Писмо од Водечкото тело
Драг објавителе на Царството,
ЗАМИСЛИ СИ дека пред 100 години си бил член на бетелското семејство во Бруклин. Петок е, 2 октомври 1914 год. Како и секое утро, седиш на своето место во трпезаријата и чекаш да пристигне брат Чарлс Расел. Одеднаш вратата се отвора, и тој влегува во трпезаријата. По својот обичај, застанува за миг, и со ведар глас вели: „Добро утро на сите!“ Но потоа, наместо да седне на своето столче на чело на масата, тој плеснува со рацете и свечено објавува: „Времињата на незнабошците завршија! Времето на нивните цареви истече!“ Едвај се воздржуваш да не скокнеш од радост — овој миг го очекуваш веќе долго време! Целото бетелско семејство воодушевено ја поздравува таа возбудлива вест со долг и силен аплауз.
Оттогаш поминале многу децении. Што направило Божјето Царство во тој период? Тоа навистина постигнало многу! Преку
Царството, Јехова постепено го пречистувал и го поучувал својот народ кој растел со огромна брзина — од само неколку илјади во 1914 год. денес брои речиси осум милиони! Сигурно и ти лично си извлекол голема корист од таквото поучување.Денес браќата честопати велат дека Јеховината организација забрзано се движи напред. И навистина е така. Сепак, ако внимателно ја читаме оваа публикација, ќе видиме дека, всушност, невидливиот дел од Јеховината организација кој е претставен со небесна кочија се движи со особено засилено темпо уште од 1914 год. За да ја проповедаат добрата вест низ целиот свет, објавителите на Царството се служеле со најразлични методи. Сведочеле преку весници, со плакати, дијапозитиви, филмови, картички за сведочење, грамофони, радио, па дури и Интернет.
Бидејќи Јехова го благословува делото, ние денес издаваме прекрасни библиски публикации на повеќе од 670 јазици, и бесплатно им ги нудиме на сите. Самопожртвувани доброволци учествуваат во изградбата на сали за состаноци, конгресни сали и подружници, како во развиените така и во посиромашните земји. А кога ќе се случи некоја природна катастрофа или трагедија, многу браќа и сестри спремно им притрчуваат на помош на постраданите. Така покажуваат дека се вистинска поткрепа во време на неволја (Изр. 17:17).
Понекогаш свештениците и други противници ,создаваат проблеми со помош на законот‘. Но, нашата вера многу се зајакнува кога гледаме како нивните злонамерни обиди на крајот секогаш имаат спротивен ефект и, всушност, ,помагаат да се шири добрата вест‘ (Пс. 94:20; Фил. 1:12).
Навистина ни е голема чест што можеме да соработуваме со вас, бидејќи сите ние сме „слуги“ на нашиот Цар, Исус Христос (Мат. 24:45). Бидете уверени дека многу ве сакаме. Искрено се надеваме дека оваа публикација ќе ви помогне да го цените вашето духовно наследство како никогаш порано!
Со љубов,
Вашите браќа,
Водечко тело на Јеховините сведоци