Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 3

„Свет, свет, свет е Јехова“

„Свет, свет, свет е Јехова“

1, 2. Какво видение добил пророкот Исаија, и што учиме од него за Јехова?

ИСАИЈА останал занемен од величествената глетка пред него — од видението што го добил од Бог. А сѐ изгледало толку реално! Подоцна Исаија напишал дека всушност ‚го видел Јехова‘ како седи на својот возвишен престол. Видел како Јеховините скутови го исполниле огромниот храм во Ерусалим (Исаија 6:1, 2).

2 На Исаија му влеало страхопочит и она што го чул — громогласна песна што до темел го затресла храмот. Песната ја пееле серафими, духовни суштества на многу висока положба. Нивната моќна и складна песна содржела едноставни, но величествени зборови: „Свет, свет, свет е Јехова над војските! Целата земја е полна со неговата слава!“ (Исаија 6:3, 4). Со тоа што зборот „свет“ се повторува трипати се става посебен акцент на него, и тоа со право, бидејќи само Јехова е свет во апсолутна смисла на зборот (Откровение 4:8). Светоста на Јехова е истакната низ целата Библија. Има стотици стихови во кои името на Јехова се поврзува со светоста.

3. Како погрешните гледишта за светоста на Јехова ги оддалечуваат луѓето од него?

3 Од ова е очигледно дека една од главните работи што Јехова сака да ги сфатиме за него е дека тој е свет. Но, на мнозина токму светоста на Јехова им е пречка да го запознаат. На пример, некои имаат погрешно сфаќање за светоста и ја поврзуваат оваа карактеристика со самоправедност или со лицемерна побожност. Други, пак, се борат со ниска самопочит и можеби помислата за светоста на Бог повеќе ги плаши отколку што ги зближува со него. Можеби си мислат дека тие не се достојни да бидат блиски со еден таков свет Бог. Според тоа, мнозина се оддалечуваат од Бог токму поради неговата светост. Ова е жалосно, зашто светоста на Бог всушност е силна причина да се зближиме со него. Зошто? Пред да одговориме на ова прашање, да видиме што е вистинска светост.

Што е светост?

4, 5. а) Што значи, а што не значи зборот „свет“? б) Во која смисла Јехова е „одделен“?

4 Фактот дека Бог е свет не значи дека тој е полн со себе, горделив или дека ги презира другите. Напротив, тој ги мрази таквите особини (Изреки 16:5; Јаков 4:6). Тогаш, што всушност значи зборот „свет“? Во хебрејскиот јазик на кој е пишувана Библијата, зборот „свет“ е изведен од еден израз што значи „одделен“. Во религиозна смисла, зборот „свет“ се однесува на нешто што е одделено, што не е за секојдневна употреба или нешто што се користи за религиозни цели. Светоста, исто така, подразбира чистота. Но, како овој збор се однесува на Јехова? Дали ова значи дека тој е „одделен“ од несовршените луѓе, дека е недостижно далечен за нас?

5 Воопшто не. На пример, во времето на древниот Израел, Јехова, „Светецот Израелов“, рекол дека живее „меѓу“ или „среде“ својот народ, иако Израелците биле грешни (Исаија 12:6; Осија 11:9). Значи, тоа што Јехова е свет не го прави далечен од нас. Тогаш, во која смисла е „одделен“? Прво, одделен е од сите созданија во таа смисла што само тој е Севишен. Тој е апсолутно и бескрајно чист (Псалм 40:5; 83:18). Второ, Јехова е потполно одделен од гревот. Оваа мисла ни влева сигурност. Зошто?

6. Зошто ни влева сигурност тоа што Јехова е потполно одделен од гревот?

6 Живееме во свет во кој вистинската светост е реткост. Гревот и неосвршеноста се навлезени во секоја пора на човечкото општество, кое е отуѓено од Бог. Сите мораме да се бориме со гревот во нас. И сите сме во опасност гревот да нѐ совлада ако не сме внимателни (Римјаните 7:15-25; 1. Коринќаните 10:12). Јехова не е во таква опасност. Бидејќи е потполно безгрешен, тој никогаш не може да биде извалкан ни со најмал грев. Ова ни потврдува дека Јехова е совршен Татко и нѐ уверува дека можеме да имаме потполна доверба во него. За разлика од грешните луѓе, Јехова никогаш не би можел да стане нечесен, безобѕирен или насилен. Поради неговата светост, тоа е апсолутно невозможно. Во извесни прилики, тој дури и се заколнувал во својата светост, што било сигурна гаранција дека сѐ што ќе вети ќе исполни (Амос 4:2). Зарем ова не ни влева сигурност?

