Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 2

Можно ли е ,да му се приближиш на Бог‘?

Можно ли е ,да му се приближиш на Бог‘?

1, 2. а) Што можеби е незамисливо за мнозина, но во што нѐ уверува Библијата? б) Каква чест му била укажана на Авраам, и зошто?

КАКО би се чувствувал кога Творецот на небото и Земјата за тебе би рекол: „Овој човек ми е пријател“? За мнозина тоа е просто незамисливо. Како би можел еден обичен човек да биде пријател со Јехова Бог? Сепак, Библијата нѐ уверува дека можеме да бидеме блиски со него.

2 Тоа било случај со Авраам, еден човек кој живеел многу одамна. Него Јехова го нарекол „мојот пријател“ (Исаија 41:8). Да, Јехова го сметал Авраам за свој близок пријател. Авраам ја имал таа чест затоа што ‚му поверувал на Јехова‘ (Јаков 2:23). И денес Јехова сака ‚да биде приврзан‘ со оние што му служат од љубов (5. Мојсеева 10:15). Во Божјата Реч сме поттикнати: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јаков 4:8). Овие зборови содржат и молба и ветување.

3. Каква молба ни упатува Јехова, и кое ветување е поврзано со неа?

3 Јехова нѐ повикува да бидеме блиски со него. Тој е спремен да нѐ прифати како свои пријатели. Во исто време, ни ветува дека, ако се потрудиме да се зближиме со него, и тој ќе го направи својот дел — ќе се зближи со нас. Така ќе добиеме една огромна чест — Јехова ќе ни стане близок пријател (Псалм 25:14). Близок пријател ни е некој кому можеме да му ги довериме своите тајни, кому можеме да му кажеме сѐ (Амос 3:7).

4. Што е близок пријател според тебе, и како Јехова покажува дека е таков пријател со оние што сакаат да бидат блиски со него?

4 Имаш ли близок пријател кому можеш да му се довериш за сѐ? Еден таков пријател секогаш ти го мисли доброто. Му веруваш затоа што докажал дека ти е верен. Со него можеш да ја удвоиш радоста и да ја поделиш тагата. Тој те разбира дури и кога ти се чини дека никој не може да те разбере. Слично на тоа, кога ќе се зближиш со Јехова, добиваш еден посебен Пријател кој вистински те цени, многу те сака и потполно те разбира (Псалм 103:14; 1. Петрово 5:7). Се чувствуваш слободен да му ги довериш своите најдлабоки чувства, зашто знаеш дека тој им е лојален на оние што му се лојални нему (Псалм 18:25). Меѓутоа, можеме да бидеме блиски пријатели со Бог само затоа што тој ни го овозможува тоа.

Јехова го направил првиот чекор

5. Што направил Јехова за да можеме да бидеме блиски со него?

5 Како грешници, ние сами никогаш не би можеле да се зближиме со Бог (Псалм 5:4). Апостол Павле напишал: „Бог ни ја покажа својата љубов, така што Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Римјаните 5:8). Да, Јехова го испратил Исус „да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Матеј 20:28). Нашата вера во откупната жртва ни овозможува да бидеме блиски со Бог. Со тоа што ‚прво тој покажал љубов кон нас‘, Бог ни овозможил да станеме пријатели со него (1. Јованово 4:19).

6, 7. а) Од каде знаеме дека Јехова не е некој таинствен Бог што не можеме да го запознаеме? б) Како Јехова ни овозможува да го запознаеме?

6 Јехова направил уште нешто — ни открил каков Бог е тој. Блиски пријатели сме со некој што добро го познаваме и чии особини и постапки ги цениме. Според тоа, доколку Јехова е некој таинствен Бог кого не можеме да го запознаеме, никогаш не би можеле да бидеме блиски со него. Но, тој не ја крие вистината за себе — напротив, тој сака да го запознаеме (Исаија 45:19). Освен тоа, Бог на сите луѓе им овозможува да го запознаат, дури и на оние што можеби светот ги смета за безначајни (Матеј 11:25).

Јехова ни овозможил да го запознаеме преку неговите созданија и преку неговата пишана Реч

7 А, како ни овозможил Јехова да го запознаеме? Некои негови особини — неговата бескрајна моќ, неизмерна мудрост, огромна љубов — можеме да ги препознаеме во она што го создал (Римјаните 1:20). Но, за Јехова не дознаваме само од неговите созданија. Тој ни ја дал и својата пишана Реч, Библијата, преку која можеме најмногу да учиме за него.

