќаат даноците и му се релативно подложни, следбениците на Исус му го даваат „Божјето на Бог“ (Марко 12:17; Римјаните 13:1-7). Во тоа спаѓа да му служат, да го сакаат од срце и да му бидат лојални и послушни. Ако треба, тие се спремни да го дадат и својот живот за Бог (Лука 4:8; 10:27; прочитај Дела 5:29; Римјаните 14:8).

ДА СЕ СПРОТИВСТАВИМЕ НА „ДУХОТ НА СВЕТОТ“

7, 8. Што е „духот на светот“, и како „дејствува“ овој дух кај непослушните луѓе?

7 Друг начин на кој христијаните се држат одвоени од светот е со тоа што се спротивставуваат на неговиот злобен дух. Павле напишал: „Ние не го примивме духот на светот, туку духот кој е од Бог“ (1. Коринќаните 2:12). На Ефешаните им рекол: „Некогаш живеевте онака како што живее овој свет, по волјата на владетелот кој владее со воздухот, духот кој сега дејствува во непослушните синови“ (Ефешаните 2:2, 3).

8 „Воздухот“, или духот на светот, е невидлива сила која ги тера луѓето да му бидат непослушни на Бог и која ги потхранува „желбата на телото и желбата на очите“ (1. Јованово 2:16; 1. Тимотеј 6:9, 10). Овој дух има толку силно влијание затоа што ги разгорува желбите на грешното тело, дејствува подмолно, постојано врши притисок и, како воздухот, се шири насекаде. Освен тоа, тој „дејствува“ кај непослушните луѓе така што лека-полека ги поттикнува кај нив безбожните особини како што се себичноста, горделивоста, алчната амбиција и желбата самите да си поставуваат морални мерила и да се бунтуваат против секој авторитет. * Едноставно кажано, духот на светот малку по малку предизвикува во нивното срце да се развиваат особините на Ѓаволот (Јован 8:44; Дела 13:10; 1. Јованово 3:8, 10).

9. На кои начини може духот на светот да ни навлезе во умот и во срцето?

9 Може ли духот на светот да ти се вгнезди во умот и во срцето? Да, но само ако му дозволиш, односно ако не се пазиш. (Прочитај Изреки 4:23.) Честопати, во почетокот неговото влијание е незабележливо, можеби преку пријателите кои изгледаат како добри луѓе, но не го сакаат Јехова (Изреки 13:20; 1. Коринќаните 15:33). Тој злобен дух можеме да го вдишиме и преку непримерна литература, порнографски или отпаднички Интернет-страници, расипана забава или преку спортови во кои мора да се победи по секоја цена — всушност, преку сѐ или секого што го пренесува размислувањето на Сатана или на неговиот свет.

10. Како можеме да се спротивставиме на духот на светот?

10 Како можеме да се спротивставиме на подмолниот дух на светот и да ја зачуваме Божјата љубов? Само така што целосно ќе користиме сѐ што ни дава Јехова за наше духовно добро и постојано ќе се молиме за свет дух. Јехова е многу помоќен од Ѓаволот и од злобниот свет што е под негова контрола (1. Јованово 4:4). Затоа, многу е важно да бидеме блиски со Јехова така што редовно ќе му се молиме!

СКРОМНОСТ ВО ОБЛЕКАТА И ИЗГЛЕДОТ

11. Како влијае духот на светот врз мерилата за облекување?

11 Облеката, изгледот и чистотата на еден човек многу кажуваат каков дух дејствува во него. Во многу земји, мерилата за облекување паднале толку ниско што еден телевизиски водител рекол дека уште малку и сите ќе се шетаат облечени како проститутки. Дури и малите девојчиња се под влијание на овој тренд — „сѐ повеќе разголеност, сѐ помалку скромност“, како што пишуваше во еден весник. Друг тренд е неуредната облека — стил што укажува на бунтовност, како и недоволно достоинство и самопочит.

12, 13. Кои начела треба да ги земеме предвид во врска со облекувањето и изгледот?

12 Како слуги на Јехова, ние сакаме да изгледаме убаво, односно да бидеме уредни, чисти, облеката да биде со вкус и да одговара на приликата. Од нашиот изглед секогаш треба да се гледа дека сме „скромни и разборити“. Таквиот изглед, придружен со „добри дела“ му доликува на секого — било маж било жена — ‚што вели дека го почитува Бог‘. Но, се разбира, нашата главна цел не е да го свртиме вниманието на себе, туку да ја зачуваме Божјата љубов (1. Тимотеј 2:9, 10; Јуда 21). Ние сакаме нашиот најубав украс да биде „тајниот човек на срцето... кој е драгоцен во Божји очи“ (1. Петрово 3:3, 4).