7. Зошто може да се каже дека светоста е нераздвоен дел од Јехова?

7 Светоста е нераздвоен дел од Јехова. Што значи тоа? Да објасниме: размисли за зборовите „човек“ и „несовршен“. Кога ќе се спомне „човек“, автоматски помислуваме на несовршен човек. Несовршеноста е вткаена во нас и влијае врз сѐ што правиме. Сега да разгледаме два потполно поинакви збора — „Јехова“ и „свет“. Светоста е вткаена во Јехова. Сѐ што е поврзано со него е чисто и беспрекорно. Не можеме добро да го запознаеме Јехова ако најпрво не го сфатиме длабокото значење на зборот „светост“.

„Јехова е свет“

8, 9. Што покажува дека Јехова им помага на несовршените луѓе да станат свети во релативна смисла на зборот?

8 Бидејќи Јехова е олицетворение на светоста, со право може да се каже дека тој е изворот на сѐ што е свето. Тој не ја чува својата светост само за себе, туку великодушно обдарува и други со светост. Кога Бог му се јавил на Мојсеј кај грмушката што горела, дури и самото тоа место станало свето затоа што грмушката го симболизирала присуството на Јехова! (2. Мојсеева 3:5).

9 Можат ли несовршените луѓе да станат свети со помош на Јехова? Во релативна смисла, да. Бог им дал на Израелците можност да станат „свет народ“ (2. Мојсеева 19:6). Им дал одредби со кои можеле да го обожаваат на начин што е свет и чист. Со оглед на ова, светоста многу често се спомнува во Мојсеевиот закон. Всушност, првосвештеникот требало да носи златна плочка напред на турбанот, која сите можеле да ја видат како блеска на светлина. На неа биле врежани зборовите: „Јехова е свет“ (2. Мојсеева 28:36). Значи, нивниот начин на обожавање и нивниот начин на живот требало да се одликуваат со високи мерила за чистота. Јехова им рекол: „Бидете свети, зашто сум свет јас, Јехова, вашиот Бог!“ (3. Мојсеева 19:2). Сѐ додека Израелците се држеле за Божјите зборови, онолку колку што е можно за несовршените луѓе, во релативна смисла биле свети.

10. Во поглед на светоста, каква разлика имало помеѓу древниот Израел и околните народи?

10 Светоста која толку им била нагласена на Израелците била во остра спротивност со начинот на кој околните народи ги обожавале своите богови. Тие пагански народи им служеле на лажни богови, богови кои биле прикажувани како насилни, алчни и развратни. Тие биле сѐ само не свети, а такви биле и луѓето што им служеле. Затоа, Јехова им рекол на своите слуги да се држат одделени од тие народи и од нивните расипани верувања (3. Мојсеева 18:24-28; 1. Царевите 11:1, 2).

11. Како светоста на небесниот дел од Јеховината организација може да се види преку а) ангелите? б) серафимите? в) Исус?

11 Дури и во најдобри услови, Израелците, како Јеховин избран народ, можеле да бидат само бледа копија на светоста на небесниот дел од Божјата организација. За милионите духовни суштества што верно му служат на Бог се вели дека се негови „свети ангели“ (5. Мојсеева 33:2; Јуда 14). Тие совршено ја одразуваат блескавата, чиста убавина на Божјата светост. Да размислиме повторно за серафимите од видението на Исаија. Од содржината на нивната песна се гледа дека овие моќни духовни суштества имаат важна улога — да ја објавуваат светоста на Јехова низ целата вселена. Но, над сите нив има едно друго духовно суштество — единородниот Божји Син. Исус ја одразува Јеховината светост на најдобар можен начин. Затоа, тој со право е наречен „Божјиот Светец“ (Јован 6:68, 69).

Свето име, свет дух

12, 13. а) Зошто е соодветно за Божјето име да се каже дека е свето? б) Зошто Божјето име мора да биде посветено?

12 Што може да се каже за Божјето име? Како што видовме во првото поглавје, тоа име не е само некоја титула. Тоа го претставува Јехова Бог и со него се опфатени сите негови особини. Затоа, Библијата ни кажува дека неговото „име е свето“ (Исаија 57:15). Според Мојсеевиот закон, хулењето на Божјето име се казнувало со смрт (3. Мојсеева 24:16). Освен тоа, која работа ја ставил Исус на прво место во молитвата? Тој рекол: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“ (Матеј 6:9). Да се свети нешто значи да му се оддава чест како на нешто свето, нешто што заслужува длабока почит. Но, штом Божјето име е толку чисто, тогаш зошто треба да се свети?