Види ја „добротата на Јехова“

8. Зошто може да се каже дека Библијата е доказ дека Јехова нѐ сака?

8 Самата Библија е доказ дека Јехова нѐ сака. Во својата Реч тој користи за себе зборови што можеме да ги разбереме. Тоа е потврда за неговата љубов кон нас, но и за неговата желба да го запознаеме и да му ја возвратиме љубовта. Она што го читаме во оваа вредна книга ни помага да ја видиме „добротата на Јехова“ и нѐ поттикнува да се зближиме со него (Псалм 90:17). Да разгледаме некои прекрасни начини на кои Јехова ни се открива себеси во неговата Реч.

9. Наведи некои библиски стихови во кои конкретно се зборува за Божјите особини.

9 Во Библијата има многу стихови во кои конкретно се зборува за Божјите особини. Еве неколку примери. „Јехова ја сака правдата“ (Псалм 37:28). Бог е „возвишен во својата сила“ (Јов 37:23). „,Јас сум лојален‘, вели Јехова“ (Еремија 3:12). „Тој има мудро срце“ (Јов 9:4). Тој е „Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина“ (2. Мојсеева 34:6). „Ти, Јехова, си добар и спремен да простиш“ (Псалм 86:5). А, како што беше спомнато во претходното поглавје, една негова особина го води во сѐ: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Кога размислуваш за овие прекрасни особини, зарем не чувствуваш желба да бидеш поблизок со нашиот неспоредлив Бог?

Библијата ни помага да станеме блиски со Јехова

10, 11. а) Што дал Јехова да се запише во неговата Реч за да можеме подобро да ги разбереме неговите особини? б) Кој пример од Библијата ни помага да си ја претставиме Божјата моќ?

10 Освен што ни кажува какви особини има, Јехова во својата Реч дал да се запишат и конкретни примери од кои можеме да видиме како ги покажувал овие особини. Таквите извештаи ни цртаат една живописна слика која ни помага уште подобро да ги разбереме Божјите особини. Тоа, пак, уште повеќе нѐ зближува со него. Да разгледаме еден пример.

11 Едно е да прочиташ дека Бог има „огромна сила“ (Исаија 40:26). Но, сосема друго е да читаш како ги избавил Израелците изведувајќи ги преку Црвеното Море и како потоа се грижел да имаат сѐ што им е потребно додека 40 години патувале низ пустината. Можеш да си замислиш како се раздвојуваат водите на разбрануваното море. Можеш да видиш како луѓето — можеби дури 3.000.000 на број — поминуваат по сувото дно, додека од двете страни стојат огромни водени ѕидови (2. Мојсеева 14:21; 15:8). Гледаш докази дека Јехова ги штити и се грижи за нив во пустината. На пример, потекува вода од карпа. На земјата секое утро се појавува храна која личи на бело семе (2. Мојсеева 16:31; 4. Мојсеева 20:11). Со ваквите извештаи Јехова ни открива не само дека има моќ туку и дека ја користи за доброто на својот народ. Зарем не нѐ теши мислата дека нашите молитви ги слуша еден моќен Бог кој „ни е прибежиште и сила, помош која лесно се наоѓа во неволја“? (Псалм 46:1).

12. Какви изрази користи Јехова за да ни помогне да го „видиме“?

12 Јехова, кој е духовно битие, направил уште нешто за да ни помогне да го запознаеме. Бидејќи човечкото око може да ги забележи само материјалните работи, она што е во духовниот свет е невидливо за нас. Кога Бог би ни се опишал со изрази кои ги разбираат само духовните суштества, тоа би било исто како да му опишуваме детали од нашиот изглед на некој што е слеп од раѓање, на пример, да му објасниме каква боја ни се очите или косата. Затоа, Јехова со љубов ни помага да го „видиме“ користејќи изрази што можеме да ги разбереме. Понекогаш се служи со сликовит јазик, споредувајќи се со работи што ни се познати. Дури се опишува себеси како да има човечки обележја. *

13. Како е прикажан Јехова во Исаија 40:11, и какви чувства ни буди тоа?

13 Забележи како е опишан Јехова во Исаија 40:11. Таму пишува: „Како овчар ќе го пасе своето стадо. Со рака ќе ги собере јагнињата, ќе ги носи во пазувите“. Во овој стих Јехова е спореден со овчар кој ги зема јагнињата во својата „рака“. Ова покажува дека Јехова може да ги штити и да се грижи за своите слуги, дури и за најкревките. Можеме да се чувствуваме сигурни во неговите силни раце, зашто тој никогаш нема да нѐ напушти сѐ додека сме му лојални (Римјаните 8:38, 39). Големиот Пастир ги носи јагнињата „во пазувите“ — израз што се однесува на наборите во горната облека, во која овчарот понекогаш носел штотуку родено јагненце. Ова нѐ уверува дека многу му значиме на Јехова кој со љубов се грижи за нас. Не може а да не посакаме да бидеме блиски со еден таков Бог!

