Побуна во духовниот свет
Сите духовни суштества што ги создал Јехова биле добри. Потоа еден ангел станал лош. Тој е Сатана Ѓаволот. Сатана сакал луѓето на Земјата да го обожаваат него наместо Јехова. Еве што се случило.
Во градината Еден имало многу дрвја што раѓале вкусни плодови. Јехова им рекол на Адам и на неговата жена, Ева, слободно да јадат од нив. Но, имало едно дрво од кое Бог им забранил да јадат. Тој им рекол дека ако јадат од него, сигурно ќе умрат (1. Мојсеева 2:9, 16, 17).
Еден ден, кога Ева била сама, една змија ѝ прозборела. Всушност, не зборувала змијата. Сатана Ѓаволот направил да изгледа дека зборува змијата. Тој ѝ рекол на Ева дека ако јаде од забранетиот плод, ќе биде мудра како Бог. Исто така ѝ рекол дека нема да умре. И двете работи што ги кажал биле лага. Сепак, Ева му поверувала и каснала од плодот. Подоцна му дала и на Адам, па и тој јадел (1. Мојсеева 3:1-6).
Од оваа вистинска приказна учиме дека Сатана е бунтовник и лажливец. Тој ѝ рекол на Ева дека нема да умре ако не го послуша Бог. Ова било лага. Таа умрела, а умрел и Адам. Сатана не умрел тогаш, но на крајот сепак ќе умре бидејќи направил грев. Во меѓувреме тој е жив и понатаму ги заведува луѓето. Сатана сѐ уште е лажливец и се обидува да ги натера луѓето да ги прекршат Божјите закони (Јован 8:44).
И други ангели се побунуваат
Подоцна и други ангели станале лоши. Тие забележале дека жените на Земјата се убави и посакале да имаат сексуални односи со нив. Затоа дошле на Земјата во човечки тела и си земале жени. Но, ова било против Божјата намера (1. Мојсеева 6:1, 2; Јуда 6).
Тоа им донело и многу проблеми на луѓето. Жените на овие ангели раѓале деца, но овие деца не биле како другите. Пораснале во насилни и свирепи џинови. На крајот Земјата толку се наполнила со насилство што Јехова решил да ги уништи злобните луѓе со голем потоп. Единствените луѓе што го преживеале Потопот биле праведниот Ное и неговото семејство (1. Мојсеева 6:4, 11; 7:23).
Меѓутоа, злобните ангели не умреле — тие се вратиле во духовниот свет. Сепак, биле казнети. Не им било дозволено да се вратат во Божјето семејство на праведни ангели. Освен тоа, Јехова повеќе не им дозволувал да земаат човечки тела. На крајот, ќе умрат во големиот ден на суд (2. Петрово 2:4; Јуда 6).
Сатана е исфрлен од небото
Во почетокот на 20 век избувнала војна на небото. Библиската книга Откровение кажува што се случило: „И избувна војна на небото: Михаел [воскреснатиот Исус Христос] и неговите [добри] ангели се бореа против змејот [Сатана]. И змејот се бореше заедно со своите [лоши] ангели, но не надвладеа. И за нив повеќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој го заведува целиот свет. Беше исфрлен на земјата, а со него беа исфрлени и неговите [лоши] ангели“.
Со какви последици? Извештајот продолжува: „Затоа веселете се небеса и вие што живеете на нив!“ Добрите ангели можеле да се радуваат бидејќи Сатана и лошите ангели, или духови, повеќе не биле на небото. Но, што значело ова за луѓето на Земјата? Библијата вели: „Тешко вам, земјо и море, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време!“ (Откровение 12:7-9, 12).
Да, Сатана и неговите злобни придружници ги заведуваат и им прават големи зла на луѓето на Земјата. Овие зли ангели се наречени демони. Тие се непријатели на Бог. Сите се зли.