13 Освен тоа, треба да задржиме на ум дека нашиот начин на облекување и нашиот изглед може да влијаат врз тоа како другите ќе гледаат на вистинската религија. Кога се однесува на моралот, грчкиот збор преведен со „скромност“ укажува на длабока почит, страхопочит и обѕир кон чувствата и мислењата на другите. Според тоа, поважно треба да ни биде да не ја повредиме совеста на другите, а не да се држиме за тоа дека имаме право да се облекуваме како сакаме. Нам ни е најважно да му донесеме чест на Јехова и на неговиот народ и да се препорачуваме како Божји слуги, правејќи „сѐ за Божја слава“ (1. Коринќаните 4:9; 10:31; 2. Коринќаните 6:3, 4; 7:1).

Дали со мојот изглед му донесувам чест на Јехова?

14. Кои прашања треба да си ги поставиме во врска со нашиот изглед и чистота?

14 Уште поважно е како сме облечени, како изгледаме и дали сме чисти кога проповедаме и кога сме на христијанските состаноци. Запрашај се: ‚Дали со својот изглед и личната хигиена претерано го свртувам вниманието на себе? Дали на другите им е незгодно од мене? Дали сметам дека е поважно да се држам за моите права во овој поглед отколку да ги исполнам условите за некои задачи во собранието?‘ (Псалм 68:6; Филипјаните 4:5; 1. Петрово 5:6).

15. Зошто во Божјата Реч не е даден список со правила во врска со облеката, изгледот и хигиената?

15 Во Библијата не е даден список со правила во врска со облеката, изгледот и чистотата на христијаните. Јехова не сака да ни ја ускрати слободата на избор или да нѐ спречи да размислуваме со своја глава. Напротив, тој сака да станеме зрели луѓе кои донесуваат заклучоци и одлуки на темел на библиските начела и чија „моќ на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло“ (Евреите 5:14). Пред сѐ, тој сака да нѐ води љубовта — љубовта кон Него и кон ближниот. (Прочитај Марко 12:30, 31.) Но, ова сепак ни остава голем избор во врска со облеката и изгледот. Доказ за тоа се собирите на среќниот народ на Јехова на кои може да се види голема разноликост во облеката.

ДА ЗАДРЖИМЕ „БИСТРО“ ОКО

16. На кој начин духот на светот е во спротивност со учењата на Исус, и кои прашања треба да си ги поставиме?

16 Духот на светот има голема моќ да заведува, и тера милиони луѓе среќата да си ја бараат во парите и во материјалните работи. Но, Исус рекол: „Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Исус не сакал да каже дека човек треба да живее како испосник и да се откаже од сите задоволства. Тој поучувал дека вистински среќни се луѓето што „настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ и кои имаат „бистро“ око, односно кои мислат првенствено на духовните работи (Матеј 5:3; 6:22). Запрашај се: ‚Дали навистина верувам во она за што поучувал Исус, или сум под влијание на ‚таткото на лагата‘? (Јован 8:44). Што покажуваат моите зборови, цели, приоритети и мојот живот?‘ (Лука 6:45; 21:34-36; 2. Јованово 6).

17. Наведи некои од благословите што ги имаат оние кои задржуваат бистро око.

17 Исус рекол: „Мудроста ја оправдуваат нејзините дела“ (Матеј 11:19). Да разгледаме само некои од благословите што ги имаат оние кои задржуваат бистро око. Службата за Царството вистински ги зајакнува (Матеј 11:29, 30). Не се преоптоваруваат со непотребни грижи, а со тоа се поштедуваат од многу емоционални болки. (Прочитај 1. Тимотеј 6:9, 10.) Бидејќи се задоволни со тоа што ги имаат основните работи за живот, им останува повеќе време за семејството и за дружење со соверниците. Можеби дури и помирно спијат (Проповедник 5:12). Тие се среќни затоа што даваат на секој можен начин (Дела 20:35). Исто така, ‚обилуваат со надеж‘ и имаат внатрешен мир и задоволство (Римјаните 15:13; Матеј 6:31, 32). Овие благослови се навистина бесценети!

ДА ЈА ЗЕМЕМЕ „ЦЕЛАТА БОЖЈА ВОЕНА ОПРЕМА“

18. Како Библијата го опишува нашиот непријател, неговите методи и борбата што ја водиме?