‚Синот сака да ни го открие Таткото‘

14. Зошто може да се каже дека Јехова најдобро ни се открива преку Исус?

14 Во својата Реч, Јехова најмногу ни кажува за себе преку својот сакан Син, Исус. Никој друг не ги отсликувал Божјите чувства и мисли подобро од Исус и никој не поучувал за Бог повпечатливо од него. Тоа е сосема разбирливо затоа што, како првороден Син, тој бил со својот Татко пред да бидат создадени сите други духовни суштества и материјалниот свет (Колошаните 1:15). Исус многу добро го познавал Јехова. Затоа и можел да рече: „Никој не знае кој е Синот, освен Таткото, и никој не знае кој е Таткото, освен Синот и оној кому Синот сака да му го открие“ (Лука 10:22). Додека бил на Земјата, Исус покажал каков е неговиот Татко на два важни начина.

15, 16. На кои два начина Исус покажал каков е неговиот Татко?

15 Прво, учењата на Исус ни помагаат да го запознаеме неговиот Татко. Исус го опишал Јехова со зборови што нѐ допираат до срце. На пример, за да објасни дека Јехова е милостив Бог што со раширени раце ги прима грешниците што се каат, Исус го споредил со сочувствителен татко кој, кога ќе го здогледа својот расипнички син како се враќа, толку е трогнат што му притрчува, го прегрнува и го бакнува (Лука 15:11-24). Исус го прикажал Јехова и како Бог кој ‚ги привлекува‘ искрените луѓе затоа што ги сака (Јован 6:44). Нашиот небесен Татко забележува дури и кога едно мало врапче ќе падне на земја. „Не плашете се“, рекол Исус, „вие сте повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10:29, 31). Кој не би сакал да биде близок со еден таков грижлив Бог?

16 Второ, Исус ни покажува каков е Јехова и со својот пример. Тој бил толку сличен на својот Татко што можел да рече: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9). Затоа, кога во евангелијата читаме за Исус — за чувствата што ги покажувал и за начинот на кој се однесувал со другите — тоа е исто како да го гледаме неговиот Татко. Нема подобар начин на кој Јехова можел да ни ги открие своите особини. Зошто?

17. Објасни со пример што направил Јехова за да ни помогне да сфатиме каков е тој.

17 Да речеме дека треба да објасниш што е љубезност. Можеби знаеш да дадеш дефиниција за љубезност. Но, ако видиш некој што прави љубезно дело и го посочиш со зборовите: „Е, ова е љубезност“, тогаш поимот „љубезност“ добива многу поголемо значење и може полесно да се разбере. Јехова направил нешто слично за да ни помогне да сфатиме каков е тој. Освен што со зборови ни објаснил каков е, тој ни дал и жив пример — својот Син. Особините на Бог можеме да ги видиме во сѐ што правел Исус. Кога во евангелијата читаме каков бил Исус, Јехова како да ни вели: „Ете, јас сум токму таков“. А, што ни кажува Библијата за тоа каков бил Исус додека живеел на Земјата?

18. Како Исус покажал моќ, правда и мудрост?

18 Исус на прекрасен начин ги покажал четирите главни особини на Бог. Тој имал моќ над болестите, гладот, па дури и над смртта. Сепак, за разлика од себичните луѓе, кои ја злоупотребуваат својата моќ, тој никогаш не ја употребил моќта да прави чуда за своја корист или за да ги повреди другите (Матеј 4:2-4). Исус ја сакал правдата. Со право се разгневил кога видел како нечесните трговци се богатат на грбот на народот (Матеј 21:12, 13). Постапувал непристрасно со сиромашните и угнетените, помагајќи им ‚да најдат поткрепа за нивните души‘ (Матеј 11:4, 5, 28-30). Во учењата на Исус, кој бил „поголем од Соломон“, може да се види неспоредлива мудрост (Матеј 12:42). Но, Исус никогаш не сакал да се истакнува со својата мудрост. Неговите зборови допирале до срцето на обичните луѓе зашто биле јасни, едноставни и практични.