13 Божјето свето име со векови се оцрнува и се валка со лаги и клевети. Во рајската градина Сатана кажал лаги за Јехова и сакал да ги наведе луѓето да мислат дека Тој неправедно владее со нив (1. Мојсеева 3:1-5). Оттогаш, Сатана — владетелот на овој безбожен свет — прави сѐ за да шири што повеќе лаги за Бог (Јован 8:44; 12:31; Откровение 12:9). Религиите го прикажуваат Бог како своеволен, бесчувствителен или суров. Отсекогаш тврделе дека Бог ги поддржува во нивните крвави војни. Многу често, Божјите чудесни созданија ѝ се припишуваат на слепа случајност, т.е. на еволуцијата. Да, Божјето име е оцрнето со злобни лаги. Затоа, мора да биде посветено; мора да му биде вратена славата што со право му припаѓа. Ние од сѐ срце сакаме да се посвети Јеховиното име и да се докаже дека тој има право да владее како Севишен Господар, и со радост ќе направиме сѐ што можеме за да придонесеме за тоа.

14. Зошто Божјиот дух е наречен свет, и зошто е толку сериозна работа да се хули на светиот дух?

14 Има уште нешто што е тесно поврзано со Јехова и што речиси секогаш е наречено свето — неговиот дух, односно силата со која се служи (1. Мојсеева 1:2). Јехова ја користи оваа неизмерна сила за да ги исполни своите намери. Бог прави сѐ на свет и чист начин и затоа е на место што силата со која се служи е наречена свет дух или дух на светост (Лука 11:13; Римјаните 1:4). Да се хули на светиот дух, во што спаѓа и намерно да се оди против Јеховините намери, е непростлив грев (Марко 3:29).

Зошто светоста на Јехова е причина да се зближиме со него

15. Зошто светоста на Јехова влева страв, и што вклучува таквиот страв?

15 На темел на сето ова, не е тешко да сфатиме зошто Библијата прави врска помеѓу светоста на Бог и стравот од него. На пример, во Псалм 99:3 пишува: „Нека го фалат твоето име! Големо е и влева страв, свето е“. Но, овде не станува збор за болен страв, туку за длабока страхопочит. Бидејќи Божјата светост е блескаво чиста, величествена и недостижна за нас, таа би требало да ни влее страхопочит. Но, тоа не значи дека таа треба да нѐ оддалечи од Јехова. Напротив, ако исправно ја сфатиме светоста на Бог, ќе сакаме да станеме уште поблиски со него. Зошто?

Исто како што убавината нѐ привлекува така треба да нѐ привлекува и светоста

16. а) Како се поврзани светоста и убавината? Наведи пример. б) Како начинот на кој Јехова е опишан во виденијата ги нагласува чистотата и светлината?

16 Библијата ја поврзува светоста со убавината. Во Исаија 63:15, небото е опишано како Божје „возвишено живеалиште, свето и прекрасно“. Факт е дека убавината нѐ привлекува. На пример, погледни ја сликата на 33. страница. Сигурно не те остава рамнодушен. Но, што ја прави оваа слика толку убава? Види колку е чиста водата. Сигурно и воздухот е чист зашто небото е сино и светло. Сега да си ја замислиме сцената малку поинаку. Потокот е затрупан со ѓубре, дрвјата и карпите се испочкртани со графити, а воздухот е загаден со смог. Таа сцена не само што нема да ни биде привлечна, туку ќе ни биде одбивна. Обично убавината ја поврзуваме со чистотата и светлината. Со истите овие зборови може да се опише и Јеховината светост. Не е ни чудо што начинот на кој Јехова е опишан во виденијата нѐ остава без здив! Заслепувачки светла, сјајна како скапоцен камен, блескава како пламен, како најчистите и највредните скапоцени метали — таква е убавината на нашиот свет Бог! (Езекиел 1:25-28; Откровение 4:2, 3).

17, 18. а) Како се чувствувал Исаија во почетокот кога го добил видението? б) Како Јехова преку еден серафим го охрабрил Исаија, и што значело она што го направил серафимот?

17 Меѓутоа, дали поради светоста на Бог треба да се чувствуваме пониски во однос на него? Се разбира дека треба. На крајот на краиштата, ние и сме пониски во однос на Јехова — и тоа најблаго речено. Но, дали ова треба да нѐ оддалечи од него? Да видиме како реагирал Исаија кога ги чул серафимите како ја објавуваат светоста на Јехова. Тој рекол: „Тешко мене! Ќе загинам, зашто сум човек со нечисти усни и живеам во народ со нечисти усни, а моите очи го видоа Царот, Јехова над војските!“ (Исаија 6:5). Да, бескрајната светост на Јехова го потсетила Исаија колку самиот тој е грешен и несовршен. Отпрвин, бил скршен поради ова. Но, Јехова не го оставил да потоне во такви чувства.

