Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЛЕКЦИЈА 30

Твоите најмили повторно ќе живеат!

Твоите најмили повторно ќе живеат!

Смртта носи многу тага и болка. Затоа, Библијата ја нарекува смртта непријател (1. Коринќаните 15:26). Во лекција 27 видовме дека Јехова ќе го победи овој непријател. Но, што ќе се случи со луѓето кои спијат во смртен сон? Дали засекогаш ќе останат во гробот? Во оваа лекција ќе дознаеш нешто повеќе за едно прекрасно ветување од Јехова — тој ќе воскресне милијарди луѓе за да можат да му се радуваат на животот засекогаш! Можно ли е мртвите навистина да бидат вратени во живот? Дали ќе воскреснат за живот на небото или за живот на Земјата?

1. Што сака Јехова да направи за нашите најмили кои починале?

Јехова едвај чека да ги врати во живот оние што починале. Еден Божји слуга по име Јов бил уверен дека Бог нема да го заборави кога ќе умре. Тој му рекол на Бог: „Ќе повикаш, и јас ќе ти се одѕвијам“. (Прочитај Јов 14:13-15.)

2. Од каде знаеме дека мртвите можат да бидат воскреснати?

Кога Исус бил на Земјата, Бог му дал моќ да воскреснува луѓе. Исус воскреснал едно 12-годишно девојче, како и синот на една вдовица (Марко 5:41, 42; Лука 7:12-15). Подоцна умрел Лазар, пријателот на Исус. Иако Лазар веќе четири дена бил во гробот, Исус го вратил во живот. Дошол до гробот, му се помолил на Бог, а потоа извикал: „Лазаре, излези!“ И тогаш умрениот излегол — Лазар бил повторно жив! (Јован 11:43, 44). Замисли си колку само биле радосни членовите на неговото семејство и неговите пријатели!

3. Каква надеж има за твоите најмили што починале?

Библијата ветува дека „Бог ќе ги воскресне“ оние што починале (Дела 24:15). Луѓето кои Исус ги вратил во живот не биле на небото пред тој да ги воскресне (Јован 3:13). А кога ги воскреснал, тие биле многу среќни што можеле повторно да живеат на Земјата. Во блиска иднина, Исус ќе воскресне милијарди луѓе во рајот на Земјата. Тој рекол дека ќе бидат вратени во живот сите оние што се во Божјето сеќавање, дури и ако никој од луѓето не се сеќава на нив (Јован 5:28, 29).

ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ

Во овој дел ќе ги разгледаш доказите од Библијата кои потврдуваат дека мртвите можат да бидат воскреснати и дека тоа навистина ќе се случи. Исто така, ќе видиш како вистината во врска со воскресението може да ти пружи утеха и надеж.

4. Исус покажал дека може да ги воскресне мртвите

Дознај нешто повеќе за она што Исус го направил за својот пријател Лазар. Прочитај Јован 11:14, 38-44, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • Од каде знаеме дека Лазар навистина бил мртов? (Види го стих 39.)

  • Ако Лазар отишол на небото по смртта, што мислиш, дали би имало смисла Исус да го врати за да живее на Земјата?

Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ.

5. Ќе бидат воскреснати многу луѓе!

Прочитај Псалм 37:29, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • Каде ќе живеат милијардите луѓе кои ќе воскреснат?

Исус ќе ги воскресне не само оние што му служеле на Јехова туку и многу други. Прочитај Дела 24:15, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • Кого ти би сакал повторно да го видиш?

Исто како што еден татко може лесно да го разбуди своето дете од сон, така и Исус може лесно да ги воскресне оние што починале

6. Вистината во врска со воскресението може да ти пружи утеха и надеж

Библискиот извештај за ќерката на Јаир им влева утеха и надеж на мнозина што тагуваат. Прочитај Лука 8:40-42, 49-56, каде што е запишан овој вистински настан.

Пред да го воскресне девојчето, Исус му рекол на Јаир: „Не плаши се! Само верувај“. (Види го стих 50.) Како надежта дека ќе има воскресение може да ти помогне...

  • ако ти почине некој близок?

  • ако твојот живот е во опасност?

Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ, а потоа разговарајте за следново прашање:

  • Како надежта за воскресение им влеала утеха и сила на родителите на Фелисити?

НЕКОИ ВЕЛАТ: „Кој се вратил од мртвите? Такво нешто е невозможно“.

  • Што мислиш ти за тоа?

  • Кој стих би можел да го употребиш за да покажеш некому дека ќе има воскресение?

ШТО НАУЧИ:

Библијата ветува дека милијарди луѓе кои починале ќе бидат воскреснати. Јехова сака тие повторно да живеат, и му дал моќ на Исус да ги воскресне.

Како би одговорил?

  • Од каде знаеме дека Јехова и Исус едвај чекаат да ги воскреснат мртвите?

  • Каде ќе воскреснат милијарди луѓе — на небото или на Земјата? Зошто мислиш така?

  • Што те уверува тебе дека твоите најмили кои починале повторно ќе живеат?

Цел:

ИСТРАЖУВАЈ

Прочитај некои практични совети кои можат да ти помогнат полесно да се носиш со тагата.

„Помош за ужалените“ (Разбудете се! бр. 3, 2018)

Можат ли библиските начела да му помогнат на некој што тагува?

Кога ќе почине некој што го сакаш (5:06)

Што може да им помогне на децата полесно да ја поднесат загубата на некој близок?

Откупнината (2:07)

Дали некои ќе бидат воскреснати на небото? Кои луѓе воопшто нема да воскреснат?

„Што е воскресение?“ (Статија на интернет)