19, 20. а) На кој начин Исус дал извонреден пример како се покажува љубов? б) Додека читаме и размислуваме за примерот што ни го оставил Исус, што треба да имаме на ум?

19 Исус дал извонреден пример како се покажува љубов. Во текот на својата служба, тој ги покажал разните аспекти на љубовта, меѓу кои и сочувството и разбирањето. Не можел рамнодушно да го гледа страдањето на другите. Сочувството го терало да направи нешто за нив (Матеј 14:14). Точно е дека ги лекувал болните и ги хранел гладните, но Исус покажал сочувство на еден многу поважен начин. Им помагал на другите да ја запознаат, да ја прифатат и да ја сакаат вистината за Божјето Царство, кое ќе им донесе вечни благослови на луѓето (Марко 6:34; Лука 4:43). Пред сѐ, Исус покажал самопожртвувана љубов со тоа што спремно го дал својот живот за другите (Јован 15:13).

20 Не е за изненадување тоа што луѓе од сите возрасти и од најразлично потекло сакале повеќе да дознаат за тој благ и срдечен човек со длабоки чувства (Марко 10:13-16). Меѓутоа, додека читаме и размислуваме за примерот што ни го оставил Исус, секогаш да имаме на ум дека преку Синот добиваме совршена слика за неговиот Татко (Евреите 1:3).

Книга што ќе ни помогне

21, 22. Што значи да го бараме Јехова, и како оваа книга ќе ни помогне во тоа?

21 Со тоа што во својата Реч Јехова толку јасно ни опишал каков е, нема никакво сомнение дека тој сака да бидеме блиски со него. Но, ни најмалку не нѐ присилува на тоа. Од нас зависи дали ќе го бараме Јехова „додека може да се најде“ (Исаија 55:6). Да го бараме Јехова значи и да видиме како постапува тој и какви особини има, а тоа можеме да го дознаеме од Библијата. Целта на книгата што сега ја читаш е да ти помогне во тоа.

22 Како што ќе забележиш, таа е поделена на делови во кои се обработуваат четирите главни особини на Јехова: моќта, правдата, мудроста и љубовта. Секој дел започнува со општ преглед на конкретната особина. Потоа следуваат неколку поглавја во кои е разработено како Јехова ја покажува таа особина и нејзините различни аспекти. Освен тоа, во секој дел има едно поглавје во кое се зборува како Исус ја покажувал таа особина и поглавје за тоа како можеме да ја покажуваме и ние.

23, 24. а) Која е целта на рамката „Прашања за размислување“? б) Како длабокото размислување ни помага да станеме уште поблиски со Бог?

23 Во ова и во сите следни поглавја има рамка со наслов „Прашања за размислување“. На пример, разгледај ја рамката на 24. страница. Стиховите и прашањата во рамките не се повторување на поглавјето. Нивната цел е да ти помогнат да размислуваш за други важни аспекти на темата што се обработува. Како да извлечеш корист од рамките? Побарај ги сите наведени стихови и внимателно прочитај ги. Потоа прочитај го прашањето што следи. Размисли длабоко за одговорот. Можеш и да истражуваш. Би можел да размислиш и за некои дополнителни прашања: ‚Што ми кажува ова за Јехова? Како овие информации ме засегаат мене? Како можам да ги користам за да им помогнам на другите?‘

24 Ако вака длабоко размислуваме за работите, ќе можеме да станеме уште поблиски со Јехова. Зошто? Библијата кажува дека има тесна врска помеѓу размислувањето и срцето (Псалм 19:14). Кога чувстуваме длабоко ценење за она што го учиме за Бог, информациите продираат до нашето симболично срце од каде што влијаат врз нашето размислување, ги допираат нашите чувства и нѐ поттикнуваат на дела. Така се продлабочува нашата љубов кон Јехова, а таа љубов, пак, раѓа во нас желба да го радуваме нашиот најмил Пријател (1. Јованово 5:3). За да имаме таков близок однос со Јехова, мораме да знаеме какви особини има тој и како постапува. Но, најпрво да разгледаме една карактеристика на Јехова која ни дава силна причина да се зближиме со него — неговата светост.

^ пас. 12 На пример, во Библијата се зборува за лицето, очите, ушите, ноздрите, устата, рацете и нозете на Бог (Псалм 18:15; 27:8; 44:3; Исаија 60:13; Матеј 4:4; 1. Петрово 3:12). Ваквите симболични изрази не треба да се сфатат дословно, исто како што не би сфатиле дословно ни дека Јехова е „Карпа“ или „штит“ (5. Мојсеева 32:4; Псалм 84:11).