18 Оние што ја чуваат Божјата љубов се духовно заштитени и од нападите на Сатана, кој сака да им ја одземе не само среќата, туку и вечниот живот (1. Петрово 5:8). „Ние не се бориме против крв и месо“, рекол Павле, „туку против владите, против властите, против светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небесата“ (Ефешаните 6:12). Глаголот „се бориме“ укажува дека нашата борба не е рововска битка — битка што се води од безбедна оддалеченост во некој ров — туку битка гради в гради. Освен тоа, изразите „владите“, „властите“ и „светските владетели“ укажуваат дека нападите од духовните сили се многу добро организирани и смислени.

19. Опиши ја духовната воена опрема на еден христијанин.

19 Меѓутоа, и покрај тоа што сме слаби и имаме ограничувања, можеме да извојуваме победа. Како? Така што ќе ја земеме „целата Божја воена опрема“ (Ефешаните 6:13). Оваа опрема е опишана во Ефешаните 6:14-18: „Бидете постојани! Опашајте ги своите бедра со вистината, на градите ставете го оклопот на праведноста и обујте ги нозете со спремноста да ја проповедате добрата вест на мирот. Пред сѐ, земете го големиот штит на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите огнени стрели на Злобниот. Земете го и шлемот на спасението и мечот на духот, односно речта Божја, молејќи се во духот со секаква молитва и сесрдна молба во секоја пригода“.

20. Во која смисла нашите околности се разликуваат од околностите на дословните војници?

20 Бидејќи оваа духовна опрема ја обезбедува Бог, таа нема да нѐ изневери, се разбира, доколку постојано ја имаме на себе. За разлика од дословните војници кои може да имаат долги периоди на одмор меѓу две битки, христијаните постојано водат борба на живот и смрт, која ќе заврши дури откако Бог ќе го уништи Сатановиот свет и ќе ги фрли во бездна сите зли духови (Откровение 12:17; 20:1-3). Затоа, не предавај се ако водиш борба со своите слабости или погрешни желби, зашто сите ние мораме ‚да се тепаме‘ себеси за да му останеме верни на Јехова (1. Коринќаните 9:27). Всушност, ако не водиме борба, треба да се подзамислиме што не е во ред!

21. Само како можеме да победиме во духовната војна што ја водиме?

21 Освен тоа, не можеме сами да извојуваме победа во оваа борба. Затоа, Павле нѐ потсетува дека треба да му се молиме на Јехова „во секоја пригода“. Исто така, треба да го слушаме Јехова на тој начин што ќе ја проучуваме неговата Реч и ќе се дружиме со „соборците“ во секоја пригода, зашто оваа борба не ја водиме сами! (Филимон 2; Евреите 10:24, 25). Оние што се верни во сите овие работи, не само што на крајот ќе бидат победници, туку и ќе можат цврсто да ја одбранат својата вера кога ќе биде нападната.

БИДИ СПРЕМЕН ДА ЈА БРАНИШ СВОЈАТА ВЕРА

22, 23. а) Зошто треба да бидеме спремни во секое време да ја одбраниме својата вера, и кои прашања треба да си ги поставиме? б) Што ќе разгледаме во следното поглавје?

22 „Бидејќи не сте дел од светот“, рекол Исус, „светот ве мрази“ (Јован 15:19). Според тоа, христијаните мора секогаш да бидат спремни да ја бранат својата вера, но тоа да го прават благо и со почит. (Прочитај 1. Петрово 3:15.) Прашај се: ‚Дали ми е јасно зошто понекогаш Јеховините сведоци имаат ставови кои се разликуваат од ставовите на другите луѓе? Кога треба јас да заземам таков став, дали сум потполно уверен дека она што го велат Библијата и верниот роб е исправно? (Матеј 24:45; Јован 17:17). Кога треба да го направам она што е исправно во очите на Јехова, дали сум спремен да бидам поинаков од другите, па дури и да го сметам тоа за чест?‘ (Псалм 34:2; Матеј 10:32, 33).

23 Но, честопати нашата желба да бидеме одвоени од светот е ставена на испит на многу подмолни начини. На пример, како што веќе спомнавме, Ѓаволот сака да ги намами Јеховините слуги во светот со помош на забавата. Што ќе ни помогне да избереме добра забава која ќе нѐ освежи и ќе ни донесе чиста совест? Оваа тема ќе ја разгледаме во следното поглавје.

^ пас. 3 Од Педесетница 33 год. од н.е., Христос служи како Цар над своето собрание од помазани следбеници на Земјата (Колошаните 1:13). Во 1914 год., Христос ја добил „царската власт над светот“. Според тоа, помазаните христијани денес служат и како пратеници на месијанското Царство (Откровение 11:15).

^ пас. 8 Види во книгата Резоновање на темељу Светог писма, страници 100-103 издадена од Јеховините сведоци.