Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 66

Во Ерусалим за Празникот на сениците

Во Ерусалим за Празникот на сениците

ЈОВАН 7:11-32

  • ИСУС ПОУЧУВАЛ ВО ХРАМОТ

Од денот кога се крстил, Исус станувал сѐ попознат меѓу луѓето. Илјадници Евреи ги виделе чудата што ги правел, и веста за неговите дела се раширила низ целата земја. Затоа, на Празникот на сениците во Ерусалим, многумина сакале да го видат.

Луѓето имале поделени мислења за Исус. Некои велеле: „Тој е добар човек“. Други, пак, велеле: „Не е, туку го заведува народот“ (Јован 7:12). Таквите разговори почнале да кружат уште на почетокот на празникот. Меѓутоа, никој немал храброст јавно да го одбрани Исус бидејќи сите се плашеле од еврејските водачи.

Кон средината на празникот, Исус дошол во храмот. Многу луѓе биле зачудени од тоа колку добро поучувал. Бидејќи знаеле дека не учел на рабинските школи, Евреите се прашувале: „Од каде овој ги познава книгите кога не учел на школите?“ (Јован 7:15).

„Она за кое поучувам не е мое“, објаснил Исус, „туку доаѓа од оној што ме испрати. Ако некој сака да ја врши неговата волја, ќе знае дали тоа учење е од Бог или зборувам сам од себе“ (Јован 7:16, 17). Сѐ што Исус поучувал било во склад со Божјиот закон, па затоа требало да биде очигледно дека не сакал да се прослави себеси, туку Бог.

Потоа Исус продолжил: „Зарем Мојсеј не ви го даде Законот? А никој од вас не му е послушен на Законот. Зошто сакате да ме убиете?“ Некои од луѓето, кои веројатно не биле од Ерусалим, воопшто не биле свесни дека верските водачи имале намера да го убијат Исус. Им било незамисливо некој да сака да убие еден таков учител. Затоа помислиле дека со Исус нешто не е во ред. Му рекле: „Обземен си од демон! Кој сака да те убие?“ (Јован 7:19, 20).

Меѓутоа, една и пол година пред тоа, еврејските водачи пробале да го убијат Исус откако излекувал еден човек во сабота. За да истакне колку биле неразумни луѓето, Исус им поставил прашање што требало да ги натера да размислат. Тој ги потсетил дека, според Законот, машкото дете требало да се обреже на осмиот ден, дури и ако било сабота. Потоа прашал: „Ако човек се обрежува во сабота за да не се прекрши Мојсеевиот закон, зошто се гневите на мене затоа што излекував човек во сабота? Немојте да судите според надворешноста, туку судете со праведен суд!“ (Јован 7:23, 24).

Но, жителите на Ерусалим, кои знаеле дека верските водачи го мразат Исус, рекле: „Не е ли тоа човекот што [поглаварите] сакаат да го убијат? А еве, јавно зборува и никој ништо не му вели. Да не спознале навистина и поглаварите дека тој е Христос?“ Тогаш, зошто овие луѓе не верувале дека Исус бил Христос? Тие рекле: „За него знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој нема да знае од каде е“ (Јован 7:25-27).

Среде храмот, Исус одговорил: „Вие ме познавате и знаете од каде сум. Јас не дојдов сам од себе, туку навистина постои оној што ме испрати, а вие не го познавате. Јас го познавам, бидејќи сум негов застапник, и тој ме испрати“ (Јован 7:28, 29). Кога го рекол тоа, некои сакале да го фатат и да го затворат или, пак, да го убијат. Но, тоа не им успеало затоа што уште не било време Исус да умре.

Сепак, мнозина поверувале во него. А имало и зошто: одел по морето, го смирил ветрот, со чудо нахранил илјадници со само неколку леба и риби, ги излекувал болните и сакатите, им ги отворил очите на слепите, ги излекувал лепрозните, па дури воскреснал и мртви. Навистина, имале добри причини да се прашаат: „Кога ќе дојде Христос, зарем ќе направи повеќе знаци отколку што направи овој?“ (Јован 7:31).

Кога фарисеите слушнале дека народот така зборувал за Исус, тие и главните свештеници испратиле стражари за да го уапсат.