Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 8

Израелците влегуваат во Ханаан

Израелците влегуваат во Ханаан

Израелците ја освојуваат ханаанската земја под водство на Исус Навин. Јехова поставува судии за да го избават неговиот народ од непријателите

СО ВЕКОВИ пред Израелците да влезат во Ханаан, Јехова ветил дека ќе им ја даде таа земја на потомците на Авраам. Конечно, под водство на Исус Навин, Израелците биле спремни да ја заземат Ветената земја.

Бог со право одлучил да ги уништи Ханаанците затоа што станале крајно изопачени и вршеле ѕверски крвопролевања на секој чекор. Тој им заповедал на Израелците до темел да ги уништат сите освоени градови во Ханаан.

Но, пред да влезат во ханаанската земја, Исус Навин испратил двајца извидувачи, кои преноќевале во градот Ерихон кај една жена што се викала Раав. Таа ги примила во својот дом и ги заштитила, иако знаела дека се Израелци. Раав имала вера во израелскиот Бог, Јехова, бидејќи чула за чудата што ги направил кога го избавил својот народ. Побарала од извидувачите да ѝ се заколнат дека ќе ги поштедат неа и нејзиното семејство.

Подоцна, кога Израелците влегле во Ханаан и се улогориле пред Ерихон, Јехова со чудо предизвикал да се урнат градските ѕидови. Војската на Исус Навин влегла во градот и го разорила, но ги оставила живи Раав и нејзиното семејство. Потоа, во период од шест години, Исус Навин постепено освоил голем дел од Ветената земја. Подоцна земјата им била поделена на израелските племиња.

Пред крајот на својот живот, откако со децении му служел на Бог, Исус Навин ги собрал Израелците. Ги потсетил на сѐ што направил Јехова за нивните прататковци и ги поттикнал да му служат. За жал, откако умреле Исус Навин и старешините што служеле заедно со него, израелскиот народ го оставил Јехова и почнал да им служи на лажни богови. Во текот на околу 300 години, Израелците често отстапувале од Јеховините закони. Затоа Јехова дозволувал да ги угнетуваат непријателите, како што биле Филистејците. Сепак, кога народот барал помош од него, тој му поставувал судии преку кои го избавувал. Имало вкупно 12 такви судии.

Периодот на судиите за кој се зборува во Книгата за судиите започнал со Готонил, а завршил со Самсон, најсилниот човек што некогаш живеел. Во оваа интересна библиска книга секогаш одново се нагласува една темелна вистина: Послушноста кон Јехова носи благослови, а непослушноста води до пропаст.

Се темели на Исус Навин, Судиите и 3. Мојсеева 18:24, 25.