18 Еден серафим веднаш го охрабрил овој верен пророк. Како? Одлетал до жртвеникот, зел жар и со него му ги допрел усните на Исаија. На прв поглед може да изгледа дека серафимот го повредил Исаија, а не дека го охрабрил. Но, да не изгубиме од вид дека се работи за видение кое е полно со симболично значење. Како верен Евреин, Исаија многу добро знаел дека на жртвеникот во храмот секој ден се принесувале жртви за очистување на гревовите. А со она што го направил серафимот, тој љубезно го потсетил пророкот дека, иако е несовршен, „со нечисти усни“, сепак може да биде чист во Божји очи. * Јехова бил спремен да гледа на еден несовршен, грешен човек како да е свет — барем во релативна смисла на зборот (Исаија 6:6, 7).

19. Иако сме несовршени, како е возможно да бидеме свети во релативна смисла?

19 Јехова и денес е спремен така да гледа на несовршените луѓе. Сите жртви што се принесувале на жртвеникот во Ерусалим биле само сенка на нешто многу поголемо — совршената жртва што Исус Христос ја принел во 33 год. од н.е. (Евреите 9:11-14). Гревовите ќе ни бидат простени ако вистински се каеме, ако го исправиме погрешниот начин на живот и ако покажуваме вера во Исусовата жртва (1. Јованово 2:2). И ние можеме да бидеме чисти во Божји очи. Затоа апостол Петар нѐ потсетува на она што „е напишано: ‚Бидете свети, зашто јас сум свет‘“ (1. Петрово 1:16). Јехова не рекол дека мораме да бидеме исто толку свети колку што е тој. Тој никогаш не бара нешто што е невозможно за нас (Псалм 103:13, 14). Едноставно ни вели да бидеме свети затоа што тој е свет. „Како негови љубени деца“, ние сакаме да го следиме неговиот пример најдобро што можеме како несовршени луѓе (Ефешаните 5:1). А тоа е постојан процес. Како што растеме духовно, се трудиме секој ден „да се усовршуваме во светоста“ (2. Коринќаните 7:1).

20. а) Зошто е важно да сфатиме дека можеме да бидеме чисти во очите на нашиот свет Бог? б) Како реагирал Исаија кога сфатил дека гревовите му се простени?

20 Јехова го сака она што е исправно и чисто, а го мрази гревот (Авакум 1:13). Но, не нѐ мрази нас. Сѐ додека гледаме на гревот како што гледа и тој — го мразиме она што е лошо и го сакаме она што е добро — и сѐ додека се трудиме да го следиме совршениот пример на Исус Христос, Јехова ни ги простува гревовите (Амос 5:15; 1. Петрово 2:21). Кога јасно сфаќаме дека можеме да бидеме чисти во очите на нашиот свет Бог, тоа има силно влијание врз нас. Да се сетиме на Исаија. Отпрвин, светоста на Јехова го потсетила овој пророк колку е нечист во однос на него. Затоа извикал: „Тешко мене!“ Но, кога сфатил дека гревовите му се простени, го сменил својот став. Кога Јехова прашал кој е спремен да изврши една задача, Исаија веднаш се согласил, иако не ни знаел што е задачата. Рекол: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Исаија 6:5-8).

21. Зошто можеме да бидеме сигурни дека и ние можеме да покажуваме светост?

21 Ние сме создадени според ликот на нашиот свет Бог, обдарени сме со морални особини и со способност да ги разбереме духовните работи (1. Мојсеева 1:26). Тоа значи дека сите ние можеме во некоја мера да покажуваме светост. Сѐ додека сме спремни да го правиме тоа, Јехова со задоволство ќе ни помага. Така ќе станеме уште поблиски со нашиот свет Бог. Освен тоа, кога во следните поглавја ќе учиме нешто повеќе за особините на Јехова, ќе видиме дека имаме многу причини да се зближиме со него!

^ пас. 18 Изразот „нечисти усни“ е соодветен, затоа што во Библијата усните честопати се користат во симболична смисла за да се укаже на нашиот говор. Голем дел од гревовите што несовршените луѓе ги прават се поврзани со начинот на кој го користат јазикот (Изреки 10:19; Јаков 3:2, 6).