Зошто да се интересираме за Библијата?
Дали сте запознаени со Библијата? Ниедна друга книга на светот не е толку распространета. Луѓе од сите култури црпеле од неа утеха, надеж и корисни совети за секојдневниот живот. Сепак, мнозина денес не знаат многу за Библијата. Сеедно дали верувате во Бог или не, можеби Ве интересира што пишува во неа. Целта на оваа брошура е да Ви даде краток преглед на она што стои во Библијата.
ПРЕД да почнете да ја читате, добро е да знаете неколку основни работи за неа. Библијата, позната и како Свето писмо, е збирка од 66 книги. Првата од нив се вика 1. Мојсеева, а последната Откровение. *
Кој е авторот на Библијата? Ова е многу интересно прашање. Факт е дека Библијата ја пишувале 40-ина луѓе во период од околу 1.600 години. Сепак, никој од нив не тврдел дека е автор на Библијата. Еден од овие писатели напишал: „Целото Писмо е вдахновено од Бог“ (2. Тимотеј 3:16). Друг писател рекол: „Јеховиниот дух зборуваше преку мене, Божјата реч беше на мојот јазик“ (2. Самоилова 23:2). Според тоа, самите писатели потврдуваат дека Автор на Светото писмо е Јехова Бог, Севишниот Владетел на вселената. Тие ни откриваат дека Бог сака луѓето да го запознаат и да бидат блиски со него.
За да ја разбереме Библијата, важно е да ја знаеме и нејзината главна тема: Бог, преку небесното Царство, ќе го потврди своето право да владее над луѓето. На следните страници ќе видите како оваа тема се провлекува низ целото Свето писмо, од 1. Мојсеева до Откровение.
Имајќи го сето ова на ум, да видиме каква порака содржи Библијата — најпознатата книга на светот.
^ пас. 3 Имињата на библиските книги кои се користат во оваа брошура се темелат на Светото писмо — превод Нов свет. Називите на овие книги се разликуваат од превод до превод. Меѓутоа, нивниот редослед и, што е уште поважно, нивната содржина, во суштина се исти.
^ пас. 9 Во оваа брошура, скратеницата „од н.е.“ значи „од нашата ера“, а „пр.н.е.“ значи „пред нашата ера“. Овие скратеници се наоѓаат во хронолошкиот преглед на дното од секоја страница.